Инвестициска банка

Инвестициска банка (англиски: Investment bank) претставува финансиска институција која се занимава со посредување во издавањето хартии од вредност и со тргување со хартии од вредност за сметка на своите клиенти, како и во свое име и за своја сметка. Инвестициските банки помагаат при првичната продажба на хартиите од вредност на примарниот пазар, а се јавуваат и во улога на брокери и дилери кои вршат тргување со хартиите од вредност на секундарниот пазар. За разлика од комерцијалните банки, овие банки не примаат депозити и не даваат кредити.

Настанок и развој

уреди

Инвестициското банкарство се развило во САД. Се смета дека првата инвестициска банка била фирма од Чикаго, во сопственост на Херис и Форбс, основана во 1880 година.[1] На почетокот, за обезбедување капитал се користеле услуги на агенти – поединци кои се обидувале да приберат парични средства на различни начини. Но, откако оваа пракса се покажала како недоволно ефикасна, на крајот на XIX век агентите биле заменети со трговци на акции. Во истиот период се формирале и многу банки кои делувале како посредници помеѓу инвеститорите и компаниите на кои им е потребен капитал. Така, во 1901 година, фирмата „JP Morgan & Co” организирала здружување на капиталот во кое се собрале 1,5 милијарди долари со цел да се интегрираат големиот број на производители на челик во корпорацијатаUnited Steel Corporation”.[1]

Во октомври 1929 година, како последица на големата светска економска криза дошло да пад на пазарот на хартии од вредност и во периодот од 1933 до 1934 година претседателот Рузвелт иницирал три нови закони – Закон за хартии од вредност, Закон за банкарство и Закон за берзи. Со предложените закони се регулирал пазарот на капитал и основањето финансиски институции. Законот за банки понатаму се делел на Закон за работа на комерцијалните банки и Закон за работа на инвестициските банки. Оттогаш, во САД, со т.н. Глас-Стигалов закон комерцијалните банки немале право да се занимаваат со инвестициско банкарство.

Сепак, последните децении на XX век се одликувале за голема експанзија на финансискиот сектор, со што разделувањето на комерцијалното и инвестициското банкарство повеќе немало смисла. Оттука, во САД, Законот за банки бил реформиран во 1999 година, кога била укината поделбата меѓу комерцијалното и инвестициското банкарство. Имено, тогаш бил донесен т.н. Грам-Линч-Билов закон со кој конечно бил укинат Глас-Стигаловиот закон. Како последица на тоа, денес, со инвестиционото банкарство се занимаваат сите големи комерцијални банки. Меѓутоа, поради избегнување на судирот на интересите, овие активности на банките мора да бидат јасно издвоени од комерцијалното банкарство, т.е. од банките се бара да постават „огнени“ или „кинески“ ѕидови (firewalls, Chinese walls) меѓу двете групи активности.

Всушност, големите банки се занимаваат со инвестициско банкарство посредно, преку своите подружници, при што многу често, банките едноставно ги купуваат постојните, добро познати инвестициски банки и брокерски куќи. Така, од попознатите случаи треба да се истакнат следниве: купувањето на лондонската инвестициска банка „Морган Гренфел“ (Morgan Grenfell) од страна на „Дојче банк“ (Deutsche Bank) во 1986 година; истo така, во јуни 1999 година, „Дојче банк“ ја презела големата американската инвестициска банка „Бенкерс траст“ (Bankers Trust); во 1998 година, „Ситикорп“ ја купила познатата инвестициска банка „Саломон Смит Барни“ (Salomon Smith Barney); во 1995 година, „УБС“ ја купила лондонската инвестициска банка „С. Г. Варбург“ (S.G.Warburg), а во 2000 година и американската брокерска куќа „Пејн Вебер“ (Paine Webber); „Банка на Америка“ во 2008 година ја купила најголемата американска инвестициска банка „Мерил Линч“ итн.[2]

Видови инвестициони банки

уреди

Во основа, постојат два вида инвестициони банки:

  1. Инвестициони банки кои нудат комплетни услуги (Full-service investment banks). Овие банки ги извршуваат сите активности од областа на инвестиционото банкарство, како што се: потпишување на новите изданија на хартии од вредност, тргување со хартии од вредност, активности во врска со спојување и преземање на компании, арбитража, инвестиционен менаџмент итн.
  2. Специјализирани инвестициони бани. Овие банки ја насочуваат својата работа само на одредени сегменти од инвестиционото банкарство. Така, некои од нив се занимаваат само со потпишување на нови изданија на хартии од вредност, некои се спцеијализирани само за активностите во врска со спојувањата и преземањата итн.[3]

Основни функции на инвестициските банки

уреди

Џон. Ф. Маршал смета дека наспроти големите промени во последните децении, денес инвестициското банкарство можеме да го дефинираме како „се она што го работат инвестициските банки”.[1] Сепак, нивната главна активност е на примарниот пазар, каде што нивни клиенти се корпорациите и државните институции кои сакаат да дојдат до капитал преку издавање обврзници и акции.

Постојат четири основни функции на инвестициските банки, поврзани со примарниот пазар:[4] советодавна функција, административна функција, осигурителна функција и дистрибуција.

  1. Советодавна функција – Една инвестициска банка најпрвин го советува и му помага на својот клиент (корпорација или државна институција), правејќи оценка за неговите потреби од финансиски средства. Таа му дава совети во поглед на условите на пазарот, го запознава со придобивките и трошоците од различните можности на мобилизирање на средствата и посочувајќи ја најповолната инвестициска стратегија која ќе одговори на потребите на клиентот
  1. Административна функција – Откако финансиската стратегија ќе биде усвоена, инвестициската банка може да ја извршува административната функција со која му помага на својот клиент при издавањето на хартиите од вредност. Оваа функција вклучува голем број детаљи поврзани со новата емисија, како што се: чување на податоците, пренос на сопственоста, расчистување на даночните и регулаторните прашања итн. Инвестициската банка ја дели одговорноста со издавачот во поглед на обезбедувањето дека се е направено во согласност со релевантните прописи за хартиите од вредност. За извршувањето на оваа функција, инвестициската банка наплаќа провизија
  1. Осигурителна функција – Кога инвестициската банка му гарантира на клиентот дека ќе ги откупи неговите хартии од вредност по фиксна цена, се вели дека таа ја потпишува (осигурува) понудата на хартии од вредност (underwriting). Доколку инвестициската банка одреди превисока цена, таа е изложена на ризик, во случај да не биде во состојба да ги продаде хартиите од вредност по цена доволна за да ја покрие гарантираната фиксна цена. Од друга страна, ако банката понуди многу ниска цена, т.е. ги потцени хартиите од вредност, тогаш таа ќе биде победена од своите конкуренти, кои ќе понудат повисоки гарантирани цени. Заради тоа, точното вреднување на хартијата од вредност е многу важно за успехот на банката. Инаку, инвестициската банка го остварува својот профит со продажба на нови хартии од вредност по цена повисока од нето цената која е гарантирана
  1. Дистрибутивна функција – Пласманот на новоиздадените хартии од вредност во рацете на конечните инвеститори е главна цел на дистрибутивната функција. Ефикасниот пласман подразбира мрежа за дистрибуција на финансиските инструменти. Поголем дел од новите хартии од вредност инвестициските банки го продаваат на институционалните инвеститори (пензиски фондови, осигурителни друштва и инвестициски фондови), но сепак тие развиваат и посебни канали преку кои хартиите од вредност ги пласираат до поединечните инвеститори. Со помош на интернетот, поединечните инвеститори имаат можност преку online сервиси постојано да бидат во тек со можностите на инвестирање.

Други активности на инвестициските банки

уреди

Покрај активностите поврзани со издавањето на хартиите од вредност, инвестициските банки извршуваат и многу други активности, сè со цел да се прилагодат на потребите и трендовите на постоечките и потенцијалните клиенти. Така, инвестициските банки се активни и на секундарниот пазар на капитал, каде се ангажираат во инвестицискиот менаџмент (investment management), околу спојувањата или преземањата, при тргувањето и продажбата на хартиите од вредност, околу истражувања за сопствени и потребите на своите клиенти и слично.

Инвестициски менаџмент – Во последните години, како последица на намалената профитабилност од примарната улога на инвестициските банки, како и нивната способност за анализа на хартиите од вредност и на фирмите кои ги издаваат, инвестициските банки се ориентираа кон бизнисот со инвестициски менаџмент. Тие се ангажираат на различен број начини: преку давање на поединечни услуги од областа на инвестицискиот менаџмент на многу богатите клиенти, познато како приватно банкарство (private banking); собирање средства на поединечните инвеститори и фирмите за заедничко вложување во некој инвестициски фонд; консултантски услуги во поглед на инвестициските стратегии и можноста за инвестирање и слично.

Со самиот влез на инвестициските банки во инвестицискиот менаџмент се отвора простор за судир на нивните интереси со оние на нивните клиенти. Оттука, за да ги намалат сомневањата околу можните малверзации, инвестициските банки подигаат т.н. кинески ѕидови (Chinese walls) помеѓу бизнисот со потпишување на хартии од вредност и бизнисот со инвестициски менаџмент.[5] На пример, вообичаено е кај инвестицискиот менаџмент да постои политика сите купувања или продавања на хартии од вредност да бидат задолжително извршени преку надворешен дилер или брокер. На овој начин, и покрај тоа што се намалуваат предностите во однос на конкурентите, исто така се ублажуваат и некои од можностите за малверзации.

Истражување – Скоро во секоја инвестициска банка постои оддел за истражување. Аналитичарите кои се вработени во овој оддел постојано ги пратат економските трендови и вести, цените на хартиите од вредност на одделни компании или на цели индустриски гранки и други релевантни информации кои им се потребни на банките и нивните клиенти. Одделението за истражување се јавува како активност која создава приходи кога им ги продава своите извештаи на заинтересираните клиенти.

Спојување и преземање – Најголем број од клиентите ги контактираат инвестициските банки за да ги советуваат во областа на спојувањето и преземањето (mergers and acquisitions) други компании. Така, банката му помага на клиентот да го пронајде најдобриот партнер за спојување или пак погоден предмет за преземање. Инвестициската банка, исто така, во име на клиентот создава стратегија за преземање на целната фирма или пак одбранбени механизми за преземање во име на целната фирма.

Извори

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 Escadron.blog
  2. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание). Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 352-353.
  3. K. Thomas Liaw, The business of investment banking - A comprehensive overview (second edition), John Wiley and Sons, 2006, стр, 12.
  4. Михаил Петковски, Финансиски пазари и институции, Скопје: Економски факултет, 2009, стр. 355.
  5. Михаил Петковски, Финансиски пазари и институции, Скопје: Економски факултет, 2009, стр. 361.