Илија Дилберов
Илија Манолов Дилберов, познат како Дилбер Илија, — македонски револуционер, војвода на Внатрешната македонско-одринска револуционерна организација.
Илија Дилберов | ||
Роден | 20 јули 1875 Гаваљанци, Кукушко | |
---|---|---|
Починал | 29 август 1962 Благоевград, Бугарија | |
Занимање | македонски револуционер |
Животопис
уредиИлија Дилберов е роден во 1875 година во кукушкото село Гаваљанци, во Беломорска Македонија, денес Валтуди, Грција. Учел во родното село. Bлегува во ВМОРО на 18 години. Се запознал со Гоце Делчев во Софија. Toгаш бил испратен како војвода во Горноџумајско и во 1898 година на чело на мала чета којашто во една прилика имала десетчасовна борба кај селото Железници. Во 1899 година Дилбер Илија се наoѓa помеѓу селата Падеш и Габрово. Учествувал во аферата мис Стон. Во 1902 година Дилберов бил во четата на Христо Чернопеев, во Струмичко.[1][2]
Во пролетта 1903 година, по наредба на Гоце Делчев заминал за родното Кукушко, заради подготовки на Илинденското Востание. На почетокот на востанието успешно се бори кај Долно Тодорак, заедно со Гоне Трајков, Милан Делчев и Стојко Немански. Четата се повлекувала кон селото Грамадна, но била опколена во Гаваланскиот Дол од 12 000 аскер. По 15 дена опсада четата успеала да го пробие обрачот и се повлекла кон селото Шљопинци, преминуваjќи го Вардар. Тука се обединила со четата на Аргир Манасиев од околу 400 - 500 луѓе и заминале за Кожуф Планина, а оттаму за селото Ума.
По неуспехот на востанието останал војвода на самостојна чета во Гевгелиско. Во есента 1903 година четите на Дилбер Илија, Андон Ќосето и Аргир Манасиев воделе борба кај Љубничка Чука во која Дилберов, Ќосето, Тодор Сирмениски и Гоно Дилимано го одбиле нападот на противникот со бомбашки противнапад. Во пролетта 1904 година четата на Дилбер Илија паѓа во гркоманcкa заседа во селото Бајалци од која успеваат да се спасат само војводата и Дељо Калчев. Дилберов потoa формира нова чета, со која води неколку борби во 1904 - 1905 година, како таа кај Стојаково којашто трае 13 часа.
По Младотурската револуција во 1908 година станува легален. Учествува во одредот на Јане Сандански во походот кон Цариград во заштита на Младотурскиот преврат. По разочарувањето од Хуриетот, повторно застанал на чело на чета од околу 25 лица, со која дејствува до Првата балканска војна во 1912 година.
При избувнувањето на војната Дилберов влегол како доброволец во македонско-одринските доброволни чети. Со својата чета дејствува преку поставување заседи, уривање мостови и слично, со што го отежнува движењето на аскерот. На почетокот на 1913 година е во четата на Тодор Александров, која дејствува во сојуз со бугарската војска и го заземаат Кукуш. Награден е со орденот „За храброст“.[3]
Во Втората балканска војна во 1913 година бил на чело на здружена партизанска чета од 115 лица, која меѓу селата Карабунар и Сараѓол 30 часа одбива напад на 7-та грчка дивизија, но загинале 25 лица.
По интервенцијата на Бугарија во Првата светска војна во 1915 година Дилбер Илија се вклучува во партизански одред на 11 дивизија, на чело со Никола Лефтеров. Во 1916 - 1918 година дејствува во Призренскo.
Во 1919 година се преселил во Горна Џумаја, каде што починал во 1962 година. Тој е еден од основачите на Македонско-одринското ополченско друштво во 1934 година. Запишал спомени за револуционерната дејност во Кукушко.
Наводи
уреди- ↑ Спомени на Илија Манолов Дилберов: „Дневници и спомени за Илинденско-Преображенското востание“, Издава Отечествениот фронт, Софија, 1984
- ↑ Борис Николов, ВМОРО - псевдоними и шифри 1893-1934, Звезди, 1999, стр.35
- ↑ „Македоно-одринското опълчение 1912-1913 г. Личен състав“, Главно управление на архивите, 2006, стр. 209.