Добровени

село во Општина Новаци, Македонија
(Пренасочено од Добровени (Леринско))

Добровени — село во Општина Новаци, во околината на градот Битола.

Добровени

Поглед на селото

Добровени во рамките на Македонија
Добровени
Местоположба на Добровени во Македонија
Добровени на карта

Карта

Координати 40°56′59″N 21°36′05″E / 40.94972° СГШ; 21.60139° ИГД / 40.94972; 21.60139
Регион  Пелагониски
Општина  Новаци
Население 7 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 7225
Повик. бр. 047
Шифра на КО 02038
Надм. вис. 724 м
Слава Митровден
Добровени на општинската карта

Атарот на Добровени во рамките на општината
Добровени на Ризницата

Потекло и значење на името

уреди

Името на селото првпат било запишано како Добровјани во 1468 година во турските пописни дефтери.[2]

Според легендата, селото го добило тоа име според некој Добре, кој бил првиот жител кој се населил во месноста.[2]

Географија и местоположба

уреди
 
Куќи во селото

Селото се наоѓа на крајниот југоисточен дел на Битолското Поле, во јужниот дел на територијата на Општина Новаци.[3] Селото е рамничарско, на надморска височина од 580 метри. Низ селото поминува регионалниот пат 2338, кој води за битолско Мариово. Од градот Битола е оддалечено 33 километри,[3] додека од општинското средиште Новаци е оддалечено 20 километри.[2]

Добровени е мало село во долината на Црна Река. Соседни села се: Сливица, Брод, Бач и Живојно. Во минатото водата за пиење се добивала од чешми и од извори.[4]

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Дабица, Ридина, Злата-Вода, Шумјак, Крст, Митеа Ливада, Космата Глава, Тумбарешки, Костов Кладенец, Клисура, Оброк и Гладно Поле.[4]

Селото има збиен тип и не е поделено на маала. Помали делови од селото се наречени по родовските имиња.[4]

Населбата била електрифицирана во 1957 година, додека водовод не е изграден, а населението со вода за пиење се снабдува од две јавни чешми. Патот е асфалтиран во 1988 година.

Историја

уреди
 
Оро во Добровени за време на Првата светска војна

Добровени најпрвин се наоѓало на два километри источно од денешната местоположба, на патот кон селото Скочивир. Месноста каде се наоѓало ова село се нарекува Старо Село и таму се наоѓале до поново време остатоци од црквата, а претходно и гробови околу црквата. Денес, земјиштето на Старо Село е во голем дел изорана и остатоци од старини повеќе нема. Ова село замрело поради напади од арамии, од каде мештаните се преселиле на денешната местоположба. Не се знае точниот период на раселувањето на претходното село и основањето на денешното село. Подоцна, во денешното село се населувале и други родови.[4]

Во пишаните извори, селото првпат е запишано во турските пописни дефтери од 1468 година, кога било забележано како село Добровјани со 41 христијанско семејство и 205 жители.[2]

За време на отоманскиот период, селото имало чифлици. Пред самиот крај на отоманската власт, свои чифлици имале Љатиф-ага, Афуз-ага, Шаип-ага, Шериф-ага, Муртезан-ага и други. Само три македонски рода (Јанаќиевци, Новачевци и Петревци) поседувале своја земја. Земјата на Љатиф-ага и Афуз-ага мештаните ја добиле бесплатно, додека другата земја ја откупиле.[4]

До 1912 година, селото припаѓало на Леринската каза на Отоманското Царство поради што се смета дека е на самата граница помеѓу Мариово и Битолско Поле. Затоа мештаните по својата носија претставуваат премин помеѓу двата краја. Добровенци кажуваат дека Мариово почнува од Петалино натаму, иако мештаните од полските села ги сметаат за Мариовци.[4]

Пред отпочнувањето на Балканските војни и при самото повлекување на турската војска, селото било целосно запалено. Како одмазда за чинот, мештаните на селото заедно со други жители на околните села, убиле околу 130 турски селани во Живојно.[4]

За време на Првата светска војна постоела болница во ова село, која била истурено болничко одделение на Островската болница предводена од болниците на шкотските жени за странски служби. Поради постоењето на болницата во селото починале бројни војници, чии гробови биле распоредени на различни места во близина на селото. По завршувањето на војната, поголемиот број од гробовите биле преместени во склоп на селските гробишта во црковниот двор.[2]

Исто така, за време на војната, во селото постоела воена пошта на српската војска. Скоро сите припадници на оваа пошта загинале при бомбардирањето од страна на германската авијација на 29 ноември 1916 година. По завршувањето на војната, од страна на нивните пријатели им бил подигнат споменик. Денес, овој споменик е преместен од првичната местоположба и се наоѓа во воените гробишта.[2]

Во периодот од 1929 до 1938 година биле доселени вкупно пет српски семејства во рамки на колонизаторската политика на Кралството Југославија. Овие колонисти биле протерани за време на бугарската окупација во Втората светска војна.

Само 1 жител на оваа населба е заведен како жртва во Втората светска војна.[5]

Стопанство

уреди

Атарот зафаќа простор од 15,3 км2. На него преовладуваат пасиштата на површина од 994,7 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 433,2 хектари, а на шумите отпаѓаат само 1,7 хектари.[3]

Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција.[3]

Население

уреди
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948318—    
1953338+6.3%
1961362+7.1%
1971303−16.3%
1981223−26.4%
ГодинаНас.±%
199147−78.9%
199444−6.4%
200218−59.1%
20217−61.1%
 
„Ни Бугарка, нити пак Србинка“, пркосно рече една старица кога го напуштивме патот за Битола кај Добровени. „Јас сум само Македонка и смачено ми е од војни.“
— Herbert Corey, "On the Monastir Road", The National Geographic Magazine Volume 31, No. 5 (мај 1917)

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Добровени живееле 225 жители, сите Македонци.[6] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Добровени имало 288 Македонци под врховенството на Бугарската егзархија.[7]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Добровени се води како чисто македонско село во Леринската каза на Битолскиот санџак со 36 куќи.[8]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 250 Македонци.[9]

Во 1961 година селото броело 362 жители, додека во 1994 година бројот се намалил на само 44 жители, македонско население.[3]

Според пописот од 2002 година, во селото Добровени живееле 18 жители, сите Македонци.[10]

Според неслужбени податоци, во 2008 година селото имало само осум жители, додека во 2018 година било целосно раселено.[2]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 7 жители, од кои 3 Македонци и 4 лица без податоци.[11]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 225 288 318 338 362 303 223 47 44 18 7
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[12]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[13]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]

Родови

уреди

Добровени е македонско православно село, во селото има староседелски и доселенички родови.[4]

Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1953 година родови во селото се:

  • Староседелци: Наумчевци (3 к.), Тодоровци (2 к.), Кулевци (2 к.), Белчевци (1 к.), Печковци (1 к.), Петревци (10 к.), Јанаќиевци (5 к.), Новчевци (2 к.), Цингаловци (3 к.), Ристевци (1 к.), Зунини (1 к.) и Нолевци (1 к.), староседелски родови, кои живееле во месноста Старо Село, во атарот на Добровени;
  • Доселеници: Мијаковци (4 к.), доселени се од мијачкиот крај, тие најпрво оделе во околината на Солун, каде паселе стока, но потоа го напуштиле сточарскиот живот и се населиле во Добровени; Поповци (5 к.), доселени се во турско време од селото Сливица; Кулевци (1 к.), потекнуваат од домазет кој дошол од селото Скочивир во Мариово, и овде влегол во родот Наумчевци; Јотовци (1 к.), доселени се од селото Сливица; Љатевци (1 к.), доселени се од селото Полог и Димовци (3 к.), доселени се од селото Скочивир.

Иселеништво

уреди

Родот Козмевци се иселил во селото Средно Егри. Таму се доселиле од Добровени. Од родот Јотевци две семејства се иселиле во Битола. Помасовно иселување од селото има после 1961 година.[4]

Бројот на иселеници од селото е над 300. Најголем дел е иселено во градовите Битола и Скопје, како и во прекуокеанските земји и во Европа.[2]

Општествени установи

уреди
 
Поранешното основно училиште
  • Поранешно основно училиште

Самоуправа и политика

уреди

Во XIX век, Добровени било село во Леринската каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Новаци, која била проширена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996 до 2004 година, селото било дел од некогашната Општина Бач.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото било сместено во големата општина Битола.

Во периодот од 1955 до 1965 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Бистрица.

Во периодот 1952-1955, селото било дел на тогашната Општина Бач, во која покрај селото Добровени, се наоѓале и селата Бач, Брод, Велесело, Гермијан, Гнилеш, Живојно, Полог, Скочивир, Сливница и Совиќ. Во периодот 1950-1952, селото се наоѓало во некогашната Општина Брод, во која влегувале селата Брод, Добровени, Полог, Скочивир и Сливица.

Избирачко место

уреди

Во селото постои избирачкото место бр. 0173 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[16]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 17 гласачи.[17] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 15 гласачи.[18]

Културни и природни знаменитости

уреди
 
Главната селска црква „Св. Димитриј“
Археолошки наоѓалишта[19]
Цркви[20]
Воени гробишта

Редовни настани

уреди
Слави[4]
  • Митровден (8 ноември) — главна селска и црковна слава. Пред започнувањето на оваа слава, мештаните го славеле Велигден.

Личности

уреди
Родени во или по потекло од Добровени
 
Панорамски поглед на Добровени

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 2,7 „Мој Роден Крај“. www.mojrodenkraj.com.mk. Архивирано од изворникот на 2021-12-01. Посетено на 2021-11-16.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 98. Посетено на 16 ноември 2021.
  4. 4,00 4,01 4,02 4,03 4,04 4,05 4,06 4,07 4,08 4,09 Трифуноски; Јован Ф. (1998). Bitoljsko-Prilepska kotlina: antropogeografska proučavanja. Белград: Српска академија на науките и уметностите. ISBN 8670252678. OCLC 41961345.
  5. „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
  6. Кънчов, В. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, с. 249
  7. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905, рр. 176 – 177.
  8. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 25.
  9. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  10. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 30 март 2013.
  11. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  12. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  13. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  14. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  15. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  16. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  17. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  18. „Локални избори 2021“. Архивирано од изворникот на 2021-12-02. Посетено на 16 ноември 2021.
  19. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 28. ISBN 9989-649-28-6.
  20. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.

Поврзано

уреди

Надворешни врски

уреди