Гимнастика

(Пренасочено од Гимнастичар)

Гимнастикаспорт во кој се изведуваат физички вежби за кои е потребна комбинација на физичка сила, брзина и кондиција. Во современата гимнастика се изведуваат вежби на разбој, греда, партер, коњ со рачки и без рачки (прескок), кругови и вратило. Гимнастиката се развивала врз основа на вежби кои се изведувале во античко време, како јавнување и симнување од коњ и циркуски вештини. Раководниот орган на гимастиката во Македонија е Федерацијата на гимнастички спортови (ФГСМ).

Разни гимнастички дисциплини

Потекло на поимот

уреди

Зборот гимнастика потекнува од грчкиот збор γυμναστική(гимнастике) што значи „фонд на физички вежби“[1], од γυμνάσια (гимназија) што значи „вежба“[2] и γυμνός (гимнос) што значи „гол"[3], бидејќи физичките вежби се изведувале со голо тело.

Историја

уреди

Стар век

уреди

Гимнастиката за првпат се појавила во Египет, но тогаш се сметало дека тоа биле само акробации. Во 2 милениум п.н.е. на островот Крит, како дел од минојската култура многу мажи и жени почнале да скокаат преку бикови. Ваквата опасна вежба се состоела во скок кон бикот кој е во фаќање, држење и испуштање од неговите рогови по што следувале акробации во воздух.

Во римската држава гимнастиката исто така била популарна како и во Стара Грција, а таа главно се практикувала во подготвувањето на војската. Со укинувањето на Античките олимписки игри во 393 година од страна на римскиот цар Теодосиј Велики, гимнастиката како и останатите спортови останала заборавена со векови.[4]

Современа гимнастика

уреди

Во 1774, Прусот Јохан Бернард Базедов вовел неколку телесни вежби во рамките на наставата во училиштето во Саксонија во коешто работел. Од тој момент започнува осовременувањето на гимнастиката. Во германските држави спортот брзо се развивал. Започнале да се создаваат и првите помагала, а пионери во тоа биле Швеѓанецот Јохан Фридрих Гуц Мут (1759-1839) и Фридрих Лудвиг Јан (1778-1852). Јан создал и неколку техники од кои произлегле и денешните вежби (вратило, разбој, греда, скокови). Швеѓанецот Пер Хенрик Линг воведува и вежби со кругови, стапови и топчиња каде што се важни ритамот и координацијата. Во Европа, првиот клуб е отворен во Берлин во 1881 година, а во САД, овој спорт бил актуелизиран пред граѓанската војна од страна на Дадли Ален Сарџент кој бил учител по гимнастика на неколку американски универзитети. Но, сепак слободно може да се каже дека во САД гимнастиката била пренесена од емигрантите од Европа.

Во современата гимнастика исклучени се способностите трчање, пливање и подигање тегови кои биле дел од гимнастиката во античко време.

Првите натпреварувања

уреди

Се смета дека првиот гимнастички натпревар на помагала се одржал во 1877 година во Австроунгарија (поточно во Чехословачка). Во 1888 е создаден и Меѓународната гимнастичка федерација (ФИГ). Седиштето на овој сојуз е во Швајцарија, а во него членуваат повеќе од 150 земји. Со неговото создавање започнале да се осмислуваат гимнастичките дисциплини и помагалата кои се потребни за нив.

Гимнастиката како олимписки спорт

уреди
 
Настап на женскиот гимнастичка екипа на Велика Британија на Летните олимписки игри - 1908 во Лондон.

Гимнастиката била планирана и се реализирала како спорт од олимписката програма на првите современи Летни олимписки игри 1896 година во Атина. Оттогаш, па до денес, гимнастиката редовно е вклучена во олимписката програма. Мажите настапувале уште од првите современи олимписки игри, а жените тоа го сториле дури на Летните олимписки игри - 1928 одржани во Амстердам.

Натпреварите во гимнастика во XX век и денес

уреди

На почетокот на минатиот век, во 1903 одржано е Првото светско првенство во гимнастика во Антверпен. Првото европско првенство се одржало во 1955 во Франкфурт. Како и на олимписките игри, така и на овие големи натпреварувања на почетокот учествувале само мажите. Жените на светските првенства за првпат настапиле на првенството одржано во 1934 во Будимпешта, а на европските, на првенството одржано во 1957 година во Атина.

Форми

уреди

Спортска гимнастика

уреди

Во спортската гимнастика постојат натпреварувања во машка и женска конкуренција. Мажите се натпреваруваат во шест дисциплини: подлога (партер), кругови (алки), вратило, машки разбој, коњ со рачки и прескок; додека жените се натпреваруваат во четири дисциплини: партер, греда, двовисински разбој и прескок.[5]

Женски дисциплини

уреди
 
Даниеле Хиполито на Панамериканските игри во 2007 година
  • Прескок: Во прескок, гимнастичарките трчаат 25m (околу 82 стапки) до прескочниот коњ или отскочна табла од која држејќи се со рацете изведуваат вежба во воздух префрлајќи се од другата страна на помагалото. Егзибицијата во воздух може да вклучува едно или две повеќекратни салта или култови, или пак може да биде само вртење на воздух. При доскокот многу е важно гимнастичарката стабилно да застане со две нозе, бидејќи во спротивно тоа се казнува од страна на судиите.
Во 2001 година, старото помагало „коњ“ било заменето со ново, отскочна табла која е поцврста, постабилна и со поголема површина (1m со 1m) и овозможува поголема стабилност и сигурност при изведувањето на прескокот. Со оваа промена на помагалото, гимнастичарите се обидуваат да изведат посложени и потешки вежби.[6]
  • Двовисински разбој: Во дисциплината двовисински разбој, гимнастичарките изведуваат вежби на две хоризонтални прачки со различна висина (165 cm и 245 cm), а растојанието помеѓу нив кое може да биде различно (најмногу до 180 cm). Гимнастичарките на прачките се нишаат, кружат, поместуваат, се движат под и над прачката и скокаат од една на друга, а настапот завршува со скок и приземјување на двете нозе.[7] Гимнастичарките често се качуваат на прачките користејќи помошна штица.
  • Греда: На оваа справа, во рок од 60 до 80 секунди, гимнастичарките изведуваат разни скокови со едната или со двете нозе, движења, ваги, доскоци, вртења за 360 или 180 степени и акробации. Според Меѓународната гимнастичка федерација, гредата треба да биде долга 500 cm, широка 10 cm и поставена на висина од 125 cm. Гредата е обложена со мек материјал. За настап на гредата е потребна рамнотежа, флексибилност и сила.[8] [9]
  • Партер: Оваа дисциплина се состои од вежби на партер во форма на квадрат со димензии 12m со 12m во рок од 70 до 90 секунди кои гимнастичарките ги изведуваат со придружба на музика.

Машки дисциплини

уреди
 
Момче настапува на коњ со рачки
  • Партер: Како и гимнастичарките така и гимнастичарите во оваа дисциплина изведуваат вежби на партер во форма на квадрат со димензии 12 m х 12 m, но во пократок рок од 60 до 70 секунди. Исто така, тие настапуваат и без придружба на музика. Правилата велат дека гимнастичарот при својата вежба на партер смее само еднаш да биде во аголот на квадратот.
  • Коњ со рачки: Оваа дисциплина е една од најтешките во гимнастиката. Таа се изведува на помагалото коњ со рачки кое е долго 163 cm и е поставено на висина од 110 cm. Гимнастичарот со двете раце се држи за рачките или на самото помагало и изведува кружни движења и движења со своите нозе. Вежбата завршува со акробација во воздух и доскок кој треба да биде стабилен со двете нозе. Оваа дисциплина најверојатно настанала со цел да се проверат способностите на идните коњаници. За оваа дисциплина потребна е сила, брзина, издржливост и добра подготвеност.
  • Кругови: Круговите се помагала поставени на висина од 250 cm, а се со должина од 325 cm, односно се заврзани на висина од 575 cm од подот. Растојанието помеѓу круговите е 50 cm.[10] На нив гимнастичарите, држејќи се со двете раце изведуваат различни вежби со движење на своите нозе и превртувања. За дофат на високопоставените кругови, гимнастичарите се подигнуваат од друго лице. За време на вежбата, круговите не смеат да се нишаат, што бара голема сила и издржливост. Вежбата на овие помагала завршува со доскок.
  • Прескок: Гимнастичарите го изведуваат прескокот со помош на коњ без рачки или отскочна плоча до којашто стигнуваат со трчање на растојанието долго 25m. Држејќи се со рацете за помагалото, гимнастичарите со скок, во воздух изведуваат вежба која содржи повеќекратни салта или пак само вртење. Вежбата завршува со доскок од другата страна на помагалото којшто треба да биде стабилен. Многу е важна и поставеноста на рацете и рамената, како и целосната рамнотежа на телото од што всушност и зависи квалитетот на изведените акробации.
  • Машки разбој: Разбојот е машка гимнастичка справа на која се изведуваат статички и динамички елементи. Вежбите на оваа страна се зиведуваат со силата на мускулите на рацете и на рамениот појас. Статичките елементи се изведуваат со задржување на телото во одредена положба, додека динамичките елементи се состојат од кревање на телото од пониска во повисока положба и обратно. Дисциплината разбој содржи вежби кои главно се состојат од скокови во воздух, кружења, поместувања и движења под и над две паралелно поставени прачки на утврдена висина од 175 cm при што должината на прачките изнесува 250 cm, а растојението меѓу нив се движи од 47 до 52 cm.[11]
  • Вратило: Ова е најспектакуларната од шесте машки дисциплини. Се изведува на пречка во форма на шипка со должина од 240 cm и поставена на висина од 255 cm. За да се фатат на неа, гимнастичарите се помогнат со кревање од друго лице, слично како и во дисциплината кругови. На пречката, тие изведуваат различни вежби: нишање, поместувања, вртења, скокови, салта, префати со рацете и др. Притоа, вежбата завршува со акробатски скок од справата. За време на изведувањето на вежбата, вратилото се држи со целата дланка, а не само со прстите при што рацете се поставени на вратилото во широчина на рамената.[12]
 
Изведување вежба на вратило

Ритмичка гимнастика

уреди
 
Ритмичка гимнастика

Ритмичката гимнастика е гимнастичка форма којашто е официјално признаена од ФИГ во 1961 година и којашто во последно време стана многу популарна. Во неа настапуваат само жени (во поединечна и во групна конкуренција), но постои и ритмичка гимнастика во машка конкуренција со потекло од Јапонија. Изведбата е на поголема површина од партерот, а гимнастичарките со придружба на музика која може да има вокали, но не и зборови. Во оваа дисциплина се користат разни реквизити, како: хулахопи, ленти, топки, обрачи и јажиња. Изведбата е индивидуална или групна, а настапот се оценува од судиите со максимални 20 бода. Настапот во ритмичката гимнастика вклучува елементи од класичниот балет, танци и други игри кои се изведуваат со особена елеганција.[13]

Скокови на трамбулина

уреди

Скоковите на трамбулина се нова гимнастичка дисциплина која првото светско првенство го има доживеано во 1964 година, а од неодамна е и дел од олимпиоската програма. Скоковите се изведуваат во 4 видови на натпревари: поединечни, синхронизирани, мини двојни и моќни превртувања; но само поединечните скокови се дел од олимписката програма. Во поединечните скокови на трамбулина, гимнастичарот изведува 10 последователни скокови без пауза со кои би добил висина за да може да започне со изведбата на вежбата. Настапот се оценува со максимални 10 бода, а можни се и се доделуваат додатни бодови во зависност од квалитетот на изведбата. Синхронизираните скокови се изведуваат слично со тоа што и двајцата натпреварувачи треба да имаат синхронизирани движења, како би добиле подобри оцени. Во мини двојните скокови, скоковите се изведуваат на помала трамбулина со загревање. Се извршуваат две движења, а оцените се доделуваат на сличен начин како и кај поединечните скокови. Во моќно превртување, гимнастичарите изведуваат моќни скокови, превртувања и движења на свиткана подлога. Оценувањето е слично како кај поединечните скокови.

Корективна гимнастика

уреди

Корективната гимнастика содржи повеќе вежби кои ги изведуваат лица на сите возрасти со цел да ги отстранат деформитетите на своето тело. Повеќе луѓе вежбаат заедно во групи од 6, па и над 150 луѓе. Вежбите се изведуваат синхронизирано и се категоризирани. Групите може да бидат составени од лица од ист пол, но најчесто се мешани. Најголем настан е Светската гимнаестрада која за првпат се одржала во 1939 година и се одржува на секои 4 години.

Аеробичка гимнастика

уреди

Аеробичка гимнастика (порано позната како Спортска аеробика) е вид на гимнастика во кој групи од повеќе од 6 лица изведуваат вежби за чијашто изведба е потребна сила, флексибилност и издржливост и се менуваат на секои 60 до 90 секунди.

Акробатска гимнастика

уреди

Акробатска гимнастика, или акроспорт, е вид гимнастика во кој се натпреваруваат мажи и жени во парови од по двајца, тројца или четворица при што изведуваат вежби со главата, рацете и нозете на своите партнери. Може да се избере и сопствена музика, но лириката е забранета. Натпреварувачите се натпреваруваат во А и B категорија, а потоа во нивоата 1, 2, 3, 4 и 5; од 3, 4 и 5 две рутини се постигнати, баланс и темпо.

Акробатиката е дел од спортската гимнастика која ја сочинуваат разни гимнастички елементи кои се изведуваат со контролирани и убаво обликувани движења. Притоа, гимнастичката вежба е составена од елементи со различна тежина, меѓусебно поврзани со одреден ритам и динамика. Вежбите се изведуваат на посебна подлога (гимнастички душеци) чии димензии изнесуваат 12 х 12 метри, со дополнителна заштита од еден метар. Меѓу основните гимнастички елементи во акробатиката спаѓаат: стоење на раце, мост, премет во страна (т.н. „ѕвезда“) и ритмички потскокнувања.[14]

Екипна гимнастика

уреди

Екипната гимнастика потекнува од Скандинавија и овој вид на гимнастика бил на некои големи настани повеќе од 20 години.[се бара извор] Екипите се составени од 6 до 12 членови, мажи или жени или мешано. Настапуваат во три дисциплини: партер, трампета и превртување. Во натпреварите на трампета и во превртување настапуваат шест членови од екипата. Тие ги покажуваат своите способности еден по друг многу брзо. За најдобар се оценува последниот потег. На партер се настапува со придружба на музика.

  • Партер: Настапуваат сите членови на екипата. Станува збор за мешавина од танцување, флексибилност и вештини. Потребна е категоризација во вештините, а судиите обрнуваат внимание на промените во острината. Потребно е да има барем два брана со тело, едно вртење, два баланси и неколку останати гимнастички акробации. Изведбата е придружувана со музика.
  • Трампета: Во оваа дисциплина се користи трампета. Има две компоненти прескок и самата трампета. Постојат вкупно три дела, а само еден треба да биде прескок. Останатите делови треба да го содржат истиот потег од сите гимнастичари. Така е најчесто во првиот дел. И тука изведбата е со придружба на музика.
  • Превртување: И тука има три дела. Едниот вклучува предни серии изведувани од сите 6 гимнастичари. Останатиот дел исто така треба да содржи елементи кои сите гимнастичари ги изведуваат, а секоја серија мора да има најмалку три различни акробации.

Оценување според ФИГ

уреди

Правилник

уреди

ФИГ има свој правилник за оценување чијашто основна цел е објективност во вреднувањето на вежбите, но исто така и сигурност во препознавањето на најдобриот натпреварувач, како и насочување на тренерите и гимнастичарите во создавањето на вежбите. Судиите формираат комисија која се состои од претседател, членови на А комисија (2), членови на В комисија (6), додатни судии и помошници (линиски судии на партер, мерач на време, администратор, оперативец за пресметка и др. што зависи од натпреварувањето, а да биде според правилникот на ФИГ). За сите судии постои процедура како се избираат, но откако ќе бидат именувани остануваат во тој состав до крајот на натпреварувањето. Големината на комисијата може да биде различна на натпреварувања од различен карактер. Во таков случај се применува правилото на дозволена разлика на средна вредност. На натпреварувањата со помалку од 4 судии, членови на В комисија, разликата помеѓу средните оцени не смее да биде поголема од:

>0,00 – 0,40 (0,10)
>0,40 – 0,60 (0,20)
>0,60 – 1,00 (0,30)
>1,00 – 1,50 (0,40)
>1,50 – 2,00 (0,50)
>2,00 (0,60)

Задачи за судиите на помагала

уреди

Задачи на претседателот:

  • ја координира и надгледува работата на сите членови на комисијата од судии на помагала;
  • посредува помеѓу комисијата за помагала и претседателот на натпреварувањето;
  • се грижи за ефикасноста на натпреварувањето на помагалото за кое е надлежен, вклучувајќи го и времето за загревање;
  • дава знак за почеток на натпреварувањето кое мора да започне најдоцна 30 секунди по дадениот знак;
  • го потврдува крајот на изведената вежба;
  • активно и објективно дава почетна оцена за вежбата на помагалото за кое е надлежен на начин како и комисиите А и В;
  • ги потврдува сите оцени, како и конечната;
  • се грижи натпреварувачот да добие објективна оцена ( да е во согласност со правилникот и со одобрување на претседателот на натпреварувањето којшто може да казни и некои необјективни судии);
  • Посредува помеѓу двата члена на комисијата А во одредувањето на оцената доколку тие не можат да се сложат;
  • одредува казни и одземање на бодови доколку натпреварувачот направи грешка (излезе од партер или направи дисциплински прекршок) во согласност со правилникот;
  • го применува правилникот во поглед на почитувањето и конзистентноста на судиите.

Од двата члена на комисијата А, еден е технички асистент именуван од ФИГ. Неговите задачи се:

  • му помага на претседателот на комисијата за помагала и е координатор на комисијата А;
  • го известува претседателот за посебни вредности и останати одземања од почетната оцена;
  • дава почетна оцена и го известува претседателот дека членовите на комисијата А не можат да се согласат околу нејзиното одредување;
  • на крајот од натпреварувањето поднесува извештај до претседателот во врска со евентуални проблеми;
  • во рок од 2 месеца по натпреварувањето на еден службеник на ФИГ му го поднесува извештајот од претседателот на комисијата за помагала со содржина од сите вежби кои ги судел.

И двата члена на комисијата А работат независно, но може да се договараат. Нивни задачи се:

  • оценување на содржината на вежбите и вреднување на сите елементи согласно одредбите;
  • за правилно да ја извршат својата задачи, мораат точно да ја забележат содржината на вежбата.

Членовите на комисијата В своите мислења ги донесуваат независно од другите судии. Секоја оцена се изнесува 10 секунди по завршувањето на вежбата и тоа така што другите судии не би ја забележале оцената. Членовите на комисијата В ги оценуваат сите елементи на изведената вежба и одредуваат намалување на оцената поради техничките и естетски грешки.

Линиските судии мораат да го известат претседателот на комисијата за помагала доколку воочат некој прекршок, а за истото треба да поднесат и писмен извештај.

Оценување на вежбите

уреди

За сите помагала одредени се две посебни комисии (А и В). Комисијата А го проценува квалитетот, тежината на вежбата, посебните вредности и дава додатни бодови. Исто така, таа ја одредува и почетната оцена на вежбата, започнувајќи од 0,00 бода. Комисијата В пак ја оценува изведбата на вежбата (техниката и поставеноста на телото). Оценувањето од страна на судиите започнува со оценката 10,00 од која се одбиваат бодови поради направените грешки кои можат да бидат изразени во десетинки или стотинки (пр.0,1 или 0,01). Највисоката и најниската оцена се одбиваат, а од останатите оцени се пресметува аритметичка средина. Конечната оцена е збир на оцените на комисиите Аи В.

Судијата ја вреднува техниката и разновидноста на елементите на вежбата. Секое помагало има 5 елементи означени со I, II, III, IV и V. Секој натпреварувач во својата изведба мора да внесе најмалку по еден од секој елемент што комисијата А го наградува со 0,50 бода. Доколку елементот недостасува, истата комисија тоа го казнува со одземање на бодови. Оваа комисија натпреварувачите ги наградува со додатни бодови за изведба на тешки вежби без големи грешки.

Еден елемент во една вежба не смее да се повторува освен ако вежбата не е прекината надвор од контрола на натпреварувачот. Ако натпреварувачот падне од помагалото може да избере дали ќе ја понови вежбата или не. Елементот не смее да се повторува со цел да се оневозможи зголемување на тежината на вежбата и додатни бодови од еден ист изведен елемент. Ова правило се применува и на поврзани елементи (освен коњ со рачки и кругови).

Комисијата В ги оценува техничките и естетските грешки кои може да бидат мали, средни и големи. Вредноста на одбивањето на бодови е секогаш ист во зависност од карактерот на грешката, а независно од тежината на вежбата:

мала грешка – 0,10
средна грешка – 0,30
голема грешка – 0,50
пад од помагало – 0,80

Тренинг

уреди

Гимнастичарите со спортот гимнастика започнуваат да се занимаваат уште како деца. Тоа е така поради држењето на ‘рбетот кај децата кој има пресудна улога во понатамошниот развој на телото. Гимнастичарите мора да бидат лесни, не многу високи, физички цврсти, брзи, силни и добро кондиционо подготвени. Врвните резултати во гимнастиката не се постигнуваат подеднакво кај мажите и кај жените. Гимнастичарите своите најдобри резултати може да ги постигнат како и кај повеќето физички спортови, за разлика од гимнастичарките кај кои врвната форма трае сè до 25-тата година, а подоцна опаѓа. Во развојот и напредокот на еден гимнастичар исто така голема улога игра и тренерот кој мора да биде стручен и кадарен. Тренингот на еден гимнастичар е долг, исцрпувачки и за да се совлада техниката потребен е многу поголем вложен труд за разлика од кај некои други спортови.

Опрема

уреди

Гимнастичарите се облечени во тренерки и маичка без ракави, а носат и чорапи и имаат обуено патики, но може и да настапат боси. Гимнастичарките пак се облечени во трико и тие носат чорапи и имаат обуено патики без кои можат да настапат и тие.

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Gymnastikos, Henry George Liddell, Robert Scott, A Greek-English Lexicon, at Perseus
  2. Gymnasia, Henry George Liddell, Robert Scott, A Greek-English Lexicon, at Perseus
  3. Gymnos, Henry George Liddell, Robert Scott, A Greek-English Lexicon, at Perseus
  4. Goodbody, John (1982). The Illustrated History of Gymnastics. London: Stanley Paul & Co. ISBN 0091433509.
  5. Марјан Карапанџевски и Лидија Белческа Карапанџевска, Физичко и здравствено образование за VIII одделение во осумгодишно образование. Скопје: Министерство за образование и наука на Република Македонија, 2010, стр. 36.
  6. Марјан Карапанџевски и Лидија Белческа Карапанџевска, Физичко и здравствено образование за VIII одделение во осумгодишно образование. Скопје: Министерство за образование и наука на Република Македонија, 2010, стр. 40.
  7. Марјан Карапанџевски и Лидија Белческа Карапанџевска, Физичко и здравствено образование за VIII одделение во осумгодишно образование. Скопје: Министерство за образование и наука на Република Македонија, 2010, стр. 53.
  8. „Apparatus Norms“ (PDF). International Gymnastics Federation. 2006-01-01. стр. 63. Архивирано од изворникот (pdf) на 2008-06-25. Посетено на 2007-03-27.
  9. Марјан Карапанџевски и Лидија Белческа Карапанџевска, Физичко и здравствено образование за VIII одделение во осумгодишно образование. Скопје: Министерство за образование и наука на Република Македонија, 2010, стр. 48.
  10. Марјан Карапанџевски и Лидија Белческа Карапанџевска, Физичко и здравствено образование за VIII одделение во осумгодишно образование. Скопје: Министерство за образование и наука на Република Македонија, 2010, стр. 45.
  11. Марјан Карапанџевски и Лидија Белческа Карапанџевска, Физичко и здравствено образование за VIII одделение во осумгодишно образование. Скопје: Министерство за образование и наука на Република Македонија, 2010, стр. 46-47.
  12. Марјан Карапанџевски и Лидија Белческа Карапанџевска, Физичко и здравствено образование за VIII одделение во осумгодишно образование. Скопје: Министерство за образование и наука на Република Македонија, 2010, стр. 41-42.
  13. Марјан Карапанџевски и Лидија Белческа Карапанџевска, Физичко и здравствено образование за VIII одделение во осумгодишно образование. Скопје: Министерство за образование и наука на Република Македонија, 2010, стр. 55.
  14. Марјан Карапанџевски и Лидија Белческа Карапанџевска, Физичко и здравствено образование за VIII одделение во осумгодишно образование. Скопје: Министерство за образование и наука на Република Македонија, 2010, стр. 36-38.

Надворешни врски

уреди


  Статијата „Гимнастика“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).