Гајто Иванович Газданов (6 декември 1903, Санкт Петербург, Русија - 5 декември 1971, Минхен, Германија) бил руски писател.

Гајто Газданов

Животопис

уреди

Гајто Газданов, чие вистинско име е Георги, се родил на 6 декември 1903 година во Санкт Петербург, тогашната царска престолнина на Русија. Неговите родители потекнувале од угледни семејства од Осетија и двајцата имале високо образование. Две негови сестри умреле уште како деца, а кога имал осум години, Гајто останал и без татко му. Непосредно пред Првата светска војна, неговото семејство се преселило во Харков кој во тоа време бил голем трговски и културен центар. Бидејќи останал само со еден родител, Гајто уживал голема слобода која ја искористил за продлабочување на образованието, но и за запознавање со криминалната средина. Во тоа време, благодарение на неговата физичка сила (наследство од татко му) и вежбањето, му била понудена работа во еден циркус. Во Харков, тој учел гимназија и во 1919 година, со желба да го прошири животното искуство, заминал да учествува во граѓанската војна, и тоа на страната на „белогардејците“. Тогаш, тој се разделил од мајка му, која никогаш повеќе не ја видел. Сепак, бидејќи бил многу приврзан кон неа, тој продолжил интензивно да се допишува со неа сè до нејзината смрт во 1940 година.[1]

По една година помината како дел од екипажот на оклопен воз на југот од Русија, Газданов со остатоците од Белата армија пребегал од Крим во Цариград. Откако завршил руска гимназија во бугарскиот град Шумен, газданов заминал за Париз каде што поминал најголем дел од животот. Бидејќи останал сам, без пари и пријатели, Газданов променил разни професии во борбата да заработи некоја пара. Така, тој работел како истоварувач на едно пристаниште, чистач на возови на железничката станица, бравар во фабрика за автомобили, а исто така, давал часови по француски јазик и руски јазик и работел како преведувач. Зимата 1925/1926 година ја поминал без работа, како скитник. Потоа, речиси четврт век (од 1928 до 1952 година) работел како ноќен таксист[2] во Париз, така што имал доволно време за пишување. Кон крајот на 1920-тите и почетокот на 1930-тите години, Газданов студирал на Сорбона, слушајќи предавања од филозофија, економија и право. Тогаш, неговиот постар колега, пријател и ментор Михаил Осоргин го вовел во руската масонска ложа „Северната ѕвезда“ во која членувале неговите пријатели од шуменската гимназија Вадим Андреев и Бронислав Сосински. Газданов бил многу активен во ложата и во 1961 година станал и нејзин Мајстор.[3]

 
Газданов во Париз во 1920-тите.

Иако бил успешен кај жените, Газданов се оженил дури во 1936 година со единаесет години постарата Фаина Димитриевна Ламзаки, која потекнувала од грчко семејство од Одеса. За време на Втората светска војна, тој останал во Париз и учествувал во Движењето на отпорот. Во 1953 година почнал да работи во руската редакција на американското радио "Ослободување" од Минхен. Од 1959 до 1971 година повторно живеел во Париз како дописник на тоа радио. Умрел на 5 декември 1971 година во својот стан во Минхен, а бил погребан на париските гробишта Сен Женевјев де Буа.[3]

 
Гробот на Газданов во Париз.

Творештво

уреди
 
Потписот на Газданов.

Газданов припаѓал на втората генерација руски емигрантски писатели, која писателот Владимир Варшавски ја наречекол „невидливата генерација“, зашто нејзините припадници многу тешко се пробивале во руските емигрантски списанија. Самиот Газданов бил многу скептичен ов однос на книжевните можности на своите врсници и тој став го искажал во познатата статија „За младата емигрантска книжевност“ од 1936 година која предизвикала голема полемика. Притоа, поголемиот дел од постарите руски емигрантски писатели не се согласиле со неговите ставови, но помладите го поддржувале. Поради тешките услови, Газданов сметал дека емигрантската книжевност нема перспектива и дека разговорот за младата емигрантска книжевност е беспредметен. Како исклучок, тој го сметал само Набоков за кого рекол дека е „идеално и страшно осамен“, иако подоцна го променил мислењето велејќи дека „во петицата на Достоевски има повеќе ум отколку во сите дела на Набоков“.[4]

Газданов влегол на голема врата во руската емигрантска литература во 1930 година, кога го објавил својот прв роман „Вечер кај Клер“, иако и претходно го свртел вниманието на критиката со своите раскази (На пример, за неговата проза пишувал угледниот критичар Марк Слоним). Сепак, романот „Вечер кај Клер“ бил потполн успех и Газданов бил оценет како „прв меѓу помладите руски писатели“ (Осоргин) и како „еден од најблескавите писатели во емиграцијата“ (Слоним), а за него пишувале и голем број други критичари, како Оцупа и Хохлов. Оттогаш, Газданов бил сметан за еден од најзначајните млади руски емигрантски писатели, а многумина му давале предност пред Набоков. Уште тогаш, во руската критика се отворила расправа за природата на книжевната постапка на Газданов и за неговата книжевна дарба.[5] Потоа, во 1938 година, газданов го објавил и вториот роман „Историјата на едно патување“, кој предизвикал голема поделеност меѓу критичарите.

По таквиот одличен прием се очекувало Газданов да заземе видно место во руската литература, но тоа се случило многу подоцна, по неговата смрт, во 1970-тите години. Критичарите го припишуваат тоа на фактот дека Газданов пишувал само на руски, иако одлично го познавал францускиот јазик. Исто така, неговата потполна слава го попречила и Втората светска војна која го прекинала објавувањето на неговиот клучен роман „Ноќните патишта“, целосно објавен дури во 1952 година. Инаку, Газданов напишал вкупно девет романи, но само три од нив биле објавени како книги за време на неговиот живот, додека останатите биле објавувани по литературните списанија.[6] Денес, заедно со Набоков, Газданов се смета за најзначајниот прозен писател на руската емигрантска книжевност. Иван Бунин го издвојувал Газданов како свој омилен писател, а во едно писмо Максим Горки го нарекол исклучителен и специфичен талент. Токму тоа писмо подоцна одиграло одредена улога во повторното откривање на Газданов во Русија.[7]

Наводи

уреди
  1. Гајто Газданов, Црни лебеди. Скопје: Темплум, 2006, стр. 235.
  2. „Белешка за авторот и делото“, во: Гајто Газданов, Вечер кај Клер, Темплум, Скопје, 2007, стр. 195.
  3. 3,0 3,1 Гајто Газданов, Црни лебеди. Скопје: Темплум, 2006, стр. 236.
  4. „Белешка за авторот и делото“, во: Гајто Газданов, Вечер кај Клер, Темплум, Скопје, 2007, стр. 195-196.
  5. „Белешка за авторот и делото“, во: Гајто Газданов, Вечер кај Клер, Темплум, Скопје, 2007, стр. 196-198.
  6. Гајто Газданов, Црни лебеди. Скопје: Темплум, 2006, стр. 237.
  7. „Белешка за авторот и делото“, во: Гајто Газданов, Вечер кај Клер, Темплум, Скопје, 2007, стр. 195-199.