Виничко Кале

археолошко наоѓалиште во Македонија
(Пренасочено од Виничко кале)
Виничко Кале

Поглед кон тврдината од југ старо маало

Карта

Местоположба 22°30′33″N 41°52′58″E / 22.50917° СГШ; 41.88278° ИГД / 22.50917; 41.88278Координати: 22°30′33″N 41°52′58″E / 22.50917° СГШ; 41.88278° ИГД / 22.50917; 41.88278
Основни податоци
Место Виница
Општина Виница
Тип

 населба


Период доцноантичко време
Портал „Археологија“

Виничко Калеутврдена населба од неолитот и доцната антика, со градби покрај градскиот бедем од IV-VI век целосно зачувани. Се наоѓа на југозападниот брег на градот Виница, висок околу 70 м, покрај патот ВиницаЛески.

Општи одлики уреди

Се наоѓа југозападно од градот Виница, лево од Градечка Река, на рид со неправилен облик, издолжен во правец југоисток-северозапад, со надморска височина од 400 м. Опкружен е со стрмни страни со исклучок на југоисточната која со длабок и широк вештачки ров го одвојува од соседната височина. Има нерамен врв, со пад кон северозапад, каде висинската разлика достигнува и до десет метри. Габаритот на просторот што го зафаќаат остатоците од утврдувањето има приближни димензии од 250 × 150 м, што изнесува околу 2,5 ха. Според површинските остатоци, населбата се простирала и на падините од ридот, како и на околните ритчиња. Со својата височина и положба наоѓалиштето доминира над просторот од Виница, а има убава прегледност и над коритото на Брегалница.[1]

Археолошки истражувања уреди

Виничкото Кале како археолошко наоѓалиште е забележано уште во 1954 од страна на М. Грбиќ, под името „Градиште“, а подоцна, во 1958, М. и Д. Гарашанин го вовеле поимот „Кале Баир“. Интересот за неговото истражување се појавил во 1978 година, кога археологот Ц. Крстевски донел во Музејот на Македонија пет фрагменти од теракотни релјефи со иконографски претстави, дотогаш непознати, особено интересни за проучувањето на старохристијанскиот период. Така, од 1985 година се започнало со археолошки ископувања кои непрекинато траат до денес. На почетокот како заштитни, а подоцна систематски, со овие ископувања е пронајдена релативната стратиграфија на наоѓалиштето. Според археолошките наоди, особено керамичките, животот во населбата се одвивал во долг континуитет, од неолитското време сè до полниот среден век, со таа разлика што се најмногубројни архитектонските остатоци од доцноантичкото време (IV век-V век). Откриени се остатоци од ѕидови на неколку објекти од профан карактер, со организирани тремови, „клупи“ за седење, магацински простории, ѕидани од камен и варов малтер, кои на одделни места се зачувани во висина дури до 4 м. Во едни се најдени писцина, префурниум, водоводни инсталации и друго. Објектите биле подигнати покрај одбранбениот бедем, од кој е откриен еден дел заедно со една полукружна кула. Бедемот е ѕидан од кршен камен и варов малтер, а неговата ширина изнесува 3 м. Значајно е да се спомене дека во шутот меѓу ѕидовите е најден голем број на цели и фрагментирани реплики од теракотни икони, со непроценливи археолошки, уметнички и теолошки вредносни димензии. Приближно на средината на наоѓалиштето се наоѓаат моше лошо зачувани остатоци од ѕидови на мала средновековна црква, многу порано прекопана од „диви копачи“ – трагачи по злато. Околу црквичката е откриен голем број примероци од архитектонска пластика, и тоа колони, бази, капители, делови од канцел, транзени, подни плочи и сл., а од подвижниот материјал фрагменти од керамички садови, предмети од бронза, железо и коска, потоа накит, монети и друго. Откриен е и истражен богат женски гроб од XII век во кој се најдени 9 стаклени и 4 бронзени позлатени белезици, 11 бронзени прстени (неколку позлатени) и еден предмет од коска (игленица).[2][3]

Откритија и резултати уреди

Резултатите од ископувањата, иако сè уште незаокружени, јасно покажуваат дека утврдената населба на Виничко Кале била перманентно изложена на подеми и падови што јасно се забележува преку градежните интервенции кај објектите. Секако, во сето тоа голем удел имала и неговата местоположба, која лежи на една од прометните економски антички комуникации - патот од Стоби за Пауталија и Сердика. На овој пат, според историските извори, имало неколку градски населби, па оттука се наметнува размислувањето дека можеби еден од градовите Армонија или Каленидин се наоѓал токму на Виничко Кале, што се очекува да се потврди со натамошните истражувања. Траги од живот во ова наоѓалиште има уште од раната антика. Во IV век градот добил утврдување кое било обновено во VI век. Постои веројатност дека тука е сместен градот Келенидин, познат од пишани извори како епископско седиште. Во ова наоѓалиште е откриена ранохристијанска базилика, станбени и стопански простории во кои се откриени т.н. Винички икони.[1]

Винички икони уреди

Овие теракотни релјефи содржат иконографски претстави со христијанска тематика, како и латински натписи со литургиска содржина. Датираат од VVI век и веројатно служеле како апликација на ѕидовите на гробните објекти во доцноантичкиот период во виничкиот градежен комлекс. Теракотните икони од Виничкото Кале кои биле откриени од археологот Цоне Крстевски претставуваат единствени од ваков тип со непроценливо богатство од археолошка, уметничка и теолошка вредност.[1]

Галерија уреди

Надворешни врски уреди

Наводи уреди

  1. 1,0 1,1 1,2 „Музеј Теракота“. Архивирано од изворникот на 2012-05-13. Посетено на 2010-10-10.
  2. М. Грбиќ, Археолошки наоѓалишта во Македонија, МКДМ, I, бр. 9, Скопје, 1954, 115
  3. М. Гарашанин- Д. Гарашанин, Археолошке белешке са рекогносцирања у Источној Македонии, ЗШНМ, И, Штип, 1959, 69