Банин
Ум-Ел-Банин Асадулаеф (Umm Ел-Banu Äsâdullayeva) (на азербејџански: Əsədullayeva Ümmülbanu Mirzə qızı) (1905-1992) - француска писателка од азербејџанско потекло, внука на двајца азербејџански милионери, Шамзи Асадулаеф и Муса Нагиеф.
Ум-Ел-Банин Асадулаеф | |
---|---|
Роден/а | 18 декември 1905 Баку, Руско Царство (денешен Азербејџан) |
Починат/а | 23 октомври 1992 Париз, Франција | (возр. 86)
Псевдоним | Банин |
Занимање | Писателка |
Националност | Азербејџанка |
Пишувала под псевдонимот Банин.
Животопис
уредиБанин е родена на 18 декември 1905 година во Баку како четврта ќерка на Мирза Асадулаеф и на Ум Ел-Бану Нагиеф.
Во 1924 година емигрирала во Париз, Франција, за да му се приклучи на своето семејство. Татко ѝ бил поранешен министер на владата на првата и краткотрајна Република Азербејџан (декември 1918 - април 1920). Таа од советскиот Азербејџан побегнала преку Истанбул, каде го оставила сопругот со кого насилно стапила во брак на возраст од петнаесет години.
Кога пристигнала во Париз имала 18 години.[1] Отпрвин работела како продавачка, потоа станала модел на високата мода и истовремено се школувала. Подоцна почнала да изработува преводи, се занимавала со новинарство и подготвувала радио програми на француски јазик.[2] Таа на француски го преведувала Достоевски, Татјана Толстаја и Ернст Јингер, и постепено била воведена во париски книжевни кругови преку соседи и пријатели, особено рускиот писател и сатиричар Тефи. Банин станала позната во литературните кругови на Париз, особено меѓу писателите од кои повеќемината биле руски имигранти. Меѓу пријателите можат да се споменат филозофите, Бердиаев, Шестов, Лоски, поетите и писатели Всеволод Иванов, Марина Цветаева, Константин Балмонт, Иван Северианин, Иван Бунин, Тефи, Ремизов и други. Во своите мемоари, како нејзини блиски пријатели Банин ги истакнува Тефи и Иван Бунин.
Двајцата писатели кои изиграле важна улога во животот на Банин, биле Ернст Јингер, германскиот воен херој, природонаучник и литературен гигант и Иван Бунин, добитник на Нобеловата награда за литература од 1933 година. Првпат се сретнала со Ернст Јингер во 1943 година[3], додека служел како офицер во окупираниот Париз. Јингер бил познаник на Вилхелм Бланке, германски офицер кој се додворувал на Банин и тајно му помагал на францускиот отпор. Нејзиното пријателство со Јингер траело речиси 50 години а таа на Јингер му посветила 3 нејзини дела.
Со Иван Бунин се запознала три години по Јингер, во 1946 година, и привлечена од неговата елеганција, гоопишала на следниов начин: Бунин ја носеше својата ароганција како тога за да ја покаже разликата што го одделува него од обичните смртници.
Со нејзините релации во книжевните кругови на тоа време , меѓу другите, таа се запознала и со Монтерлан, Казанцакис и со Андре Малро, кои ја поттикнале да ги објави нејзините дела.
Творештво
уредиНејзината прва книга Нами се појавила за време на германската окупација на Париз во 1942 година и зборува за падот на општествената структура во Азербејџан. Потоа со Кавказски денови (1945), го доживеала својот прв книжевен успех. Следното дело Париски денови (1947), се фокусира на животот на емигрантите и на боемското општество, но истото поминало со помалку признанија. Подоцна следат делата Средби со Јингер (1951), Избрав опиум (1959), Потоа (1961), Туѓата Франција (1968), Повик на последната шанса (1971), Портретот на Ернст Јингер (1971), Последниот двобој на Иван Бунин, Многуте лица на Ернст Јингер (1989) и Што ми кажа Мари (1991).[1]
Го избрав опиумот, сведоштво за преобраќањето на авторката во христијанството и нејзината потрага по духовна храна, бил вториот поголем книжевен успех на Банин. Нејзиното дело во голема мера било автобиографско и содржи теми од источниот и западниот и емигрантскиот живот, честопати со остра опсервација и со смисла за хумор, кој не поштедил никого.
Банин крајот на својот живот го посветила во откривање на културата и историјата на Азербејџан во Франција и во Европа. Нејзините најпознати книги се Кавкаски денови и Париски денови.
Починала на 23 октомври 1992 година во Париз, на возраст од 86 години.
Дела
уреди- Нами (Nami), Gallimard, 1942.
- Кавкаски денови (Jours caucasiens), Julliard, 1946.
- Париски денови (Jours parisiens), Julliard, 1947, Gris Banal, 2003.
- Средби со Ернст Јингер (Rencontres avec Ernst Jünger), Julliard, 1951.
- Го избрав опиумот (J'ai choisi l'opium), Stock, 1959.
- Потоа (Après), Stock, 1962.
- Туѓата Франција (La France étrangère), S.O.S Desclée de Brouwer, 1968.
- Повикот на последната шанса (L'appel de la dernière chance), S.O.S, 1971.
- Портрет на Ернст Јингер: писма,текстови, средби (Portrait d'Ernst Jünger : lettres, textes, rencontres), La Table Ronde, 1971.
- Ернст Јингер со многу лица (Ernst Jünger aux faces multiples), Lausanne, éditions L'Âge d'Homme, 1989.
- Тоа што ми го раскажа Мари: кажувањата на слугинката Мари (Ce que Marie m’a raconté : le dit de la Servante Marie), Cahier Bleus, 1991.
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 „Visions of Azerbaijan Magazine ::: The Eventful Life of Banine“. Visions of Azerbaijan Magazine (руски). Посетено на 2018-05-08.
- ↑ Во интервју на Банин за француски весник (1947): Дваесет години живеев во Париз. Тука работев сѐ и сешто: модел, продавачка, секретарка,наставничка по музика и најпосле писател.
- ↑ Entrée Banine du « Répertoire de l'entourage intellectuel et personnel de Jünger » in Journaux de guerre II. 1939-1948, Gallimard, Bibliothèque de la Pléiade, 2008, p. 1295-1296.
Надворешни врски
уреди- Биографија на Банин - на англиски