Амнестија
Амнестија (од грчки amnestia, oblivion) се донесува во облик на закон со кој одреден број лица се ослободуваат од гонење, потполно или делумно се ослободуваат од извршување на казните, им се заменува изразената казна со поблага, се одредува бришење на осуда или се укинуваат правните последици од таа осуда.
Облици на амнестија
уредиАмнестијата како правен институт потекнува уште од најстари времиња и произлегува од неприкосновеното право на државата да казнува и, оттука, и да им простува на веќе казнетите. Таа се применува како израз на добра волја кон осудените лица и како обид за нивна реадаптација и ресоцијализација.[1] По правило, амнестијата се применува по период на завршена војна и вооружен конфликт, заради ресоцијализација на учесниците и за помирување во општеството. Исто така, таа редовно се применува и во мирновременски услови, како чин на делумно простување на казните на сторителите на помалку сериозни кривични дела, но и како исправка на судската неправда извршена во времето на недемократските политички режими.[2]
Меѓународни искуства со амнестијата како правен институт
уредиВо многу држави, правните основи на амнестијата лежат во нивните устави. На пример, Уставот на Франција пропишува дека надлежен орган за давање амнестија е парламентот. За оваа земја е карактеристична т.н. бланко-амнестија со која ослободувањето или намалувањето на затворската казна се однесува на сите лица кои сториле некое кривично дело што е опфатено со амнестијата. И во Италија, правото за давање амнестија му припаѓа на парламентот, кој таа одлука ја носи со двотретинско мнозинство. За Италија е специфична т.н. општа амнестија со која се опфаќаат сите затвореници. Исто така, парламентот е надлежен за амнестијата и во Швајцарија и во Турција, додека во Обединетото Кралство таа надлежност ја има монархот.[1] Италија има интересен пример со амнестијата во времето кога премиер бил Силвио Берлускони, кога биле амнестирани сите затвореници осудени за затајување данок. Притоа, ослободените биле задолжени да уплатат во државниот буџет по 5% од вредноста на нивниот имот. Во 2006 година, Италија повторно спровела општа амнестија со која биле помилувани сите категории затвореници. САД применуваат делумна амнестија со која на затворениците им се простува дел од казната, друг дел се заменува со општокорисна работа со која тие се социјализираат и им се дава одредено време во кое не смеат повторно да сторат ново кривично дело. Притоа, во повеќе наврати, САД ја применувале амнестијата за да им овозможат на нелегалните имигранти да добијат работна дозвола или државјанство. Во 1996 година, Босна и Херцеговина ги амнестирала сите осуденици за дела против системот и сигурноста на државата. Во 2001 година, Словенија прогласила аменстија за намалување на затворската казна за една четвртина, за лицата кои не ја извршиле казната. Србија, пак, во 2010 година ги амнестирала делата поврзани со избегнувањето попис и преглед, извршување материјални обврски, избегнување на воената служба и бегање од српската армија. Подоцна, во 2012 година биле амнестирани осудените според националните закони или според законите што престанале да важат. Всушност, во Србија и во Црна Гора повеќепати била применувана т.н. степенеста амнестија при што казните на осудените лица им се намалувале за 10-50% или пак тие целосно се ослободувале, во зависност од тежината на кривичното дело и времето поминато во затвор. Исто така, и Хрватска применувала амнестија во врска со делата поврзани со воениот конфликт.[1][3]
Примената на амнестијата како правен механизам во Македонија
уредиОд осамостојувањето до 2015 година, општата амнестија била применета во Македонија четири пати. Првиот закон за амнестија бил донесен во 1991 година, кога биле амнестирани 907 лица, од кои некои биле затвореници, додека другите биле осудени со правосилни пресуди, но не отпочнале со издржување на затворските казни. Во 1999 година, Собранието донело уште еден, но порестриктивен закон за амнестија. Тогаш, целосно биле ослободени од казните сторителите на криивчни дела со кои била предизвикана верска, национална и расна омраза. Притоа, на некои осуденици им биле намалени казните за 25%, на некои за 15%, додека за 10% им биле намалени казните на осудените за незаконско поседување оружје и трговија со дрога. Всушност, овој закон бил дел од политичкиот договор меѓу коалиционите партнери во владата, ВМРО-ДПМНЕ и ДПА, со кој биле ослободени градоначалниците на Тетово и на Гостивар, Алајдин Демири и Руфи Османи, како и учесниците во обидот за отворање на незаконскиот универзитет на албански јазик во Мала Речица. Во 2002 година, како последица на Охридскиот рамковен договор, бил донесен третиот закон за амнестија, со кој се предвидувало ослободување од гонење, запирање на судските постапки и ослободување на затворениците поврзани со војната од 2001 година. Од овој закон биле изземени само воените злосторства. Во 2003 година и со ревизијата од 2004 година, бил донесен четвртиот закон за амнестија, кој ги опфатил граѓаните кои ја одбегнувале воената обврска неодговарањето на поканата за служење во армијата и самоволно оддалечување од вооружените сили).[1][2]
Есента 2015 година биле поведени посебни две иницијативи за донесување петти закон за амнестија, поднесени од Демократскиот сојуз и од граѓанската активистка Мери Николова. Активистката Николова успеала да ги собере потребните 10.000 потписи за нејзиниот предлог да влезе во законска процедура, но предлог-законот не бил усвоен, бидејќи предвидувал ослободување на сите лиза кои издржале 40% од времето на казната, вклучувајќи ги и убијците, педофилите и другите сторители на тешки кривични дела. Од друга страна, предлогот на Демократскиот сојуз, кој исто така влегол во собраниска процедура, предлагал ослободување или намалување на казната на сторителите на одредени кривични дела кои издржале дел од казната или воопшто не започнале со нејзиното издржување. Така, според овој предлог било предвидено да се ослободат осудените за кривичното дело „шверцување мигранти“ кои биле осудени на казна затвор до три месеци, додека за оние кои го сториле ова криивчно дело како дел од група и оние кои биле осудени на затворска казна до шест месеци било предвидено намалување на казната за 50%. Понатаму, предлог-законот предвидувал намалување на казната за 33% (на неиздржаниот дел од казната) за осудените на затворска казна до една година и за осудените за кривичното дело „давање или земање поткуп“. За осудените за кривични дела кои предвидуваат затворска казна до 10 години (попречување на изборите, поткуп при гласање, тешки кражби, дела против здравјето и животната средина, финансиски криминал, тешки измами итн.) било предвидено намалување на казната за 25% од неиздржаниот дел, односно за 10% од неиздржаниот дел (за оние кои се повторници на наведените кривични дела). Најпосле, предлог-законот предвидувал на лицата на возраст од 60 години, а кои биле осудени на затворска казна до пет години, да им се намали казната за 40% од неиздржаниот дел. Меѓутоа, предложената амнестија не важела за осудените на затвор од 10 или повеќе години, осудените на доживотна робија, како и осудените за убиство, за дела против државата, за дела против човечноста и меѓународното право, за кривични дела против половата слобода и половиот морал, производство и трговија со дрога и слично.[2][4] Сепак, предлог-законот на Демократскиот сојуз не добил мнозинство во Собранието и не бил изгласан.[5]
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 1,2 1,3 Влатко Стојановски, „СДСМ, ДУИ И ДПА ќе ја изгласаат амнестијата?“, Фокус, број 1053, 11.1022015, стр. 10-13.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 Љубиша Арсиќ, „ВМРО-ДПМНЕ се плаши од амнестија за да не се соочи со Љубе Бошкоски!“, Фокус, број 1043, 2.10.2015, стр. 10.
- ↑ Љубиша Арсиќ, „ВМРО-ДПМНЕ се плаши од амнестија за да не се соочи со Љубе Бошкоски!“, Фокус, број 1043, 2.10.2015, стр. 12.
- ↑ Влатко Стојановски, „СДСМ, ДУИ И ДПА ќе ја изгласаат амнестијата?“, Фокус, број 1053, 11.12.2015, стр. 10-13.
- ↑ Влатко Стојановски, „ДПМНЕ и спречија амнестија со закон за да помилуваат и убијци преку Иванов!“, Фокус, број 1058, 15.1. 2015, стр. 19-23.