Љубомир Здравковски

Љубомир Здравковски (прекари: Гачо, а подоцна е познат и како Орлов), ( 1915 во Куманово1943 во Бинач, Србија) — македонски партизан, првоборец за слобода на Македонија, учесник во НОВ и командант на Првиот кумановски козјачки одред.[1][2]

Животопис уреди

 
Фотографија снимена 1941 година на која се претставени дел од младите од борбено Куманово, носители на народноослободителното движење: Апостол - Toли Зармудис, Васе Гелев, Љубомир Здравковски - Гачо, Димче Величковски - Барутана, Бојан Секирарски, Стефчо Стефановски, Димитар Алексиевски - Пекар, Бранко Стојковски - Руле, Кирил Стојмановски - Лезе, Христо Кралевски - Кицо, Коста Кобурски и Киро Менков.

Предвоен период уреди

Работел како столар во Куманово. Извесно време бил на работа во Белград каде го затекла и капитулацијата на бивша Југославија. Во Белград стапил во напредното движење. Веќе во 1934 станал скоевец, а во 1936 година бил примен и за член на КПЈ. Во Белград развил најразновидна политичка активност. Учествувал во штрајковите и тарифните борби за подобри работни услови на работничката класа. Бил учесник во демонстрациите во Белград од 27 март 1941 година.[1] По повод празникот на македонскиот народ (Илинден), на 2 август 1940 година добил задача, да изработи шаблони за да се испишат пароли низ градот Куманово. Шаблоните ги израобтил самиот тој заедно со Аритон Димковски - Тонко. За оваа акција биле одредени и шестмина луѓе, поделени во три групи по двајца. Едната група ја сочинувале Боро Божиновски - Прцан и Наце Ивановски - Буѓони; втората група Усеин Усеини и Аритон Димковски - Тонко, а третата Васе Гелев и Христо Кралевски - Кицо. На шаблоните биле испишани следните пароли: Долу скапотијата!, Долу војната!, Бараме сојуз во Советска Русија! и слично. Со овој подвиг тие добиле симпатии меѓу граѓаните на Куманово.[3]

Втора светска војна уреди

По капитулацијата на стара Југославија се вратил во Куманово, како искусен партиски работник. Работел заедно со другите активисти во подготовките за оформување на Првиот кумановски партизански одред. Со првите доброволци од Куманово се нашол во партизанскиот одред на Козјак. Ценејќи го неговото револуционерно искуство и одлучност, бил поставен за командир на Козјачкиот партиски одред. На 11 октомври 1941 година заедно со своите соборци и другите одреди му се приклучи на туку почнатото вооружено востание на македонскиот народ. По расформирањето на одредот подолго време работел како илегалец во Куманово и Скопје. Со формирањето на Велешкиот партизански одред „Димитар Влахов“ во 1942 година, пристапил во неговите редови како командир на една чета. Во првата акција при нападот на полициската станица во селото Лисец, бил тешко ранет во десното рамо. Раководството на одредот го испратило во Скопје на лечење. Но, наместо да се лечи во ноември 1942 година, им се приклучил на борците во Вториот скопски партизански одред. Во ноември 1942 година во манастирот Благовештение на Скопска Црна Гора, учествувал во жестока борба против силни полициски и контрачетнички сили составени од локални бугаромани. Повторно бил ранет и во моментот кога еден контрачетник се спремал да го зароби, бил спасен од партизан од одредот. Тој го убил контрачетникот и го спасил Љубе од сигурна смрт. Иако неизлечен од раните, учествувал и во наредните битки на одредот на териториите на Скопска Црна Гора и Косово, како ѝ против бугарската фашистичка полиција и контрачетите, така и против балистите кои биле во спрега со италијанските сили. По разбивањето на Скопско-Косовскиот одред, во февруари 1943 година, храбро загинал во борбите против непријателот.[1]

Една улица во градот Скопје го носи неговото име.[4]

Наводи уреди

  1. 1,0 1,1 1,2 Беа, загинаа, останаа. Скопје: Историски Архив - Скопје. 1969. стр. 62–63. На |first= му недостасува |last= (help)
  2. Личности од Македонија. Скопје: МИ-АН. 2002. стр. 111. ISBN 9989-613-28-1. На |first= му недостасува |last= (help)
  3. Борбено Куманово 1919 - 1941. Куманово: Просвета - Куманово. 1972. стр. 651. На |first= му недостасува |last= (help)
  4. „Улици во градот Скопје, Улици во Скопје - Страница 7“. skopje.wikimapia.org. Архивирано од изворникот на 2021-07-10.

Надворешни врски уреди