Наце Кралев Ивановски - Буѓони (Куманово, 1919 - Белановце, Кумановско, 14 октомври 1941) е македонски комунист, учесник во НОВ.[1]

БиографијаУреди

Буѓони бил роден во 1919 година во Куманово. Потекнува од сиромашно работничко семејство. По завршувањето на основното училиште, во 1932 година го изучил ковачко-коларски занает. Во 1935 година го завршил занаетчиското училиште. Во 1934 се вклучил во напредното работничко движење кога станал и член на Металската синдикална подружница. Се дружел со напредни младинци од градот и станува постојан посетител на Работничкиот дом каде за првпат слушнал за експлоатацијата на работниците. Читал работнички весници и напредна литература, посебно книги со социјална тематика. Истата година станал член на воспитно-младинската група. Во работничкиот дом ги посетувал предавањата и ги слуша разговорите на постарите комунисти и оние што раководеле со Урсовите синдикати во градот. Во 1938 година станува член на СКОЈ и член на скоевската група раководена од Боро Петрушевски - Папучар. Работел на придобивање млади луѓе и нивно вклучување во напредното движење, особено меѓу чираците и калфите од градот и селата.

Во 1938 година на денот на парламентарните избори зел учество на демонстрациите, а во 1940 година учествувал во акцијата за пишување пароли во градот, организирана од Месниот комитет на Партијата. Поради тоа бил затворен, но наскоро ослободен поради недостиг на докази. Учествувал во повеќе акции, вперени против Љотиќевската фашистичка организација.

По окупацијата на Македонија во 1941 година учествувал во поедини акции организирани од Партиска организација, како на пример: во уништувањето на архивата на административно-полицискиот апарат на Кралството Југославија, за да не падне во рацете на окупаторот, во собирната акција на храна и облека за воените плници сместени во германскиот логор во Куманово и др. Особена активност пројавува во подготовките за формирањето на првите кумановски партизански одреди - Козјачкиот и Карадачкиот.

На 12 октомври 1941 година станал борец на Карадачкиот партизански одред. Загинал на 14 октомври 1941 година во реонот на селото Белановце при борбата на одредот против многубројната и подобро вооружена бугарска окупаторска војска и полиција.

НаводиУреди

  1. Mara Naceva (1979). Kumanovo i Kumanovsko vo NOV 1941-1942: (materijali od Naučniot sobir održan na 12, 13 i 14 dekemvri 1978 godina). Opštinski odbor na Sojuzot na združenijata na borcite od NOV--Kumanovo.