Јове Михајловски

(Пренасочено од Јове Гичев)

Јове Гичев Михајловски - Штраус (21 септември 1921 во Кратово22 јули 1944 во Псача, Кривопаланечко) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ.[1]

Јове Михајловски
Роден 21 септември, 1921 година
Кратово, Македонија под окупација на Кралство СХС
Починал 22 јули, 1944 година
Псача, Кривопаланечко, Македонија
Претепан, мачен па стрелан од страна на Бугарскиот окупатор
Националност Македонец

Животопис

уреди

Револуцоинерна активност во Кралство Југославија

уреди

Основно и граѓанско училиште завршил во родното место, а Tрговска академија во Скопје во 1939 година. По завршувањето на училиштето се вработил во Трговската комора во Скопје, а истовремено вонредно студирал на Високата комерцијална школа во Белград. Студиите ги продолжил 1941 година во Софија. Уште како ученик во Скопје, се запознал и ги прифатил идеите на КПЈ и се оформил како вистински револуционер. Уште во 1939 година во Кратово формирал група на напредни комунистички ориентирани младинци. Привлекувал нови симпатизери во Народното читалиште, кое во Кратово било формирано за време на Кралство Југославија ѝ во кое тој ширел разни илегални книги, како што се: Мајка од Максим Горки, Мартин Идн од Џек Лондон, Како се калеше челикот, Железна пета и многу други, а кои за време на Југославија биле исклучиво забранети од тогашната власт.[1]

 
Спомен биста на Јове Михајловски

Втора светска војна

уреди

Кога во 1941 година Македонија е oкyпирана од фашистичка Бугарија, тој активно работи на разобличувањето на окупаторската власт, укажувал и пропагирал дека тоа не се „ослободители“ туку нови поробувачи. Во мај 1941 година во Софија бил уапсен поради илегално ширење на марксистичка литература. Често доаѓал во Кратово, каде работел на придобивање нови истомисленици. Пред своите другари поставил повеќе одговорни задачи: да се попречува окупаторот во остварувањето на своите денационализаторски цели, да се собира облека, санитетски материјал, храна, оружје и други потребни работи за партизанските чети. Особено се ангажирал во продирање и организирање на партиски и скоевски ќелии во Кратово и во рудникот во Пробиштип и гимназијата во Кратово.[1]

Најголемиот дел од својата активност, за време на окупацијата, ја изведувал преку читалиштето „Браќа Миладиновци“ каде заедно со Гоче Пазавански, кој работел како библиотекар, одржуваат бројни состаноци, договарања на кои ја организирале и запознавале младината со состојбата на фронтовите во тогашна Југославија. Неговата револуционерната активност била будно следена од бугарскиот окупатор, па така во март 1942 година, врз основа на сите сознанија, злогласниот бугарски агент Борис Жуглов од Скопје дошол во Кратово со цел да ја испита и провери неговата дејност.[1]

 
Бисти на двајцата соборци Јове Михајловски и Тошо Куковски

Како дел од партизаните

уреди

Во втората половина на 1943 година кога кумановскиот баталјон „Јордан Николов“ се почесто бил присутен на кратовскиот терен каде извршил неколку успешни борбени акции. Кратовските активисти се спремале да се приклучат кон партизаните, но поради можност за губење на логистичка позадина, било решено да останат во градот и да продолжат со нивните активности. Во почетокот на 1944 година била затворена гpyпа младинци од Кратово, па тоа било една од причините, Јове Михајловски заедно со Гоче Пазавански и Страхил Досев да се префрлат на Кумановскиот терен (16 февруари, 1944 година) и да се приклучат на кумановскиот партизански одред. На 26 февруари 1944 година се во стројот при формирањето на Треттата македонска ударна бригада во Жегљане. Наскоро бил назначен за заменик комесар на чета во вториот баталјон на Треттата македонска ударна бригада. Пред Бригадата и Косовскиот баталјон да ги извршат нападите на Пробиштип на 3 април 1944 година и на Кратово на 25 април 1944 година, преку своите другари кои останале на теренот - Цветко Тонев и Тошо Куковски, прибрал точни податоци за распоредот на бугарските окупаторски војски, врз основа на што се извршени успешните напади на овие два града. При повлекувањето на Бригадата од Кратово, голем број младинци од овој град пристапиле кон Бригадата.[1]

Како борец на Треттата македонска ударна бригада учествvвал во сите нејзини борбени акции (Селце, Биљача, Братоселце, Ристовац, Пробиштип, Кратово, Црноок, Црна Трава, Знеполе и други). Во јули 1944 година, по наредба на Генералниот штаб на НОВ и ПОМ, со група борци заминал на Плачковица каде требало да се формира Четвртата македонска бригада. На враќање, во придружба на двајца другари соборци, добил задача да ги согледа состојбите во Кратово, каде се создале услови на излегување на нова група во партизани, меѓутоа не успеал да продре во градот. Крај селото Горно Кратово наишле на заседа на бугароманска контрачета на Мите Опилски и морале да се повлечат кон Лисец. На патот за Герман, каде се наоѓала Бригадата, крај село Мождивњак, поминувајќи преку три бугарски заседи, тој бил тешко ранет. На 19 јули 1944 година крај местото Чифте Ан (село Псача - Кривопаланечко), бил заробен од бугарската војска. Три дена бил жестоко мачен и од него било барано да ја предаде организацијата во Кратово и плановите на Бригадата. Иако тешко ранет, изнемоштен и гладен, ја издржал храбро тортурата и достоинствено, како вистински револуционер, им извикувал на мачителите в очи:[1]

Вие дојдовте како окупатори и како такви ќе си одите од оваа земја. Вашите денови во Македонија се изброени.“

На 22 јули 1944 година бил стрелан од страна на Бугарската војска. За неговото храбро држење покрај селаните од селото Псача, пред чии очи Бугарите го тепале, неговата храброст ја потврдил подоцна и некој заробен бугарски офицер.[1]

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 1,6 Нивната борба за слобода, наш патоказ за иднината. Кратово: Општински одбор на СЗБ НОВ Кратово. 1985. стр. 23–25.