Тошо Куковски
Тошо Петров Куковски (25 февруари 1926 во Кратово — 16 август 1944 на Плачковица) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ.[1]
Тошо Куковски | ||
Роден | 25 февруари, 1926 година Кратово, Македонија под окупација на Кралство СХС | |
---|---|---|
Починал | 16 август, 1944 година Лисец, Плачковица, Македонија Убиен од бугарската окупаторска војска | |
Националност | Македонец | |
Татко | Петре | |
Мајка | Коца |
Животопис
уредиДетство и окупацијата на Македонија
уредиРоден е во повеќечлено сиромашно занаетчиско семејство од татко Петре и мајка Коца. На општинските избори во 1920 година, неговиот татко Петре бил чувар на црвената комунистичка кутија. Откако комунистите добиле мнозинство број на гласови, татко му Петре бил притворен и претепан. Тошо завршил основното образование во родниот град, а во време на бугарската окупација учел гимназија.[1]
Под влијание на истакнатиот и искусен револуционер Јове Михајловски, уште како гимназијалец ги прифатил напредните идеи, по што се ангажирал во формирање на скоевска организација во гимназијата. Иако млад со недоволно животно искуство, влијае и претставувал пример на своите другари и средина, со одлучност и упорност во спротивставување и попречување на активноста на формираната фашистичко-бугарска организацнја Браник во гимназијата. Со формирањето на скоевската организација бил поставен за секретар на истата. Бугарскиот окупатор го сметала за опасен за средината, поради што во 1943 година при еден училиштен бунт бил исклучен од училиштето.[2] Со своите неполни 17 години не можејќи да го продолжи образованието, се вработил во рудниците Добрево. Во новата средина затекнал погодно тло за реализирање на ширење на ослободителните идеи и се ангажирал за формирање скоевска организација. Покрај редовните работни обврски, тој постојано бил во движење, одржувал состаноци, ширел марксистичка литература, иницирал собирање оружје, муниција и експлозив, ги поттикнувал на саботажи во рудникот, влијаел врз напредните младинци за стапување во скоевската организација, одржувал врска со Кумановската организација, пренесувал пропаганден материјал и други слични активности.[1]
Семејната куќа во Кратово ја претворил во скривница на насобраните воени материјали. Бугарскиот окупатор вршел чести претреси на нивната куќа, но не можел ништо да открие. По приклучувањето на Јове Михајловски, Гоче Пазавански и Страхил Досев во партизани, тој се активирал на продолжување на нивната работа. Неговата активност била забележана од окупаторот. Во почетокот на март 1944 година тој со другарите Иљчо Миташевски, Ѓорѓи Мангрски, Иван Насев, Душко Канчев и Митко Каналиски при проучување важен материјал, поткажани од некого, биле уапсени од бугарската полиција. Пет дена поминале во кратовската полициска станица, Страцин и скопскиот затвор, каде биле изложени на жестоки тепања и малтретирања. Тие не предале никого и поради немање докази биле ослободени. По ослободувањето од затворот, тој уште поенергично ја продолжил револуционерната работа. Со другарите од Пробиштип прибрал точни податоци за окупаторскиот распоред, јачината и обезбедувањето на рудникот и така целосно оформени ги предал на Јове Михајловски, кој ја предводел патролата на Треттата Македонска ударна бригада и Косовскиот баталјон непосредно пред нападот на рудниците на 3 април 1944 година. Непосредно пред нападот на Кратово, од страна на Треттата Македонска ударна бригада и Косовскиот баталјон, тој повторно на Јове му предал целосни податоци за јачината на бугарскиот окупатор и за неговото обезбедување на градот. Благодарејќи на активноста на Тошо Куковски извршен е успешен напад и за првпат е ослободено Кратово, на 25 април 1944 година.[1]
Приклучување во партизани
уредиПосле првото ослободување на Кратово, тој со група младинци од градот се приклучува на бригадата и учествува во сите нејзини борби. Се истакнал со невидено херојство во борбите што бригадата ги водела на Црноок, Станиќин Крст, Знеполе, Костурино, Кушкули, Чупино Брдо и Петрова Гора, во кои му е нанесен тотален пораз на окупаторот. Во јули 1944 година тој бил во групата борци и раководители испратени од Главниот штаб на НОВ и ПОМ од кумановскиот терен за Плачковица, со задача да се формира Четвртата Македонска ударна бригада (формирана на 23 јули 1944 година во местото Лисец на Плачковица). Во јули и август бригадата извршила успешни напади на Блатец, Берово, Виница и други населени места. Тој успешно ја водел својата единица, а било планирано да се врати на кумановскиот терен и да стане командант на Кратовскиот одред, кој се формирал на 6 август 1944 година. На 16 август 1944 година при еден јуриш во борбите на Плачковица, тој бил смртно погоден од бугарскиот окупатор. Командант на Кратовскиот одред станал неговиот брат Стево Куковски.
Тошо смело загинал на врвот Лисец на Плачковица - не давајќи партизанското знаме на бригадата да падне во бугарски раце, што би било доказ на Бугарија дека ја совладала Четвртата македонска ударна бригада. Неговите соборци, го пронашле знамето издупчено од куршуми завиено околу телото на Тошо, кој по цена на живот го бранел и го одбранил знамето на бригадата.[2]
За покажаната храброст, посмртно е одликуван со Орден за храброст.[1]