Лисец (Плачковица)
Лисец — највисок врв на планината Плачковица со висина од 1.754 м. Врвот се издига во источниот дел од планината, каде што се и врвовите Чупино Брдо (1.725 м), Бел Камен (1.707 м) и Кара Тепе (1.625 м). Искачувањето на врвот е можно од северната, јужната и источната страна, при што најлесна е патеката од северната страна. Врвот е познат и како еден од врвовите во Македонија со најголем доглед.
Лисец | |
---|---|
Поглед кон врвот Лисец од гребенот на Чупино | |
Највисока точка | |
Надм. вис. | 1.754 м |
Координати | 41°46′51″N 22°30′24″E / 41.78083° СГШ; 22.50667° ИГД |
Географија | |
Матичен венец | Плачковица |
Искачување | |
Прво освојување | непознато |
Најлесен пат | Зрновци/Градец — Лисец |
Правци за искачување
уредиПостојат три правци на искачување на врвот: од северната, јужната и источната страна.
Најлесно е искачувањето на врвот од северната страна, коешто започнува од селото Зрновци или од селото Градец, при што растојанието изнесува околу 10 км.[1] Патеката од Зрновци во долниот дел главно се движи покрај течението на Зрновска Река, додека од селото Градец во долниот дел главно се движи покрај течението на Градечка Река. Патеките од двете села потоа се спојуваат во една, којашто продолжува до Лисечкото Било на надморска висина од околу 1.500 м, од каде се продолжува кон самиот врв.
Од јужната страна, искачувањето започнува од Радовиш и продолжува преку говедарската фарма Чешма мале, од каде што преку скратени патеки се излегува на асфалтен пат. Патот продолжува до селото Козбунар, од каде што повторно започнуваат скратените патеки. Во непосредна близина на шумската куќа повторно се излегува на асфалтен пат, а од шумската куќа по земјен пат во должина од 2 км се продолжува до планинарскиот дом „Џумаја“, кој се наоѓа на надморска висина од 1.420 м. Од Радовиш до планинарскиот дом може да се стигне и со возило по асфалтен пат во должина од 22 км. Правецот на движење од планинарскиот продолжува по обележана патека надолу кон реката Еден Дере, која се преминува неколкупати за да се стигне до подножјето на врвот.[2]
Од источната страна, искачувањето започнува од планинарскиот дом „Вртешка“ на надморска висина од 1.107 м. Планинарскиот дом е оддалечен околу 35 км од Штип и истиот е пристапен со возило. Почетното искачување од планинарскиот дом е по козја патека во правец на вилите на Штипска Плачковица на надморска на надморска висина од 1.280 м. Оттаму, искачувањето продолжува по асфалтен пат во должина од околу 800 до раскрсница на којашто се скршнува по патеката од десната страна. Понатаму се продолжува по макадамска патека, каде што се наидува на чешма, а по 1,5 км се пристигнува до месноста Џамија на надморска висина од околу 1.500 м. Кај месноста има раскрсница на којашто се скршнува по патеката од десната страна. По околу 250 м се наоѓа нова раскрсница и се продолжува по патеката која води кон и југоисток и завртува кон исток. Откако ќе се помине растојание од околу 2 км долж патеката, се наидува на обележана патека која води до врвот. Патеката најпрвин води надолу кон кањонот Улумија, а по околу 1,5 км се пристигнува до течението на реката Ломија на надморска висина од околу 1.000 м. По прминувањето на реката се продолжува по тесна козја патека на стрмна угорнина и по околу 1 км се поминува покрај врвот Криво Брдо (1.282 м). Патеката продолжува понатаму и по околу 1 км се пристигнува до месноста Побиен Камен на надморска висина од 1.407 м, од каде што може да се види врвот Лисец. Понатамѕ, по околу 2,5 км долж патеката се излегува на широк макадамски пат на надморска висина од 1.550 м, по што започнува директното искачување на врвот од неговата северна страна. Со искачување на пат во должина од околу 3 км се наидува на простор со трла, објекти и хелидром на надморска висина од 1.640 метри, по што се продолжува до самиот врв.[2]
Видик
уредиЛисец е еден од врвовите во Македонија со најголем доглед, односно најдалечна хоризонтална видикова линија. Во услови на ведро време и чиста атмосфера, од него може да се види планината Рила на исток, Солунскиот Залив на југ, а дури и планината Олимп. Благодарение на големиот доглед, во минатото на врвот се наоѓал воен радарски центар за набљудување, а во поново време е планирано поставување на астрономска опсерваторија.[1]
Галерија
уреди-
Поглед на Лисец од падините на Плачковица
-
Поглед на Лисец со шумата којашто се простира непосредно под врвот
-
Поглед на Лисец од врвот Чупино Брдо (1.725 м)
-
Поглед на Лисец од врвот Бел Камен (1.707 м)
-
Камен-бележник на врвот
-
Градба сместена на врвот
-
Страничен поглед на градбата сместена на врвот
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 М., И.. „Плачковица — планина која треба да се посети и доживее!“, Игеографија, 24 март 2012.
- ↑ 2,0 2,1 „Планината Плачковица“, Македониум.