Венецијанскиот трговец

(Пренасочено од Venecijanskiot trgovec)

„Венецијанскиот трговец“трагикомедија на Вилијам Шекспир за која се смета дека била напишана помеѓу 1596 и 1598 година. И покрај тоа што е класифицирана како комедија во Првото фолио и поседува одредени одлики на другите романтични комедии на Шекспир, оваа драма веројатно е најзапаметена по своите драматични сцени и по ликот на Шајлок и по познатиот говор „Нема ли Евреинот очи“.

Венецијански трговец

Ликови

уреди

Во драмата настапуваат следниве ликови:

  • Антонио — трговец од Венеција
  • Басанио — пријател на Антонио, вљубен во Порција, и нејзин додворувач
  • Грацијано, Соланио, Саларино, Салерио — пријатели на Антонио и Басанио
  • Лоренцо — пријател на Антонио и Басанио, вљубен во Џесика
  • Порција — богата наследничка
  • Нериса — помошничка на Порција
  • Балтазар — слуга на Порција
  • Стефано — слуга на Порција
  • Шајлок — богат Евреин, лихвар, татко на Џесика
  • Тубал — Евреин, пријател на Шајлок
  • Џесика — ќерка на Шајлок, вљубена во Лоренцо
  • Ланселот Гобо — слуга на Шајлок и на Басанио
  • Стариот Гобо — татко на Ланселот
  • Леонардо - слуга на Басанио
  • Дуждот од Венеција — венецијански владетел кој претседава со судскиот процес
  • Принцот од Мароко — додворувач на Порција
  • Принцот од Арагон — додворувач на Порција
  • Благородници од Венеција, службеници од Судот на правдата, чувар на затворот, слуги на Порција, и други присутни

Иако главниот лик во драмата е трговецот Антонио, а не Евреинот и лихвар Шајлок, сепак Шајлок е највпечатливиот и најславен лик од драмата. Ова јасно се прикажува и на насловната страница на првото кварто: „Најславната приказна за Венецијанскиот трговец.Со невидената суровост на Евреинот Шајлок кон споменатиот трговец, и сечењето на фунта од неговото месо: како и освојувањето на Порција со избирањето на еден од трите ковчежиња.“

Содржина

уреди

Прв чин

уреди

Во 14 век, Венеција била еден од најбогатите градови во светот. Меѓу најбогатите трговци во овој град е Антонио. Басанио, млад и благородник кој го потрошил својот имот, сака да отпатува за Белмонт за да ѝ се додворува на убавата и богата наследничка Порција. Тој го моли својот пријател Антонио, кој претходно постојано го спасувал од незгоди, да му даде три илјади дукати кои му се потребни да ги финансира своите тримесечни патни трошоци како додворувач. Антонио се согласува, но ги нема парите во готово, зашто неговите бродови и добра пловат по морето. Ветува дека ќе го покрие заемот доколку Басанио најде лихвар, па така, Басанио му се обраќа на Евреинот лихвар Шајлок и го назначува Антонио како жирант на заемот. Шајлок го мрази Антонио поради неговиот антисемитизам, прикажан преку сцената во која го навредува и го плука Шајлок само поради тоа што бил Евреин. Од друга страна, Антонио ја нарушува лихварската работа на Шајлок со тоа што позајмува пари без камата. Шајлок предлага еден услов за заемот: доколку Антонио не е во можност да ги врати парите на договорениот датум, тој да земе фунта од месото на Антонио. Басанио не дозволува Антонио да прифати еден толку ризичен услов, но Антонио го потпишува договорот. Со парите в рака, Басанио заминува за Белмонт со неговиот пријател Грацијано, кој се нуди да го придружува. Грацијано е допадливо момче, но е често непромислен, дрдорлив и непристоенж.[1] [2]

Втор чин

уреди

Во меѓувреме во Белмонт, Порција е преплавена од додворувачи. Нејзиниот татко ѝ оставил тестамент во кој наведува дека секој нејзин додворувач мора да го избере вистинското ковчеже од трите ковчежиња - златно, сребрено и оловно. Доколку го избере вистинскот ковчеже, додворувачот ја добива Порција, а доколку изгуби, мора да си замине и да не ѝ предложи брак на некоја друга жена. Првиот додворувач, луксузниот и опседнат со пари Принц од Мароко, го одбира златното ковчеже, затоа што според него оловното порачува: „Ме одбра ли на коцка ставаш сè“, а тој не сака да ризикува ништо за олово, „Ме одбра ли, што заслужи ќе имаш“ на сребреното звучи како покана за мачење, но „Кој мене ќе ме одбере, ќе има што мнозина го бараат цел живот“ јасно тврди дека оној којшто ќе го одбере златното ќе ја добие Порција. Внатре во ковчежето има неколку златни парички и череп со свиток на кој е напишан познатиот стих „Не е злато сè што свети/ тоа еден ли го сетил/ еден ли го скршил вратот/ да награба торба злато!/Во златен гроб црвен лази./ Ти, што се пред себе газиш/ да си мудар, колку смел,/ умен како старец бел,/ но со таа машка снага/ не би нашол ниту трага ти од овој студен збор/ збогум сега створе ќор!“[1]

Вториот доворувач е вообразениот Принц од Арагон. Тој решава да не го одбере оловното ковчеже, затоа што е просто, не сака да го одбере златното затоа што во тој случај ќе го добие она што сите мажи го посакуваат, а тој сака да се разликува од толпата. Оттука, тој одлучува да го одбере сребреното, затоа што според него сребреното порачува: „Ме одбра ли, што заслужи ќе имаш“, што смета дека мора да е нешто извонредно, затоа што како резултат на неговиот егоизам тој се смета за извонреден. Внатре во ковчежето се наоѓа слика на дворски шут и бастун како и пораката „Но, што е ова? ...насликан портрет на лудак, што ми нуди лист и жмирка! Да прочитам!... на портретот: но тој по сенката што трча/ во сенка среќата ја губи./... Кај која сакаш жена седи/ но сегде ваков ум те следи.” — што значи дека било непромислено од него да мисли дека таков вообразенко како него може да биде вистинскиот сопруг за Порција, и дека секогаш бил будалетинка, и ќе остане будалетинка, а тоа што го одбрал сребреното ковчеже е само доказ дека е будалетинка.[1]

Ланселот, слугата на Шајлок, преминува во служба кај Басанио. Истовремено, Грацијано, верниот другар на Басанио, бара да го земе со себе на патувањето во Белмонт. Џесика, ќерката на Шајлок, го користи отсуството на татко ѝ за да побегне со својот сакан Лоренцо, со намера да премине во христијанството при што со себе зема многу златници и накит. Малку подоцна, Шајлок го открива предавството на Џесика и испраќа луѓе во потрага по неа со цел да го врати украденото богатство. Во меѓувреме, во Белмонт, гласникот го најавува пристигнувањето на Басанио. Во меѓувреме, во Белмонт, гласникот го најавува пристигнувањето на Басанио.[3]

Трет чин

уреди

Од различни страни пристигаат гласови дека бродовите на Антонио потонале, така што тој е принуден да прогласи банкрот. Последниот додворувач на Порција е Басанио, кој го одбира оловното ковчеже. Додека тој размислува кое ковчеже да го избере, слугите на Порција пеат песна во која се вели дека „копнежот“ (не вистинската љубов) „в очи се раѓа болките ги блажи, туѓиот поглед нејзе и е храна“. Навидум како одговор на оваа мала филозофија, Басанио вели, „Зар еднаш било - надворешноста да не личи на јатката ни толку! Се лаже светот со накитите“. На крајот на истиот говор, пред да го избере најмалку вредниот и најневпечатлив, Басанио вели, „О тебе те одбрав јас, бидејќи ти ме трогна со својата едноставност, а не со речитост;/ блаженството го чекам од твоја страна!“ Тој го прави вистинскиот избор и така ја добива за жена. Тогаш, Порција му дава прстен заколнувајќи го никогаш да не се откаже од него. Истовремено, Грацијано ја објавува својата љубов кон Нериса, слугинката на Порција. Тогаш, во Белмонт пристигаат Џесика и Лоренцо. Басанио добива писмо од Антонио и така дознава за неговата пропаст. Шајлок ги одбива сите барања да му прости на Антонио и бара извршување на договорот. Затоа, Басанио и Грацијано веднаш заминуваат за Венеција, со парите на Порција, за да го спасат животот на Антонио, нудејќи му пари на Шајлок. Џесика и Лоренцо остануваат во Белмонт, а без знаење на Басанио и Грацијано, Порција го испраќа нејзиниот слуга, Балтазар, по совет од роднината на Порција, Беларио, адвокат, во Падова.[4] [1]

Четврти чин

уреди

Кулминацијата во претставата се случува на дворот на Дуждот од Венеција. Шајлок ја одбива понудата на Басанио од 6.000 дукати, двапати поголема од сумата на заемот и притоа ја бара фунтата месо од Антонио. Дуждот, желен да го спаси Антонио, но неподготвен да постави опасен правен преседан преку поништување на договорот, го проследува случајот на посетителот кој се претставува како Балтазар, еден млад „доктор по правни науки“, кој со себе носи писмо со препорака до Дуждот од учениот адвокат Беларио. Тоа е, всушност, Порција преправена во „докторот“, а Нериса која ја придружува е всушност преправена во „помошник адвокат“. Порција, во улога на „Балтазар“, бара од Шајлок да покаже милост во познатиот говор („Под принуденост милозливост и нема, на земјава ко благ дожд таа паѓа од небото ко двоен благослов; а благослов е и за тој што дава, а и за оној што ја прима неа“) со кој бара ослободување од долгот, но Шајлок одбива. Така, судот мора да му дозволи на Шајлок да земе фунта месо. Шајлок му вели на Антонио да се „подготви“. Во тој момент, Порција предочува грешка во договорот: залогот му дозволува на Шајлок да земе месо, не и „крв“ од Антонио. Така, доколку Шајлок пролее само капка од крвта на Антонио, неговиот „имот и добра“ ќе бидат одземени согласно венецијанските закони. Поразен, Шајлок се согласува да ја прифати паричната понуда на Басанио за дадениот заем, но Порција го спречува да ги земе парите затоа што тој веќе ги одбил. Потоа цитира закон согласно кој Шајлок, како Евреин и со тоа „странец“, со обидот да одземе живот на еден граѓанин, треба да го предаде својот имот, половина на државата и половина на Антонио, а неговиот живот се става во рацете на Дуждот. Дуждот веднаш го поштедува животот на Шајлок. Антонио го бара својот дел сè до смртта на Шајлок, кога тој ќе биде префрлен на Лоренцо и Џесика. На барање на Антонио, Дуждот му ја ветува половината од имотот кој преминува во сопственост на државата, но за возврат, Шајлок е принуден да ја промени верата во христијанство и да состави тестамент (или да потпише документ со кој целокупниот негов имот го предава (подарува) на Лоренцо и Џесика. По завршувањето на судењето, Басанио не ја препознава својата маскирана жена, но му нуди подарок на божемскиот адвокат. Во прво време „адвокатот“ (Порција) одбива, но по неговото инсистирање, Порција го бара неговиот прстен и ракавиците на Антонио. Антонио ги дава своите ракавици без размислување, но Басанио го дава прстенот само откако го убедува Антонио. Нериса, како помошник адвокат, исто така успева да го поврати својот прстен од Грацијано, кој не ја препознава поради маската. .[5] [1]

Петти чин

уреди

Порција и Нериса се враќаат дома пред да пристигнат Басанио, Грацијано и Антонио. Тогаш, Нериса го прекорува Грацијано поради тоа што на помошникот на правникот му го дал нејзиниот прстен. Басанио признава дека и тој го направил истото со прстенот на Порција, но од неа бара прошка и разбирање. Дури тогаш, Порција и Нериса ја кажуваат вистината, откривајќи дека тие се правникот и неговиот помошник кои учествувале на судењето. Истовремено, Порција објавува дека бродовите на Антонио не потонале, туку безбедно пристигнале во пристаништата, а Нериса кажува за тестаментот на Шајлок во корист на Џесика.[6]

Настанокот на делото

уреди

Се верува дека „Венецијанскиот трговец“ е напишан помеѓу 1596 и 1598 година. Драмата била спомената од страна на Френсис Мерес во 1598 година, така што веројатно била поставувана на сцена дотогаш, а насловната страница на првото издание во 1600 година наведува дека била изведувана „многупати“ дотогаш. Споменувањето на бродот на Саларино „Андреа“ најверојатно алудира на шпанскиот брод „Св. Андреа“ заробен од страна на Англичаните во Кадис во 1596 година. Исто така, периодот 1596–97 се смета за доследен со стилот на драмата.

Драмата била внесена во Регистарот на Здружението на книжари, начинот на кој во тоа време се добивало авторско право за нова драма, од страна на Џејмс Робертс на 22 јули 1598 година, под наслов „Венецијанскиот трговец“, познат и како „Евреинот од Венеција“. На 28 октомври 1600 година, Робертс го префрлил своето право врз претставата на сопственикот на книжарот Томас Хејс, кој го објавил првото кварто пред крајот на годината. Повторно било отпечатено како пиратско издание во 1619 година, како дел од таканареченото „Лажно фолио“ на Вилијам Џагард. Потоа, синот и наследник на Томас Хејс, Лоренс Хејс, побарал и добил одобрување за неговото право врз претставата, на 8 јули 1619 година. Се смета дека изданието од 1600 година е точно и доследно и дека е основата на текстот објавен во Првото фолио од 1623 година, во кое се наведени неколку сценски упатства кои главно се однесуваат на сценската музика.

Предавањето на смртоносниот залог на трговецот по дадената гаранција за заемот на пријателот е позната приказна во Англија од доцниот 16 век. Темата за фунтата човечко месо е преземена од еден расказ од збирката од 14 век „Пекороне“ (Il Pecorone) на Џовани Фјорентино, објавена во Милано во 1558 година.[1] Елементите од судската сцена може да се најдат и во „Ораторот“ на Александре Силване, објавен како превод во 1596 година. Се смета дека приказната за ќерката-бегалка е непосредно преземена од комедијата „Евреинот од Малта“ на Марлоу, додека темата за богатата наследничка е преземена од приказната за Gesta Romanorum за римскиот цар кој сакал да го ожени својот син.[1]

Изведби

уреди

Најстарата изведба за која е зачуван запис била одржана на дворот на Кралот Џејмс во пролетта 1605 година, по која следела и втора изведба неколку дена подоцна, но нема никаков запис за други последователни изведби во 17 век. Во 1701 година, Џорџ Гренвил поставил успешна адаптација, насловена „Евреинот од Венеција“, во која Томас Бетертон ја играл улогата на Басанио. Оваа верзија (пропратена со маска) била популарна и се играла во следните четириесет години. Гренвил ги отсликал ликовите на двајцата Гобовци во согласност со неокласичниот декор; додал затворска сцена помеѓу Шајлок и Антонио, и една подолга сцена со здравици во рамките на сцената со банкетот. Томас Доџет бил Шајлок, а улогата ја играл комично, дури и фарсично. Драмутргот Николас Роу го изразил своето негодување во врска со ова толкување дури во 1709 година; како резултат на успехот на Доџет во оваа улога, во идните продукции улогата на Шајлок му била доделувана на кловнот на трупата. Во 1741 година, Чарлс Маклин се навратил на оригиналниот текст со една навистина успешна продукција во Друри Лејн, трасирајќи му го патот на Едмунд Кин седумдесет години подоцна. Артур Саливан] ја напишал сценската музика] за претставата во 1871 година.

Инаку, „Венецијанскиот трговец“ е една од најмалку изведуваните драми на Шекспир. Во македонската театарска историја, драмата била за првпат поставена во 1970 година во МНТ, во режија на Хуго Клајн, а улогата на Шајлок ја играл Петре Прличко. Втората поставка на делото се случило дури на 7 март 2017 година на сцената на Драмскиот театар - Скопје, во режија на Наташа Поплавска, а улогата на Шајлок ја играл Јовица Михајловски.[1]

Препев на „Венецијанскиот трговец“ од Шекспир на македонски јазик е направен во 1908 од револуционерот Тодор Лазаров Хаџидимитриев во затворот во Триполи. Препевот на штипјанецот Тодор Хаџидимитриев, изработен во ракопис, со курзивно писмо, според сигнатурата е направен во периодот 17-27 април 1908 година, во периодот додека ја издржувал затворската казна покрај пристаништето Триполи (арапски: Тарабулис) во тогашниот Сириски ејалат, денес Либан. „Тоа е веројатно првата македонска калиграфија. Неговиот курзив,т.е италик со денешни зборови, е навезен со уметничка форма. При анализите забележав дека станува збор за автохтон превод, никој никогаш пред него во Македонија го немал преведувано Шекспир. Користи лексика од штипско-кочанскиот крај, но е забележително влијанието на бугарскиот јазик. Ракописот не е редактиран, има колоквијален јазик. Тоа е можеби говор кој денес би можеле да го сретнеме кај повозрасните лица во подрачјата по течението на реката Брегалница“. Хаџидимитриев влегува во пренесувањето на Шекспир со драматуршки пртистап толку прецизен, луциден, што самиот прави популарно речено штрих.

Извори

уреди
  • Abend-David, Dror, Scorned My Nation: A Comparison of Translations of The Merchant of Venice into German, Hebrew, and Yiddish. New York: Peter-Lang, 2003, ISBN 978-0-8204-5798-7.
  • Adler, Jacob (translated and with commentary by Lulla Rosenfeld), A Life on the Stage: A Memoir. New York: Knopf, 1999, ISBN 0-679-41351-0.
  • Bloom, Harold (2007). Heims, Neil. ed. The merchant of Venice. New York: Infobase. ISBN 0-7910-9576-2.
  • Caldecott, Henry Stratford: Our English Homer; or, the Bacon-Shakespeare Controversy (Johannesburg Times, 1895).
  • Gross, John, Shylock: A Legend and Its Legacy. US: Touchstone, 2001, ISBN 0671883860; ISBN 978-0671883867.
  • Smith, Rob, Cambridge Student Guide to The Merchant of Venice. ISBN 0-521-00816-6.
  • Yaffe, Martin D., Shylock and the Jewish question.
  • Архивите на НУБ,според системот КОБИС

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 1,6 1,7 Вилијам Шекспир, Венецијански трговец. Скопје: НУ Драмски театар - Скопје, 2017.
  2. Вилјем Шекспир, Млетачки трговац (без место и дата), стр. 1-27.
  3. Вилјем Шекспир, Млетачки трговац (без место и дата), стр. 28-64.
  4. Вилјем Шекспир, Млетачки трговац (без место и дата), стр. 65-99.
  5. Вилјем Шекспир, Млетачки трговац (без место и дата), стр. 100-128.
  6. Вилјем Шекспир, Млетачки трговац (без место и дата), стр. 129-147.