Инсекти

(Пренасочено од Insecta)
Инсекти

Инсектите (научно: класа Insecta, од лат. insectum, позајмено од грч. entomon - „расечи на делови“) — група членконоги што имаат хитински надворешен скелет, триделно тело (глава, торакс и абдомен), три пара на членести екстремитети, сложени очи и две антени. Тие се една од најразнообразните групи на животни на планетава, со преку милион опишани видови и сочинуваат повеќе од половина од сите познати живи суштества.[1][2] Бројот на рецентни видови се проценува на шест и десет милиони,[1][3][4] и веројатно претставуваат над 90% од различните животински форми на Земјата.[5] Инсектите може да се најдат во речиси сите животни средини, иако само мал број на видови се среќаваат во океанот, станиште во кое доминира друга членконожна група — раковите.

Инсекти
Период: ран девон – денес
Од горе-лево, па на десно: мува танчарка (Empis livida), долгоносен чурилкар (Rhinotia hemistictus), австралиски ровец (Gryllotalpa brachyptera), германска оса (Vespula germanica), евкалиптен молец смолар (Opodiphthera eucalypti), бубачка грабливец (Harpactorinae)
Научна класификација [ у ]
Царство: Животни
Тип: Членконоги
Поттип: Шестноги
Класа: Инсекти
Linnaeus, 1758
Поткласи и редови
  • Двозглобни инсекти
  • Еднозглобни
  • Животните циклуси на инсектите се различни, но повеќето се изведуваат од јајца. Растот на инсектите е ограничен од страна на нееластичниот надворешен скелет (егзоскелет), при што во текот на развитокот тие неколкупати го преслекуваат. Незрелите стадиуми можат да се разликуваат од возрасните по својата градба, навики и станишта каде живеат и може да се претставени со пасивен куклен стадиум кај оние групи кои подлежат на целосна метаморфоза. Инсектите може да подлежат и на нецелосна метаморфоза, при што недостасува куклениот стадиум, а возрасните единки се развиваат преку последователни ларвални стадиуми. Повисоките врски во групата Hexapoda се нејасни. Фосилизирани инсекти со огромна големина се најдени од Палеозоикот, како на пример, џиновски вилински коњчиња со должина на крилата од 55 до 70 cm. Најразновидните групи на инсекти коеволуирале со цветните растенија.

    Морфологија и анатомија

    уреди
     
    Еволуцијата произвела голем вариетет на инсекти. Ова се некои од можните форми на антени.
     
    Анатомија на инсект
    A- Глава   B- Торакс   C- Абдомен
    1. антена
    2. очели (долни)
    3. очели (горни)
    4. сложено око
    5. мозок (церебрална ганглија)
    6. проторакс
    7. дорзална артерија
    8. трахеални цевчиња (труп со спиракули)
    9. мезоторакс
    10. метаторакс
    11. предни крила
    12. задни крила
    13. средно црево (желудник)
    14. срце
    15. овариум
    16. задно црево (црево, право црево и анус)
    17. анус
    18. вагина
    19. нервно ткиво (абдоминална ганглија)
    20. Малпигиеви цевчиња
    21. перница
    22. канџи
    23. тарзус
    24. тибија
    25. фемур
    26. трохантер
    27. предно црево (жлездест и мускулест желудник)
    28. торакална ганглија
    29. кокса
    30. плунковна жлезда
    31. подголточна ганглија
    32. усни делови
     
    Кинеска богомолка, ред Orthoptera.

    Должината на инсектите е мошне варијабилна, од пердувокрилестата џуџеста буба, која одвај се гледа со голо око (долга е 0,25 mm), па сѐ до подвижниот стап на Југоисточна Азија, кој е долг до 50 cm кога неговите екстремитети се испружени. Меѓутоа, најголемиот број од инсектите се големи меѓу 6 и 25 mm. Најтешкиот член во светот на инсектите е Африканската Голијат буба, која тежи околу 85 g, неколкупати повеќе отколку тежината на некои помали птици.

    Независно од нивната големина, сите возрасни инсекти имаат сличен план на градба на телото, кој вклучува егзоскелет, глава, торакс и абдомен. Егзоскелетот го заштитува инсектот, давајќи ја формата на телото и ги прицврстува неговите мускули. Главата ги содржи повеќето од сетилните органи на инсектот, како и неговиот мозок и устата. Тораксот, односно телесниот сегмент за кој се прицврстуваат крилата и екстремитетите, е центар за движење на инсектот. Издолжениот и голем абдомен на инсектот е местото каде храната се обработува и каде се наоѓаат репродуктивните органи.

    Надворешен скелет (егзоскелет)

    уреди

    Како и кај другите членконоги, егзоскелетот на инсектите се состои од полуригидни плочки и цевчиња. Кај инсектите, овие плочки се состојат од пластиковиден материјал наречен хитин кој е во комбинација со белковина. Водоотпорна восочна покривка ги обложува плочките и превенира исушување на внатрешните ткива.

    Глава

    уреди

    Еден инсект добива важни информации за околината во која се наоѓа преку своите антени. Тие се протегаат од предниот дел на главата, обично меѓу и нешто над очите на инсектот. Иако антените некогаш се наречени чувствувачи, нивната првична улога е осетување на мирисот. Антените се обрабени со бројни мирисни нерви, преку кои инсектот намирисува храна и ги детектира феромоните или молекулите кои носат мирис, ослободени од потенцијалните партнери. На пример, некои инсекти, како мравките и медоносните пчели, ги допираат антените меѓусебно за да ги разликуваат партнерите од натрапниците и за да делат информации за извори на храна или опасност. Антените на комарците можат да детектираат звуци и ароми.

    Торакс

    уреди

    Тораксот, кој се наоѓа веднаш после главата, е место за кое се припојуваат екстремитетите и крилата на инсектот. Возрасните инсекти можат да имаат еден или два пара на крила, или пак тие да отсуствуваат, но тие речиси секогаш поседуваат шест екстремитети. Кај некои инсекти, како тврдокрилците, екстремитетите се практично идентични, но кај други инсекти секој пар е со малку поразлична форма. Сепак, некои инсекти имаат специјализирана структура на екстремитетите. Пример за тоа се богомолките кои имаат предни екстремитети за раскинување и прободување, вооружени со смртоносни боцки; како и штурците и болвите, кои имаат големи, мускулести задни екстремитети кои ги катапултираат во воздухот. Предните нозе на молците се изменети за копање, а грбнопливачите имаат задни нозе превдидени за пливање.

    Абдомен

    уреди

    Зад тораксот се наоѓа абдоменот, дел од телото чија функција е поврзана со дигестијата и репродукцијата. Абдоменот содржи два дела од дигестивниот тракт: средното црево, кое го вклучува и желудникот, и задното црево. Кај сите инсекти има Малпигиеви цевчиња кои лежат меѓу средното и задното црево. Овие цевчиња ги отстрануваат екскретите од крвта и ги предаваат на цревата.

    Таксономија

    уреди
     
    Голијат буба (Goliathus regius).
     
    Collembola.
     
    Protura.
     
    Ephemeroptera.
     
    Chorthippus biguttatus, штурец.

    Ова е список на редови и повисоки таксони на инсекти.

    Во поттипот шестоноги, неколку групи како Земјините болви (Collembola), обично се третираат како инсекти; меѓутоа некои автори ги третираат како различни од инсектите бидејќи тие имаат различно еволутивно потекло. Ова е случај и со останатите членови на внатрешноусните (Entognatha): безантенците (Protura) и двоопашестите (Diplura).

    Вистинските инсекти, тие од класата Insecta, се разликуваат од сите други членконоги по тоа што имаат ектогнатни или изложени (надворешни) усни делови и единаесет абдоминални сегменти. Поради ова, вистинските инсекти често се нарекуваат и како Ectognatha (надворешноусни). Многу групи на инсекти крилати како возрасни единки. Егзоптериготниот дел од Neoptera понекогаш се дели на Orthopteroida (каде се присутни церци) и Hemipteroida (каде отсуствуваат церци).

    Поткласа Apterygota (бескрилни инсекти)

    Поткласа Pterygota (инсекти со крила)

    • Инфракласа Paleoptera (може да е парафилетска)
    Суперред Exopterygota
    Суперред Endopterygota
    Суперред Amphiesmenoptera
    Incertae sedis

    Еволуција

    уреди
     
    Пеперутка Junonia villida.

    Инсектите најверојатно еволуирале од некој примитивен член од надкласата Myriapoda за време на Силур (пред околу 400-440 милиони години). Во овој период од геолошката историја, васкуларните растенија тукушто започнале со освојување на копното. Овие растенија несомнено претставувале нов и огромен неексплоатиран извор на храна и засолниште, а е евидентно од раните фосилни пронајдоци дека инсектите биле брзи во искористувањето на овој нов ресурс. Нивниот штотуку стекнат успех во овие суви, копнени услови се должел најмногу на егзоскелетот со надворешен слој од восочна кутикула за да се минимизира исушувањето.

    Иако не постојат фосилни пронајдоци за првите инсекти, разумно е да се шпекулира дека инсектите еволуирале независно од другите шестоноги (споредба на главени структури и усни делови). Како што и претходно се спомена, сите примитивни инсекти имаат ектогнатни усни делови (мандибулите и магзилите не се затворени со главената празнина). Овие усни делови се најчесто насочени надолу од вентралната страна на главата (хипогнатни) отколку нанапред од предниот дел на главата (прогнатни) како кај другите хексаподи. Инсектите исто така еволуирале со додатен склерит (клипеус) на предната површина од главената капсула. Мускулите се протегаат од клипеусот до горните ѕидови на предусната празнина (цибариум) зад усните делови. Кога овие мускули се контрахираат, цибариумот се зголемува и ја цица храната кон устата.

    Најраните фосилни инсекти се пронајдени во девонските карпи. Тие се неверојатно слични со инсектите кои денес ги нарекуваме праменоопашести. Овие ,,најпримитивни‘‘ инсекти се членови на поткласата Apterygota (бескрилци). Тие се без крилја и имаат аметаболен развиток. Во минатото, ентомолозите ги групирале сите примитивни бескрилни инсекти во еден ред (Thysanura). Но, од неодамна, оваа класа е поделена на три реда: Archaeognatha, Thysanura и Monura. Од сите овие, Archaeognatha и Thysanura преживеале до денес. Овие аптериготни редови делат неколку ,,примитивни‘‘ особини со многуногите и неинсектските хексаподи. Прво, тие продолжуваат да се преслекуваат дури и како адулти. Некои Thysanura, на пример, можат да живеат и до неколку години и да се преслечат 40-50 пати. Второ, аптериготните инсекти имаат кратки и сегментирани телесни додатоци долж страните на абдоменот. По се изгледа дека овие структури се хомологни со екстремитетите за одење на многуногите. Трето, мажјаците произведуваат сперматофори кои се положуваат на земјата и подоцна се собираат од женката (надворешно оплодување). Некои видови развиле елаборирани ритуали на парење кои ја осигуруваат брзата и ефикасна размена на сперматофори.

    Инсектите како мотив во уметноста и во популарната култура

    уреди

    Инсектите како мотив во книжевноста

    уреди
    • „За мушичките“ — басна на Михо Атанасовски.[6]
    • „Стонога“ — песна за деца на хрватскиот поет Григор Витез.[7]
    • „Балада за еден крал, како и за една болва“ (руски: Баллада об одном короле и тоже об одноҋ блохе) - песна на рускиот поет Владимир Мајаковски од 1919 година.[8]
    • „за карактерот на инсектите“ - кус расказ на македонскиот писател Хигсов Бозон од 2011 година.[9]
    • „Комарци“ - кус расказ на македонскиот писател Климент Булоски (под псевдонимот Дозгулпмус) од 2008 година.[10]
    • „Долгонога мува“ (англиски: Long-Legged Fly) - песна на англискиот поет В. Б. Јејтс.[11]
    • „Преобразба“ - расказ на Франц Кафка.[12]
    • „Пеперуга“ — песна на македонскиот поет Блаже Конески.[13]
    • „Првата шумска фабрика“ — песна на македонскиот поет Васе Тодоров - Шлеговец.[14]
    • „Ресторанот крај потокот“ — песна на македонскиот поет Васе Тодоров - Шлеговец.[15]
    • „Навредени мравки ѕидари“ — песна на македонскиот поет Васе Тодоров - Шлеговец.[16]
    • „Од птичја перспектива“ - песна на полската поетеса Вислава Шимборска.[17]
    • „Тавтабити“ - расказ на полскиот писател Бруно Шулц.[18]

    Инсектите како мотив во музиката

    уреди
    • „Бубачка“ (англиски: Bug) - албум на американската рок група Dinosaur Jr. од 1988 година.[19]
    • „Таму каде што се мувите“ (англиски: Where The Flies Are) - песна на британската поп-рок пејачка Дениел Дакс (Danielle Dax) од 1987 година.[20]
    • „Мува“ (англиски: Fly) - песна на британскиот поп-рок пејач Ник Дрејк (Nick Drake) од 1970 година.[21]
    • „Мува“ (англиски: The Fly) - песна на ирската рок група „У2“ (U2) од 1991 година.[22]
    • „Пеперутки“ (англиски: Butterflies) - песна на британската рок-група „Калт“ (Cult) од 1984 година.[23]
    • „Пеперутка“ (англиски: Butterfly) - песна на германската рок-група „Кен“ (Can) од 1968 година.[24]
    • „Ноќна мушичка“ (англиски: The Nightfly) — песна од истоимениот музички албум на американскиот рок-музичар Доналд Фејген (Donald Fagen) од 1982 година.[25]

    Наводи

    уреди
    1. 1,0 1,1 Chapman, A. D. (2006). Numbers of living species in Australia and the World. Canberra: Australian Biological Resources Study. стр. 60pp. ISBN 978-0-642-56850-2. Архивирано од изворникот на 2012-11-30. Посетено на 2010-04-24.
    2. Wilson, E.O. „Threats to Global Diversity“. Архивирано од изворникот на 2015-02-20. Посетено на 2009-05-17.
    3. Vojtech Novotny, Yves Basset, Scott E. Miller, George D. Weiblen, Birgitta Bremer, Lukas Cizek & Pavel Drozd (2002). „Low host specificity of herbivorous insects in a tropical forest“. Nature (journal). 416: 841–844. doi:10.1038/416841a. noCS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
    4. Erwin, Terry L. (1997). Biodiversity at its utmost: Tropical Forest Beetles. стр. 27–40. In: Reaka-Kudla, M. L., D. E. Wilson & E. O. Wilson (eds.). Biodiversity II. Joseph Henry Press, Washington, D.C.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link) CS1-одржување: излишен текст: список на автори (link)
    5. Erwin, Terry L. (1982). „Tropical forests: their richness in Coleoptera and other arthropod species“. Coleopt. Bull. 36: 74–75.
    6. Басни (избор). Просветно дело, Редакција „Детска радост“, Скопје, 2009, стр. 47.
    7. Григор Витез, Песни. Мисла, Македонска книга, Култура, Наша книга и Детска радост, Скопје, 1990, стр. 23-24.
    8. Владимир Мајаковски, Песме и поеме. Нови Сад: Академска књига, 2015, стр. 104-105.
    9. Хигсов Бозон, Педерски Катахрезис, Темплум, Скопје, 2011.
    10. Дозгулпмус, Тритонус, Темплум, Скопје, 2008.
    11. „W. B. Yeats“, во: Kenneth Allot, ed., The Penguin Book of Contemporary Verse 1918 – 60. Harmonsworth, Middlesex, UK: Penguin Books, 1962, стр. 47.
    12. Riba, patka, vodozemac: Priče o životinjama (Priredila Ljubica Arsić). Beograd: Laguna, 2014, стр. 89-146.
    13. Блаже Конески, 'Везилка. Скопје: Арс Ламина - публикации, Арс Либрис, 2021, стр. 45.
    14. Васе Тодоров - Шлеговец, Магија на детството. Скопје: александар & александар, 2000, стр. 39.
    15. Васе Тодоров - Шлеговец, Магија на детството. Скопје: александар & александар, 2000, стр. 40.
    16. Васе Тодоров - Шлеговец, Магија на детството. Скопје: александар & александар, 2000, стр. 43.
    17. Vislava Šimborska, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg, 2014, стр. 181.
    18. Bruno Šulc, Cimetaste prodavnice. Beograd: Paidea, 2015, стр. 81-84.
    19. Discogs, Dinosaur Jr. ‎– Bug (пристапено на 3.6.2020)
    20. YouTube, Danielle Dax - Where The Flies Are (пристапено на 18.12.2017)
    21. YouTube, Nick Drake - 07 - Fly (by EarpJohn) (пристапено на 25.3.2019)
    22. Discogs, U2 ‎– Achtung Baby (пристапено на 30.6.2019)
    23. Azlyrics, The Cult Lyrics (пристапено на 12.11.2016)
    24. „Metrolyrics, Butterfly Lyrics (пристапено на 12.11.2016)“. Архивирано од изворникот на 2020-06-10. Посетено на 2017-01-21.
    25. Discogs, Donald Fagen ‎– The Nightfly (пристапено на 21.3.2021)