Чкембари
Чкембари се една од најстарите навивачки групи во Македонија која ги поддржува сите спортски клубови од Битола кои го носат името Пелистер. Со ФК Пелистер најголем успех им е освојувањето на купот во 2001, кога Пелистер стигнал до третото кваликациско коло од купот на УЕФА каде биле елиминирани од шпанската Селта Виго.
Историја
уредиКако почеток на создавањето на Чкембари се смета 1985 година, кога на бараж натпреварот за опстанок во Првата Југословенска ракометна лига за мажи помеѓу РК Пелистер и РК Партизан од Бјеловар, од Битола се упатил навивачки караван од 21 автобус, организирани во тоа време под името БМЧМ (Битолчани, Мотокари, Чкембари, Македонци).
Навивањето во Битола постоело од поодамна на сите спортски манифестации што се одржувале во Битола, но кога станува збор за организирано навивање и бодрење на Пелистер на секоја средба, тоа започнало со појавата на навивачката група во 1986 година кога биле создадени и првите зелено бели транспаренти на кои пишувало „Hell Boys“ (македонски: Пеколни момци) и „Green Conquerors“ (македонски: Зелени освојувачи).
Подгрупи
уредиНавивачката група Чкембари е составена од неколку подгрупи кои имаат свои транспаренти и знамиња, и најчесто се состојат од навивачи кои се од иста населба. Прва официјална подгрупа на Чкембари била Chaos од населбата Нова Битола, формирана во 1985, а се распаднала во 1996, а во 1992 како нејзин наследник била формирана подгрупата Extremo Karpos која е активна до денес. Подоцна, во 2004 била формирана сѐ уште активната Green Front од населбата Јени Маале. Во 2008 биле формирани уште две нови подгрупи, и тоа Ultras Bair од населбата Баир, како и подгрупата Boys from Centar (BFC) од централното градско подрачје.
Соперништва
уредиЕдно од најголемите соперништва во македонскиот фудбал е соперништвото на Чкембари и Комити. Нивниото соперништво започнало во сезоната 1989/1990 на натреварот во Скопје, помеѓу ФК Вардар и ФК Црвена Ѕвезда, кога дошло до судир меѓу скопските панкери и мал број битолски навивачи кои оделе во тоа време да навиваат за Вардар, кој во тоа време бил најпознат македонски фудбалски клуб.
На натпреварите помеѓу ФК Вардар и ФК Пелистер често се случувале немили настани и епизоди, од кои најпознат е инцидентот во 1993 на градскиот стадион во Битола година на натпревар од првата фудбалска лига на Македонија кога Чкембарите го демолирале стадионот, ја срушиле заштитната ограда и почнале да се тепаат со полицијата сакајќи да стигнат до гостинските навивачи. При настанот биле повредени десеттина полицајци, а околу 200 чкембари биле приведени. Во секој случај, не дошло до директен судир на навивачките групи.
Иако овие две екипи важат за најголеми соперници во Македонија, за време на настапи на државните репрезентации на Македонија навивачите на двете групи се навиваат заедно за репрезентациите. Неколку примери се светското првенство во ракомет за мажи кое се одржало во Хрватска во 2009, како и европското првенство исто така во ракомет за мажи, кое се одржало во Италија во 1998. За време на фудбалските натпревари на македонската репрезентација, Чкембарите се позиционираат на источната трибина на градскиот стадион во Скопје, спроти комитите кои седат на западната трибина.