Црвена Вода (Скопско)

село во Општина Студеничани
(Пренасочено од Црвена Вода, скопско)

Црвена Вода — село во Општина Студеничани, во областа Торбешија, во околината на градот Скопје.

Црвена Вода

Поглед на селото Црвена Вода

Црвена Вода во рамките на Македонија
Црвена Вода
Местоположба на Црвена Вода во Македонија
Црвена Вода на карта

Карта

Координати 41°51′27″N 21°27′32″E / 41.85750° СГШ; 21.45889° ИГД / 41.85750; 21.45889
Регион  Скопски
Општина  Студеничани
Област Торбешија
Население 8 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1050
Повик. бр. 02
Шифра на КО 25026
Надм. вис. 640 м
Црвена Вода на општинската карта

Атарот на Црвена Вода во рамките на општината
Црвена Вода на Ризницата

Потекло и значење на името

уреди

Името на селото доаѓа од истоимениот извор, кој се наоѓа јужно од селото, на патот за Калдирец. Изворот има соленикава вода и црвен железен раствор, кој се таложи по околната почва. Слични соленикави извори со вода се наоѓаат на уште три места во атарот на селото.[2]

Географија и местоположба

уреди
 
Поглед на селото од планината Китка

Ова село се наоѓа во областа Торбешија, во југозападниот дел на Скопската Котлина, на територијата на Општина Студеничани, во средното сливно подрачје на Маркова Река.[3] Селото е ридско, на надморска височина од 640 метри. Од градот Скопје е оддалечено 22 километри.[3]

Селото е особено планинско, сместено на десниот брег од долинската падина на Дрежничка Река. Околни села се: Горно Количани на север и Калдирец на југ. Во селото постои еден извор со вода, кој е соѕидан во чешма на сретсело. Околу селото постојат и изворите: Црвена Вода, Дуаниште, Ливад Трлес и други.[2]

Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Шулон (Присој), Ограде, Аре Мад (Голема Нива), Шкоза (Грабер), Леска, Болов, Лис, Феришта (Папрат), Љак, Пресни Торб (Празна Торба), Богданска Нива (на граница со Драчевица), Лајка, Вртешка, Трла Меле, Говедарница, Градиште, Гора Нема, Кодре Трлас, Дуаниште, Ворате (Гробишта), Крс, Ареми Камен (Арамиски Камен) и Ливада Кишес (Црковна Ливада).[2]

Селото има збиен тип. Селото е поделено на маала, кои ги носат имињата на родовите кои ги населуваат, како што се Ѓаче, Синан, Рамче, Реч и Меролар.[2]

Историја

уреди

Во атарот на Црвена Вода, но и во самото село, има неколку старини, поради што наведува дека селото е старо. На патот кон селото Калдирец се наоѓа утврдување во руини наречено Градиште (во месноста Вртешка). Утврдувањето било направено за да го надгледува патот кој водел преку Мокра Планина. На истиот пат за Калдирец, 800 метри југоисточно од селото, се наоѓа местото Црковна Ливада (Ливада Кишес). Таму се наоѓаат остатоци од некогашна стара црква (ќерамиди и цигли), а во близина на местото се наоѓаат и купови со камења, што укажува дека на тоа место имало и куќи.[2]

Остатоци од старини има и на месноста Крс (под селото), каде во нивите се забележуваат остатоци од ѕидови. Во месноста во минатото се забележувал голем камен крст вкопан во земјата. Во самото село, на местото на денешната џамија, се наоѓале христијански гробови со плочи, кои подоцна биле уништени од страна на муслиманите.[2]

Во XIX век, селото е дел од нахијата Каршијак во Скопската каза во Отоманското Царство.

За време на турското владеење, православното население кое го населувало селото било раселено. На почетокот на XIX век, денешното село било основано од муслимански доселеници со потекло од Албанија. Предците на основачите на селото бегале од крвна одмазда. Пред да дојдат во Црвена Вода, првите родови се задржувале во низинското село Горно Лисиче. По основањето, селото се зголемувало со нови доселувања и природен прираст.[2]

Стопанство

уреди

Атарот зафаќа простор од 8,5 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 559 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 122 хектари, а на пасиштата 70 хектари.[3]

Селото, во основа, има полјоделско-шумарска функција.[3]

Население

уреди
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948286—    
1953316+10.5%
1961247−21.8%
1971186−24.7%
198198−47.3%
ГодинаНас.±%
19910−100.0%
199447—    
200246−2.1%
20218−82.6%

Според опширните османлиски дефтери за населението на Скопската Каза од 1832/33 година, селото било муслиманско, со 12 муслимански домаќинства. На овој попис биле забележани 35 мажи муслимани, со 8 новороденчиња. Се проценува дека селото во тој период имало 86 жители.[4]

Стефан Верковиќ во 1857 година го забележува со 152 жители.[5]

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Црвена Вода имало 170 жители, сите Албанци[6].[7]

После Втората балканска војна, 1913 г. селото влегува во границите на Србија, како дел од општина Горно Количани и има 240 жители.[8]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 250 Албанци.

Во 1961 година броело 247 жители, додека во 1994 година бројот се намалил на 47 жители.[3] Намалувањето се должи на иселувањето на населението кон Турција, каде претходно се изјасниле како Турци.

Пописот од 1991 година не бил целосно одржан во селото Црвена Вода, бидејќи неговото население одбило да учествува, односно го бојкотирало неговото одржување, поради што за таа пописна година, за селото нема податоци.[заб 1]

Според пописот од 2002 година, во селото Црвена Вода живееле 46 жители, сите Албанци.[9]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 8 жители, од кои 6 Албанци и 2 лица без податоци.[10]

Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Црвена Вода:

Година Македонци Албанци Турци Срби Ост. б.п. Вкупно
1948 286
1953 0 129 187 0 0 316
1961 0 32 214 1 0 247
1971 0 14 171 0 1 186
1981 2 62 27 0 7 98
1991 0 0 0 0 0 0
1994 0 47 0 0 0 47
2002 0 46 0 0 0 46
2021 0 6 0 0 0 2 8

* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години

До средината на педесеттите години од XX век ова село како и останатите од областа Торбешија било населено со Македонци - Муслимани т.н. Торбеши по кои е добиено името на областа и Турци, кои во крајот на педесеттите масовно се имаат иселено во Турција.

Родови:

уреди

Црвена Вода е албанско муслиманско село, иако до почетокот на XIX во него живеело само македонско православно население.[2]

Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1960-тите години родови во селото се: Синан (14 к.), припаѓаат на фисот Круја Зи, кои дошле од Северна Албанија најпрвин во некое косовско село, потоа во Горно Лисиче и на крај во Црвена Вода. Во родот Синан го знаат следното родословие: Амет (жив на 60 г. во 1958 година) Бафтијар-Адем-Зендел-Синан, основачот на родот; Ѓаче (10 к.), припаѓаат на фисот Гаш од Северна Албанија, каде биле католици. Се доселиле тројца браќа Беќир, Асан и уште еден. Во селото дошле преку косовско село, а родословието им е следно: Саќип (жив на 41 г. во 1958 година) Веап-Арслан-Незир-Беќир, еден од браќата што се доселиле. Веднаш по доселувањето третиот брат поради земја убил некој Албанец од соседното Драчевица, поради што се иселиле во Рамни Габер, каде основал свој род; Рамче (5 к.), по потекло од Северна Албанија, го знаат следново родословие: Осман (жив на 80 г. во 1958 година) Џафер-Мемет, основач на родот; Реч (5 к.), од фисот Красниќ, а името на родот им е од местото од каде што се доселиле во Северна Албанија; Дукалар (4 к.), потекнуваат од домазет кој се доселиле од Палиград; Сулејман (2 к.), дошле околу 1912 година од Палиград, но не го знаат своето понатамошно потекло.

Општествени установи

уреди
  • Основно училиште

Самоуправа и политика

уреди

Во XIX век, Црвена Вода било село во Скопската каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Студеничани, една од ретките општини која не била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото исто така било дел од некогашната Општина Студеничани.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Кисела Вода. Селото припаѓало на некогашната општина Драчево во периодот од 1955 до 1965 година.

Во периодот 1950-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Горно Количани, во која покрај селото Тисовица, се наоѓале и селата Алдинци, Горно Количани, Долно Количани, Драчевица, Калдирец и Пагаруша.

Избирачко место

уреди

Во селото се наоѓа избирачкото место бр. 2356 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште. Во избирачкото место е опфатено и селото Калдирец.[11]

На парламентарните избори во 2020 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 42 гласачи.[12]

Културни и природни знаменитости

уреди
Џамии[13]

Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 2,7 Трифуноски, Јован (1958). Слив Маркове Реке. Скопје: Филозофски факултет - Скопје. стр. 169–171.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 312. Посетено на 3 август 2021.
  4. Османлиски документи за историјата на Македонија - пописи од XIX век на муслиманското население - Скопски Санџак, каза Скопје. Скопје: д-р Емил Крстески. 2020.
  5. Верковиќ, Стефан (1889). Топографическо-этнографическій очеркъ Македоніи. Санкт Петербург.
  6. Албанците биле забележани како Арнаути.
  7. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 215.
  8. Речник на местата во ослободената област Стара Србија по службени податоци. Белград: Мил. Ант. Вујиќ. 1914.
  9. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 3 август 2021.
  10. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  11. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 август 2021.
  12. „Предвремени избори за пратеници 2020“. Архивирано од изворникот на 2020-07-15. Посетено на 3 август 2021.
  13. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
Забелешки
  1. Во пописот од 1991 година, во населените места: Грачани, Никиштане, Ново Село (Боговиње), Раковец, Селце Кеч, Гургурница, Долно Јаболчиште, Клуковец, Добовјани, Врановци, Јажинце, Орашје, Равен, Спас, Богојци, Поум, Џепин, Долна Ѓоновица, Горна Лешница, Групчин, Добарце, Копачин Дол, Ларце, Мерово, Ново Село (Желино), Палатица, Рогле, Седларево, Стримница, Церово, Чифлик (Желино), Грешница, Длапкин Дол, Долно Строгомиште, Колибари, Речани - Зајаско, Вражале, Горно Седларце, Новаќе, Синичане, Мамудовци, Трапчин Дол, Горно Свиларе, Дворце, Рашче, Алашевце, Ваксинце, Виштица, Глажња, Гошинце, Злокуќане, Извор (Липково), Липково, Лојане, Оризари, Отља, Р’нковце, Руница, Слупчане, Стрима, Бибај, Богдево, Грекај, Нивиште, Орќуше, Рибница, Горјане, Градец, Ѓурѓевиште, Ломница, Арангел, Жубрино, Папрадиште, Ќафа, Црвивци, Бојане, Копаница, Паничари, Раовиќ, Чајлане, Патишка Река, Света Петка, Чифлик (Сопиште), Лакавица, Падалиште, Србиново, Страјане, Трново, Франгово, Шум, Алдинци, Горно Количани, Драчевица, Рамни Габер, Црвена Вода, Црн Врв, Нераште, Вејце, Селце, Корито, Блаце, Брест, Танушевци, Ѓермо, Порој, Бозовце, Бродец, Вешала и Шипковица, целото население не прифати да земе учество (го бојкотираше) во Пописот.

Поврзано

уреди

Надворешни врски

уреди