Фонд за осигурување на депозити

Фонд за осигурување на депозити АД Скопје претставува специјализирана финансиска институција која ги обесштетува депозитите на штедачите во банките и штедилниците кои престанале со работа. На тој начин, Фондот се јавува како институционален механизам за заштита на депозитите на населението. Тој е државна институција во која членуваат сите банки и штедилници во Македонија. Седиштето на Фондот е на ул. „11 Октомври“ бр.18, 1000 Скопје.

Историски развој

уреди

За време на СФРЈ, за штедните влогови на населението постоеше неограничена гаранција од страна на државата. Сепак, со распаѓањето на државата, заштедите на илјадници штедачи останаа заробени во банките. По монетарното осамостојување на Македонија, со законските измени од мај 1993 г., НБРМ ги гарантираше денарските штедни влогови на населението до износот од 10.000 германски марки. Истовремено, со овој закон, банките беа обврзани да ги осигураат штедните влогови кај некое осигурително друштво или со друг вид гаранција.

Во рамките на институционалните реформи, насочени кон враќање на довербата на штедачите во банкарскиот сектор на Македонија, во јануари 1997 г. беше формиран Фонд за осигурување на штедните влогови АД Скопје, со статус на акционерско друштво, во сопственост на сите банки и штедилници кои постоеја во тоа време во Македонија (17 банки и 15 штедилници). Во јуни 2000 г. беше донесен посебен закон со кој се формира државна институција - Фонд за осигурување на депозити, кој претставува правен следбеник на Фондот за осигурување на штедни влогови. Во октомври 2004 г., Фондот за осигурување на депозити стана член на Европскиот форум на осигурители на депозити, а исто така, соработува и со Меѓународната асоцијација на осигурители на депозити.[1]

Органи на управување

уреди

Органи на управување и раководење со Фондот за осигурување на депозити се управниот одбор и директорот, кои ги именува владата. Мандатот на органите на управувањето изнесува четири години. Управниот одбор е составен од 5 члена:

Осигурување на депозитите

уреди

Сите банки и штедилници во Македонија задолжително членуваат во Фондот за осигурување на депозити и плаќаат премии во висина од 0,7% годишно на вкупните депозити на населението, вложени кај нив, сè додека осигурителниот фонд не достигне износ од 4% од вкупните депозити на населението. Новооснованите банки и штедилници се должни при зачленувањето во Фондот да уплатат влезна премија во висина од 1% од основачкиот капитал. Покрај основачкиот капитал и премиите, Фондот може да се финансира и преку наплата на дополнителни премии од банките и штедилниците, позајмување во Македонија и во странство и позајмици од буџетот.[3] Во април 2010 г., во Фондот членувале 17 банки и 9 штедилници.

Во Фондот се осигурени следниве видови депозити:

  • тековни сметки и денарски и девизни депозити на населението,
  • депозити врзани за парични картички издадени од македонски банки,
  • девизни приливи на населението.

Од друга страна, Фондот не гарантира за следниве видови депозити:

  • депозити на лица кои имаат привилегирани каматни услови,
  • депозити на лица кои поседуваат над 5% од акциите со право на глас во банката или штедилницата,
  • депозити на членови на органите на управување на банката или штедилницата и на нивните роднини од прв степен.

Во случај кога штедачот има обврски кон банката или штедилницата, вкупниот износ на депозитите се намалува за износот на неговите обврски кон банката или штедилницата.

Обесштетување на штедачите

уреди

Во случај на пропаст на банка или штедилница, Фондот ги покрива само физичките лица што имаат депозити, додека претпријатијата и другите правни лица можат да бараат обесштетување само од стечајната маса на банката или штедилницата. Исплатата на штедачите се врши во денари, а висината на обесштетувањето се менувалa во неколку наврати, и тоа:

  • од 6 август 1998 г. се покривале 75% од вкупните штедни влогови на еден штедач, но најмногу до 10.000 германски марки.
  • од 6 август 2000 г., обесштетувањето изнесувало: 100% за депозитите до 1.500 евра и 90% за депозитите од 1.500 до 7.500 евра.
  • од 14 мај 2002 г., депозитите до 3.000 евра се обесштетувале целосно, додека депозитите од 3.000 до 10.000 евра се обесштетувале во висина од 90%.
  • од 3 јули 2002 г., обесштетувањето изнесува 100% за депозитите до 10.000 евра и 90% на износите меѓу 10.000 и 20.000 евра.[4]
  • од 17 декември 2010 г., обесштетувањето изнесува 100% за депозитите до 30.000 евра, при што е предвидено, со зачленувањето на Македонија во Европската унија, овој износ да се изнесува 100.000 евра.[5]

Од основањето на Фондот до 2020 г. тој извршил обесштетување на штедачите во 11 случаи (5 банки и 6 штедилници), и тоа:

  1. Штедилница Уни Проком АД Скопје (2000 г.)
  2. Алмако банка АД Скопје (2000 г.)
  3. Мит Штедилница ДОО Куманово (2003 г.)
  4. Радобанк АД Скопје (2005 г.)
  5. Штедилница Киро Ќучук ДОО Велес (2006 г.)
  6. Експорт Импорт банка АД Скопје (2007 г.)
  7. Македонска банка АД Скопје (2007 г.)
  8. Штедилница Фершпед ДОО Скопје (2010 г.)
  9. Штедилница Инко ДОО Скопје (2010 г.)
  10. Штедилница Интерфалко ДОО Скопје (2012 г.)
  11. Еуростандард банка АД Скопје (2020 г.)

Притоа, заклучно со 31 декември 2019 г., обесштетени се вкупно 20.076 штедачи, во вредност од 1,37 мрд. денари. При тоа, најголем дел од исплатите се однесуваат на Македонска банка АД Скопје (18.317 штедачи и 1,16 мрд. денари).[6]

Наводи

уреди
  1. Кики Мангова Поњавиќ, Ванчо Каргов, 60 години централно банкарство во Република Македонија, Народна банка на Република Македонија, Скопје, 2006.
  2. Љупчо Трпески, Банкарство и банкарско работење, Скенпоинт, Скопје, 2009, стр. 319.
  3. „Закон за Фондот за осигурување депозити“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2016-03-04. Посетено на 2011-02-12.
  4. „Фонд за осигурување на депозити“. Архивирано од изворникот на 2010-10-08. Посетено на 2011-02-06.
  5. Стопанска банка - Скопје
  6. Фонд за осигурување на депозити, Извештај за остварена деловна активност во 2019 година, 17 стр.

Надворешни врски

уреди