Банкарска гаранција

(Пренасочено од Гаранција)

Банкарската гаранција (англиски: surety; guarantee) претставува инструмент со кој банката гарантира дека нејзиниот клиент ќе исполни некоја обврска кон трето лице. Гаранциите претставуваат вонбилансни активности на банките, т.е. тие не се евидентираат во билансот на состојбата.

Содржина на гаранциите

уреди

Гаранцијата е договор што се однесува на три страни:

  • издавач (issuer),
  • налогодавач (account party), и
  • корисник (beneficiary) на гаранцијата.

Притоа, банката која ја издава гаранцијата се обврзува дека на корисникот ќе му исплати одреден износ, доколку налогодавачот не го плати долгот или не ја заврши договорената работа.

Како правен институт, банкарската гаранција се појавува во 1960-тите години, и тоа најчесто во врска со изведувањето на големи градежнички работи често поврзани со испораката на опрема на земјите во развој. Поголема меѓународна примена на банкарската гаранција започнува во 1970-тите години со рецесијата во развиените западни држави и со нафтената криза. Во поголемиот број држави, банкарската гаранција е иномативен договор, односно договор кој не е регулиран со законски одредби, а само во помал број на држави тој е пропишан со закон. Во Македонија, банкарската гаранција е пропишана со Законот за облигациони односи (Сл. весник на РМ бр.18/2001), и тоа во членовите од 1122 до 1126.

Гаранцијата претставува условна обврска (contingent liability) за банката, зашто при нејзиното издавање таа нема никакви обврски ниту кон налогодавачот ниту кон корисникот. Обврската за банката настанува само под услов налогодавачот да не ја изврши својата обврска кон корисникот. Според тоа, ако налогодавачот уредно го плати долгот кон корисникот на гаранцијата, банката нема никакви обврски, т.е. гаранцијата ќе истече неискористена. Сепак, поради подготвеноста на издавачот на гаранцијата врз себе да ја преземе обврската на налогодавачот, банката-издавач наплатува одреден надомест (провизија) за гаранцијата.

Бидејќи се работи за условна обврска на банката, гаранциите не се дел од билансот на состојбата, туку влегуваат во групата на вонбилансни активности. Всушност, гаранциите најчесто не се активираат, зашто банките-издавачи внимаваат за кого гарантираат, а освен тоа, банките бараат од налогодавачот одредено обезбедување (депозит, хипотека на недвижен имот, меница итн.).

Видови гаранции

уреди

Постојат повеќе видови гаранции, но во основа, тие се делат во две групи:

  1. финансиска гаранција (financial guarantee) е онаа каде банката гарантира дека нејзиниот клиент ќе изврши некоја парична обврска. На пример, банката може да гарантира дека нејзиниот клиент уредно ќе го врати кредитот што го зел од друга банка.
  2. чинидбена гаранција (performance bond guarantee) е онаа каде банката гарантира дека нејзиниот клиент ќе изврши одредена активност (испорака на опрема, градежна активност итн.).

Банките често издаваат гаранции од двата типа, а како налогодавачи се јавуваат претпријатија кои учествуваат на конкурси за јавни набавки, градежни претпријатија коишто изведуваат големи градежни работи (патишта, мостови итн.), увозно-извозни претпријатија итн.

Примена на гаранциите

уреди

Основната намена на гаранцијата е да ги зголеми изгледите на налогодавачот за добивање на кредитот или работата за која се пријавува. На пример, ако некое претпријатие не е познато во јавноста, тоа ќе се соочи со отежнат пристап до банкарски кредити. Така, кога претпријатието ќе поднесе барање до некоја банка за одобрување кредит, може да се случи банката да го одбие неговото барање или да му одобри кредит по повисока каматна стапка. Меѓутоа, ако претпријатието обезбеди гаранција од некоја друга банка, тогаш значително се зголемуваат неговите изгледи за добивање кредит по поповолни услови. Во тој случај, гаранцијата претставува еден вид инструмент за обезбедување на кредитот, односно ако претпријатието не го врати кредитот, банката ќе го наплати долгот од банката која ја издала гаранцијата.

Според тоа, гаранцијата ја подобрува положбата на налогодавачот во односите со банките, зашто ги намалува неговите трошоци на финансирање, односно му овозможува да позајми по пониска каматна стапка. Оттука, за налогодавачот гаранцијата има вредност само ако провизијата што ја плаќа за гаранцијата е пониска од заштедата во трошоците на финансирањето. На пример, ако претпријатието може да добие кредит со каматна стапка од 8,5% (без банкарска гаранција), односно со каматна стапка од 7,5% (со банкарска гаранција), при што провизијата за гаранцијата изнесува 0,5%, тогаш нему ќе му биде исплативо да побара гаранција. Во тој поглед, вредноста на гаранцијата за налогодавачот и за корисникот зависи од кредитниот ризик на банката која ја издава гаранцијата. Ако издавачот на гаранцијата се одликува со висок углед, тоа го намалува кредитниот ризик на налогодавачот и корисникот на гаранцијата ќе понуди пониска каматна стапка на кредитот.

За банките, издавањето гаранции претставува привлечна активност, бидејќи на тој начин тие остваруваат приходи. Имено, на издадените гаранции банките наплатуваат провизија, којашто се изразува како процент од износот на гаранцијата (од 0,3% до 1,2%), а се плаќа еднократно, месечно или тримесечно. Понатаму, големата привлечност на гаранциите произлегува и оттаму што при нивното издавање банките воопшто не ангажираат парични средства, зашто најчесто гаранциите остануваат неискористени. Исто така, гаранциите предизвикуваат ниски оперативни трошоци, зашто најчесто се издаваат за клиенти со кои банките одржуваат блиски, долготрајни односи, така што не постои потреба од дополнителна процена на кредитниот ризик.

Во основа, при издавањето гаранции, банките се изложени на кредитниот ризик, поврзан со неможноста на налогодавачот да ги исплати своите обврски кон банката, во случај на извршување на гаранцијата. Затоа, кога издаваат гаранции, банките треба внимателно да ја проценат ризичноста на налогодавачите. Сепак, кредитниот ризик на гаранциите обично е низок, зашто банките одобруваат гаранции само на клиенти коишто имаат отворено сметки кај нив. Освен тоа, за заштита од ризикот, банките бараат од клиентите да положат денарски или девизен депозит, кој не може да се повлече пред истекот на важноста на гаранцијата. Исто така, како обезбедување на гаранциите, банките прифаќаат и хипотека на недвижен имот.[1]

Наводи

уреди
  1. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 346-347.