Стенчевска тврдина

археолошко наоѓалиште во Македонија

Стенчевска тврдина — археолошко наоѓалиште кое се наоѓа над селото Стенче, во подножјето на Сува Гора, на ридот Градиште — на надморска височина од 730 метри. Според проценките на археолозите наоѓалиштето е старо 8.000 години.[1]

Местоположба на наоѓалиштето
Дел од археолошкиот материјал пронајден во наоѓалиштето
Пронајдените монети во тврдината

Местоположба

уреди

На врвот од ридот се наоѓа зарамнето плато, кое е опкружено со јаки кули и бедеми, градени од камен во малтерна техника. Ископите во археолошкото наоѓалиште Стенче се почнати во 1973 година, а последната фаза е завршена во летото 2007. Според Магистер Драгиша Здравковски од Музејот на Македонија најстариот хоризонт на неолитската населба Тумба Стенче — која се наоѓа западно под селото, на десната страна на реката Вардар, со карактеристичните белосликани керамички форми на садови, датира од 6100-тата година пред нашата ера.

Наоди

уреди

Наодите од најдлабоките досега истражени земјени слоеви од оваа неолитска населба означуваат оти на овој простор постои организиран живот веќе 8.000 години. Луѓето што ја формирале неолитската населба знаеле за архитектура и граделе куќи според големината на семејствата. Пронајдени се орудија и оружја од камен, коска и кремен, секири, длета и разни кремени артефакти. Археолозите откриле и два целосно зачувани пехари од доцниот неолит, неколку интересни, во делови, зачувани човеколики фигурички и друга керамика. Неолитот е еден од најистражените периоди на почвата на Македонија од праисторијата до денес.

Доцентот доктор Владимир Лилчиќ кој е раководител на Катедрата за историја и археологија на Филозофскиот факултет од Скопје, се смета дека толку многу подвижни наоди, толку многу културни пластови во земјата од најразлични епохи не се регистрирани на ниту едно друго место во Полог, па ниту во поширокиот дел од северозападна Македонија. Според него, животот кај Стенче со градски белези се развивал од неолитот натаму низ раната антика, преку римскиот период до средниот век, па и во турско време, без прекин до денес. Во ова наоѓалиште биле пронаоѓани монети и на венецијанските дуждови и белези на трговија водена, веројатно, во XIV и XV век. вишиот кустос - археолог Стојан Костадинов, кој непосредно раководел со истражувањата на наоѓалиштето, се смета дека постојат повеќе наоди, меѓу кои и големиот железен крст од V век, како и низа индиции дека во ископаниот ранохристијански објект во тој период се изведувале церемонии на крштавања. Кога се знае дека само епископ имал право да ги изведува, тогаш може да се заклучи дека Стенче во тоа време бил епископски центар во Полог.

Во средината на XIV век утврдениот и сè уште неидентификуван град веќе се наоѓал во урнатини. Од пронајдената цистерна за вода и просториите за престој на западниот преден дел на овој град ќе треба да се открие неговото име. Археолозите укажуваат дека ископаните објекти треба да се конзервираат, но и оти во натамошните истражувања треба да се пронајде каде се наоѓаат другите камени елементи на христијанската базилика и на градот.

Со ископувањата во утврдениот град, се пронајдени голем број предмети изработени од различни материјали како што се керамички садови, монети, накит, оружје, алати и орудија, датирани од периодот од IV до VI век. На просторот на градот се пронајдени и остатоци од згура од топени метали што датира дека тука постоела најмалку една ковачница.

Уникатен жртвеник

уреди

Во една куќа од стариот неолик во населбата кај Стенче е пронајден еден цел архетит на жртвеникот на Големата мајка, познат од скопската Анзабеговско-вршничка културна група. Овој жртвеник со геометризирани форми ги нема антрополошките одлики и претставува прототип, кој натаму продолжува да се развива во средниот неолик задобивајќи други форми Тој жртвеник е претставителен и уникатен во корпусот на керамичките форми во македонија и сега е изложен во витрините на Музејот на Македонија.

Туристички перспективи

уреди

Според професорот Лилчиќ вакви градови навистина има многу во Македонија. Кој помалку кој повеќе истражен. Но, градот кај Стенче е, сепак, цивилизациски бисер на Македонија, кој зрачи не само во археологијата, туку и во културата. Ако Стенче се вметне во туристичките проспекти, ако на неговата натамошна заштита и поширока промоција организирано поработат Владата и Министерството за култура, на тој простор ќе може да се развива туризам, а парите досега вложени во истражувањето да започнат да се враќаат.

Поврзано

уреди

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. Mikulčiḱ, Ivan (1996). Medieval towns and castles in the Republic of Macedonia (англиски). Makedonska akademija na naukite i umetnostite.

Надворешни врски

уреди