Бугарштици (Бугарштице) се епски народни песни создадени во периодот од 15 до XVIII век.

Потекло и одлики

уреди

Бугарштиците се постари од народните епски песни испеани во осмерец или десетерец.[1] Најпрвин бугарштиците биле лирска поезија, но во вториот период од создавањето започнало нивното поместување од лирика кон епика, што се случувало во 17 и XVIII век. Меѓу бугарштиците може да се најдат и такви кои имаат пишано потекло, а во некои нивните запишувачи додавале и по некој свој стих. Оттука, некои истражувачи на народното творештво ги прогласиле сите бугарштици за пишани или полупишани творби, но нивното тврдење не е докажано, па преовладува мислењето дека тие имаат потекло од усната народна традиција. Во прилог на тоа сведочи и нивниот прв собирач Петар Хекторовиќ, кој тврдел дека ги слушнал од простите рибари и дека ги запишал во целосно автентична форма. Подоцна, и другите собирачи на бугарштици секогаш истакнувале дека тие се пееле. Од друга страна, ако бугарштиците се споредат со старите песни во десетерец (запишани пред XIX век), тогаш се забележува голема сличност во мотивите и во обработката, а тие се совпаѓаат дури и во некои ситни стилски детаљи. Врз основа на тоа, многу истражувачи сметаат дека оваа сличност не би постоела, ако бугарштиците биле пишани творби. Впрочем, токму оние бугарштици кои без сомнение имаат пишано потекло стилски отстапуваат од усните народни песни со краток и со долг стих.[2]

Постои дилема за тоа кои народни песни се постари: гусларските песни или бугарштиците. Од една страна, се запишани порано и порано излегле од употреба, па тоа наведува на заклучокот дека тие се постари. Од друга страна, судејќи по другите својства, се чини дека пократкиот стих е постар, зашто во гусларските песни често се употребува генитив наместо акузатив, вокатив наместо номинатив, номинатив наместо другите падежи, често се користи деминутив или удвоен предлог, или некој збор од претходниот стих се повторува во следниот; овие својства не ги бара подолгиот стих, но се среќаваат и во него, а од тоа се заклучува дека бугарштиците биле под влијание на пократкиот стих.[3]

Основната одлика на бугарштиците е повеќеслоговниот стих. Најчесто, бројот на стиховите е 15 или 16, со одмор (цезура) по седмиот или осмиот слог. Сепак, постојат и бугарштици со помал (12) или поголем број слогови (20) при што тие не треба да се сметаат за неправилни стихови, зашто и кај овие стихови цврсто се држи вториот полустих кој е најчесто осмерец, што значи дека отстапувањата најмногу се јавуваат во првиот полустих. Исто така, за овие песни е карактеристичен рефренот кој се состои од шест слога, а најчесто доаѓа по секој втор стих. Се смета дека рефренот служел не само како музичка придружба, туку на пејачот му служел и како одмор, а ја проширува и експресијата на главното соопштение, централната синтагма или главниот збор од претходните два стиха. По правило, стихот е составен од трохеј или од спој на трохеј и дактил.[2][4] Јазикот кај бугарштиците е доста чист, со мал број Турцизми, додека архаизмите претставуваат составен дел на оваа поезија. Често се користи инфинитивната форма, а доста застапени се деминутивите. По својата основна интонација, тие се меланхолични и баладични. Бугарштиците го обработуваат мотивот посебно и го поставуваат во сооднос со другите, поблиски мотиви. Така на пример, колку ликовите на јунаците се поблиску прикажани, толку потрагична е нивната судбина. Кај бугарштиците не се развива фабула за да се прераскаже настанот, ниту пак ја има онаа епска широчина или објективност што постои кај епската песна. Творецот е пристрасен и не е рамнодушен. И кога постои фабула, тоа е само заради психолошко нијансирарање на мотивите, позитивно или негативно.

Во однос на тематиката, во бугарштиците најчесто се среќаваат следниве ликови: Крале Марко, Милош Обилиќ (Милош Кобиловиќ), кнез Лазар, Царица Милица, Цар Душан, Ѓураѓ Бранковиќ, деспотот Вук, Угрин Јанко, Михаило Свилоевиќ, Иван Карловиќ, браќата Јакшиќи, унгарските кралеви Матија и Владислав, и други. Од големите историски настани најмогу се пеело за Косовската битка (1389), Битката кај Варна (1444) и битката на Крбавско Поле (1493), додека песните запишани во околината на Бока Которска најчесто ги опеваат борбите на жителите на Пераст и Котор со Турците. Исто така, бугарштиците го опишуваат животот на средновековните благородници: витешките натпревари, заклетвите кон господарите, двобоите, ловот, битките, итн.[5][6][7]

Долго време, под влијание на ставот на Валтазар Богишиќ, владеело мислењето дека уметничкиот квалитет на бугарштиците е многу понизок од оној на народните песни испеани во десетерец, но подоцна дошло до ревидирање на овој став, и тоа поради неколку прични: некои бугарштици (Крале Марко и Андријаш, Мајка Маргарита, песните за смртта на деспотот Вук, за Радосав Сиверинац, за јунаштвото на Михаило Свилоевиќ, за Радосав Сиверинец, за љубовта на Прездана и Млаѓен, итн.) се на истото ниво како и најдобрите народни песни испеани во десетерец; Богишиќ ги споредувал случано запишаните бугарштици со ситематски собраните и избраните песни во збирката на Вук Караџиќ; најпосле, ако се споредат бугарштиците бугарштиците често ги надминуваат старите песни напишани со десетерец. Оттука, бугарштиците не се значајни само за книжевната историја, туку тие зачувале висока уметничка вредност.[2]

За името

уреди

Песните со долг стих се среќавале под неколку имиња: бугарштици, бугаршќици, бугарскици, бугаркини, пјесан бугарска, попевки, итн.[8] Петар Хекторовиќ ги собрал првите бугарштици и тој ги нарекол бугаршќине. Науката се обидува да го испита и да го објави потеклото на името „бугарштици“. За потеклото на името на ови епесни има повеќе хипотези: дека зборот доаѓа од глаголот „бугарити“, што значи „тажно пеење, т.е. пеење со тажен глас“; друга хипотеза, која ја поддржувал Ватрослав Јагиќ, вели дека името на овие песни етимолошки се поврзува со Бугарија, т.е. Бугарин (како припадник на народ) или со зборот „бугарин“, што бил синоним за сточар или овчар; некои го поврзуваат нивното име со латинскиот израз carmen vulgare, што значи „проста народна песна“ или со италијанскиот израз poesia volgare. Денес, како наприфатлива се смета хипотезата дека името „бугарштици“ потекнува од глаголот „бугарити“, зашто овие песни навистина се одликуваат со тани тонови и со трагичен крај. На пример, во една стара песна во десетерец, запишана кон крајот на XIX век во Лика или во Банија се споменува зборот „бугарка“ со значење „тажаленка“:[9]

Boga vama, sestrinice mlade,
Vi okreć'te pjesmu na bugarku!

Собирачи на бугарштици

уреди

Бугарштиците се најстарите сочувани песни во српско-хрватската епска поезија. Нив најчесто ги собирале книжевниците од јадранското приморје (на Хвар, во околината на Задар, а најмногу во Дубровник и во Бока Которска), и тоа во текот на 16, 17 и 18 век. Вкупно се зачувани околу шеесет бугарштици.[5] Првите бугарштици ги собрал поетот и благородник од Стариград на Хвар, Петар Хекторовиќ (1487-1572), кој вклучил две бугарштици во книгата Ribanje i ribarsko prigovaranje, објавена во Венеција, во 1568 година. Притоа, денес се познати имињата на луѓето (кметови на имотот на Хекторовиќ) кои ги испеале двете бугарштици што ги запишал Хекторовиќ: Пакоје Дебеља, рибар и веслач, „добар маж и прав“, ја испеал песната „Крале Марко и брат му Андријаш“, додека неговиот другар Никола Зет, „млад и згоден“ ја испеал песната за Радосав Сиверинец и Влатко Удински. Притоа, Хекторовиќ напишал дека двете бугарштици ги запишал во нивниот изворен облик, без нешто да додаде или измени.[10] Една бугарштица е пронајдена во оставнината на Петар Зрински. Во 1878 година, В. Богишиќ ја објавил збирката Narodne pesme iz starijih, najvise primorskih zapisa, а во 1964 година, во Белград, Мирослав Пантиќ ја објавил антологијата Narodne pesme u zapisima XV-XVIII veka.[5][11][12] Меѓутоа, многу од собирачите на бугарштици често ги менувале запишаните песни и така ја повредиле нивната оригинална форма. Во тој поглед, Ненад Љубинковиќ смета дека некои од бугарштиците се создадени од поединци, па дури и од вистински поети, а потоа, при нивното натамошно пренесување (најпрвин усно, а потоа и писмено), тие биле приспособувани кон барањата на поединците или на средината.[13] Најголем придонес во прибирањето и проучувањето на бугарштиците дал Валтазар Богишиќ (1834-1908) кој собрал најголем дел од песните, во 1878 година објавил голем зборник и напишал студија за нив. Во поново време, Ненад Љубинковиќ придонел за зголемување на знаењето поврзано со бугарштиците при што го дал предлогот тие да се нарекуваат „песни со долг стих“ како одраз на нивната најважна одлика. Во поново време, Мирослав Пантиќ ги вклучил бугарштиците во неговата антологија на народните песни запишани пред Вук Караџиќ. Најпосле, истражувањата на Александар Младеновиќ покажале кога настанале бугарштиците, како и каде се пренесувале, каде запрелно нивното ширење и кога згаснале, отстапувајќи им го местото на песните напишани во десетерец.[14]

Список на најпознати бугарштици

уреди
 
„Бугарштици“, Рад, Белград, 1969.

Најпознати бугарштици се:[15][16]

  • Крале Марко и брат му Андријаш (Марко КраљевиҺ и брајен му Андријаш)
  • Свршеницата на Крале Марко (Вјереница Марка КраљевиҺа)
  • Крале Марко и Миња Костуранин (Марко КраљевиҺ и Миња Костуранин)
  • Попевка за косовската битка (Попијевка о косовском боју)
  • Смртта на Милош Драгиловиќ (Смрт Милоша ДрагиловиҺа)
  • Раката на кралот Владислав (Рука краља Владислава)
  • Смртта на мајката на Секула (Смрт мајке Секулове)
  • Бан Милош и сестрата на Секула (Бан Милош и сестра Секулова)
  • Попевка за Свилоевиќ (Попевка од СвилојевиҺа)
  • Бановиќ Страхиња (БановиҺ Страхиња)
  • Смртта на деспотот Вук (Смрт деспота Вука)
  • Делбата на Јакшиќи (Диљење ЈакшиҺа)
  • Зоре Хоџулова и Перјенац Перисавиќ (Зоре Хоџулова и Перјенац ПерисавиҺ)
  • Зошто Никола Радановиќ се одделил од својот господар (Зашто се Никола РадановиҺ одвеже од свога господара)
  • Радосав Сиверинац и Влатко Удински
  • Попевка за Радиќ Вукоевиќ (Попијевка РадиҺа ВукојевиҺа)
  • Султана Прездана и Млаѓен Влашиќ (Султана Прездана и ВлашиҺ Млађењ)
  • Сестрата на Иван Хрваќанин (Сестра Ивана ХрваҺанина)
  • Свршеницата на Комјен Јагниловиќ (Вјереница Комјена ЈагњиловиҺа)
  • Вилата-сопруга (Вила љубовца)
  • Молитвата на девојката (Молитва дјевојчина)
  • Мајка Маргарита
  • Вук Огнени го убива кралевиот заробеник (Вук Огњени убија краљева заточника)
  • Женидбата на Јанко војвода (Женидба Јанка војводе)
  • Сонот на Будимка девојка (Сан Будимке дјевојке)
  • Предавањето на Самобор на Турците (Предаја Самобора Турцима)
  • Пратеникот Јакоб Марушковиќ (Поклисар Јакоб МарушковиҺ)
  • Нападот на Мехмед-паша на Котор (Удар Мехмед-паше на Котор)
  • Битката на Пераштаните и Котораните со новските Турци (Бој Пераштана и Которана с новским Турцима)
  • Ослободувањето на Нови (Ослобађање Новога)

Наводи

уреди
  1. Новак Килибарда, „О бугарштицама“, во: Бугарштице. Београд: Рад, 1979, стр. 5.
  2. 2,0 2,1 2,2 Vladan Nedić, „Bugarštice“, во: Bugarštice. Beograd: Rad, 1969, стр. 76.
  3. В.Ђ., „Поговор - О врстама епских песама“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 485-486.
  4. Новак Килибарда, „О бугарштицама“, во: Бугарштице. Београд: Рад, 1979, стр. 6.
  5. 5,0 5,1 5,2 Vladan Nedić, „Bugarštice“, во: Bugarštice. Beograd: Rad, 1969, стр. 75.
  6. Новак Килибарда, „О бугарштицама“, во: Бугарштице. Београд: Рад, 1979, стр. 5-6.
  7. Новак Килибарда, „О бугарштицама“, во: Бугарштице. Београд: Рад, 1979, стр. 9-10.
  8. Новак Килибарда, „О бугарштицама“, во Бугарштице. Београд: Рад, 1979, стр. 8.
  9. Vladan Nedić, „Bugarštice“, во: Bugarštice. Beograd: Rad, 1969, стр. 75-76.
  10. Новак Килибарда, „О бугарштицама“, во: Бугарштице. Београд: Рад, 1979, стр. 6-7.
  11. V. N., „Napomena uz ovo izdanje“, во: Bugarštice. Beograd: Rad, 1969, стр. 78.
  12. В.Ђ., „Поговор - О врстама епских песама“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 491.
  13. Новак Килибарда, „О бугарштицама“, во: Бугарштице. Београд: Рад, 1979, стр. 7.
  14. Новак Килибарда, „О бугарштицама“, во: Бугарштице. Београд: Рад, 1979, стр. 8-10.
  15. Bugarštice. Beograd: Rad, 1969.
  16. Бугарштице. Београд: Рад, 1979.