Жан-Жак Русо

(Пренасочено од Русо)

Жан-Жак Русо (француски: Jean-Jacques Rousseau) (28 јуни 1712–2 јули 1778) — женевски филозоф, писател и композитор од периодот на францускиот романтизам. Неговата политичка филозофија влијаела на Француската револуција, како и на општиот развој на модерната политичка, социолошка и образовна мисла. Неговиот легитимитет како радикал и револуционер е можеби најдобро прикажан во „Општествениот договор“: „Човекот се раѓа слободен, а секаде е во окови“.[1] Исто така, тој бил и успешен музички композитор. Напишал неколку опери, како и други музички дела, а дал придонес кон музиката и како теоретичар.

Жан-Жак Русо
Портрет на Русо од Морис Кантен де Ла Тур (1753)
Роден(а)28 јуни 1712(1712-06-28)
Женева, [d[Женева
Починал(а)2 јули 1778(1778-07-02) (возр. 66)
Ерменонвил, Франција
ПериодПросветителска филозофија
(Современа филозофија)
ПодрачјеЗападни филозофи
Школатеорија на општествениот договор
романтизам
Претежна дејност
политичка филозофија, музика, образование, книжевност, автовиографија
Значајни идеи
Општа волја, самољубов, моралната едноставност на човештвото, ученички-сосредоточено учење, граѓанска религија, народна сувереност, позитивна слобода

Животопис

уреди

Русо е роден во Женева, на 28 јуни 1712 година, како втор син на часовничарот Исак Русо. Мајка му умрела неколку дена по неговото раѓање така што него и неговиот постар брат ги одгледала една тетка. Исак Русо многу ги сакал книгите и ги забавувал синовите читајќи им романи, како и делата на Плутарх кои предизвикувале восхит кај малиот Жан-Жак, кој подоцна изјавил: „Бев Римјанин пред да навршам 12 години.“ Кога Жан-Жак бил на десетгодишна возраст, татко му бил принуден да побегне од Женева поради учеството во еден двобој, а неговите деца им биле предадени на еден калвинистички свештеник и на неговата сестра. На 13-годишна возраст, Жан-Жак станал помошник во дуќанот на еден резбар и живеел во неговата куќа. Подоцна, Русо изјавил дека, иако ја сакал работата, грубоста на мајсторот и претераните ограничувања предизвикале таа да му стане одбивна. Една саботна вечер, во март 1728 година, по една прошетка во околината, Русо се вратил во Женева кога градските порти веќе биле затворени. Бидејќи тоа веќе му се случило двапати претходно, кога неговиот мајстор го истепал поради тоа што цела ноќ останал надвор, Русо одлучил повеќе да не се враќа во Женева и така започнал периодот на неговото скитање низ Европа.[2]

Инаку, во 1727 година, кога Русо бил на 15-годишна возраст, неговото име било врежано на градската порта, како знак дека е граѓанин на Женева. Подоцна, кога преминал во католичката вера, тој го изгубил граѓанското право, кое му било вратено дури во 1755 година, кога повторно го прифатил калвинизмот. Во таа прилика, тој бил принуден да докаже дека не бил оженет со Тереза, туку дека таа му била само слугинка, а исто така се повикувал и на својата болест – стеснувањето на мочниот меур поради што бил принуден да носи катетер.[3]

По напуштањето на Женева, Русо заминал во Савоја, каде еден негов пријател го испратил кај баронесата де Варен која живеела без својот сопруг во Анеси (Annecy), а која привлекувала млади протестантски момчиња со цел да ги направи католици. Мадам де Варен не го задржала Русо кај себе, туку го испратила во Торино, каде тој преминал во католичката вера. Следното лето се вратил во Анеси кај бароницата која ја нарекувал „мама“ (maman), а таа го нарекувала „малечок“ (petit). Таму почнал да зема часови по музика и имал можност да ја користи големата библиотека на баронесата. Одвреме-навреме, Русо ја напуштал баронесата и работел кај разни работодавачи и патувал во потрага по авантури, но секогаш се враќал кај неа. Кога навршил 20 години, мадам де Варен започнала љубовна врска со него, која траела шест години, а тогаш Русо дознал дека таа си нашла друг љубовник. Оттога, Русо почнал постепено да се оддалечува од неа и, работејќи како домашен воспитувач во семејството де Мабли, му се јавила идејата да стане писател, па одлучил да замине во Париз.[4]

Во 1741 година заминал во Париз, каде го запознал Дидро, кој го ангажирал да ги напише статиите во „Енциклопедијата“ посветени на музиката. Имено, во тоа време, Русо станал познат по тоа што измислил нов нотен систем кој не бил прифатен од Академијата, но му донесол награда, а неговата статија „Дисертација за модерната музика“ (Dissertation sur la musique moderne) била објавена и предизвикала одредено внимание во стручната јавност. Исто така, тој компонирал опери и балети во италијански стил при што неговиот балет „Галантните музи“ (Les Muses galantes) се изведувал на балетските сцени во Париз во текот на 1745 година, постигнувајќи скромен успех, а неговата опера „Селскиот претскажувач“ (Le Devin du village) била прикажана во Фонтенбло во 1752 година во присуство на кралот. Во меѓувреме, Русо станал соработник на „Енциклопедијата“ на Дидро, најпрвин пишувајќи статии посветени на музиката, а потоа пишувал и на други теми. Во 1749 година, за време на посетата на Дидро, кој бил бил затворен поради своите антирелигиозни погледи, Русо добил идеја да напише една статија за влијанието на напредокот на науката и уметноста врз моралот. Со неа, Русо победил на конкурсот објавен од Академијата на Дижон.[5]

Работејќи како личен секретар на уште една богата добротворка, мадам Дупен (Madame Dupin), Русо ги искористил нејзините врски и во 1743 година се вработил во француската амбасада во Венецијанската Република, каде немал службен дипломатски статус, туку му бил личен секретар на амбасадорот, грофот Монтегу (Comte de Montaigu). Бидејќи амбасадорот се однесувал кон него како со слуга, Русо бил незадоволен и се чувствувал измамен и понижен. По една година, Русо бил отпуштен од работата при што не му била ниту исплатена ветената плата. Набргу по враќањето од Венеција во Париз, Русо започнал заеднички живот со необразованата и глупава перачка Тереза ле Васер (Thérèse le Vasseur) и со нејзината мајка. Тереза му родила пет деца, но сите биле дадени во дом за сираци веднаш по нивното раѓање. Русо се оженил со Тереза дури многу подоцна. Во 1750-тите, Русо живеел селата во близината на Париз, најпрвин во куќата на Мадам д’Епинеј (Madame d’Épinay) во Ермитаж (L’Hermitage), а потоа во (Montmorency), на имотот на својот покровител, Маршалот на Луксембург (Maréchal de Luxembourg).[6]

Во 1757 година се преселил во Монморенси (Montmorency), каде останал пет години кои биле најплодните во неговиот творечки живот. Веднаш по објавувањето на „Општествениот договор“ и на романот „Емил“, двете книги биле запалени од градската власт во Женева, која дала налог за неговото апсење. Исто така, во 1762 година, романот „Емил“ бил осуден од парламентот на Париз, а за да го избегне апсењето, Русо бил принуден да побегне во Швајцарија (на територијата на Берн), каде дознал дека за него има потерница и во Женева. Набргу, тој бил протеран од Берн по што морал да се сели од едно во друго место, барајќи засолниште, Едно време, живеел во Англија, каде имал непријателски односи со Дејвид Хјум. Последните години од животот ги поминал во Париз, каде умрел во 1778 година.[7][8]

Останките на Русо, кој бил масон, се пренесени во парискиот Пантеон, како национален херој во 1794 година, 16 години по неговата смрт.

Русо бил познат по неговиот незгоден карактер и верувал дека целиот свет го мрази.[9]

Творештво

уреди

Жан-Жак Русо бил соработник на „Енциклопедијата“, а ненадејно се здобил со популарност со статијата „Дали обновата на науките и уметностите придонела кон моралното прочистување?“, која предизвикала големо внимание, пред сè, поради актуелноста. Исто така, Русо се прославил со текстот „За потеклото на нееднаквоста меѓу луѓето“ — академска расправа во која Русо ја изложува јатката на својата политичка мисла. Своите филозофски ставови ги искажал во текстовите „Општествениот договор“ (со идеи за можни реформи на државното уредување) и „Емил“ (трактат за воспитанието на човекот кој би требало да се вклучи во граѓанското општество). Русо се разликува од неговите современици по тоа што го негира разумот на сметка на чувственоста. Неговата љубов кон природата е во согласност со тезата дека смислата на човечкиот живот е во чувствата и во неговата хармонија со природата.

Русо, кој инаку не ги сакал театарот и романот, ја прифатил оваа книжевна форма сакајќи да ја искористи нејзината еластичност и во неа вметнал различни видови на текстови - расправи и трактати за различни проблеми од неговото време. Според овие одлики, неговите дела „Јулија или Новата Елоиза“ (епистоларен роман кој доживеал невидена популарност), „Португалски писма“ (несреќен љубовен роман), а особено „Исповеди“ (во кои писателот станува лик во делото во кое инсистира на самоанализата на чувствата и на имагинацијата), припаѓаат на сентиментализмот, но во творештвото на Русо препознаваме и некои елементи (субјективноста, музикалноста, лиризмот, чувството за природата), кои ќе го определат како предвесник на романтизмот.

Во јули 1749 година, за време на посетата на Дидро, кој бил бил затворен поради своите антирелигиозни погледи, Русо дознал за конкурсот распишан од Академијата на Дижон на тема: „Дали напредокот на уметноста и науката го поткопува или го прочистува моралот?“ Возбуден од прашањето, Русо седнал под едно дрво и заплакал, а подоцна му ја рaскажал случката на Дидро, кој пак го поттикнал да се пријави на конкурсот, иако не се согласил со мислењето на Русо дека научниот и уметничкиот напредок го расипуваат моралот. И навистина, со својата статија „Расправа за науката и за уметноста“ (Discours sur les sciences et les arts), Русо победил на конкурсот со што наеднаш станал познат. Во неа, Русо ги нападнал ставовите на Бејкон за придобивките од научниот напредок, истакнувајќи дека напредокот е само илузија, а науката само ќе го уништи моралот. Според него, развојот на цивилизацијата не го направил човекот посреќен или подобар, туку напротив, човекот бил среќен за време на првобитната природна состојба, додека во современите напредни општества човекот е морално расипан. Исто така, Русо го отфрла ставот на Бејкон дека научниот напредок ќе доведе до изобилство на земјата, сметајќи дека тоа ќе предизвика повеќе лоши отколку добри работи, зашто изобилството води кон луксуз, а луксузот е изворот на расипаноста на луѓето. Напротив, Русо смета дека скромноста и воздржаноста претставуваат основа за добар и исправен живот на поединецот и за здрава и силна држава. Во тој поглед, тој прави споредба меѓу Атина и Спарта, сметајќи дека атинската култура предизвикала морално опаѓање, додека Спарта ја посочува како идеален тип на град-држава.[10]

Дванаесетте години од добивањето на наградата за „Расправата за науката и за уметноста“ до објавувањето на „Општествениот договор“ го претставуваат најплодниот период во творештвото на Русо, кога работел на романите „Емил“ и „Нова Елоиза“, а исто така ги напишал и статиите: „Расправа за нееднаквоста“ (Discours sur l’inégalité), „Писмо до Д’Аламбер за гледачите“ (Lettre à D’Alembert sur les spectacles) во кое ја напаѓа театарската сцена, „Писмо до Волтер за провидението“ (Lettre à Voltaire sur la providence) во кое ја брани религијата, „Писмо за француската музика“ (Lettre sur la musique francaise) во кое го истакнува природниот мелодичен стил на италијанската музика наспроти интелектуалниот и вештачки француски стил, „Есеј за потеклото на јазикот“ (Essai sur l’origine des langues) во кое своите идеи од теоријата на музиката ги применува во областа на комуникацијата.[11]

Во 1754 година, Русо напишал уште една статија за Академијата во Дижон, „Расправа за потеклото на нееднаквоста меѓу луѓето“ (Discours sur l'origine de l'inégalité parmi les hommes) со која не успеал да ја освои наградата на конкурсот на тема: „Во што се состои потеклото на нееднаквоста меѓу луѓето и дали нееднаквоста е утврдена со природниот закон?“ Статијата била објавена во септември 1755 година и била посветена на Републиката Женева поради намерата на Русо да го врати своето право како граѓаниин на Женева кое го изгубил по прифаќањето на католичката вера. Во статијата, Русо ја опишува природната состојба како состојба на невиност. Човекот се разликува од ѕверовите по две нешта: прво, неговиот напор за сопственото унапредување и второ, моралниот квалитет — сочувството. Во природната состојба човекот живее сам, а дури подоцна, кога станува општествено суштество, тој се расипува. На почетокот, кога луѓето се здружиле поради заеднички лов или заедничка одбрана, тоа го зголемило сочувството, но подоцна, кога човекот почнал да ја обработува земјата, тоа довело до појавата на приватната сопственост. Дури оттогаш, нееднаквоста во поглед на дарбата довела до нееднаквоста во поглед на богатството. Самата идеја за сопственост предизвикува судири и војни меѓу луѓето при што едни луѓе ги потчинуваат и поробуваат другите. Тогаш, богатите луѓе имаат потреба од ред и закони заради заштита на нивниот имот и така настанува политичкито систем. Меѓутоа, со воспоставувањето на политичкото општество нееднаквоста се институционализира и уште повеќе се зголемува. На крајот, тој систем предизвикува отуѓеност, односно состојба во која „човекот живее надвор од себеси и знае да живее само во мислењето на другите... тој стекнува свест за своето постоење само преку ставот на другите луѓе.“[12]

Во 1761 година го објавил романот „Новата Елоиза“ (Le nouvelle Héloise) кој постигнал голем успех, а една година подоцна се појавил романот „Емил“ (Émile). Во нив, Русо ја изложува идејата дека личните идеи не можат да бидат потчинети од државата и од притисокот на општеството. Во 1762 година се појавило неговото најпознато дело „Општествениот договор“ (Du contrat social), а истата година ја напишал статијата „Верската професија на савојарскиот свештеник“ (Profession de foi du vicaire savoyard) која претставува напад врз религијата. Во 1770 година го завршил делото „Исповеди“ (Confessions).[7]

Политичка мисла

уреди

Како претставник на радикалната концепција на природно-правната теорија за граѓанското општество, Русо особено обрнува внимание на две суштествени состојби. Прво, Русо, за разлика од останатите теоретичари на природно-правната (договорната) теорија, општеството што настанува по пат на склучување општествен договор го сфаќа како „морален и севкупен организам“, како „општествен човек“ што „своето единство, заедничката идентичност, живот и волја“ ги стекнува како резултат на „отуѓувањето“ (во смисла на нивно органско пренесување) на природните права на членовите-создавачи на тој договор и нивно „пренесување“ на новата државна (органска) заедница што ја создаваат. Секој државјанин - ќе рече Русо - да биде сосема независен од сите други, а целосно зависен од државата. Тоа се постигнува секогаш со истите средства, зашто само силата на државата ја прави слободата на своите членови. „Граѓанските закони се јавуваат токму во вториот однос“.

Препуштајќи ја во општа „сопственост“ својата личност, „секој член се претвора во неразделен дел од целината“. На оваа основа Русо ја прави разликата помеѓу волјата на сите (volonte de tous) и општата волја (volonte generale); „последнава ја гледа само општата корист, а првата - користа на поединците, па затоа е само збир на поединечни волји... За општата волја да дојде до вистински израз, мошне е важно во државата да нема одделни друштва и секој граѓанин да гласа според сопственото убедување“.

Наводи

уреди
  1. Русо, Жан-Жак (1978). Јован Таковски (преведувач) (уред.). Општествениот договор или начела на државното право. Скопје: Мисла, Култура, Наша книга.
  2. Jean-Jacques Rousseau, The social contract. Penguin books, 1968, стр. 9-11.
  3. Jean-Jacques Rousseau, The social contract. Penguin books, 1968, стр. 22-23.
  4. Jean-Jacques Rousseau, The social contract. Penguin books, 1968, стр. 11-12.
  5. Jean-Jacques Rousseau, The social contract. Penguin books, 1968, стр. 1-15.
  6. Jean-Jacques Rousseau, The social contract. Penguin books, 1968, стр. 9-24.
  7. 7,0 7,1 Jean-Jacques Rousseau, The social contract. Penguin books, 1968, стр. 1.
  8. Jean-Jacques Rousseau, The social contract. Penguin books, 1968, стр. 23-25.
  9. Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 210.
  10. Jean-Jacques Rousseau, The social contract. Penguin books, 1968, стр. 15-17.
  11. Jean-Jacques Rousseau, The social contract. Penguin books, 1968, стр. 24.
  12. Jean-Jacques Rousseau, The social contract. Penguin books, 1968, стр. 20-22.