Грузиска православна црква
Грузиска православна црква (грузиски: საქართველოს მართლმადიდებელი სამოციქულო ეკლესია) — национална црква на Грузија и една од четиринаесетте автокефални цркви на православието. Оваа црква е една од најстарите христијански организации, чие основање традиционално се поврзува со мисијата на апостол Андреј во Колхида и Кавкаска Иберија во текот на I век.
Грузиска православна црква საქართველოს სამოციქულო ავტოკეფალური მართლმადიდებელი ეკლესია | |
Основач | апостол Андреј, Света Нина |
Независност | Антиохиска патријаршија во 486, Руска православна црква во 1917 |
Признавање | |
Поглавар | Архиепископ мцхетски и тбилиски Илија II |
Седиште | Тбилиси, Грузија |
Територија | Грузија |
Власт | Западна Европа, САД, Русија, Турција, Азербејџан, |
Јазик | грузиски |
Верници | 3,500,000[1] |
Портал | www.patriarchate.ge |
Во текот на 2002 година, околу 80% од жителите на Грузија се определиле како православни христијани. Вкупниот број на верници е околу 5 милиони, а околу 1.500.000 живеат надвор од земјата. Црквата има 35 диоцеза и 512 цркви кои се одржуваат од страна на 730 свештеници.
Историја
уредиСпоред традицијата и верувањата, во времето кога апостолите биле испратени за да го проповедат Евангелието на народите по целиот тогашен свет, апостол Андреј се упатил кон Колхида и Иберија. Според една друга легенда, апостол Симон исто заминал кон Кавказ, каде бил погребан во едно село блиску денешниот град Сухуми. На овие простори проповедал и Матеј, Вартоломеј и Тадеј.
Веднаш со пристигнувањето на апостол Андреј, тој го започнал своето проповедање, и притоа крстил голем број од населението. Според преданието, на местото каде апостолот ја поставил иконата на Пресвета Богородица, се отворил исцелувачки извор од вода. Поради ова, во нејзина чест бил изграден манастир.
Првата грузиска епархија била основана во Ацкури, од страна на апостол Андреј. Најстара позната денес црква во Грузија датира од III век и се наоѓа во Настакиси, во источна Грузија. Од 303 година, Нина од Кападокија започнала да го приповеда христијанството во Иберија и во 317 година христијанството било признаено како официјална државна религија на земјата од страна на царот Миријан II и неговата сопруга Нана. Христијанизацијата во западните делови на Грузија конечно завршила во текот на VI век. Свети Георги Победоносец бил сметан за покровител на земјата, од каде и доаѓа името на земјата на голем број европски јазици (Georgia).
Од почетокот на IV век, Грузиската православна црква била под јурисдикција на Антиохиската патријаршија. Таа станала автокефална во 466 година, кога епископот Мцхета бил прогласен за католикод на Картли. Во периодот од VI до X век, земјата претрпела голема трансформација, со појавата на монаштвото. Еден од најпознатите центри на христијанската култура се Грузискиот манастир во Синај, манастирот Иврион во Атон, Бачковскиот манастир во Тракија итн.
Во 1010 година, катокликосот на Картли бил издигнат до патријарх и започна да ја носи титулата католикос-патријарх на цела Грузија. Монголските и турските инвазии во периодот од XIII до XV век се одразиле многу тешко на христијанството во земјата. Од XV век, црквата како и државата била разделена на два дела, кои биле управувани од два католикос-патријарх.
Во почетокот на XIX век, Грузија паднала под силно влијание на Русија. Во 1801 година Источна Грузија влегла во состав на Руската Империја. Во 1811 година Светиот Синод му го одзела чинот Патријарх на Антониј II и го поништил патријаршиството во Грузија. Така, Грузиската автокефална црква била лишена од својата автокефалност и била потчинета под Руската православна црква. Од 30 јуни 1811 година Грузиската црква имала статус на Грузиски егзархат на Руската Црква. И покрај тоа што имало најразлични отпори, сепак грузискиот јазик бил заменет со руски во богослужбата.
Со започнувањето на Руската револуција во 1917 година, грузиските епископи повторно ја повратиле автокефалноста на црквата. Но ова не било признаено од страна на Руската православна црква, како и од Болшевиците, кои земјата ја зазеле во 1921 година. Во следните години, црквата била подложена на силни притисоци и закани. Голем број на цркви биле затворени, а стотици монаси и свештеници биле убиени.
Автокефалноста на Грузиската православна црква била признаена од страна на Руската православна црква во 1943 година. Но, политиката на Советскиот Сојуз спрема црквите не се променила ниту по крајот на Втората светска војна. Во 1989 година, автокефалноста на црквата била признаена и од страна на Цариградската патријаршија.