Полска поезија
Полската поезија ја сочинуваат поетските дела создадени на полски јазик.
Историски развој
уредиПолската поезија во XVI и во XVII век
уредиПочетоците на уметничката полска поезија се наоѓаат во XVI век, а првиот вистински полски поет бил Миколај Реј (1505-1569) од Нагловица од кого се сочувани неколку драми во стихови, како што е „Животот Јосифов“. Сепак, се претпоставува дека и пред него постоеле некои поети кои се непознати. Така, важно место во историскиот развој на полската поезија имаат химната „Богуроѓица“, воена песна која полските војници ја пееле во текот на неколку векови. Сепак, вистинскиот почеток во развојот на полската поезија се поврзува со Јан Кохановски (1530-1584), познат како Јан од Чарнолас, кој ги создал полската поезија и полскиот книжевен јазик. Кохановски создавал песни на народниот јазик („Псалтир“), но пишувал и сложена интимна поезија, а исто така, тој поставил повеќе урнеци за римата, ритамот и метриката од сите негови наследници. Поради тоа, до ден-денес, Кохановски претставува пример и идеал на полските поети.[1] Во поезијата на XVII век посебно место зазема барокниот поет Анджеј Морштин.[2]
Полската поезија од XIX век до Првата светска војна
уредиНајвисоките дострели на полската поезија датираат од времето на романтизмот, кога се појавиле неколку големи полски поети: Адам Мицкјевич, Јулијуш Словацки, Зигмунт Крашињски и Ципријан Норвид. Нивните дела не само што се вбројуваат во најзначајните врвови на светската поезија, туку имале голема улога и во јакнењето на полската национална свест и национално единство. Мицкјевич ја воздигнал полската позија до нивото што не било забележано пред него, неговите сонети спаѓаат во поетските ремек-дела, неговите „Задушници“ го означуваат врвот на полската патриотска поезија, а неговите подоцнежни лирски песни се претходници на поезијата од XX век. Словацки ги засенил своите современици со богатството на поетскиот јазик, со националната борбеност, со мистиката и со визионерството. Иако денес е малку подзаборавен, во целиот XIX век, Крашињски уживал голем углед во полската поезија. Најпосле, Норвид умрел како непризнаен поет, но тој е зачетник на модерната полска поезија. Полската модерна (позната како „Младата Полска“) претставувала назадување и доцнење во однос на развојот на поезијата од тоа време. За разлика од Норвид, кој му се спротивставил на романтизмот, поетите на „Младата Полска“ заглавиле во артизам, неоромантизам и ларпурлартизам. Историчарите на книжевноста ги објаснуваат ваквите тенденции како последица на немањето сопствена држава и на постојаната потреба за враќање кон „вечно полските“ проблеми, но останува фактот дека творештвото на овие поети (Асник, Каспрович, Виспјањски и Пшибишевски) не е прифатливо за денешните читатели.[3]
Полската поезија меѓу двете светски војни
уредиСоздавањето на независната полска држава во 1918 година го означило раѓањето на новата полска поезија. Полските футуристи, тесно поврзани со сликарите од групата на т.н. „формисти“ први се обиделе да се вклучат во новите струења во европската поезија. Тие им се спротивставиле на „сите принципи кои го кочат поетското творештво“, ги отфрлиле сите поставки на романтизмот, симболизмот и експресионизмот, се залагале за отфрлање на логиката, се стремеле кон апсурдот и ја негувале психолошката фантастика. Најзначајни претставници на полскиот футуризам се: Бруно Јасјењски, Титус Чежевски, Станислав Млодожењец, Анатол Стерн и Александер Ват). Истовремено, во Варшава се појавила друга поетска група, која од 1919 година настапувала со името „Скамандар“ според истоименото списание. Оваа група ја сочинувале: Јулијан Тувим, Јан Лехоњ, Антони Слонимски, Јарослав Ивашкјевич и Казимјеж Вјежињски. На почетокот, припадниците на „Скамандар“ биле блиски до футуристите. Така, во тоа време, критичарите го нарекувале Тувим „маг на футуристите“, а и тој самиот во една песна тврди дека е првиот полски футурист. Исто така, во првиот број на списанието „Скамандар“, Ивашкјевич тврдел дека тие го создале вистинскиот полски футуризам. Во секој случај, футуризмот во Полска траел многу кратко: некои од неговите припадници ѝ се приклучиле на групата „Скамандар“, други се поврзале со краковската авангарда, а некои морале да емигрираат. Меѓу двете светски војни, „Скамандар“ била најсилната и највлијателната поетска група во Полска. Иако објавувале во истото книжевно списание, тие ја отфрлале секоја програма, објавувајќи дека „програмите секогаш се гледање наназад“. Како свој претходник го сметале Леополд Стаф, а Карол Виктор Завоѓински бил нивниот главен теоретичар. Нивниот главен придонес кон поeзијата се состои во оживувањето на техниката на стихот, во враќањето на поезијата на животот (т.н. „витализам“) и во раскинувањето со празниот естетизам на модерната. Пеејќи за обичниот човек и за секојдневните животни појави, тие ја приближиле поезијата кон пошироката публика.[4]
Наспроти „Скамандар“, со амбициозна програма настапиле припадниците на авангардата од Краков: Тадеуш Пајпер, Јулијан Пшибош, Јан Бженковски, Јалу Курек и Адам Важик при што најважен теоретичар бил Тадеуш Пајпер, а Пшибош бил најголемиот поет од оваа група. Тие искажувале непријателство кон старото и ги отфрлале сентиментализмот, патосот и романтизмот, а нивната главна парола била „Масата, Градот, Машината“. Тие се залагале за строга, нова техника на пишување, не признавале никакви поетски претходници, а главен пример им бил Никола Коперник. Пајпер барал од песната да се исфрли сликата, зашто таа спаѓа во сликарството, а не во поезијата и барал создавање такви метафори кои предизвикуваат игра на поимите. Тој барал необични споеви на зборовите, дисциплинирање на реченицата и „срамежливост на чувствата“ („еквивалентизација или псевдоанимирање на чувствата“) што значи „не кажување на емоциите непосредно, туку барање такви еквивалентни зборови кои не би ги именувале непосредно, но сепак би ги сугерирале“. Меѓутоа, наспроти борбеноста и интелигентната формулација на нивните теоретски поставки, поезијата на краковската авангарда заостанувала зад нивната програма. Единствено, Пшибош остварил завидна поетска кариера, но во времето кога краковската авангарда престанала да постои. Сепак, краковската авангарда извршила големо влијание во развојот на полската поезија, зашто таа настапила самостојно дури и во односот кон тогашната европска поезија, а сите подоцнежни поетски групи во Полска израснале од неа. Оваа т.н. „втора авангарда“ ја сочинувале три групи: лублинската чиј водач бил Јузеф Чехович, виленската и варшавската. Залагајќи се за строга форма, концизност и отфрлање на реториката и нарацијата, Чехович ја внел мелодијата на народната песна, повеќе се потпирал кон музикалноста и не го отфрлал сентиментализмот. Поетите од групата во Вилно, особено Загурски и Чеслав Милош, биле творци на т.н. „катастрофизам“. Од другите тенденции во полската поезија од периодот меѓу двете светски војни треба да се спомене пролетерската поезија на Владислав Броњевски, Витолд Вандурски и Станислав Ришард Станде. Покрај нив, постоеле и некои помали поетски групи, како „Квадрига“ во Варшава во која членувал Константи Илдефонс Галчињски; потоа, т.е. „автентисти“ чиј водач бил Станислав Черњик; како и некои поети кои не членувале во поетските групи, како Мјечислав Јаструн.[5]
Полската поезија по Втората светска војна
уредиВтората светска војна претставувала голем удар за полската поезија: еден дел од полските писатели завршиле во германските или советските затвори и логори (Галчињски, Броњевски); некои погинале во Варшавското востание од 1944 година (Кшиштоф Бачињски, Тадеуш Гајци, итн.), а некои поети емигрирале во Западна Европа, во САД или во СССР (Тувим, Слонимски, Вјежињски, Лехоњ, Важик). Сепак, дури и во тие тешки услови се појавиле бројни значајни поетски збирки: „Срцето на гранатата“ (1944) на Адам Важик, „Место на земјата“ (1945) на Јулијан Пшибош, „Избрани песни“ (1945) на Владислав Броњевски, „Проблемот на фантазијата“ (1945) на Збигњев Бјењковски, „Спасение“ на Чеслав Милош (1945), „Човечка работа“ (1946) на Мјечислав Јаструн, „Мртво време“ (1946) на Леополд Стаф, „Избрани песни“ (1946) на Јарослав Ивашкјевич, „Полско цвеќе“ (1948) на Јулијан Тувим итн. Меѓутоа, по воспоставувањето на комунистичката власт дошло до голема стагнација во полската поезија и во тој период повеќето поети стапиле во служба на естетскиот догматизам, пишувајќи оди за Сталин и за новата власт (Владислав Броњевски, Мјечислав Јаструн, Адам Важик, Јулијан Тувим, Тадеуш Ружевич, Вислава Шимборска, итн.).[6]
Големиот пресврт во развојот на полската поезија настапил во октомври 1956 година, кога дошло до ревизија на сите ставови и до преоценување на дотогашното поетско творештво. Тогаш, во поезијата се појавиле повеќе нови имиња, родени во 1920-тите и во 1930-тите, како: Тимотеуш Карпович, Мирон Бјалошевски, Збигњев Херберт, Маријан Јахимович, Јежи Харасимович, Станислав Гроховјак, Малгожата Хилар, Роман Шливоњик, Иренеуш Иредињски, Маријан Гжешчак, итн., кои се познати како „поколението од 1956“. Истовремено, во овој бран на полската поезија се вклучиле и постарите поети, како Адам Важик со својата „Поема за возрасните“, Пшибош, Јаструн, итн. Најпосле, во текот на неколку години умреле најзначајните полски поети, како: Галчињски (6.12.1953), Јулијан Тувим (27.12.1953), Јан Лехоњ (1956) и Леополд Стаф (1957). Притоа, предвоената авангарда, особено Пшибош, извршила најголемо влијание врз поетите од „поколението од 1956“, а од повоените поети, како пример им послужил и Ружевич. Исто така, врз помладите поети од поновите генерации (Бордович, Јежина, Садовска, Спрушињски) видливо е влијанието и на повоената англосаксонска поезија. Со текот на времето дошло и до промена во содржината на полската поезија: генерацијата од 1956 претежно се занимавала со актуелните политички и општетсвени теми, но подоцнежната поезија е помалку политички ангажирана, но мисловно позрела и формално позрела. Најистакнати претставници на повоената полска поезија се: Тадеуш Ружевич, Вислава Шимборска, Збигњев Херберт, Мирон Бјалошевски, Јежи Харасимович, Бјењковски, Станислав Гроховјак итн.[7]
Наводи
уреди- ↑ Petar Vujičić, „Predgovor“, во: Savremena poljska poezija. Beograd: Nolit, 1964, стр. 5.
- ↑ Petar Vujičić, „Predgovor“, во: Savremena poljska poezija. Beograd: Nolit, 1964, стр. 7.
- ↑ Petar Vujičić, „Predgovor“, во: Savremena poljska poezija. Beograd: Nolit, 1964, стр. 5-7.
- ↑ Petar Vujičić, „Predgovor“, во: Savremena poljska poezija. Beograd: Nolit, 1964, стр. 7-9.
- ↑ Petar Vujičić, „Predgovor“, во: Savremena poljska poezija. Beograd: Nolit, 1964, стр. 9-11.
- ↑ Petar Vujičić, „Predgovor“, во: Savremena poljska poezija. Beograd: Nolit, 1964, стр. 11-12.
- ↑ Petar Vujičić, „Predgovor“, во: Savremena poljska poezija. Beograd: Nolit, 1964, стр. 12-14.