Никола Коперник
Никола Коперник (полски: Mikołaj Kopernik; Торуњ, 19 февруари 1473 – Фромборг, 24 мај 1543) — полски астроном, кој прв ја изнел современата варијанта на теоријата за хелиоцентричниот (со сонцето како негов центар) сончев Систем, во неговата епохална книга „De revolutionibus orbium coelestium" („За движењето на небесните топки“). Коперник е роден во градот Торуњ, Кралска Прусија, автономна покраина на Кралството Полска. Се школувал во Полска и Италија, животот претежно го поминал работејќи во Фромборк, Кралска Прусија, каде што и починал.
Никола Коперник | |
---|---|
Портрет од 1580 година | |
Роден(а) | 19 февруари 1473 Торуњ, Полска |
Починал(а) | 24 мај 1543 Фромборк, Полска | (возр. 70)
Полиња | математика, астрономија, канонско право, медицина, економија |
Познат по | хелиоцентризам |
Потпис |
Коперник бил еден од најголемите полихистори на своето време. Бил математичар, астроном, правник, физичар, учител, управник, функционер, дипломат, економист и војник.
Покрај својата ангажираност и различни интереси, тој ја сметал астрономијата за негова вокација. Неговата теорија дека Сонцето, а не Земјата, е центар на Вселената, се смета за една од најважните и решавачките за понатамошниот развој на астрономијата, вклучително се смета и за една од најважните теории за човештвото. Таа теорија, со своето доаѓање, ги поставува темелите на модерната астрономија и ги охрабрува младите научници, астрономи и учители да пристапат со поголема скепса кон дотогашната догма.
Биографија на Коперник
уредиКоперник е роден 1473. Кога бил на десетгодишна возраст, неговиот татко, богат трговец со бакар и почитуван граѓанин на Торуњ, умира. Многу малку се знае за мајката на Никола Коперник – Барбара Ватценроде, за која се смета дека нејзиниот сопруг ја надживеал. Чичкото на Коперник по мајчина линија, Лукас Ватценроде, црковен канонизатор а, подоцна, кнез-епископ, гувернер на архиепископијата во Вармија го закрилил Коперник, и функцијата на Лукас, му овозможила на Никола да се развива под закрилата на црквата, и да ги развива интересите кон астрономијата. Коперник имал две сестри и еден брат:
- Андреас станал канонизатор во Фромборк
- Барбара пристапила како Бенедиктинска сестра
- Катарина се омажила за богат трговец, и градски советник по име - Бартел Гертнер
Во 1491 Коперник пристапил во Краковската Академија (денес Јагјелонски Универзитет) каде веројатно за првпат се судрил со астрономијата, под менторство на неговиот учител – Алберт Бруѕевски. После четиригодишен престој во Краков, заминал за Италија, каде започнал со студии по медицина и право на универзитетите во Болоња и Падова. Неговиот чичко – бискуп ги финансирал неговите студии, и посакувал Никола исто така што стане бискуп. Но, Коперник за време на студиите во Ферара, се среќава со познатиот астроном Доменико Марија Новара да Ферара. Коперник аплицирал за неговото менторство, и така станал негов воспитаник и помошник. Првите опсервации што Коперник ги направил, биле во 1497 година, заедно до Новара, и се забележани во неговата книга „De revolutionibus orbium coelestium“.
Во 1497 година, чичкото на Коперник е назначен за Бискуп на Вармија и Коперник бил наименуван за канонизатор на Фромборшката Катедрала. Но почекал до Големиот Јубилеј во 1500 година. Коперник тогаш отишол во Рим и држел предавања по астрономија и математика.
Набрзо потоа, Коперник се вратил во Падова за да продолжи со студии и во 1503 година станал докторант по црковно право.
Тој за да ги поткрепи своите теории, тогаш споменал и некои теории и претпоставки на Цицерон и Платон за движењето на Земјата и конечно, во 1504 година почнал со детално проучување и поткрепување на сопствената теорија. Ја напуштил Италија и отишол да работи во Фромборк. Пред да се врати во Вармиа, добил позиција во Колегијалната Црква на Светиот Крст во Вроцлав, Шлеска, од којашто позиција се откажал, само неколку години пред неговата смрт. Иако ги положувал сите усилби за астрономијата, до крајот на неговиот живот таа не станала официјално негова професија.
Во 1514 година тој го изнел својот „Commentariolus“ – краток ракопис, во кој ги објаснува неговите идеи за хелиоцентричниот систем – и го пуштил во употреба за блиски луѓе. Потоа продолжил да работи на својот труд. За време на војната меѓу Тевтонскиот Поредок и Кралството Полска (1519 -1524), Коперник успешно го спасува Олзтин, главен на кралските трупи, заробен од војските на Алберт Бранденбуршки.
Во 1533 Алберт Видманштат изнесува неколку лекции во Рим, прикажувајки ја во општи црти теоријата на Коперник. Ова произнесување било проследено со голем интерес од страна на католичките кардинали, вклучувајќи го и папата Климент VII. Хипотезата на Коперник веќе била распространета како вест низ Европа и од многу краишта на континентот Коперник добил покани да го издаде својот труд.
Во писмо, кое датира од 1 ноември 1536, од кардиналот Никола Шоенберг од Капуа, Коперник е поканет да соработува со него, да ги споделува сопствените идеи и замолен да му даде на кардиналот копија од својот труд. Кардиналот во писмото изразил особено силен впечаток од работата на научникот.
Коперник сепак го одложувал издавањето на својата книга, пред сѐ веројатно заради стравот од силните критика и цензура кои би биле предизвикани од нејзиното публикување. Но тој продолжил усрдно да работи врз своето дело, кога во 1539, Георг Јоаким Ретикус, голем математичар од Витенберг, пристигнал во Фромборк. Филип Меланштон уредил Ретикус да посети неколку астрономи и да учи со нив. Ретикус станал ученик на Коперник и останал кај него две години, во кои напишал книга „Naratio prima“, во која прави краток осврт на теоријата на својот учител. Во 1542, во име на Коперник, Ретикус издава теза за тригонометрија, која подоцна ја вклучува во втората книга „De revolutionibus“. Под голем притисок на Ретикус, Коперник конечно попуштил, и ја дал својата книга на печатење во Нирнберг, под покровителство на Тидеман Гизе, бискуп и негов близок пријател.
Има легенда која вели дека првиот примерок од „De revolutionibus“ била ставена во рацете на Коперник, во денот кога починал за да може да се збогува со својот животен опус (opus vitae).
Коперниковиот хелиоцентричен систем
уредиРани теории
уредиИма доста пишани факти за раните теории околу хелиоцентричниот систем. Траги за претпоставки се најдени во ведските текстови, напишани на санскрит, кои датираат уште од VII век п.н.е. : Веди, Ајтареја Брамана, Шатапата Брамана.
Хрониките од 1 век, Вишну Пурана, објаснуваат за овие хелиоцентрични концепти.
Филолаус (4 век п.н.е.) исто така изнел хипотеза за движењето на Земјата, веројатно инспириран од Питагоровиот сферичен глобус.
Аристарх од Самос, во 3 век п.н.е. развил извесни теории на Хераклид Понтикус (кој зборува за движење на Земјата околу нејзината оска) и дошол до првите сериозни претпоставки за вистинитоста на хелиоцентричниот систем. Неговиот труд на таа тема не е зачуван, затоа може само да се шпекулира врз одредени прашања околу него.
Забележително е дека, според Плутарх, дека своевремено Аристарх бил обвинуван за грешник, заради тоа што “ја поставил Земјата во ситуација на движење”.
Арјабхата од Индија го претекнал Коперник со скоро 1000 години, и формира теорија во која Земјата се движи околу својата оска, и периодите на движење на Земјата и планетите се одредени од Сонцето. Тој исто така бил прв кој открил дека светлината од Месечината и планетите е рефлектирана сончева светлина.
Работата на арапскиот научник Ибн ал-Шатир содржи наоди слични на тие на Коперник и се претпоставува дека Коперник бил повлијаен точно од нив.
Коперник ги цитира Аристарх и Филолаус во ран негов ракопис кој е зачуван, изјавувајки : Филолаус верувал дека Земјата се движи, а некои веруваат дека и Аристарх од Самос е на истото мислење. Непознато е зошто, овој пасус недостига во печатената верзија на неговата книга. Се верува дека Коперник сам го отстранил од ракописот.
Инспирацијата на Коперник му дошла, не од набљудувањето на планетите, а непосредно по читањето на двајца автори, Цицерон и Плутарх (чиишто хроники, особено за работата на други астрономи, му биле од голема полза на Коперник).
Овие автори пишувале за земја која зе движи околу сонце. Кога била издадена книгата на Коперник, таа содржела неавторизиран вовед, дело на лутеранскиот теолог – Андреас Осиандер. Овој клерик истакнал дека Коперник ја напишал својата теорија во вид на математичка хипотеза, а не на профана претпоставка која може да е вистинита или не.
Ова било истакнато за да ги омекне евентуалните црковни осуди и да покаже дека книгата нема религиозна позадина, но нема докази дека Коперник ја дал теоријата на основа единствено на математиката. Коперник се спротивставува на хипотезата која е присутна во Стариот завет (Исус Навин 10:13), дека Сонцето се движи околу Земјата.
Се расправа дека Коперник не само што ја вмешал астрономијата при пишувањето на тезата, а исто така користел и значајни дела и влијанија од исламската традиција, математиката, а особено трудовите на Насир ел-Дин Туси, Муајад ел-Дин ел Урди и Ибн Ал-Шатир.
Птоломејскиот систем
уредиПтоломејскиот систем е прикажан во книгата „Алмагест“ (Голема книга), напишана од Птоломеј, која датира од 150та година н.е. Тој тврди дека Земјата е центар на Универзумот, и сѐ ротира околу неа. Но телета околу коишто се ротира, и самите ротираат, според него. Тие се наречени хомоцентрични сфери, попознати во астрономијата под друг термин – ексцентрици, кое означувало дека оската им е изместена, и не минува точно низ центарот.
Особениот придонес на Птоломеј кон оваа теорија, била идејата за еквант – сложена теза која објаснува дека некои луѓе при мерење на ротацијата на Сонцето некогаш се зема за централна оска на Универзумот, а другпат, при други мерења (на други луѓе) тоа има изместена, друга локација. Ова окажува ефект на „нишање“ на некои орбити, факт што не малку го занимавал Коперник. Во тоа време, најблизу до Птоломеевиот систем биле тие на Пеурбах (1423 –1461) и Региомонтан (1436 – 1476).
Коперниковата теорија
уредиГлавната теорија на Никола Коперник била издадена во неговата книга „За движењето на небесните топки“, во годината на неговата смрт, иако тој дошол до заклучоците неколку децении порано.
Во книгата, уште на нејзиниот почеток, тој се оградува од теоријата за геоцентричен (и антропоцентричен) универзум, во кој Земјата е негов центар. Коперник бил категоричен дека Земјата е само една планета која се движи околу Сонцето, и прави периоди од една година, и околу својата оска прави период од еден ден. Тој дошол до точниот распоред на познатите планети и ја објаснил прецесијата на рамнодениците точно, со мали отстапки.
Дал точно произнесување и за годишните времиња, заради фактот дека Земјината оска не е нормално (од геометрија) поставена во однос на рамнината на нејзината орбита. Тој навел уште едно движење на Земјата, при коешто оската преку целата година си покажува кон една иста точка, додека Галилео Галилеј кажал дека ако оската не покажува кон една иста точка, тоа би означувало нејзино движење.
Коперник исто така ги заменил Птоломеевите екванти со повеќе епикружници. Системот на Коперник, соодветно на тоа, содржел повеќе епикружници.
Системот на Коперник не бил експериментално подобар од системот на Птоломеј. Коперник се плашел од ова, и поради недостаток на докази, се потпрел на тоа – како би требало да изгледа елегантно и целосно тој систем.
Од издавањето на книгата, па сè до 1700 година, само неколку астрономи биле убедени во теоријата на Коперник, иако од неговата книга веќе постоеле околу 500 примероци. Теоријата на Коперник окажала влијание врз работата на Галилео Галилеј, Јоханес Кеплер, кој ја доразвил, а се обидел и да ја докаже. Галилеовите набљудувања на фазите на Венера, биле првите практични докази кои ја поткрепувале теоријата на Коперник.
Коперниковиот систем може да биде систематизиран и поделен во седум начела.
- Во универзумот не постои центар
- Центарот на универзумот е близу до Сонцето
- Растојанието меѓу Земјата и Сонцето е незначителна во однос на растојанието меѓу Земјата и ѕвездите
- Движењето на Земјата околу нејзината оска е одговорно за дневното движење на ѕвездите
- Годишните движења на Сонцето се предизвикани од движењто на Земјата околу Сонцето
- Повратното движење на планетите е резултат на движењето на Земјата, од каде што набљудуваме.
De revolutionibus orbium coelestium (За движењето на небесните топки)
уредиКнигата „За движењето на небесните топки“ (1543) била резултат на децении истоштувачка работа. Таа (нејзиниот оригинал) почнува со анонимен предговор од Андреас Осиандер, теолог и пријател на Коперник, кој наведува дека таа теорија не значи дека е вистинита надвор од рамките на тезите на астрономијата.
Актуелната верзија на книгата на Коперник започнува со писмо од неговиот пријател Никола Шоенберг, Архибискупот на Капуа, кој го мотивира Коперник да ја публикува својата книга.
Во продолжителен вовед, Коперник ја посветува својата книга на Папа Павле Трети, наведувајки ги причините зошто порано не го издал својот труд, стравот од несогласување, и укажува дека ако неговата теорија се испостави за точна, тогаш црквата ќе може да развие по-точен календар.
Во тоа време биле крајно неопходни реформи во тогашниот Јулијански календар и затоа црквата имала голема потреба од астрономите и нивните наоди.
Книгата на Коперник била поделена во шест книги:
- Генерален осврт на хелиоцентричната теорија, и генерално претставување на истата пред светот
- Теоретско излагање на принципите на сферичната астрономија и список на ѕвезди (како темел на аргументите изнесени понатаму)
- Видливите движења на Сонцето и феномените сврзани со тоа
- Опис на Месечината и нејзините орбитални движења
- Конкретен приказ на новиот систем
- Конкретен приказ на новиот систем (2)
Коперник и Коперниканизмот
уредиТеоријата на Никола Коперник е од огромно значење за човечкото знаење и ресурси. Многу автори тврдат дека во главно само Евклид, Исак Њутн и Чарлс Дарвин извршиле радикално влијание врз човечкото познание. Исто така многумина го оградуваат учењето на Коперник од науката.
Неговата работа извршила влијание врз науката, а особено значење извршила врз (не)наметнувањето на религиски догми.
Тој ги прекршил сите догматски учења до тогаш и одеднаш се наметнал со тврдењето дека не е потребен Бог да ги создаде луѓето од кал и вода, и да им вдахне душа, затоа што науката може да објасни сѐ.
Гробот на Никола Коперник
уредиВо август 2005 година, тим од археолози, предводен од Јержи Гасовски, шеф на институтот по археологија и антропологија во Путуск, го откриваат гробот и останките за кои веруваат дека се на Коперник, непосредно по скенирање на подот на Фромборшката Катедрала.
До изводот доаѓаат после година дена проучување, и после раскопките во август, веста ја објавуваат на 3 ноември.
Гасовски изјавил дека е скоро 100% убеден дека тоа се моштите на Никола Коперник. После реконструкцијата на черепот кој бил пронајден, бил добиен портрет кој бил исклучително близок до авто-портретот на Коперник.
Експертите исто така тврдат дека черепот припаѓал на седудесет-годишен старец, а Коперник починал на (околу) таа вораст.
Научниците се надеваат дека ќе пронајдат и роднини на Коперник затоа што сега можат слободно да прават и ДНК тестови.
Историска поткрепа за потеклото на Коперник и неговата националност
уредиСè уште не е точно сосема познато дали Коперник бил Германец или Полјак.
Таткото на Коперник, исто така по име Никола ( веројатно Коппернигк), бил граѓанин на Краков, тогаш главен град на Полска, но го напуштил овој град во 1460 и отишол да живее во Торуњ кој припаѓал на Хенсеатската Лига, како и на Пруската Федерација, која што, неколку години пред да се роди Коперник почнала вртоглаво да се издига, за да добие независност од Тевтонските Рицари, кои управувале со тој реон околу 200 години угнетувајки ги мештаните.
Коперник, којшто е нарекуван Миколај Коперник во Полска, и Николаус Коперникус во Германија, е роден во Торуњ, и повеќето од деновите во работа ги поминувал во Кралска Прусија.
Од денешна гледна точка Коперник може да се нарече Германски Полјак, но тоа е сѐ уште спорно.
Надворешни врски
уреди„Никола Коперник“ на Ризницата ? |
- Реконструкција на лицето на Коперник; Портрет Архивирано на 27 септември 2007 г.; Никола Коперник (англиски)
- Коперник и астрологијата (англиски)
- Никола Коперник на Стенфордската енциклопедија на филозофијата (англиски)
- За гробот на Никола Коперник (англиски)
- Пронајдени останките на Никола Коперник (англиски)