Збигњев Бјењковски
Збигњев Бјењковски (полски: Zbigniew Bieńkowski; 31 август 1913, Варшава - 23 февруари 1994) - полски поет.
Творештво
уредиИако Бјењковски се појавил на сцената пред Втората светска војна, како следбеник на авангардата, објавувајќи ги своите песни по списанијата, тој ѝ припаѓа на повоената полска поезија. Првата година по ослободувањето на Полска ја објавил збирката „Проблемот на фантазијата“ со која веднаш се вброил меѓу најважните полски поети. Речиси 15 години подоцна ја објавил својата втора поетска збирка „Три поеми“ (1959), која не само што е една од највредните остварувања во современата полска поезија, туку е значајна и во европски размери. Уште со својата прва книга Бјењковски покажал дека мислите за војната можат да се искажат во вид на мисловна лирика која, исто така, е еден вид борба и непокор. Делото „Три поеми“ е обид за поезијата да се размислува со помош на средствата на лирската поезија. Песните во неа се еден вид философски есеи за принципите на поетското творештво, но изразени со поетска постапка, а не со философска. Тие се истовремено поеми, поетски трактати и химни на поезијата како уметност на зборот, како и најлирски песни што може да се напишат. За Бјењковски, зборот е сè, зашто предметот постои само откако ќе се именува, а името може да открие нови особини на нештата и појавите. Неговата фантазија е творечка и тој се задлабочува не само во проблемот на создавањето на поезијата, туку и во механиката и психологијата на секое творење. Иако е далеку од описот на интимните чувства, Бјењковски ги поставува проблемите на својата поезија како најопшти проблеми, им дава личен тон, ги збогатува со чувства и со фантазија и го принудува читателот да тргне на едно големо патување кон непознатото.[1]
Наводи
уреди- ↑ Savremena poljska poezija. Beograd: Nolit, 1964, стр. 153-154.