Повардарие

(Пренасочено од Повардарје)

Повардарие — географски, етнографски и административно-политички термин кој се користи за средишниот дел на Република Македонија, односно долината на реката Вардар. Терминот Повардарие се користи за релјефната целина Ниска Македонија, за долината на реката Вардар и населените места во неа, а исто така е и име на втората по големина винарска визба во Република Македонија.

Географија

уреди

Географскиот терминот Повардарие ја опфаќа долината и течението на реката Вардар од Дервенската Клисура и Скопската Котлина сѐ до Гевгелија и границата со Грција, со сите притоки и сите планини и клисури.

Во минатото, таа била исполнета со вода, од три езера, но поради силните тектонски движења тие истекле кон Егејското Море. На тој начин се создала композитната долина на Вардар во која се сменуваат повеќе котлини и клисури: Скопската Котлина, Таорската Клисура, Велешката Котлина, Велешката Клисура, Тиквешката Котлина, Демиркаписка Клисура, Гевгелиско-валандовската Котлина и Циганската Клисура.

По должината на реката вардар навлегуваат средоземни климатски влианија, така што климата е потопла цела година, а во котлините има претежно плодни почви погодни за одгледување разни земјоделски култури.

Демографија

уреди

Административно и политички Повардарието (Повардарскиот регион) ги опфаќа градовите: Велес, Кавадарци, Неготино, Демир Капија, Гевгелија, Валандово и Богданци. Најголем град е Велес со 46.690 (заедно со Превалец) жители, кој е и главен град на Вардарскиот статистички регион.

Според пописот од 2002 година, во Повардарието живееле 177.215 жители, во 11 општини. Од нив 118.535 имало во градовите, а 58.680 во селата.[1]

Македонците сочинуваат 88,5 % од населението, а во помал број се застапени и другите етнички заедници. Албанците и Бошњаците живеат во неколу села во Велешко, Турците во Велес и во Валандовско, а Србите во Тиквешијата, Бојмија и Дојранско.

Села со над 2.000 жители во регионот се: Ваташа (3.502 ж.) - денес приградска населба на Кавадарци, потоа Росоман (2.554 ж.), Горно Оризари (2.262 ж.), Градско (2.219 ж.) и Негорци (2.047 ж.).[2]
На табелата е прикажан бројот на население во регионот по општини, поделено по етнички групи:[3]

Општина Македонци Албанци Турци Роми Власи Срби Бошњаци останати Вкупно
1. Велес 46.767 2.299 1.724 800 343 540 2.406 229 55.108
2. Кавадарци 37.157 2 164 679 27 214 4 144 38.391
3. Гевгелија 19.654 8 31 13 214 349 4 89 20.362
4. Неготино 17.768 30 243 453 14 627 1 76 19.212
5. Валандово 9.830 / 1.333 32 1 639 1 54 11.890
6. Богданци 8.093 2 54 1 5 525 / 27 8.707
7. Чашка  4.370 2.738 390 / 1 63 67 44 7.673
9. Демир Капија 3.997 23 344 16 / 132 1 32 4.545
8. Росоман  3.694 / / 6 / 409 / 32 4.141
10. Градско 2.924 125 71 127 / 23 465 25 3.760
11. Дојран 2.641 17 402 59 3 277 2 25 3.426
Вкупно 156.895 5.244 4.756 2.186 608 3.798 2.951 777 177.215

Според бројот на жители, најголема општина е Велес, а најмала Дојран, додека според површина најголема територија зафаќа општината Чашка, а најмала - Богданци.

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X
  2. „Население на Република Македонија според изјаснувањето за етничката припадност, по населени места, според пописите на население 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година (согласно територијалната организација од 1996 година)“. Државен завод за статистика.
  3. Население на Република Македонија според изјаснувањето за етничката припадност, по населени места, според пописите на население 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година (согласно територијалната организација од 1996 година) *Државен завод за статистика http://makstat.stat.gov.mk Архивирано на 3 февруари 2020 г..