Ниска Македонија — релјефна целина што се протега по целата долина на реката Вардар од Дервенската Клисура на север до македонско-грчката граница на југ. Карактеристични земјишни облици се неколкуте ниски планини, котлините и клисурите.

Настанок

уреди

Во далечното минато Вардарската долина или Повардарието било изложено на силни тектонски движења на спуштање, при што се создале големи пукнатини и се формирал тектонски ров. Подоцна овој ров бил исполнет со вода од праисториското Палеогено Море, а потоа се создале посебни езера поврзани со притоки. Во подоцнежните времиња езерската вода постепено истекла кон југ. Како резултат на тоа, на местото на езерата останале и денес да постојат котлините, а на местото на отоките, со дејство на реката Вардар се создале клисурите. Со поврзувањето на котлините и клисурите низ цело Повардарие се создала денешната композитна долина на реката Вардар, односно по целото Повардарие се наоѓаат големи наслаги од варовници, флишни седименти, песок, глина итн.

Котлини и клисури

уреди

Котлините во Ниска Македонија се многу значајни за развој на земјоделството. Од Дервенската Клисура на југ по композитната долина на реката Вардар се наредени следниве котлини и клисури: Скопска Котлина, Таорска Клисура, Велешка Котлина, Велешка Клисура, Тиквешка Котлина, Демиркаписка Клисура и Гевгелиско-валандовска Котлина која преку Циганската Клисура е поврзана со Солунско Поле.

Планини

уреди

Ниска Македонија е опкружена со повеќе планини: Скопска Црна Гора, Серта, Градешка Планина и Плауш од источната страна, а Жеден, Водно, Китка, Клепа и Кожуф од западната страна. Од овие планини најзначајни и највисоки се Кожуф и Скопска Црна Гора.