Бугаризација

(Пренасочено од Побугарчување)

Бугаризација се нарекува процесот на наметнување и утврдување на модерниот бугарски национален идентитет каков што постои во современата држава Бугарија: бугарска национална свест, бугарски јазик, обичаи и друго.

Бугаризацијата е последица на идеологијата на бугарштината која се појавува во XVIII век. Таа е насочена кон населението на територијата каде подоцна се формирала бугарската Егзархија, која се совпаѓа со земјите на подоцна замислената Сан-Стефанска Бугарија, а тоа се Тракија, Мизија и Македонија. Приврзениците на бугаризмот се потпираат врз историското минато на Балканскиот Полуостров, при што културно-историското наследство од 7 век до денес, кое се спомнува како бугарско, се прогласува за наследство на денешните Бугари. Според идеологијата на бугаризмот, во времето на Првото Бугарско Царство (681 - 971) дошло до формирање на бугарска народност во која влегле пред сè Словените, потоа малубројните Прабугари, а исто така и грцизирани и романизирани антички Балканци - Тракијци, Даки, Илири, а подоцна Грци, Ерменци, Власи, Кумани, Печенези и мали групи од други племиња и народи, а сите територии на кои се простирало царството станале бугарски земји. Вака од времето на Цар Симеон, (893-927) словенските племиња на широкиот простор од Дунав до Егејот и од Јадран до Црното Море го прифатиле заедничкиот етникон „Бугари”. Тие го асимилирале византиското население, а Прабугарите се претопиле и исчезнале во словенската етничка маса.

Бугаризација

уреди

Во Бугарија за зачетник на Бугарската преродба се смета калуѓерот Паисиj Хилендарски од Банско, Пиринска Македонија. Паисиj се смета за втемелувач и пропагатор на бугарското име и бугарскиот етнички карактер во Македонија.[1] По Големата француска револуција (1789 - 1799 година) започнал порастот на национализмот во Европа, вклучително и во Отоманското Царство. Бугарската идеја се изразувала во овој период во спорадични акти на црковен протест против денационализаторската политика на Цариградската патријаршија. Меѓу новите идеи кои внеле просветителството меѓу Рум-милетот, била и идејата за граѓанска нација. На бугарското земјиште започнал процес на национална преродба, и како резултат на тоа почнала борбата за бугарска црковна независност, наречена во тоа време Бугарско национално движење. Ерата на јавни реформи, наречена Танзимат, започнала во 1839 година и завршила со усвојување на првиот отомански устав од 1876 година, но и тоа дало дополнителни надежи на Бугарите. Според Георги Раковски од 1848 година, отоманска влада започнала во некои официјални документи да ги одделува Бугарите од Рум-милетот и да им дава народносно име: Бугар милет.[2] Во 1849 година бил издаден официјален султански ферман, со кој се овозможило Бугарите во Цариград да имаат свој храм. Во 1860 година бугарските свештеници таму еднострано прогласили независност на Бугарската Црква од Цариградската патријаршија, но тоа довело до репресија и зајакнување на католичката пропаганда. Така на 14 април 1861 година Јосиф Соколски бил признат од султанот со специјален берат за „милет баши на Бугарите унијати со Рим“, што значело формално признавање на бугарскиот народ.[3][4] Истовремено во Русија добил замав панславизмот, кој влијаел силно на руската надворешна политика, која имала зацртано да ги заштитува националните движења на балканските Словени и да им помага при создавањето на нивните држави. Така, не без помошта на руските дипломати во Цариград, на 28 февруари 1870 година султанот Абдул Азиз издал ферман со кој била призната самостојна Бугарска егзархија. Вака де јуре било признато постоењето на посебен бугарски народ.

Бугаризација на Македонците

уреди
 
Картичка со оригиналниот текст на поемата "Т’га за југ", од Константин Миладинов

Првите појави на бугаризација кај Македонците се забележани пред средината на XVIII век, со разгорувањето на интересот кон словенството и посебно кон старословенскиот јазик. Вака бугарското име почнало да се реактивира во Македонија, бидејќи истражувачите го наоѓале во старите пишани споменици на словенски и други јазици. Тогаш идеите за постоење на „словенска нација со бугарско име на Балканот“ ја прифатиле одреден број македонски интелектуалци. Некои од нив подоцна биле под силно руско влијание (студенти во Русија) или одржувале блиски врски со бугарските национални водачи. Бугаризацијата својот вистински замав го зема по 1871 год., кога голем дел од Македонија, бегајќи од асимилаторската политика на Цариградската патријаршија, се има ставено под јурисдикција на Бугарската егзархија, како поблиска и словенска црква. Во матичните книги на родените, крстените, венчаните и починатите сите се запишуваат како „Бугари по род“. Во училиштата кои биле под директна егзархиска управа целата настава била насочена кон воспитување на децата во бугарски национален дух. Во пракса, поголем дел од македонските Словени станале егзархисти по формирањето на Егзархијата.

Борба против бугаризацијата

уреди
 
Тодор Живков и Георги Димитров на конгрес на Татковинскиот фронт во 1946 г.

Од самиот почеток се јавил отпор против традициите кои биле внесувани од Бугарија. Отпорот најчесто бил пасивен со тоа што Македонците барале во идниот бугарски национален идентитет да се вградат елементи и од македонските традиции и јазик. Со текот на времето отпорот станува поотворен и поагресивен, изразуван преку бунт на македонските ученици и учители против политиката на Егзархијата и на бугарската влада[се бара извор]. На крај до израз доаѓа отвореното барање за изградба на посебни македонски институции: македонска црква, македонски литературен јазик, македонски училишта.

Меѓу најистакнатите борци против бугаризацијата се Ѓорѓи Пулевски од Галичник, владиката Теодосиј Гологанов од Неврокопско, Крсте Петков Мисирков од Пела и др. Според некои македонски историчари како ревизионистот Зоран Тодоровски, македонските преродбеници, исто како и дејците на ВМРО, се декларирале како Бугари. Според историчарот Иван Катарџиев, периодот меѓу двете светски војни претставува „време на зреење“ на македонската национална свест. За Катарџиев, „дефинитивната афирмација“ на македонскиот национален идентитет е овозможена преку „елиминацијата на активноста на соперничките пропаганди, особено на бугарската дури по Втората светска војна.

Бугаризацијата во XXI век

уреди

Со влегувањето на Република Бугарија во Европската Унија, бугарските власти започнуваат со давање бугарски државјанства и пасоши на македонски граѓани. Најголемиот дел од нив истите ги земаат заради економски причини и работа во странство.[5][6] Во 2018 во Бугарија избива скандал околу издавањето на бугарски пасоши, со обвинение за корупција на високи функционери од Државната агенција за Бугари во туѓина[7], за трговија со пасоши издавани на Македонци, Албанци, Молдавци, Украинци кои плаќале и до 5000 евра.[8][9][10]

По потпишувањето на таканаречениот „Договор за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија“ на 1 август 2017 година од страна на премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов, во септември 2020 година Бугарија испрати т.н. „објаснувачки меморандум“ до земјите членки на Европската Унија.[11] Меѓу другото, во меморандумот Бугарија на најдиректен начин го негира постоењето на македонскиот етнос, македонската нација и македонскиот јазик, како и постоењето македонско малцинство на својата територија.[12][13]

Поврзано

уреди

Извори

уреди
  • Стефан Влахов Мицов: Филозофски клуч за македонскиот идентитет [1] Архивирано на 27 септември 2007 г.[2] Архивирано на 27 септември 2007 г.[3] Архивирано на 27 септември 2007 г.
  • Драган Ташковски: Кон етногенезата на македонскиот народ
  • Драган Ташковски: Раѓање на македонската нација
  • Александар Донски: Етногенетски разлики помеѓу Македонците и Бугарите
  • Георги Радуле: Историја на Македонија (апологија на македонизмот)
  • Георги Радуле: Кој ја фалсификува историјата

Надворешни врски

уреди
  • Виртуелна библиотека со текстови од точката на гледање на македонските Бугари (односно бугаризираните Македонци) - врска.
  • Пример за бугаризација (Асимилација на Помаците во Бугарија, на бугарски јазик) [4][5]

Наводи

уреди
  1. "Македонска енциклопедија", Македонска академија на науките и уметностите, Скопjе, 2009, том 1, статија "Бугарското име во Македонија", стр. 222.
  2. Нѣколко риечи о Асѣню Първому: великому царе българскому и сину му Асѣню Второму, Георги Стојков Раковски во Кн. Србија. Книги-печятницѫ, 1860, стр 2.
  3. Историја на Бугарите. Том 2 од Georgi Bakalov, ISBN 954621213X, TRUD Publishers, 2004, стр.
  4. Communities and identities in Bulgaria, Anna Krŭsteva, Longo, 1998, ISBN 8880632108, p. 308
  5. Защо Македонците стават българи (бугарски)
  6. Македонци: "Българският паспорт е унижение" (бугарски)
  7. България е разтърсена от скандал за търговия с паспорти Архивирано на 2 јануари 2019 г. (бугарски)
  8. Секој може да купи бугарско државјанство. (македонски)
  9. За бугарски пасош Македонците плаќале по 1.000 евра! (македонски)
  10. Да си купиш българско гражданство (бугарски)
  11. Бугарија испрати т.н. „објаснувачки меморандум“ до земјите членки на Европската Унија Архивирано на 27 ноември 2020 г. (македонски)
  12. Бугарскиот меморандум поставува нови услови за Македонија во преговорите со ЕУ (македонски)
  13. Захариева: Признавањето на бугарските корени го ставаат ад-акта прашањето за македонско малцинство (македонски)