Рум милет ( Millet-i Rum) била верска заедница (милет) во Отоманското Царство, која ги опфаќала православните Христијани кои имале свои автономни административни институции (судови, училишта, болници и др.), распоредени во одделни градски населби во периодот од XV до XX век.[1]

Карта на преовладувачките религии на територијата на Османлиската империја кон крајот на 16ти век.

Формирање и развој

уреди

Етнонимите (националностите) ретко се користеле за целите на администрацијата во Отоманското Царство. Православниот милет (румелијски, односно ромејски милет) бил под управата на грчката Цариградска патријаршија. Како дел од верската заедница на грчкиот милет, Македонците, Бугарите, Србите, Власите, дел од Албанците и другите православни народи биле скриени малцинства во рамките на овој милет до нивното признавање како посебни милети. Без сомнение тие имале свест дека припаѓаат кон некоја етничка заедница, но таа не создавала толку силни чувства на приврзаност и лојалност. Под отоманската власт етнонимите никогаш не исчезнале целосно, што покажува дека некоја форма на етничка идентификација била зачувана. Тоа се гледа од султанскиот ферман од 1680 година, во кој се наведени народностите во некои балканските земји на империјата, како: Грци (Рум), Албанци (Арнаут), Срби (Срф), Власи (Ефлјак) и Бугари (Булгар).[2] Сепак, тогаш обичните луѓе гледале на себеси повеќе како христијани, а татковината им се протегала до границите на земјата на родната им населба.[3]

Според некои автори, рум милетот постоел како еден историски (православен) етнос.[4] Во таа смисла ромејската заедница може да се разбере како „пранација“. Многу одлики на ромејската заедница потсетуваат на нацијата. Нејзините членови имале заедничко име - „ромеи“ се користело од сите етнички групи. Таа имала и своја религија, православието, како основен елемент на нејзинот идентитет. Таа имала своја територија - дел од Отоманското Царство. Таа користела и општоприфатен писмен јазик, грчкиот, кој како литургиски јазик и како лингва франка до одреден степен престанал да биде јазик само на одредена етничка заедница. Ромејската заедница се состоела и од различни социјални класи - буржоазијата, занаетчиите и селаните. Во составот на буржоазијата влегуваал и ромејскиот административен апарат - патријаршискиот клир. Свештенството било „ромејско“, од различни етнички заедници, а не исклучиво грчко. Ромејската заедница имала и свој христијански културен идентитет. Ромејската црковна литература, напишана главно на грчки, припаѓала на целата заедница, без оглед на етничката припадност на авторот или читателот.

Пораст на национализмот

уреди

По Големата француска револуција (1789 - 1799 година) во ХІХ век започнал пораст на национализмот во Европа, вклучително и во Отоманското Царство. Сепак барем до 40-те години на ХІХ век се ширило т.н. „погрчување“ на интелигенцијата (подоцна и бугаризирање и србизирање во Македонија), кое во голема мера се совпаѓало со поевропејувањето на населението. Дотогаш гркофоните ромеи или гркомани ја ширеле европската цивилизација, но не наметнувале грчки етнички идентитет. Меѓутоа, во почетокот на 19 век со продорот на западните идеи за нацијата во отоманското општество, постепено започнала да се менува содржината на милет-системот. Цариградската Патријашија, која дотогаш била обединувачката институција на православниот милет, започнала да се трансформира во политичка институција и да се идентификува со грчкиот народ, преземајќи ја улогата на грчка национална црква. Тоа ги поттикнало и другите народи на Балканот што му припаѓале на Рум-милетот да започнат борба за национално осамостојување. Еден од многуте внатрешни и надворешни политички и културни фактори несомнено била реакцијата на балканските етнички заедници против наметнувањето на Мегали идејата. Од 40-те години во целиот полуостров почнала трескавична активност на т.н. „етнички активисти“, чија цел била уништување на старата ромејска заедница и трансформацијата на јазичните заедници во посебни нации со свои држави и цркви.

Националното будење на секоја етничка група биле комплексни и имало интеракција на едни етнички групи со други. Бугарската егзархија еднострано прогласила независност од Патриаршиjата во 1860 година, а била призната од страна на Османлиите во 1870 година, кое било само дел во серијата на слични настани. Така, порано била прогласена автокефалната Православна Црква на Грција во 1833 година и Православна Црква на Романија во 1865 година. Во 1877-1878 руско-турската војна нанела решавачки удар врз отоманската власт на Балканскиот Полуостров. Потоа, Српската православна црква, прогласила автокефалност во 1879 година. Стравот на Албанците дека земјите во кои тие живееле ќе биде поделени меѓу соседните држави го поттикнале растот на албанскиот национализам и така била основана Призренската лига. Признавањето на Власите како посебен народ во Отоманското Царство станало со султански ферман во 1905 година. Како резултат на тоа, силни етнички и национални соперништва меѓу балканските народи се појавили во пресретот на 20 век во Македонија. Тие се одвивале во серија конфликти помеѓу Грците (Гркомани), Србите (Србомани), Бугарите (Бугарофили) и Власите (Руманофили) во регионот. Младотурската револуција од 1908 го вратила парламентот, кој бил суспендиран од страна на султанот во 1878 година. Младотурците, кога дошле на власт, го прогласиле Османизмот за официјална идеологија и го прокламирале создавањето на единствена Отоманска нација, составена од одделните народности (милети) во Империјата. Сепак, процесот на заменување на монархиските институции бил неуспешен и Империјата продолжила да се превиткува под притисок на локалните револти. Потоа, со Балканските војни, Отоманското Царство ги изгубила речиси сите свои земи на Балканот, со што бил ставен де факто крај на заедницата на Рум-милетот.

Македонските Словени и не биле признаени од Султанот како посебен милет. Тие сè уште биле именувани како „Булгар-милет“, а во помала мера како „Рум-милет“ или „Срб-милет“.[5] Во втората половина на XIX век и почетокот на XX век, започнала македонската преродба, која што се зајакнала во периодот меѓу двете светски војни,[6] а врвната точка ја достигнала по Втората светска војна.[7]

Наводи

уреди
  1. Encyclopedia Britannica online, Eastern Orthodoxy (Christianity)
  2. История на българите. Късно средновековие и Възраждане, том 2, Георги Бакалов, TRUD Publishers, 2004, ISBN 9545284676, стр. 23. (Bg.)
  3. Europe and the Historical Legacies in the Balkans, Raymond Detrez, Barbara Segaert, Peter Lang, 2008, ISBN 9052013748, p. 36.
  4. Roudometof, Victor; Robertson, Roland (2001). Nationalism, globalization, and orthodoxy: the social origins of ethnic conflict in the Balkans. Greenwood Publishing Group. pp. 68-71. ISBN 0313319499.
  5. Kaufman, Stuart J. (2001). Modern hatreds: the symbolic politics of ethnic war. New York: Cornell University Press. pp. 193. ISBN 0-8014-8736-6. "The key fact about Macedonian nationalism is that it is new: in the early twentieth century, Macedonian villagers defined their identity religiously—they were either "Bulgarian," "Serbian," or "Greek" depending on the affiliation of the village priest. While Bulgarian was most common affiliation then, mistreatment by occupying Bulgarian troops during WWII cured most Macedonians from their pro-Bulgarian sympathies, leaving them embracing the new Macedonian identity promoted by the Tito regime after the war."
  6. At the end of the WWI there were very few historians or ethnographers, who claimed that a separate Macedonian nation existed... Of those Slavs who had developed some sense of national identity, the majority probably considered themselves to be Bulgarians, although they were aware of differences between themselves and the inhabitants of Bulgaria... The Macedonian conflict: ethnic nationalism in a transnational world, Loring M. Danforth, Princeton University Press, 1997, ISBN 0-691-04356-6, pp. 65-66.
  7. During the 20th century, Slav Macedonian national feeling has shifted. At the beginning of the 20th century, Slavic patriots in Macedonia felt a strong attachment to Macedonia as a multi-ethnic homeland. They imagined a Macedonian community uniting themselves with non-Slavic Macedonians... Most of these Macedonian Slavs also saw themselves as Bulgarians. By the middle of the 20th. century, however Macedonian patriots began to see Macedonian and Bulgarian loyalties as mutually exclusive. So regional Macedonian nationalism had become ethnic Macedonian nationalism... This transformation shows that the content of collective loyalties can shift. Region, Regional Identity and Regionalism in Southeastern Europe, Ethnologia Balkanica Series, Klaus Roth, Ulf Brunnbauer, LIT Verlag Münster, 2010, ISBN 3825813878, p. 127.

Извори

уреди

Поврзано

уреди