Паликурска базилика

археолошко наоѓалиште во Македонија
Паликурска базилика

Карта

Местоположба 41°32′52″N 21°58′34″E / 41.54778° СГШ; 21.97611° ИГД / 41.54778; 21.97611
Основни податоци
Место Паликура
Општина Росоман
Тип

 базилика  некропола


Период римско време
старохристијанско време
доцноантичко време
Портал „Археологија“

Паликурска базилика (Црквиште/Манастир) — археолошко наоѓалиште во кавадаречкото село Паликура, Општина Росоман. Претставува базилика и некропола од старохристијанско време (доцната антика) и средниот век, со соседна градба од римскиот период. Се наоѓа на 600 м северозападно од селото, на левиот брег на Црна Река, непосредно до мостот, а на 1,7 км јужно од Стоби. Базиликата е откриена со ископувањата во 1916 г. Во 1976 г, во рамките на заштитните ископувања извршени поради изградбата на железничката пруга Градско-Шивец, на 50 м североисточно од базиликата е откриен римски објект, во супструкција од неколку редови ѕиданица, поставен во правец исток-запад. Пред западната фасада на објектот има правоаголен простор од 44,5 × 6,40 м, поделен со преградни ѕидови на три простории.[1] Крај источната страна на објектот се откриени три стопи, а се претпоставува дека имало девет, што ѝ припаѓале на колонада од трем. Стопите имаат квадратна основа (1 × 1 м) и се ѕидани од камен песочник во хоризонтален слој и малтер, исто како и ѕидовите на објектот. Се претпоставува дека откриените остатоци можат да се сметаат како дел од архитектонски објект — ан (ксенодохион). На местото од трасата на пругата се откриени и истражени 16 гробови, организирани околу еден верски објект од доцноантичкото време. Погребувањето било вршено во гробни дупки без конструкции и во гробови со примитивно поставени вертикални плочи од песочник. Се смета дека некрополата е настаната во XII век и имала семеен карактер. Меѓу гробните прилози (обетки, белезици од метал и стакло, прстени и друго) има и елементи од крајот на XI, како и од почетокот на XIII век.[1]

Базилика

уреди

Оваа градба од базиликален тип со трикорабен распоред се наоѓа на 2 км јужно од Порта Хераклеја. Централниот кораб ѝ завршува со полукружна апсида, доста широка. Во апсидниот простор се наоѓа помала апсида, како платформа за синтронот, чија конструкција со седиштата се издигала врз оваа апсида. Синтронот има седишта од северната и од јужната страна, што е откриено во 1981/82 г.

Централниот кораб е одделен од страничните со колонади чии основи се пронајдени на самото место. Базиликата имала припрата (нартекс), надворешна припрата (егзонартекс) и голем двор од источната страна, со низа одаи од кои една е осумаголна. Оваа одаја претставува еден вид скеуфилакион, а не крстилница како што дотогаш се претпоставувало. Околу базиликата се наоѓаат ѕидови што ја обградувале од северната страна.[2]

Базиликата е подигната кон крајот на IX или на почетокот на X век, над една голема палата што му припаѓала на некој великодостојник. Целокупната архитектонска пластика од античката градба е употребена во црквата, со дополнително одбележување на христијанските симболи. Во нејзината припрата и околу неа се пронајдени доцноантички — старохристијански гробови. Така оваа базилика влегува во групата гробишни, каде што биле изведувани обредите при погребувањето на умрените.

Од неговата источна страна се откриени гробови од средниот век, што укажува на брзото населување на Словените во блиската околина на Стоби.[2]

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 155-156. ISBN 9989-649-28-6.
  2. 2,0 2,1 Археолошка карта, стр. 72