Михајло Обреновиќ III

(Пренасочено од Михајло Обреновиќ)

Михајло Обреновиќ III [белешка 1], познат како Михајло Велики [1] (српски: Михаило Обреновић, 16 септември 1823 - 10 јуни 1868), бил кнез на Србија

Михајло Обреновиќ III
кнез на Србија
Портретот
На престол1839 - 1842  · 1860 - 1868
ПретходникМилан Обреновиќ II
НаследникАлександар Караѓорѓевиќ
Жена
  • Јулија Обреновиќ
ДецаВелимир Михаило Теодоровиќ (вонбрачен)
Полно име
Михајло Обреновиќ
ДинастијаОбреновиќ
ТаткоМилош Обреновиќ I
МајкаЉубица Обреновиќ
Биста-споменик на Михајло во Софија, Бугарија

Бил воспитан и школуван во западен дух и имал големи квалитети. Бил под влијание на српскиот просветител Вук Караџиќ. Имал две главни политички амбиции: да ги присоедини во една држава сите територии кои биле населени со Срби, според српската национална идеологија, односно Босна, Херцеговина и Црна Гора, спроведување на опсежни реформи во Србија. Михајло се стремел кон ослободување на Српското Кнежевство од османската власт.

Соработувал првенствено со Конзервативната партија, а негов премиер бил Илија Гарашанин. Спровел реформи и реорганизација на војската со помош на француски инструктори, српската војска станала дисциплинирана и била опремена со современа опрема, станал една од најсилните меѓу балканските држави. Се стремел кон формирање на балкански сојузнички систем, со цел соборување на османлиската власт. Склучил договори со три балкански држави: Црна Гора (1866), Грција (1867) и Романија (1868). Михајло од Србија направил центар на востаничката и националната активност на Балканот. Го помагал Бугарското национално движење и нејзиниот тогашен водач - Георги Раковски, а со негова дозвола во Србија била формирана Првата бугарска легија.

На 29 мај 1868 година врз Михајло бил извршен атентат и во текот на нападот кнезот со три истрели од револвер бил убиен. Немал директни наследници и бил наследен од својот внук Милан Обреновиќ.

Потекло

уреди

Обреновиќи

уреди

Михајло Обреновиќ бил најмалото дете на кнезот Милош Обреновиќ I и кнегињата Љубица. Се родил на 4 септември (стар календар) 1823 година во Крагуевац. Детството го минал во Крагуевац, Пожаревац и Белград. Милош и Љубица имале повеќе деца: Милан, Тодора, Марија, Габрила, Елисавета и Петрија. Петрија била омажена за баронот Теодор Хаџи Бајиќ од Варадиј, а Елисaвета била омажена за баронот Јован Николиќ.

Детство

уреди

Михајло го завршил школувањето во Пожаревац, а потоа со својата мајка се преселил во Виена. Неговиот постар брат Милан Обреновиќ II седнал на српскиот престол преку правото на наследство на 1 јуни 1839 година. Меѓутоа тој имал слабо здравје и често се разболувал. Владеел само 25 дена и умрел на 8 јули 1839 година во Белград. По неговата смрт било свикано српското собрание и за кнез бил избран Михајло.

Прво владеење

уреди
 
Александар Караѓорѓевиќ
 
Балканот во 1850 година

Во тоа време Михајло се наоѓал во Букурешт, во посета на еден имот на неговиот татко. Претставниците на собранието ги испратиле кнегињата Љубица и Анта Протиќ во Романија за да го донесат Михајло.

Михајло со својата мајка, пред да се врати во Србија, заминал кај османлискиот султан Абдул Меџит I кој го дочекал со високи почести. Султанот тогаш му ја доделил титулата мушир и го одликувал со ореденот Ифтихар.

На 2 март 1840 година, Михајло со својата свита пристигнал во Србија. На 26 јуни (стар календар) 1840 година, Михајло првпат го презел кнежевскиот престол и владеел до 25 август 1842 година. Бидејќи бил малолетен му било одредено намесништво: Јеврем Обреновиќ, Тома Вучиќ Перишиќ и Аврам Петронијевиќ.

Висока порта го потврдила неговиот избор како избран владетел, а не како наследен. Во првиот период од своето владеење, Михајло бил млад, неискусен и не се снаоѓал со сложените внатрешни и надворешни состојби на Србија. Во 1842 година бил соборен од престолот со буна која била предводена од еден од најистакнатите уставобранители - Тома Вучиќ Перишиќ. Уставобранителите во собранието избрале нов кнез - Александар Караѓорѓевиќ.

Прогонство

уреди
 
Јулија Хуњади
 
Портрет на Михајло

По буната на Тома Вучиќ Перишиќ, кнезот Михајло се повлекол од Србија со околу 1 000 свој приврзаници преку Сава и Дунав. За неговата понатамошна судбина одлучиле Хабсбуршката монархија и Османлиското Царство. Михајло бил испратен на имотот на својата сестра Савка Николиќ во Банат, а кнегињата Љубица во Нови Сад. На 14 мај 1843 година, кнегињата Љубица починала, а нејзиниот син го организирал погребот во манастирот Крушедол во Фрушка Гора.

Михајло тактички го чекал своето враќање во Кнежевството. На 2 јули 1853 година, испратил писмо до Вучиќ и Кничанин во кое известил дека нема насилно да тргне во Србија, бидејќи не сака да гази преку српски трупови.

Го напуштил Банат и со својот татко заминал за Виена каде Обреновиќи имале голем имот. Патувал низ Европа во потрага по својата идна жена. Во тоа време ја напишал песната Што се боре мисли моје. Во 1853 година во Виена се оженил со грофицата Јулија Хуњади (1831—1919), од фамилијата Хуњади де Кетељ. Во Виена ги изучил германскиот и францускиот јазик.

Второ владеење

уреди
 
Портрет на Михајло од Атанас Јовановиќ
 
Конакот на Михајло во Крагуевац

Кон крајот на 1858 година, Светиандрејското собрание одлучило власта да му биде вратена на Милош Обреновиќ I, меѓутоа Милош кратко владеел и починал на 26 септември 1860 година. По неговат смрт, Михајло по вторпат ја презел власта во Србија.

Михајло започнал голема активност во внатрешната и надворешната политика под девизата: Законот е највисока волја во Србија. Во почетокот на своето владеење спровел значајни промени во политиката во Србија.

Бил укинат т.н Турски устав и биле донесени нови законски акти од страна на Народносто собрание кои биле потврдени од кнезот. Започнал даночна реформа и реорганизација на армијата, била воведена регрутација на машкото население помеѓу 20 до 50 година, а српската армија броела 90 000 војници.

Михајло владеел апсолутистички и се мешал во работата на просветните и правосудните институции, презел дејствија и против младинското движење кое добило големи размери. Во 1864 година го забранил Друштвото на српската словесност.

На 3 јуни 1862 година, на Чукур чешма дошол до инцидент помеѓу турското и српското население, а Османлиите го бомбардирале Белград. Михајло тогаш патувал за Лозница и ја подготвувал војната против Османлиското Царство за ослободување на српските градови. На 23 јули 1862 година, во Белград на министерската седница ги повикал сите Срби да се спротивставата на Османлиите. Тогаш на сцена се манифестирала Михајловата мудра надворешна политика. Најпрво на англискиот двор го испратил Филип Христиќ кој требало да протестира против Османлиите и преку дипломатија да се избори за независноста на Србија. На 23 септември 1862 година, Михајло го известил својот народ дека Османлиите ќе ја напуштат Србија, освен Белград, Шабац, Смедерево и Кладово, каде требало да останат турски посади, а османлиските тврдини во Ужице и Соко требало да бидат срушени.

 
Прослава на Второто српско востание

На празникот Духовден, 23 мај 1865 година, Михајло им се обратил на сите борци од Второто српско востание кои ја доживеале прославата на педесетгодишнината од неговото кревање, на живите востаници им доделил споменица која била излеана од првиот топ на Милош Обреновиќ I и се нарекувала Таковски крст. Централната прослава била во Топчидер.

На 14 јануари 1867 година во Букурешт склучил договор со бугарската емиграција за заедничка држава на Србите и Бугарите на чело со него. По смртта на неговиот татко, тој го посетувал родниот град. Во непосредна близина на Шарениот конак, за таа ера, изградил голема масивна зграда која била наречена Михајлов конак.

Во есента 1866 година, Михајло побарал од Висока порта писмено да ги повлече своите посади од српските градови. Големиот османлискиот везир Али паша на 19 февруари 1867 година најавил дека султанот ќе ги отстапи сите градови на Србија каде што се наоѓала османлиската посада, меѓутоа во истите тие градови на сите јавни објекти покрај српското требало да се вее и османлиското знаме. Михајло добил писмото од султанот да замине за Цариград за да го прими ферманот со кој споменатите градови се препуштаат на Кнежевството Србија. На 18 март 1867 година, Михајло со брод се упатил кон престолнината на Османлиското Царство. Најпрво го посетил романскиот кнез во Букурешт, а потоа продолжил кон Цариград. Во османлиската претолнина бил пречекан од Ќамил беј, а потоа бил поздравен и од султанот. Пред заминувањето, Маихајло лично од османлискиот владетел го добил ферманот со кој му биле предадени градовите. На 4 април истата година, во Белград бил поздравен од народот. Со кнезот во Србија дошол и Али Риза паша, заповедник на османлиската посада во Белград, кој го придружувал Михајло во Цариград. Вечерта, белградските граѓани во чест на Михајло организирале голема прослава [2].

 
Михајло ги прима клучевите на Белград

На 6 април 1867 година на Калемегдан бил прочитал султановиот ферман и Али Риза паша, последниот белградски мухафис, клучевите на Белград му ги предал на Михајло, а потоа на белградските тврдини биле истакнати српското и османлиското знаме. Михајло потоа свечено на коњ влегол во градот, зад него одела седна српска чета која ја заменила османлиската стража. Истата ноќ, Михајло во зградата на белградската општина организирал голем бал. За потребите на овој бал, Анка Константиновиќ нарачала, од Виена, камелии со кои ги закитила сите дами на балот [3]. По преземањето на Белград, следните денови биле преземени и останатите градови. На 10 април, пешадискиот капетан Лазар Цукиќ го презел Шабац, на 12 април пешадискиот мајор Љубомир Узун-Мирковиќ го примил Смедерево, а на 14 април артилерискиот капетан Милутин Јовановиќ го презел Кладово [4].

Во надворешната политика, Михајло склучил договори со Црна Гора, Грција и Романија за заедничка акција на Балканот. Михајло меѓу првите ја разбрал Србија како Југословенски Пијемонт. На внатрешен план се соочил со српската младина која настапила против неговиот апсулутизам, таа била организирана во Обединетата српска младина со седиште во Нови Сад. Ова здружение го покренало списанието „Велика Србадија“. Во текот на осум години, Михајло владеел како просветителски апсолутист, ја унапредил Србија со промена на три влади кои биле предводени од Филип Христиќ, Никола Христиќ и Илија Гарашанин. Во 1868 година по поттикнал основањето на Народниот театар во Белград.

Атентат

уреди

Заговор

уреди
 
Михајло во 1862 година
 
Споменик на кнезот Михајло изработен од фиретинскиот вајар Енрике Пациј

Против Михајло бил организиран заговор со цел да биде убиен. Главни извршители на заверата биле браќата Радовановиќ, кои се одмаздувале поради затворањето на нивниот брат Љубомир Радовановиќ.

Главен извршител на атентатот бил Коста Радовановиќ, имотен и угледен трговец. Неговиот брат Павле Радовановиќ бил со него за време на убиството, а третиот брат кој учествувал во заговорот бил Ѓорѓе Радовановиќ.

Непосредни помагачи на атентатот биле Лазар Мариќ, поранешен претсдеаел на белградскиот оОштински суд, и Стоаоје Рогиќ, поранешен трговец.

Убиство

уреди

На 29 мај 1868 година, во недела околу пет часот, Михајло со кочија се упатил кон Кошутњак. Го придружувал неговиот аѓутант Светозар Гарашанин, син на Илије Гарашани, а во кочијата со кнезот седеле Томанија Обреновиќ, негова стрина, Анка Константиновиќ, негова братучетка и Катарина, Анкина ќерка со која Михајло сакал да се ожени.

 
Атентатот врз Михајло
 
Кошутњската шума

Во паркот во Кошутњак се појавиле браќата Павле и Коста Радовановиќ во свечени црни одела, со цилиндри на главите и вперени револвери кон кочијата на кнезот. Прв пред кочијата излетал Коста. Михајло него го препознал поради спорот околу неговиот брат Љубомир. Последните зборови на кнезот, според сведочењето на Коста за време на судењето, биле: Значи, вистина е. Михајло ги изговорил на француски јазик бидејќи дамите што седеле до него го познавале тој јазик.

Катерина се обидела да се потпре на Михајло и да не му дозволи на Радовановиќ да стрела. Во текот на судењето, Коста изјавил дека не сакал да убиен никого друг освен кнезот. Лакејот што ја возел кочијата ги преколнувал браќата да не извршуваат лудост. Прв почнал да стрела Коста, а му се придружил и Павле.

Михајло бил убиен со три истрели, а настрадала и Анка Константиновиќ која се обидела со своето тело да го заштити кнезот, Светозар Гарашанин бил ранет, се онесвестил и паднал од коњот. Катерина била полесно ранета и на француски почнала да повикува на помош, држејќи го Михајло. Браќата почнале да бегаат кон Топчидер каде што ги чекале останатите заговорници. Тука биле упасени од воената патрола. Некои од нив биле ранети при обидот за бегство.

Судење

уреди
 
Соборната црква во Белград

Сите заговорници биле сослушани, а главниот збор го водел Никола Христиќ. Пресудата гласела - смрт. Заговорниците биле стрелани на полноќ на Карабурма. Меѓу обвинетите биле и Ненадовиќи кои биле во роднинска врска со Караѓорѓевиќите и Павле Радовановиќ. Поради доверливост на докуметите за апсолутистичкиот режим на Михајло и смртната пресуда на Љуба Радовановиќ, владата ги прикрила докуметите од сослушувањето и причините за атентатот. Српската јавност била известена дека странски платеници го убиле Михајло и дека биле казнети со смрт.

Почест

уреди
 
Гробот на Михајло

По убиствата на Михајло, била прогласена национална жалост која траела три дена. Кнезот бил закопан во Соборната црка во Белград.

Во престолнината на Српското кнежевство бил подигнат споменик на кнезот Михајло.

На него од двете страни се градовите: Белград, Смедерево, Кладово, Шабац, Ужице и Соко, градовите кои Михајло ги добил за Србија.

На предната страна се наоѓа српскиот грб, а одзади се напишани зборовите:

"На Кнезот Михајло. М. Обреновиќ III. Благодарна Србија"

Наследник

уреди

Михајло немал законски потомци и на престолот бил наследен од Милан Обреновиќ, внук од Милошевиот брат Јеврем. Милан имал само 14 години кога бил избран за кнез и затоа било именувано намесништво во состав: Миливој Блазнавац, Јован Ристиќ и Јован Гавриловиќ. Михајло имал вонбрачен син Велимир, меѓутоа тој немал наследно право на престолот.

Белешки

уреди
  1. Треба да се истакне дека редоследот на кнезовите од династијата Обреновиќ се одредува според презимето, а не од името како во западните монархии. Михајло, според западната традиција требало да дојде на престолот под името Михајло I, меѓуто според српската историографија тој се именува како Михајло Обреновиќ III, бидејќи бил третиот Обреновиќ кој владеел.

Извори

уреди
  1. Guy Gauthier, Les Aigles at les Lions, Histoire des monarchies balkaniques, Éditions France-Empire, 1996
  2. Полексија Д. Димитријевић-Стошић: „Кључеви Белог града“, Београд 1967, стр. 123-128.
  3. Полексија Д. Димитријевић-Стошић: „Кључеви Белог града“, Београд 1967, стр. 165-176.
  4. Коста Н. Христић: „Записи старог Београђанина“, Нолит, Београд 1989, стр. 341-342

Литература

уреди
  • Др Милутин Д. Нешић, Кнез Михаило, Београд, 1920.
  • Илија Ђукановић, Убиство Књаза Михаила Обреновића, Београд, 1925.

Надворешни врски

уреди