„Бенка“ е расказ од рускиот и советскиот писател Михаил Шолохов. Оригинално, расказот бил објавен во декември 1924 година, во весникот „Млад ленинец (Молодой ленинец)“.[1] Расказот е објавен на македонски јазик, во превод на Цветко Мартиновски, како дел од збирката „Донски раскази“, објавена во 1965 година од издавачката куќа „Култура“.

Содржина

уреди

Николај Кошевој е командир на ескадрон на Црвената армија, иако има само 18 години. Тој потекнува од козачко семејство и се сеќава како, уште кога имал пет-шест години, татко му го качувал на својот коњ. Во меѓувреме, мајка му на Николај умрела, а татко му не се вратил дома уште од Првата светска војна. Од него, Николај ја наследил големата решителност, големата љубов кон коњите и бенката, голема колку јајце на гулаб, на левата нога, веднаш над глуждот. До петнаесеттата година, Николај работел како аргат, а кога еднаш низ селото поминувала Црвената армија, тој ѝ се приклучил и заминал да се бори против војската на Врангел.

Кога една соседна наслеба ќе биде нападната од козачките банди, Николај е замолен да оди да помогне во борбата против Козаците. Тој е веќе уморен од борбите и посакува да се пресели во градот за да го продолжи школувањето.

Еден атаман, со својата банда од педесетина донски и кубањски Козаци три дена бега од потерата на четата на Николај Кошевој. Атаманот не го видел својот дом цели седум години: најпрвин бил заробен од германската војска, потоа служел во армијата на Врангел, па некое време поминал во Цариград и пак се вратил на степите околу Дон. Тој со својот одред пристигнува кај воденицата на старецот Лукич од кого бара да му даде жито за коњите. Старецот лаже дека нема жито, но кога е фатен во лагата, тој мора да ја јаде земјата под нозете на атаманот во замена на својот живот. Ноќта, додека пијаните Козаци спијат во неговата воденица, Лукич оди во блиското село и ги известува војниците на Црвената армија за нивното присуство.

Утредента, Николај го поведува својот одред во потера по Козаците и се разгорува борба. Атаманот гледа како му се приближува еден млад коњаник, кој стрела кон него. Кога на коњаникот му завршува муницијата, атаманот набрзина му се доближува и го пресекува со сабјата. Додека тој умира, атаманот слегува од својот коњ за да му ги земе чизмите. Едната чизма е заглавена и тој ја трга со сета сила. Тогаш, атаманот ја гледа бенката на левата нога и сфаќа дека го убил својот син, Николај. Во очај, атаманот го гушка мртвиот син, а потоа се убива, пукајќи си со пиштолот во устата. Вечерта, на бојното поле доаѓаат коњаници, а од главата на атаманот, еден јастреб-мршојадец полетува кон небото.[2]

Наводи

уреди
  1. Цветко Мартиновски, „Епопеја - блескав одраз на револуцијата“, во: Михаил Шолохов, Донски раскази, Култура, Скопје, 1965, стр. 219.
  2. „Бенка“ во: Михаил Шолохов, Донски раскази, Култура, Скопје, 1965, стр. 5-17.