Меѓународно банкарство
Меѓународно банкарство (англиски: International Banking) подразбира извршување на банкарски работи, надвор од матичната земја. Тоа подразбира извршување на платен промет со странство, давање кредити на резиденти на други земји, позајмување на странски пазари и сл. Глобализацијата е присутна во сите области, а интензитетит на овој процес е посебно карактеристичен за финансиските пазари, вклучувајќи го и банкарството. Така, денес на светстката сцена доминираат големите банки, како: Дојче банк, британската Кралска банка на Шкотска, француската БНП Париба, швајцарската УБС итн. Кај сите нив, националната придавка се однесува само на седиштето и на сопственоста на капиталот, но тие имаат филијали надвор од својата земја, сопственици се на многу странски банки и голем дел од вкупните активности ги извершуваат на меѓународниот пазар.
Услуги во меѓународното банкарство
уредиБанките извршуваат различни активности во областа на меѓународното банкарство. Пред сѐ, банките се главните играчи на девизниот пазар, односно преку нив се извршува трговијата со девизи. Така, кога некоја организација сака да купи или продаде девизи, таа ќе се обрати до некоја комерцијална банка. Освен тоа, подоцна ќе видиме дека банките меѓу себе тргуваат со девизи и тоа зазема најголем дел од трансакциите на девизниот пазар. Во продолжение, банките им обезбедуваат на своите клиенти и одредени инструменти за заштита од девизниот ризик - изведени финансиски инструменти Финансиски деривати. Тесно поврзано со девизниот пазар е извршувањето на платниот промет со странство. Исто така, овде спаѓа и финансирањето на меѓународната трговија - традиционална активност со која се занимаваат како големите, така и помалите банки. Понатаму, кредитната активност на банките не е поврзана само со надворешната трговија, туку тие се ангажирани и во други форми на кредитирање на меѓународниот пазар. Најпосле, големите банки се занимаваат и со инвестициско банкарство, т.е. посредуваат при издавањето хартии од вредност на меѓународниот пазар.[1]
Девизен пазар
уредиРечиси секоја земја има сопствена валута, којашто претставува законско средство за плаќање во рамките на државните граници. Сепак, луѓето, претпријатијата и другите организации извершуваат и трансакции со партнери од други земји. Така, домашните претпријатија купуваат материјали од странство, а дел од своите производи ги продаваат на странските пазари. Исто така, претпријатијата од една земја отвораат фабрики или купуваат претпријатија во други земји. Понатаму, луѓето патуваат во странство поради различни причини: одмор, посета на роднини, школовање, лекување, работа итн. Оттука, за да се обезбеди непречено извршување на трансакциите меѓу партнери од различни земји, се наметнува потребата за менување на една валута за друга. На пример, кога македонско претпријатие купува материјали од германско претпријатие, тоа има потреба од евра за да ја плати набавката. Девизниот пазар (exchange rate market) ја опфаќа трговијата со валути на различни земји, при што, цената на една валута изразена во друга валута се нарекува девизен курс (exchange rate). На пример, ако девизниот курс на еврото изнесува 61.35 денари, тоа значи дека на девизниот пазар, едно евро се разменува за 61.35 денари.[2]
Структура на девизниот пазар
уредиМерено според обемот на трговијата, девизниот пазар е убедливо најголемиот финансиски пазар: во светски рамки, дневниот промет на треадиционалниот девизен пазар изнесува 4 трилиони долари. Инаку, девизниот пазар не е институционализиран, како што се берзите на хартии од вредност, туку претставува мрежа на голем број банки ширум светот, меѓусебно поврзани преку средствата за комуницирање (телефон, факс, интернет-врска итн). Сепак, најголем дел од светската трговија со девизи се извршува во неколку поголеми финансиски центри како: Лондон, Њујорк, Токио, Цирих и Сингапур.
Банките се јавуваат како главни учесници на девизниот пазар, а покрај нив, на девизниот пазар учествуваат и претпријатија, девизни брокери, небанкарски финансиски институции(пензиски фондови, осигурителни друштва, инвестициски фондови) и централни банки. Девизниот пазар претставува единствен, глобален пазар, бидејќи, благоадарение на различните часовни појаси, девизниот пазар работи нон-стоп. На пример, кога ќе заврши работното време во Њујорк, трговците со девизи можат да продолжат да тргуваат во Лондон, а потоа да се префрлат на пазарот во Сингапур.[3]
На девизниот пазар, банките тргуваат со претпријатијата или меѓу себе. Првиот пазар се нарекува пазар на мало (retail market) и тука, банките им продаваат (или купуваат) девизи на претпријатијата. Сепак, најголем дел од прометот на девизниот пазар отпаѓа на тргувањето меѓу самите банки, коешто се нарекува пазар на големо (wholesale market) или меѓубанкарски пазар (interbank market). Всушност, кога на некое претпријатие му се потребни девизи, тоа вообичаено ѝ се обраќа на својата локална банка, додека помалите банки купуваат девизи од големите банки. Притоа, главна улога на меѓубанкарскиот пазар имаат десетина големи меѓународни банки, коишто учествуваат со околу 80% од вкупниот промет.
Платен промет во странство
уредиТрадиционално, банките имаат централна улога во извршувањето на плаќањата меѓу луѓето и претпријатијата од различни земји. Имајќи предвид дека во меѓународниот платен промет учествуваат лица од различни земји (коишто имаат различни валути, различни законски прописи итн), разбирливо е дека значењето на банките како посредници во платниот промет е уште поголемо. Инаку, трансакциите во меѓународниот платен промет се поврзани со различни активности, како што се: туристички патувања, увоз и извоз на стоки и услуги итн. Притоа, сите плаќања меѓу лица од различни земји се извршуваат со посредство на две или повеќе банки. Во таа смисла, пресудно значење во меѓународниот платен промет има кореспондентното банкарство.[4]
Банките најчесто се јавуваат само во улога на посредник, односно тие не вложуваат сопствени средтсва, туку плаќањата се извршуваат од сметките на клиентите. Имено, ако некој клиент на банката треба да изврши плаќање кон странство, тој ѝ дава налог на својата банка, заедно со сите потребни документи, а банката го извршува плаќањето преку своите кореспондентни сметки. Оттука, овие активности не ги изложуваат банките на ризик или, во најлош случај, станува збор за условни обврски. Затоа, инструментите на меѓународниот платен промет се прикажуваат вонбилансно. На пример, таков е случајот со акредитивот, еден од најчесто применуваните инструменти во меѓународниот платен промет. Со акредитивот, една банка се обврзува дека на корисникот на акредитивот ќе му исплати одреден износ, доколку тој ги исполни условите наведени во него. Оттука, акредитивот претставува условна обврска за банката, бидејќи таа ќе го плати наведениот износ само ако корисникот на акредитивот ги исполни бараните услови. Се разбира, за посредувањето во меѓународниот платен промет банките наплаќаат провизија коишто претставуваат важен извор на приход.
Во рамките на меѓународниот платен промет, во поново време македонските банки започнаа да нудат една нова услуга наменета за населението, а тоа е т.н. брз пренос на пари. Притоа, освен банките, оваа услуга може да ја извршуваат и други трговски друштва, коишто ќе ги исполнат пропишаните услови, а давателите на оваа услуга можат да склучат договори со други трговски друштва коишто ќе делуваат како субагенти. Станува збор за услуга којашто им овозможува на луѓето брзо и едноставно да испратат или да примат одреден износ готови пари (во некоја странска валута) во или од странство. Меѓутоа наспроти овие поволности за извешената услуга, банките наплатуваат прилично високи провизии коишто се движат дури и до 5%. Инаку, во светот постојат две големи меѓународни мрежи за брз пренос на пари од една до друга земја: Вестерн Унион (Western Union) и Манигрем (MoneyGram). Притоа, меѓународниот платен промет се извршува со помош на одредени банкарски системи како што е СВИФТ (Society for Worldwide Interbank Financial Telecommunication, SWIFT)
Платниот промет со странство се извршува така што домашното лице ѝ дава налог на својата домашна банка да го изврши плаќањето во корист на некое странско лице. Врз основа на добиениот налог, домашната банка ѝ се обраќа на некоја странска банка со која соработува (кореспондентна банка) и странската банка му го исплаќа наведениот износ на странското лице. Во таа смисла треба да се забелжи дека плаќањето се извршува така што домашната банка има отворено сметка кај кореспондентната банка и од неа се вршат плаќањата кон лицата од таа земја. Се разбира, за услугите во меѓународниот платен промет, банките наплаќаат одреден надоместок (провизија). Инаку, плраниот промет со странство се врши со помош на различни инструменти како што се: чек, меница, дознака, акредитив итн.
Притоа, во зависност од тоа дали при наплатата на парите, корисникот треба да се поднесе одредени документи разликуваме чиста наплата и документарна наплата. Во првиот случај, лицето што ги прима парите не треба да исполни никакви посебни услови, туку парите само се префрлаат на негова сметка. Всушност, банката ги префрла девизите на девизната сметка на домашниот клиент или ги претвора еврата за денари по важечкиот девизен курс. За документарна наплата станува збор кога користикот на плаќањето треба да покаже одредени документи со кои докажува дека ги исполнил условите за да може да ги добие парите. На пример, ако македонски увозник треба да плати за увозот одредена сума во евра, плаќањето ќе се изврши на следниот начин: странското претпријатие, кога ќе ги испрати стоките во Македонија, на својата банка ќе ѝ даде потребните документи, а таа понатаму ќе ги испрати документите до македонската кореспондента банка, којашто ќе му ги предаде документите на македонскиот увозник. Истовремено, македонскиот увозник ќе го плати износот во евра, а тоа значи дека македонската банка ќе ја задолжи девизната сметка на увозникот за износот во евра. Од друга страна, македонската банка ќе ѝ даде налог на кореспондентата банка во странство, од нејзината сметка да ги префрли еврата на сметката на извозникот.
Меѓународно кредитирање
уредиМеѓународните банки имаат клучно значење во финансирањето на меѓународната трговија. Сепак, улогата на банките воопшто не се сведува само на кусорочно кредитирање на увозните и извосните рансакции. Напротив, меѓународните банки редовно им одобруваат среднорочни и долгорочни кредити на големите мултинационални претпријатија и на владите на одделни земји. Притоа, во еден дел, меѓународното кредитирање ги има истита одлики како и процесот на кредитирање за уредна отплата на кредитот, т.е. за почитување на условите наведени во договорот. Сепак, меѓународните кредити имаат и некои дополнителни димензии, што ги прават различни во споредба со кредитите одобрени на домашни лица.
Активности на меѓународните финансиски пазари
уредиГолемите меѓународни банки,преку своите филијалии подружници во странство, се активни учесници на меѓународните финансиски пазари, извршувајќи различни активности, како што се: прибирање и тргување со депозити и одобрување кредити изразени во странска валута, инвестурање во хартии од вредност, инвестициско банкарство итн. На пример, банките тргуваат со депозити изразени во странска валута, кои се нарекуваат евровалути. Притоа, под евровалути се подразбираат депозитите што гласат на валути, различна од матичната валута на банката што го прима депозитот. На пример, ако банка со седиште во Хонгконг прифаќа депозит изразен во долари, тоа претставува евровалутен депозит (или евровалутен). Слично, ако британска банка прифаќа депозити изразени во јени, исто така, станува збор за евровалутен депозит. Банките што примаат евровалутни депозити се нарекуваат евробанки.[5] Исто така, банките посредуваат во издавањето еврообврзници (Еurobonds), а тоа се долгорочни должнички хартии од вредност што гласат на валута различна од матичната валута на издавачот на обврзниците. На пример, кога јапонско претпријатие издава обврзници изразени во долари, тогаш се работи за еврообврзници. Со еврообврзниците најчесто се тргува на берзите во Лондон и во Луксембург, но со нив се тргува и на пазарот преку шалтер, којшто го претставуваат меѓународните банки.[5]
Наводи
уреди- ↑ Горан Петревски Управување со банките Универзитет Св. Кирил и Методиј, Економски Факултет, Скопје, второ издание стр. 365.
- ↑ Горан Петревски Управување со банките Универзитет Св. Кирил и Методиј, Економски Факултет, Скопје, второ издание стр. 366.
- ↑ Горан Петревски Управување со банките Универзитет Св. Кирил и Методиј, Економски Факултет, Скопје, второ издание стр.366.
- ↑ Горан Петревски Управување со банките Универзитет Св. Кирил и Методиј, Економски Факултет, Скопје, второ издание стр. 377.
- ↑ 5,0 5,1 Горан Петревски Управување со банките Универзитет Св. Кирил и Методиј, Економски Факултет, Скопје, второ издание стр. 384.