Акредитивот (англиски: Letter of Credit, L/C) е инструмент на меѓународниот платен промет со кој една банка по налог на својот коминтент дава налог на друга банка да му стави на располагање на лицето означено на акредитивот одреден паричен износ во одреден рок. Акредитивот е најчестиот инструмент за финансирање на надворешната трговија. Иако плаќањето со акредитив најчесто се користи за плаќање при испораката на стоки, не е исклучено неговото користење и за други трансакции.[1]

Зборот „акредитив“ потекнува од францускиот збор accreditation што значи овластување или ополномоштување да се направи нешто, а тој, пак, потекнува од латинскиот збор accreditivus што значи доверба. Отворањето на акредитиви се смета за многу сложена банкарска операција каде особено треба да се внимава на точно прецизирање на условите на акредитивот, документите, обезбедувањето и сл. Отворањето акредитив значи вклучување во меѓународните плаќања, па затоа е потребно крајно професионално банкарско однесување. При постоење непознатост и недоверба меѓу продавачот и купувачот, препорачлив е акредитивот како инструмент за плаќање.[2]

Акредитивот како правно дело

уреди

Во македонското законодавство, акредитивот се дефинира како правно дело склучено помеѓу налогодавачот и банката, врз основа на што банката се обврзува на одредено трето лице да му исплати одредена сума пари доколку во утврдениот временски период бидат исполнети условите наведени во налогот за отворање на акредитивот.[3] Според своите одлики, акредитивот претставува именуван, консенсуален, двострано – обврзувачки договор чија егзистенција не зависи од опстанокот на главниот договор чие извршување се обезбедува. Оттука, доколку купувачот отстапи од главниот договор, акредитивната банка е должна на корисникот кој ги исполнил условите да му ја исплати договорената сума. Плаќањето на акредитивот може да се договори во главниот договор преку внесувањето на соодветни клаузули или во самостоен договор за акредитив.

Акредитивната клаузула во основниот договор, или „финансиска клаузула“, е надвор од содржината на документарниот акредитив. Тоа значи дека купувачот нема обврска за плаќање во рамките на односите по акредитивот, туку само по основ на односите по основниот договор, а тој е само основа за отворање на акредитив. Врз основа на основниот договор, должност на купувачот е да изврши отворање на акредитив кај одредена банка во согласност со одредбите од договореното. Меѓутоа ако купувачот не постапи така продавачот односно корисникот нема да може да постапи според договорот бидејќи нема никаков однос со банката сè додека таа не му отвори акредитив. Ако отворениот акредитив не е во согласност со основниот договор, корисникот мора од налогодавачот на акредитивот да бара преку акредитивната банка да се усогласат условите на отворениот акредитив со условите од основниот договор, но не може во основа да бара акредитивната банка да ги измени условите и роковите на акредитивот во согласност со основниот договор.

Врз основа на акредитивната клаузула во купопродажниот или некој друг договор купувачот е должен да најде банка која ќе преземе обврска за плаќање кон корисникот. Ако од било која причина таа банка не го изврши плаќањето, купувачот останува и понатаму обврзан да плати врз основа на основниот договор. Истовремено, ако акредитивната банка воопшто не отвори акредитив или отвори акредитив со задоцнување, продавачот може, ако сака, да преземе таков ризик, со што ќе ја испрати стоката и без отворен акредитив. Во таков случај купувачот и понатаму ја има обврската за плаќање на испорачаната стока. Ако купувачот и продавачот договириле плаќање со акредитив, тогаш продавачот има обврска на овој начин и да ја плати обврската од договорот. Тој нема право да бара друг начин на плаќање пред време, туку на начин одреден со акредитивот. Кога е договорен акредитивот, како начин на подмирување на обврските на основниот договор, продавачот нема право да бара плаќање пред рокот предвиден во акредитивот, додека купувачот мора да плати на продавачот.

Односот меѓу налогодавачот и акредитивната банка се регулира со договор кој го склучуваат меѓусебно. На договорот му претходи однапред подготвен образец – барање (понуда) што треба да го пополни налогодавачот и да го предаде на банката. Кога акредитивната банка ќе ја прифати понудата, меѓу тие две страни е склучен договор за отворање на акредитив. Всушност, со преземањето на обврска да изврши исплата на цената преку документарен акредитив, продавачот врз основ на главниот договор презема обврска да склучи уште еден договор, но со банката како финансиска институција.

Одвоеноста на акредитивот од основното работење е основно начело на банкарското работење во врска со акредитивите. Тоа начело се состои од правилото банките да се занимаваат само со испитување на документи и тоа нивно внимание треба да е ограничено само на преглед на документи, а не на односите меѓу налогодавачот и корисникот кои произлегуваат од основното работење. Обврската на банката се состои во тоа да изврши проверка дали приложените документи од страна на продавачот се совпаѓаат со документите кои се наведени во документарниот акредитив.

Договорни страни во акредитивот

уреди

Купувачот на стоката се појавува во два правни односи, и тоа: еднаш како купувач во основниот однос кон продавачот, а вторпат како налогодавач во однос кон акредитивната банка. Положбата на купувачот од основниот однос е надвор од содржината на документарниот акредитив. Во овој однос се наоѓа акредитивната клаузула врз чија основа купувачот се обраќа до акредитивната банка со барање за отворање на акредитив. Во банкарската терминологија често се употребуваат изразите „ностро“ (наш) акредитив и „лоро“ (нивен) акредитив, на тој начин означувјќи во првиот случај акредитив што домашна банка го отворила во нечија корист во странство или во другиот случај акредитив кој некоја друга банка го отворила за домашниот корисник.

Во одредена акредитивна трансакција може да се идентификуваат следниве вообичаени договорни односи:

  • Купувач - продавач: Основен однос меѓу страните кои во овој основен однос предвиделе плаќање за купување на одредена стока или услуга да се изврши со акредитив - акредитивна клаузула.
  • Налогодавач (купувач) - акредитивна банка: Односот меѓу купувачот, ама сега во својство на налогодавач за отворање на акредитив и банка што се согласила да отвори акредитив во свое име - акредитивна банка.
  • Акредитивна банка - корисник на акредитив (продавач): Акредитивната банка презема неотповиклива обврска да ја плати усогласената презентација на документи. Односот е облигационен во согласност со Униформните правила.
  • Акредитивна банка и/или конфирмирачка банка – други номинирани банки: Односот меѓу акредитивната банка и друга банка што прифаќа да го потврди акредитивот, со преземање на обврска за плаќање во случај акредитивната банка да не го стори тоа.
  • Акредитивна банка и/или конфирмирачка банка – известувачки банки.
  • Акредитивна банка и/или конфирмирачка банка – други номинирани банки: Односот меѓу акредитивната или конфирмирачката банка и други номинирани банки од кои тие побарале да извршат некои работи во врска со преглед на документи и плаќање што произлегува од акредитивот.
  • Конфирмирачка банка – корисник: Односот меѓу конфирмирачката банка и субјектот во чија корист е отворен акредитивот и со кој се создава паралелна обврска за плаќање по акредитивот.
  • Известувачка и номинирана банка – корисник: Во овој случај не се работи секогаш за договорен однос со оглед на тоа што преовладува мислењето дека меѓу тие банки и корисникот не настанува договорен однос.

Начела на документарниот акредитив

уреди

Основните начела кои се однесуваат на документарниот акредитив произлегуваат од обичаите и трговската практика. Најзначаен извор за регулирање на ваквиот вид на плаќање се Униформните правила (Uniform Customs and Practices) на Меѓународната трговска комора од Париз (ICC). Исто така, многу земји предвидуваат одредби кои се однесуваат на документарниот акредитив во своите национални законодавства.[4]

  • Начело на надлежност на UCP кај акредитивите: UCP се применуваат на сите видови на документарни акредитиви, но само во оние случаи кога договорните страни ги инкорпорирале во текстот на акредитивот. Правилата имаат диспозитивен карактер, и потребно е страните самите да предвидат дека истите ќе се применуваат на докуемнтарниот акредитив. Инкорпорацијата се врши на тој начин што налогодавачот во барањето за отворање на акредитивот, а потоа и акредитивната банка што ќе се согласи да го отвори акредитивот, ќе нагласат дека UCP се составен дел на акредитивот. Постапувајќи на овој начин, UCP се задолжителни за сите договорни страни, освен ако договорните страни некои одредби изречно ги измениле или ги исклучиле. Последен пат, правилата UCP 500 биле ревидирани во 1993 година,[5] а од 2006 година, во примена е новата верзија на правилата UCP 600.[6] Сепак, верзијата UCP 500 е сè уште во примена, особено за некои видови на акредитив кои не се опфатени во UCP 600. Притоа, повеќе не се користи поимот „инкорпорирање“, туку изречно се бара договорните страни да се согласат за ,,надлежност’’ на ICC UCP 600.
  • Начело на работење со документи, а не со стока: Во акредитивното работење сите страни работат само со документи, а не со стоки, услуги или други обврски што произлегуваат од нив. Тоа гледиште долги години имало аксиомско значење и претставувало општо прифатен темел на акредитивното работење. Ова гледиште е ревидирано така што е акцентирано дека само банките не работат со стоки, туку работат само со документи. Промената на ваквото сфаќање е оправдано со оглед на фактот тека сепак акредитивот служи како помошно средство на трговците.
  • Начело на независност (автономност) на акредитивот: Начелотo на независност значи одвоеност на акредитивот од купопродажбата и другите договори на кои се темели, со што овие трансакции не се однесуваат на банките. Банката нема обврска да го бара договорот што страните го склучиле, ниту да нвлегува во односите на договорните страни кои произлегуваат од тој договор.
  • Начело на одвоеност на акредитивот од останатите договори: Корисниците на акредитивот повеќе не можат да се повикуваат на правни односи што постојат меѓу банките или меѓу налогодавачот и акредитивната банка.[7]
  • Начело на неотповикливост на акредитивот: Ова начело за првпат е наведено како неизоставен дел од поимот за акредитив така што сега „отповикливиот’ акредитив веќе не се смета за акредитив. За да може да се нарече некој инструмент акредитив, во согласност со новата дефиниција тој мора да биде „неотповиклив“ или „конечен’. За разлика од правилата UCP 600, македонскиот Закон за облигациони односи прави разлика меѓу отповиклив и неотповиклив документарен акредитив.[8]
  • Начело на конечност на акредитивна обврска: Според ова начело, неотповикливиот акредитив не може да биду ниту изменет ниту откажан без согласност на акредитивната банка, конфирмирачка банка (доколку ја има) и корисникот.[9]
  • Начело за документи кои не се наведени во акредитивот, а сепак се презентирани: Оние документи што не се наведени во акредитивот, а се презентирани, банките нема воопшто да ги прегледуваат и ќе ги вратат на оној од кого и ги добиле и тоа без никаква одговорност.[10] Исто така, ако акредитивот содржи некои услови, а не предвидува документи што треба да ги поддржат тие услови, банките ќе ги занемарат тие услови.[11]
  • Начело за преглед на документи според нивниот „надворешен изглед“ и стандардната банкарска пракса: Според правилата UCP 500, банките се должни да ги прегледуваат документите со разумно внимание за да можат да утврдат дали тие по својот изглед се во согласност со условите од акредитивот.[12] Со цел да се зголеми сигурноста во прегледувањето на документите од страна на банките, правилата UCP 600 повеќе не го употребува поимот „разумно внимание“.[13]
  • Наместо тоа, банките се должни да ги прегледаат документите за да можат да утврдат дали по својот „надворешен изглед документите претставуваат усогласена презентација“. Со овие одредби се настојува да се намали неодреденоста што произлегува од поимот „разумно внимание“. На овој начин усогласеноста на презентираните документи се утврдува во согласност со меѓународната стандардна банкарска пракса ISBP 681.[14]

Видови акредитиви

уреди

Посттојат неколку видови акредитиви:[15][16]

  • Неусловени акредитиви се оние акредитиви во кои корисникот на акредитивот може да го користи акредитивот без обврска да исполни некои услови.
  • Условени акредитиви се оние акредитиви во кои корисникот на акредитивот може да го користи акредитивот по исполнувањето на одредени услови наведени во акредитивот.
  • Отповикливи акредитиви се оние акредитиви кои налогодавателот може да ги отповика, односно откаже во секое време.
  • Неоповикливи акредитиви се оние акредитиви во кои налогодавателот не може да ги откаже по своја волја, без да се согласи со тоа корисникот на акредитивот.
  • Документарен акредитив се нарекува оној акредитив чие исплатување е условено со презентирање на одредени документи кои се наведени во акредитивот. Такви документи, се на пример, фактури, коносмани, товарни листови и сл.

Акредитивот како инструмент во меѓународната трговија

уреди

Во меѓународната трговија, голем дел од трансакциите се извршуваат помеѓу трговци кои се географски оддалечени. Многу често, трговците склучуваат зделки без воопшто да ја познаваат другата страна. Во вакви околности, разбирливо е кај договорните страни да се јави сомнеж во однос на тоа дали другата страна ќе ја исполни својата договорна обврска. Документарниот акредитив се јавува како решение на проблемот со недостатокот на доверба во другата договорна страна - продавачите не сакаат да ја испорачаат стоката пред да ја наплатат, а купувачите пак не сакаат да платат додека не добијат контрола врз стоката.

Со помош на акредитивите се отвора можност за таканаречена „конструктивна испорака“, која се состои во предавање на документите со кои се пренесува и контролата над испорачаната стока, а не самото предавање на стоката. Плаќањето со документарен акредитив во замена за предавање на договорените документи значајно ја подобрува положбата на продавачите, кои можат да сметаат на неотповикливото ветување за плаќање од трета страна, платежно способна и независна финансиска институција, додека истовремено ја подобрува и положбата на купувачите со оглед на тоа што со предавањето на документите тие стекнуваат сигурност со добивањето на правото на рсполагање со стоката и пред нејзиното преземање. Всушност, продавачот повеќе не треба да се грижи дали купувачот ќе ја плати цената, бидејќи банката се јавува како посредник и гарант дека цената ќе биде исплатена по презентација на документите кои се барани со акредитивот. Од друга страна купувачот не треба да се грижи дали стоките ќе бидат сообразни на договорот, или дали истите ќе бидат испорачани, бидејќи продавачот е обрзан со документарниот акредитив да испорача документи со кои ќе докаже дека стоката е сообразна и дека истата е испорачана (сертификати за потекло, сертификати за квалитет, коносман, товарен лист итн.).

Освен функцијата на обезбедување на плаќањето, кај плаќањето со документарен акредитив не треба да се занемари улогата на еден вид краткорочно финансирање. Со оглед на тоа што патот на стоката од продавачот до купувачот честопати е многу долг, што дополнително вклучува ризици, за продавачот е важно да може да дојде до противредноста на испорачаната стока во парични средства пред таа да стигне до купувачот. Така, продавачот има право за определена цена да го наплати своето побарување веднаш, условно кажано откако ќе ги исполни однапред дефинираните услови, дури и во случаи на одложено плаќање. Од друга страна, ветувањето на банката-издавач на акредитивот дека ќе ја исполни обврската за плаќање, во согласност со акредитивните услови, му овозможува на купувачот да го реализира договорот без да изврши исплата. Функцијата на краткорочното кредитирање се евидентира преку различни форми на документарни акредитиви, како што се акредитивите со одложено плаќање или со плаќање преку акцептирање на меници, со откуп на документи или меници

Акредитивот е познат и како документарен кредит (documentary credit) зашто неговата наплата е условена од доставувањето на неколку документи, како:[17]

  • товарен лист (Bill of Lading) - потврда издадена од превозникот која содржи опис на стоките кои се превезуваат
  • фактура - документ издаден од извозникот во кој се наведени условите на купопродажната трансакција
  • документи за осигурување на стоката од оштетување
  • разни други документи (сертификат за потеклото на стоката, сертификати за квалитетот, итн.)

Наводи

уреди
  1. Murray, D. E. (1975), „Letters of Credit in Non-sale of Goods Transactions“, The Business Lawyers, Vol. 30, 1103-1123.
  2. Љубе Трпески, Банкарство и банкарско работење, Скопје, 2009, 426.
  3. Закон за облигациони односи (Службен весник на Република Македонија, бр. 18/01, 78/01, 04/02, 59/02, 05/03, 84/08, 81/2009 и 161/2009), член 1114.
  4. Во Република Северна Македонија, документарниот акредитив е регулиран во Законот за облигациони односи, во членовите 1114-1121.
  5. International Chamber of Commerce (1993), Uniform Customs and Practice for Documentary Credits, UCP 500, ICC, Paris.
  6. International Chamber of Commerce (2006), Uniform Customs and Practice for Documentary Credits, UCP 600, ICC, Paris.
  7. International Chamber of Commerce (2006), Uniform Customs and Practice for Documentary Credits, UCP 600, (член 3.b.)
  8. Закон за облигациони односи (Службен весник на Република Македонија, бр. 18/01, 78/01, 04/02, 59/02, 05/03, 84/08, 81/2009 и 161/2009), член 1117-1118.
  9. International Chamber of Commerce (2006), Uniform Customs and Practice for Documentary Credits, UCP 600, (член 10.а)
  10. International Chamber of Commerce (2006), Uniform Customs and Practice for Documentary Credits, UCP 600, (член 14.g.)
  11. International Chamber of Commerce (2006), Uniform Customs and Practice for Documentary Credits, UCP 600, (член 14.h)
  12. International Chamber of Commerce (1993), Uniform Customs and Practice for Documentary Credits’’, Publication No. 500 (член 13.а.)
  13. International Chamber of Commerce (2006), Uniform Customs and Practice for Documentary Credits, Publication No. 600 (член 14.а.)
  14. International Chamber of Commerce (2007), ISBP – International Standard Banking Practice, Publication No. 681, Paris: International Chamber of Commerce.
  15. Љубе Трпески, Банкарство и банкарско работење, Скопје, 2009, 425.
  16. J. Ashok Robin, International Corporate Finance. New York: McGraw-Hill/Irwin, 2011, 342.
  17. J. Ashok Robin, International Corporate Finance. New York: McGraw-Hill/Irwin, 2011, 341-342.