Кредитен рејтинг (англиски: Credit Rating) претставува вреднување на кредитоспособноста на должникот да го отплаќа својот долг, односно оценка на бонитетот, со помош на утврдени симболи, а предмет на оценка може да биде претпријатие, банка, осигурително друштво, многу други профитни и непрофитни организации и државата. Основна задача на кредитниот рејтинг е намалување на асиметричните информации помеѓу инвеститиорите и издавачот на хартиите од вредност. Тој игра значајна улога во економската политика и инвестициските одлуки, и речиси е невозможно да се позајмува капитал на финансиските пазари без кредитобарателот да има одреден кредитен рејтинг.
Кредитниот рејтинг го определуваат специјализирани компании наречени агенции за кредитен рејтинг. Тие имаат пристап до привилегирани информации, врз основа на кои формираат независна и објективна проценка на способноста на должникот да го врати долгот. Нискиот кредитен рејтинг означува дека кај деловниот ентитет или држава постои висок ризик за неисполнување на обврските кон доверителите, додека високиот кредитен рејтинг е знак за должник кој може навремено да си ги отплаќа своите долгови.
Постојат краткорочни и долгорочни кредитни рејтинзи. Краткорочниот рејтинг се однесува на кредитоспособноста на должникот за исполнување на обврските во рок од една година, додека долгорочниот се однесува за период подолг од една година.

Државен кредитен рејтинг

уреди

Државен кредитен рејтинг е оцена на кредитоспособнаоста на одредена држава навремено да ги покрива обврските кон своите доверители. Кредитниот рејтинг на државата зависи од условите под кои е задолжена државата.[1] Во зависност од кредитниот рејтинг се одредува и каматната стапка на должничките инструменти (обврзници) кои ги издава државата, како и цената на тие инструменти на пазарот на капитал. Колку е поголема кредитоспособноста на заемобарателот, толку е помала каматната стапка, а поголема цената на должничкиот инструмент.[2] Кредитниот рејтинг, исто така, влијае на приносот на овие хартии од вредност. Процесот на доделување на кредитниот рејтинг е сложен, долготраен и континуиран. Кредитниот рејтинг не се донесува врз основа на универзална формула. Проценката на ризичноста на должникот покрај објективната проценка на финансиските и економски показатели кои им стојат на располагање на аналитичарите, содржи и субјективна проценка. Методологијата која се користи за различни предмети на проценка (компанија, држава и сл.) мора постојано да се усогласува со промените во економијата, нови ризици, последици од криза, итн.

Постојат одредени детерминанти кои се клучни при одредување на кредитен рејтинг на држава:[3]

  1. Доход по глава жител: земјите со поголема даночна основа имаат поголема моќност да си ги отплатат своите долгови. Земјите со понизок БДП по глава жител имаат ограничаени способности да го отплатат долгот;
  2. Раст на БДП: релативно повисоката стапка на раст покажува дека отплатата на постоечкиот долг со време ќе полесна;
  3. Стапка на инфлација: високата стапка на инфлација укажува на структурни проблеми во државните финансии. Јавното незадоволство од инфлацијата може да доведе до политичка нестабилност;
  4. Фискална рамнотежа: високиот буџетски дефицит го апсорбира приватното домашно штедење и укажува на тоа дека власта има недостиг на способност или желба за оданочување на граѓаните и зголемување на приходот за финансирање на постоечките високи трошоци, особено трошоците за отплата на долгот;
  5. Надворешна рамнотежа: постоењето на висок дефицит на трговска сметка укажува на тоа дека и приватниот и јавниот сектор претежно се финансираат од надворешни извори на финансирање. За многу земји извозот е еден од главните извори за прилив на девизи. Затоа, земјите со висока стапка на раст на извозот се поспособни за уредно подмирување на обврските за отплата на долгот;
  6. Надворешен долг: оптоварувањето со долгот станува сè поголемо со раст на ризикот од неисполнување на обврските;
  7. Економскиот развој: иако стапката на економски развој се мери преку БДП по глава на жител, при оценка на кредитниот рејтинг се анализира односот помеѓу економскиот развој и потенцијалните ризици. Кога земјата ќе достигне одредено ниво на економски развој, постои помала веројатност за неисполнување на обврските;
  8. Историјата на отплата на долгот: државите кои во минатото не ги исполнувале уредно своите обврски се оценуваат како високоризични.

Кога кредитниот рејтинг на државата и се доделува по првпат, кредитната рејтинг агенција од државата бара низа на податоци кои се однесуваат на погоре наведените детерминанти. Сериите на податоци вообичаено се бараат за период од пет години, како и краткорочни и среднорочни проекции. Составен дел на процесот на доделување на кредитен рејтинг е и доаѓањето на аналитичари од кредитната рејтинг агенција во земјата, каде на терен, во детални разговори со претставници на сите релевантни институции и нивоа на власт прибираат дополнителни информации за економската и политичката состојба во земјата и трендовите. Покрај достапните документи и информации, врз одлуката големо влијание има и субјективната проценка на аналитичарите од рејтинг агенцијата.
После доделувањето на првиот рејтинг, редовно, еднаш во годината се врши ревизија на рејтингот преку повторна оценка на важните детерминанти кои го определуваат кредитниот рејтинг.

Корпоративен кредитен рејтинг

уреди

Кредитниот рејтинг на корпорација, банка, осигурителна компанија и сл., исто така, се определува од страна на агенцијата за кредитен рејтинг, на барање на самиот деловен ентитет. Кај корпорациите, кредитниот рејтинг може да се однесува на целата корпорација, но може да се однесува и само на финансиските инструменти, т.е. обврзници кои ги издава таа корпорација. Кај корпорациите, кредитниот рејтинг, како и кај државите, се определува врз основа на одредени детерминанти, како што се: финансиската состојба на корпорацијата, перспективите за во иднина, способноста на менаџментот, историјата на корпорацијата како должник, итн.

Симболи за означување на кредитниот рејтинг

уреди

Кредитните рејтинг агенции доделениот кредитен рејтинг го класифицираат во однапред дефинирани групи со различно ниво на ризик. Групите се означени со букви. Вообичаено, со голема буква А се означуваат група на земји кај кои не постои ризик или постои ниско ниво на ризик. Со буквата В се зоначуваат земјите кај кои постои умерен кредитен ризик, додека во групите C и D влегуваат земји со среден или висок степен на кредитен ризик. Па така, долгорочниот рејтинг кај агенциите „Стандард и Пурс (Standard&Poor’s)“ и „Фич (Fitch)“ има распон на оценката од „ААА“ до „ВВВ-“ за инвестициона оценка и од „ВВ+“ до „D“ за шпекулативна оценка.[4][5]
Варијациите во одделните групи се прават со додавање на уште една или две букви и со знаците „+“ или „-“, а тие се нарекуваат „перспектива“ (Outlook). Овој знак го прикажува можниот тренд на промена на кредитниот рејтинг на државата. Трендот може да биде позитивен, негативен, стабилен или еволутивен, и ја одразува можноста за одредени финансиски или други економски промени на краток рок од еден до три месеци. Секако, промената на перспективата не значи и автоматска промена на кредитниот рејтинг, туку само го одразува мислењето на рејтинг агенцијата за можното движење на кредитниот рејтинг на краток рок.

Табела 1: Ознаки за кредитниот рејтинг од страна на трите водечки агенции[6]

Мудис Стандард и Пурс Фич Значење
Ааa AAA AAA Инвестициона оценка
Aa1 AA+ AA+ Инвестициона оценка
Aa2 AA AA Инвестициона оценка
Aa3 AA- AA- Инвестициона оценка
A1 A+ A+ Инвестициона оценка
A2 A A Инвестициона оценка
A3 A- A- Инвестициона оценка
Baa1 BBB+ BBB+ Инвестициона оценка
Baa2 BBB BBB Инвестициона оценка
Baa3 BBB- BBB- Инвестициона оценка
Ba1 BB+ BB+ Шпекулативна оценка
Ba2 BB BB Шпекулативна оценка
Ba3 BB- BB- Шпекулативна оценка
B1 B+ B+ Шпекулативна оценка
B2 B B Шпекулативна оценка
B3 B- B- Шпекулативна оценка
Caa1 CCC+ CCC Шпекулативна оценка
Caa2 CCC Шпекулативна оценка
Caa3 CCC- Шпекулативна оценка
Ca Шпекулативна оценка
C D D Шпекулативна оценка
 
Кредитен рејтинг на европските држави во 2012 година, според кредитна агенција „Фич“

Кредитен рејтинг на Македонија

уреди

Кредитниот рејтинг на Македонија е оценет од три агенции: „Стандард и Пурс“, „Фич“ и Јапонската кредитна рејтинг агенција (JRC).

Кредитен рејтинг според „Стандард и Пурс“

уреди

Првиот кредитен рејтинг на Македонија, агенцијата „Стандард и Пурс“ го поставила во 2004 година, со ознаката ББ.[7] Тоа е ознака за обврзници со шпекулативен карактер, која не е добро заштитена и има скромна сигурност на плаќање. Ваквиот тип на обврзници влегуваат во групата на обврзници со неивестиционен карактер. Како позитивни фактори кои влијаеле на оценката на кредитниот рејтинг наведени се: силната поддршка за Охридскиот рамковен договор, брзиот прогрес кон политичка стабилност, членството во ЕУ како движечка сила за поголеми реформи, макроекономската стабилност и умерена надворешна задолженост во сите сектори. Од друга страна, како негативни фактори на влијание се наведени: структурните проблеми во економијата и прашањата поврзани со управувањето се товар на економските и фискалните перформанси, нефлексибилната структура на државните расходи, како и неефикасниот и скап систем за социјална заштита. Сепак, очекувањата биле позитивни. Следната година, „Стандард и Пурс“ го покачиле кредитниот рејтинг на Македонија, на нивото ББ+.[8] Тоа се должело на непрекинатиот прогрес кон политичка стабилност, прогресот во структурните реформи, макроекономската стабилност и опаѓачкиот тренд на нивото на задолженост. Негативно влијание имале структурната ригидност и проблемите во економијата, нефлексибилната структура на трошоците на владата и ризикот од задоцнети меѓуетнички тензии. Ова ниво на кредитен рејтинг, Македонија го имала до 2008 година, кога бил намален кредитниот рејтинг на Македонија на нивото ББ.[9][10] Истиот кредитен рејтинг, Македонија го добила и во 2010 и 2011 година. Во мај 2014 година, „Стандард ен Пурс“ го оцениле кредитниот рејтинг на Македонија на нивото од ББ-, како резултат на јавниот и надворешниот долг и очекувањата за раст на економијата.[11] Во 2015 година, агенцијата „Стандард и Пурс“ ѝ доделила на Македонија кредитен рејтинг од „ВВ-“,[12] а во 2017 година го потврдила кредитниот рејтинг од „ББ-“ со стабилен изглед.[13] Истата оцена била потврдена и пролетта 2018 година.[14]

Кредитен рејтинг според „Фич“

уреди

Американската агенција „Фич“ првиот кредитен рејтинг за Македонија го поставила на 1 ноември 2005 година, на нивото од „ВВ“.[15]. Како јаки страни за кредибилитетот на државата биле наведени долгорочниот тренд на ниска стапка на инфлација и макроекономската стабилност, внимателното водење на фискалната политика умерениот јавен долг, умерениот надворешен долг, како и статусот на потенцијална членка на ЕУ. Фактори со негативно влијание врз кредитниот рејтинг биле: високата невработеност и тешката бизнис клима во државата, ризикот од шокови во политичката стабилност, значителниот дефицит на тековната сметка, високите домашни каматни стапки итн. Во јуни 2006 година, „Фич“ го зголемил кредитниот рејтинг на Македонија, на нивото од „ВВ+“.[16]. Како причина за тоа бил добиениот статус на земја-кандидат за членство во ЕУ, во декември 2005 година, но и добрата фискална политика и ниските нивоа на задолженост. Сепак, ниското домашно штедење и инвестирање, како и ниската стапка на странски директни инвестиции влијаеле кредитниот рејтинг да не се искачи на повисоко ниво. Нивото на рејтинг од „ВВ+“ според „Фич“ се задржало и во следните години.[17] Во 2015 година, десетта година по ред, агенцијата „Фич“ го потврдила кредитниот рејтинг на Македонија на нивото „ВВ+“ при што стабилниот изглед бил заменет со негативна перспектива,[18] а истата оцена била повторена и во февруари 2016 година.[19] На 19 август 2016 година, „Фич“ за првпат го намалил долгорочниот кредитен рејтинг на Македонија од „ВВ+“ на „ВВ“.[12]

Кредитен рејтинг според JRC

уреди

Првата оценка на кредитниот рејтинг од страна на „JRC“, Македонија ја добила на 13 септември 2007 година, во висина од ББ+.[20] Причините за ова ниво на рејтинг биле економската стабилност и добрата фискална политика, спроведувањето на структурните реформи насочени кон понатамошна економска експанзија и кандидатскиот статус за влез во ЕУ. Од друга страна, фактори кои го оспорувале кредитниот рејтинг биле: високата стапка на невработеност, ниското ниво на индустриска развиеност на економијата и дефицитот на примарната сметка. Следната оценка на кредитниот рејтинг од страна на „JRC“ пристигнала во ноември 2009 година и се задржала на истото ниво, ББ+.[21] Како позитивен фактор за поддршка на кредитниот рејтинг била наведена упорноста и заложбите на државата за решавање на сите пречки на патот кон ЕУ. Како негативни фактори биле: недоволната индустриска развиеност на државата, поради која БДП по глава на жител изнесувал само 32,5% од просекот во ЕУ, невработеноста и политичките ризици.

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Bajo, A. i Penava, J., Kreditne rejting agencije i kreditni rejting države, Zagreb: Ekonomski fakultet, 2008, стр. 45.
  2. Петковски, М., Финансиски пазари и институции (дополнето и изменето издание), Скопје: Економски факултет, 2009, стр. 140.
  3. Bajo, A. i Penava, J., Kreditne rejting agencije i kreditni rejting države, Zagreb: Ekonomski fakultet, 2008, стр. 46.
  4. 4,0 4,1 www.standardandpoors.com
  5. 5,0 5,1 www.investopedia.com
  6. „www.moodys.com“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2015-09-15. Посетено на 2015-01-30.
  7. „Министерство за финансии“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2016-03-04. Посетено на 2015-01-30.
  8. „Министерство за финансии“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2014-04-22. Посетено на 2015-01-30.
  9. „Министерство за финансии“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2014-04-22. Посетено на 2015-01-30.
  10. „Министерство за финансии“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2014-04-22. Посетено на 2015-01-30.
  11. „Министерство за финансии“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2015-03-31. Посетено на 2015-01-30.
  12. 12,0 12,1 Игор Давков, „ВВ со негативна тенденција...“, Економија и бизнис, година 18, број 220, октомври 2016, стр. 30-33.
  13. Мирослав Саздовски, „Повторно ББ- со стабилен изглед, одлучи Стандард и Пурс за Македонија“, Економија и бизнис, година 19, број 232, октомври 2017, стр. 10.
  14. Мирослав Саздовски, „Нема промена на кредитниот рејтинг на Македонија“, Економија и бизнис, година XX, број 238, април 2018, стр. 9.
  15. „Министерство за финансии“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2014-04-22. Посетено на 2015-01-30.
  16. „Министерство за финансии“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2014-04-22. Посетено на 2015-01-30.
  17. „Министерство за финансии“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2015-03-31. Посетено на 2015-01-30.
  18. „Фич го потврди кредитниот рејтинг на Македонија ББ+“, Економија и бизнис, година 18, број 207, 11 септември 2015, стр. 12.
  19. „Фич го потврди рејтингот на Македонија на „ВВ+“ со негативен изглед“, Економија и бизнис, година 18, број 213, март 2016, стр. 12.
  20. „Министерство за финансии“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2014-04-22. Посетено на 2015-01-30.
  21. „Министерство за финансии“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2014-04-22. Посетено на 2015-01-30.