Стандард и Пурс
Стандард и Пурс (С&П) е американска компанија за финансиски услуги. Претставува подружница на компанијата „МекГро Хил“ која објавува финансиски истражувања и анализа на акции и обврзници. Позната е по своите индекси на берзите - американскиот „С&П 500“, австралискиот „С&П/АСХ 200“, канадскиот „С&П/ТСХ“, италијанскиот „С&П/МИБ“ и индискиот „С&П ЦНХ Нифти“. „Стандард и Пурс“ претставува една од големите три агенции за кредитен рејтинг (Standard & Poor's, Moody's Investor Service и Fitch Ratings).
Вид | Подружница на МекГро Хил Фајненшл, ДОО |
---|---|
Дејност | Финансиски услуги |
Основано | 1860, сегашен правен статус од 1941 |
Основач | Хенри Варнум Пур |
Седиште | , |
Клучни личности | Даглас Л. Питерсон (Претседател) |
Доход | ▲$2.9 милијарди САД долари (2010) |
Вработени | 10,000 (приближно) |
Матично претпријатие | МекГро Хил Фајненшл |
Историја
уреди„Стандард и Пурс“ ги бележи своите почетоци во 1860 година, со објавувањето на „Историја на железницата и каналите во САД“, книга која содржи многубројни информации за финансиската и оперативната состојба на американските железнички компании. Во 1868 година, Хенри Варнум Пур и неговиот син, Хенри Вилијам Пур, ја основале фирмата „Х.В. и Х.В. Пур Ко.“ при што редовно објавувале два годишни водичи, „Пуров водич за железницата во САД“ и „Директориумот на Пур за железничките службеници“.[1][2]
Во 1906 година, Лутер Ли Блејк го основал „Стандардното статистичко биро“, со намера да објавува финансиски информации за нежелезничките компании. Наместо годишната книга, „Стандард статистикс“ користел картички со димензии 5" x 7", што овозможило пофреквентно ажурирање на податоците.[1] Во 1941 година, „Пурс Паблишинг“ и „Стандард Статистикс“ се споиле и ја формирале фирмата „Стандард & Пурс Корп.“ која во 1966 година била преземена од „Д` МекГро Хил Компанис“.[1]
Кредитен рејтинг
уредиКако агенција за кредитен рејтинг, „Стандард и Пурс“ издава кредитни рејтинзи за долгот на јавни и приватни компании, влади и други јавни ентитети. Таа е една од првите агенции која е национално признаена од американската Комисија за хартии од вредност. С&П издава краткорочни и долгорочни кредитни рејтинзи.
Методологија на „Стандард и Пурс“ за определување на кредитен рејтинг на банките
уредиПроцесот на одредување на кредитниот рејтинг на една банка од страна на „Стандард и Пурс“ се заснова врз методологијата за проценување на ризикот на банкарската индустријата на една земја, позната како БИКРА (Banking Industry Country Risk Assessment, BICRA). Таа претставува макроанализа на економскиот и на индустрискиот ризик на земјата во која се наоѓа банката за која се прави анализата. По добивање на резултатот од методологијата БИКРА, понатаму се анализираат детерминантите што се специфични за банката, како што се: позицијата на банката во деловната околина, капиталот на банката и големината на приходите, големината на ризикот, изворите на финансирање и ликвидноста. Најпосле, се додава веројатноста за интервенција на државата и големината и обликот на помош што го добива банката од неа. Критериумите што се поставени во методологијата БИКРА важат за сите банки што се испитуваат, без исклучок.[3]
Методологијата БИКРА служи за евалуација и за споредба на банките во глобалниот банкарски систем, откривање на нивните предности и слабости, како и за испитување на пошироката работна околина преку анализа на економските и на индустриските одлики. Се разликуваат 10 нивоа на кредитен рејтинг (од 1 до 10), со тоа што на првото ниво се банките со најниско ниво на ризик, додека банките што се наоѓаат на нивото 10 се проценети со највисок ризик. Анализите се засновани на временски хоризонт од три до пет години. Методологијата БИКРА е составена од две главни целини: економски и индустриски ризик. Со комбинација на добиените резултати се формира јадрото за профилот на самостојниот рејтинг на испитуваната банка. Методологијата се потпира врз анализата на шест фактори, при што се одредува нивото на економскиот и на индустрискиот ризик за една земја. Потоа, секоја од целините е поделена на шест групи фактори што влијаат врз нивото на економскиот и на индустрискиот ризик за земјата во која се наоѓа испитуваната банка. За секој фактор се испитува нивото на ризик за кое во зависност од неговата големина се доделуваат бодови. Колку што е поголем ризикот што постои поголем е бројот на бодови што ѝ се доделуваат на банката што се испитува.[3]
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 1,2 „A History of Standard & Poor's“. Посетено на 11 February 2013.
- ↑ „Corporations: Standard & Unpoor“. Time magazine. October 13, 1961. Архивирано од изворникот на 2011-12-20. Посетено на October 19, 2011.
- ↑ 3,0 3,1 Standard & Poor's (2011), Banking Industry Country Risk Assessment Methodology and Assumptions.