Копаничарство

(Пренасочено од Копаничари)

Копаничарство или дрворезприменета уметност, а според некои и занает, на изработка на предмети и резби од дрво. Вредноста на изработките е дотолку поголема колку што е поголем предметот, подлабока резбата и поквалитетно дрвото. Во таа смисла, резбите се изработуваат од тврди дрва, најчесто од орев, и се разликуваат плитка и длабока резба. Во Македонија копаничарството има милениумска традиција, што е потврдено со археолошки наоди.

Интервју со копаничар

Историја на копаничарството во Македонија

уреди

Копаничарството во Македонија во древни времиња

уреди

За да ги пронајдеме корените на древното македонско копаничарство мора да се послужиме со археолошките пронајдоци на нашата етничка територија и во светот. Досега пронајдените факти, презентирани во музеите, литературата и во медиумите зборуваат за темата што ја интересира јавноста, особено копаничарите. Со сигурност може да тврдиме дека не постои опипливо, зачувано копаничарско дело од античко време, поради краткиот век на животот на дрвото. Археолошките пронајдоци зборуваат за големото културно-историско богатство и за низа предмети и детали изработени од камен, мермер, керамика, метал и др. Дрвото, кое сигурно било застапено, се распаднало, не може да посведочи за неговата уметничка и историска вредност.

Пронајдената кралска гробница во Кутлеш зборува за високото културно и историско богатство со врвни уметнички елементи. Тоа е претставено на ковчегот со 16-зрачното сонце, декоративна плитка пластика во огледален одраз со богати орнаменти, ногарки што завршуваат со лавовски шепи, пронајдени се златни желади и дабови лисја во вистинска големина. Ако се споредат античките пронајдоци во Кутлеш со сегашните резбани дела и со иконостасите во црквите и манастирите, се забележува видна сличност, блискост и истородност. Желадите и дабовите лисја во злато и желадите и дабовите лисја на иконостасите во дрво слободно може да речеме дека се исти и подеднакво употребувани и застапени во уметноста во етничките граници на Македонија. Лавовските шепи од ковчегот и денеска се резбаат како декор на мебел.

Флората и фауната во античко време, врежана во мозаиците, мермерите, монетите, керамиката, и растителниот и животинскиот свет што денеска е најчест мотив на иконостасите. Најзастапени елементи во копаничарската уметност, во античкиот и во сегашниот период, се: риба, елен, ламја-андрогин (дракон), сатир, кентавр, грифон, лав, орел, паун, змија, лисје, цветови и плодови од смокви, лоза, афион, даб и други. Во античко време, на влезовите во кралските палати и престоли се поставувале по два лава-чувари во скулптура. Таа традиција продолжила низ вековите, а денеска во старите и во новите цркви и манастири се ставаат како задолжителни копаничарски елементи покрај владичките престоли (тронови).

 
Копаничар

Сатирот, грифонот, кентаврот и други митолошки суштества во иконостасите се често практикувани елементи и ги има насекаде во различни модификации изрезбани во дрво. Тоа е уште еден знак за античките корени на копаничарството во Македонија. Ликот на ламјата е добро познат во уметноста на многу древни народи и во средниот век во Европа. И порано и денес ламјата се става до распетието на иконостасите.

Во античкиот град Баргала е пронајдена резба стара 17 века. На таа резба на дрво се претставени луѓе, лавови и геометриски декорации од крајот на IV век. Изрезбаните симболи и елементи во јагленисаното дрво зборуваат за тесна врска меѓу древноантичките, тогашните (во IV век) и сегашните резби.

Поврзаноста на античкиот период и на копаничарските школи (Прилепско-слепченската во XV и XVI век, Светогорската на Атос во XVII и XVIII век и Дебарско-охридската во XIX век и денеска е изразена и видна преку приказ на елементите, симболите и на мотивите што се користеле во античко време и сѐ до денес.

Копаничарството во Македонија во XIV-XIX век

уреди

Во Македонија се зачувани голем број предмети, релјефи и верски украси од резба од периодот XIV-XIX век. Најпознати школи во тој период во Македонија биле Прилепско-слепченската во XV и XVI век и Дебарско-охридската во XIX век. Речиси сите поголеми цркви имале предмети и украси од резба, а во некои целата внатрешност била украсена со резба. Најпознати сочувани дела од овие мајстори се иконостасите во црквите Св. Јован Бигорски кај Дебар и Св. Спас во Скопје. Покрај тоа, и побогатите куќи биле украсувани со мотиви од резба, познат пример за тоа е таванот во една од собите на музеј - куќата на Робевци во Охрид.

Начин на работа

уреди

Копаничарите обично работеле во тнр. тајфи од еден или повеќе мајстори и неколку помошници. За длабење на дрвото користеле метални длета и дрвени чекани со различни големини. Материјалот морал да биде суво и цврсто дрво, и затоа одбирале најчесто орев, и тоа сушен повеќе години. Најпрво дрвото се фиксирало за цврста подлога (работна маса) и потоа на него со молив се нанесувал мотивот. Потоа се длабело дрвото така што остане само мотивот, и тоа најпрво грубо, со поголеми длета, а потоа и фините детали, со помали.

Се настојува целата резба да биде од едно парче дрво, бидејќи ако е составувана постои опасност составните делови да се раздвојат.

Извори

уреди