Капали чаршија (Истанбул)

Капали чаршија (турски: Kapalıçarşı, во превод Затворен пазар или Büyük Çarşı, во превод Голема чаршија[1]) — се наоѓа во Истанбул, Турција. Таа е една од најголемите и најстарите покриени пазари во светот со 61 улица и 3,000 продавници[2][3] сместени во 12 основни згради со 22 порти. Комплексот дневно се посетува од страна на 250.000 до 400.000 посетители[4]. Во 2014 година чаршијата била прогласена за најпосетувана туристичка атракција во светот со вкупно 91.250.000 посетители годишно[5].

Капали чаршија
Kapalıçarşı
Карта
МестоИстанбул, Турција
АдресаФатих
Отворен на1461
Продавници3,000
Спратови30.701 m²

Локација

уреди

Чаршијата се наоѓа во внатрешноста на Цариградските ѕидини, во стариот дел на градот во населбата Фатих. До еден од главните влезови во чаршијата се стигнува преку плоштадот Бајазид, на кој се наоѓа Истанбулскиот универзитет и џамијата Бајазид II како и во близина на Нуруосманлиската џамија.

Историја

уреди

Во периодот на Византија и Византиски Цариград, на местото каде денеска се наоѓа чаршијата постоеле мали магазини од чии приходи била финансирана Аја Софија. Капали Чаршија започнала да се гради во 1455/1456 година во времето на султанот Мехмед II, веднаш по освојувањето на Цариград, на само неколку метри од Ески-сарај, односно Стариот дворец, денешниот универзитет и во непосредна близина на форумот на Теодосиј. Најпрвин бил изграден објект за трговија со текстил кој се викал Џевахир безистен или Ески безистен[1][6]. Самиот збор безистен доаѓа од персискиот јазик кој во превод значи пазар за облека. Овој некогашен безистен го претставува јадрото на чаршијата.

Изградбата на безистенот завршила во зимата на 1460/1461 година, а самиот објект станал дел од вакафот на Света Софија, која веќе била претворена во џамија. Според направените испитувања на тулите кои биле искористени за изградба, тие потекнуваат од втората половина на 15 век, иако на пример по источната порта се откриени материјали кои потекнуваат од времето на Комнините. Сандал безистен бил изграден во следниот период. Со текот на времето, улиците околу овие две градби биле покриени и објектот претворен во чаршија.

Освен безистен за трговија со текстил, пазарот се состоел и од некои други делови. На пример Ешир пазар се состоел од трговија со робови, а местото каде се наоѓал, за иста цел бил користен и во византиско време. Друг пазар бил пазарот на облека од втора употреба или Бит пазар[7], Узун пазар или долгиот пазар, пазарот за книги (преместен по земјотресот од 1894 до џамијата Бајазид), Сандал безистен[8] итн.

Во почетокот на 17 век, Капали чаршија го добила денешниот вид. Големиот раст на територијата на Османлиското Царство на три континенти и целосната контрола над патиштата од Азија кон Европа, го претвориле пазарот во основно место за трговија. Според неколку европски патешественици, овој пазар бил најголемиот со најголем избор на артикли и со најголем квалитет на истите во споредба со сите останати пазари во Европа. Тој статут се задржал до првата половина на 19 век. Изворите од тоа време го опишуваат пазарт во форма на квадрат со две главни улици, паралелни една со друга. Освен овие две улици и една која го заобиколувалка целиот пазар постоеле 67 патишта или сокаци, и на секој од нив се продавала соодветна стока. Во комплексот постоеле 5 џамии, 7 фонтани, 18 порти кои се отворале секое утро и се затворале секоја вечер. Во текот на 1638 година, турскиот патописец Евлија Челебија направил едно од најважните описи на пазарот. Според неговиот опис, бројот на магазините бил околу 3.000 плус уште околу 300 кои се наоѓале во околината, неколку караван-сараи со внатрешни дворови во кои се чувала новонабавената стока за трговија. Во тоа време една десетина од сите магазини во градот се наоѓале во Капали чаршија, додека самиот пазар сè уште не бил покриен.

Поредните пожари и земјотреси не го изоставиле и комплексот. Во 1738 година била изградена фонтана која помагала во случај на пожар. Во овој период бил издаден закон против пожари, а дел од пазарот бил покриен со куполи. И покрај тоа големите пожари од 1750 и 1791 нанеле голема штета на пазарот. Во 19 век, со развојот на текстилната индустрија во Западна Европа како и со методите на масовно производство, затворената економија на империјата и производството на суровини а не на готови производи довеле до постепен пад на пазарот. Во 1850 година киријата била 10 пати пониска отколку пред десетина години. Голем дел од трговците го напуштиле пазарот и свои магазини отвориле во европските населби од градот како Пера односно Галата[9].

Според податоци од 1890 година, пазарот имал 4,399 магазини, 2.195 сали, 1 бања, 1 џамија, 10 медреси, 19 фонтани и 24 анови.[10] По силниот земјотрес од 1894 година[11], пазарот бил обновен но со помала плоштина бидејќи битпазарот или пазарот за стоки со втора употреба останал надвор од пределите на комплексот и останал откриен како што е и денес. Освен тоа голем дел од ановите исто така останале надвор од пределите на Покриениот пазар и само 9 од нив спаѓаат во неговиот состав.

Претходно трговците седеле од двете страни на улицата на дрвени миндери пред рафтовите со стока. Секој од нив имал место широко околу 1,8-2,4 метри и длабоко 3-4 метри. Поголемиот дел од стоката не била изложувана на ова место, туку била складирана во магазини. Само облеката била закачена на долги рафтови. Потенцијалните купувачи доаѓале и седнувале за да се договараат со трговецот, пиеле кафе или чај, додека се склучувала некоја зделка. Во вечерните часови магазините се затворале и немало можност за никакви реклами.

Трговска историја

уреди

Во внатрешните делови од чаријата се продавале поценети стоки како бижутерија, оружје и кристал. Сандал пазар бил центар за трговијата со свила, на Пабучулар пазар се продавале обувки. Турците традиционално купувале жолти обувки, грците сини, евреите црни а ерменците црвени. Портите на чаршијата биле чувани од обезбедување. За влез во објектот во вечерните часови требало посебна дозвола од властите. Единствената ноќ во која пазарот бил отворен била во времето на празнувањето во чест на враќањето на султанот Абдул Азис од Египет[12].

И покрај преземените мерки, во чаршијата често се случувале кражби. Најголема била онаа од 1591 година кога 30.000 златни монети биле открадени[13]. Овој настан го потресил целиот град, што од властите било наредено чаршијата да остане затворена за две недели, а луѓето биле измачувани додека не бидат најдени парите кои биле скриени под рогозините на подот. За обвинет бил еден млад персиец, а султанот Мурад III пројавил милост и заповедал обвинетиот да биде погубен преку бесење, а не преку мачење[14].

Еден од најголемите недостатоци на чаршијата бил недостигот на ресторани и места за хранење. Отсуството на жените од социјалниот живот ја исклучувал можноста од таков вид на услуги. трговците носеле храни со себе во кутии и единствена храна во продажба бил дјунер, млеко или кафе. Оваа храна била спремена во мали киосци.

Чаршијата денес

уреди

Денеска, дневно во чаршијата влегуваат до 400,000 луѓе а целиот комплекс има вработено околу 26,000 луѓе[15]. Според овие податоци објектот е еден од главните знаменитости на градот. Чаршијата е позната по место каде што се продава најмногу накит, керамика, зачин, теписи итн. Многу од тезгите во чаршијата се групирани според видот на стоката, со одредени области за кожени палта, златен накит и слично. Објектот сам по себе претставува самостојно мало гратче и еден од најголемите трговски центри во светот, не само поради големата му плоштина туку и поради големиот број на магазини и трговци. Комплексот претставува огромен лавиринт кој зазима површина од 30.700 квадратни метри, со над 61 улици.

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 Müller-Wiener (1977), p. 345.
  2. Müller-Wiener (1977), p. 349.
  3. По 2012 година не постои официјална статистика за бројот на продавници во чаршијата. Се смета дека денеска, овој број се движи од 3,000 до 4,000 продавници.
  4. „The Grand Bazaar“. Архивирано од изворникот на 2018-09-03. Посетено на 12 March 2012.
  5. „World's Most-Visited Tourist Attractions“. Посетено на 20 November 2014.
  6. Eyice (1955), p. 26.
  7. Mantran (1998), p. 177
  8. Gülersoy (1980) p. 29
  9. Gülersoy (1980) p. 41
  10. Eyice (1955), p. 27.
  11. Müller-Wiener (1977), p. 348.
  12. Gülersoy (1980) p. 50
  13. Gülersoy (1980) p. 61
  14. Gülersoy (1980) p. 62
  15. „Grand Bazaar outdoing all its rivals“. Hürriyet Daily News. 2011. Посетено на 14 March 2012.

Поврзано

уреди

Литература

уреди
  • Mamboury, Ernest (1953). The Tourists' Istanbul. Istanbul: Çituri Biraderler Basımevi.
  • Eyice, Semavi (1955). Istanbul. Petite Guide a travers les Monuments Byzantins et Turcs (француски). Istanbul: Istanbul Matbaası.
  • Janin, Raymond (1964). Constantinople Byzantine (француски) (2. изд.). Paris: Institut Français d'Etudes Byzantines.
  • Müller-Wiener, Wolfgang (1977). Bildlexikon zur Topographie Istanbuls: Byzantion, Konstantinupolis, Istanbul bis zum Beginn d. 17 Jh (германски). Tübingen: Wasmuth. ISBN 978-3-8030-1022-3.
  • Gülersoy, Çelik (1980). Story of the Grand Bazaar. Istanbul: Istanbul Kitaplığı.
  • Mantran, Robert (1998). La vita quotidiana a Constantinopoli ai tempi di Solimano il Magnifico e dei suoi successori (XVI e XVII secolo) (италијански) (3. изд.). Milan: Rizzoli. ISBN 8817165581.
  • Hallam, Katie (2009). The Traveler's Atlas: Europe. London: Barron's Educational Series. ISBN 0-7641-6176-8.
  • Archnet Digital Library - Covered Bazaar Архивирано на 25 мај 2006 г.
  • Let's Go Istanbul - Istanbul Covered Bazaar
  • Turkish Culture Portal - Grand Bazaar in Istanbul

Надворешни врски

уреди

41°0′38.09″N 28°58′4.56″E / 41.0105806° СГШ; 28.9679333° ИГД / 41.0105806; 28.9679333