Другата страна (роман)

„Другата страна: фантастичен роман“ (германски: Die andere Seite. Ein phantasticher Roman) — роман на австрискиот писател Алфред Кубин, првобитно објавен во 1909 година. Романот е посветен на споменот на покојниот татко на авторот.[1]

Содржина

уреди

Прв дел: Повик

уреди
  • Прва глава. Посетата: За време на гимназиските денови минати во Салцбург, раскажувачот учел заедно со Клаус Патера. Потоа, раскажувачот се преселил во друг град и така се прекинало другарството со Клаус. Многу години подоцна, во домот на раскажувачот во Минхен пристигнува непознат човек, кој се претставува како Франц Гауч и тврди дека е испратен од Клаус Потера, кој е владетел на Царството на соништата — земја до површина од околу три илјади квадратни километри која се наоѓа во планиите Тјеншан и која е заградена со ѕидови од околниот свет, а во неа имаат пристап само избрани луѓе. Таму, луѓето живеат без придобивките на современата наука, посветувајќи се на духовноста. Според кажувањето на Гауч, уште како момче, Потера заминал да плови околу светот и стигнал во Кина; во Кантон спасил постара жена да не се удави во реката, по што бил посвоен од неа и од нејзиниот богат сопруг; по нивната смрт, Потера наследил неброено богатство; а за време на едне лов во Тјеншан ја добил идејата за Царството на соништата. Гауч му ја пренесува на раскажувачот поканата од Потера и му дава сто илјади марки како аванс за патувањето. Иако сопругата на раскажувачот се противи на патувањето, сепак таа попушта и тие набрзина го продаваат имотот и со воз заминуваат за Констанца.[2]
  • Втора глава. Патувањето: Патувајќи преку Будимпешта, Белград и Букурешт, брачниот пар конечно пристигнува во Констанца, а оттаму со параброд до Батуми, каде повторно се качува во воз и, минувајќи ги Кавказ, Каспиското Море и Бухара, пристигнува во Самарканд. Таму ги пречекува едне претставник на Царството на соништата кој им го проверува багажот и им ги одзема сите нови работи, зашто во Царството е дозволено да с евнесат само стари предмети. По дводневно патување со кола влечена од камила, брачниот пар пристига до огромната капија на влезот од Царството на соништата.[3]

Втор дел: Перла

уреди
  • Прва глава. Пристигнувањето: Штом влегува во Царството, брачниот пар повторно се качува во стар воз и веднаш добива определен износ пари (златници). Околу полноќ, возот пристига во главниот град на Царството, Перла, каде брачниот пар се спестува во хотел. [4]
  • Втора глава. Патерината творба: Утредента, дојденците се запознаваат со Перла, која личи на некој град од Средна Европа, но со стари куќи. Притоа, времето во Царството е постојано облачно, така што насекаде владее сивило. Перла е поделена на четири дела, а веднаш над градот се наоѓа палатата на Патера. Во градот живеат меѓу 20 и 24 000 жители, во најголем дел Германци, а поголемиот дел од населението го сочинуваат алкохоличари, хистерични жени, политички бегалци, убијци, крадци и други пропаднати луѓе. Повеќето од семејствата немаат деца, кои во таа земја се сметаат за непотребни, па населението се дополнува само со доселениците.[5]
  • Трета глава. Секојдневието: Наскоро по доаѓањето во Перла, брачниот пар изнајмува стан во една куќа, а раскажувачот се вработува како илустратор во најпознатиот весник во Царството. Дојденците ги изненадува необичниот живот во Царството: паричните трансакции, трговијата и државната администрација функцонираат без никаква смисла, луѓето постојано се мамат меѓусебно и прават бесмислени работи, однекаде допираат таинствени гласови и крикови, насекаде се шири необичен мирис, никој не сака да разговара за религијата во таа земја, а во градовите се изградени кули со часовници кои предизвикуваат магично дејство врз населението.[6]
  • Четврта глава. Маѓепсани: При една случајна средба на улица, сопругата на раскажувачот во фенерџијата го препознава Патера и тоа ѝ предизвикува нервно растројство. Набргу, на брачниот пар му исчезнуваат парите. Поради сите тие околности, тие посакуваат да се вратат во татковината, но за да ја остварат таа намера неопходна им е дозвола од Патера. Една ноќ, раскажувачот ненамерно оди во францускиот кварт каде го брка толпа пијани луѓе и тој едвај си го спасува животот. Здравствената состојба на жена му значително се влошува и една ноќ тој влегува во палатата и таму го затекнува Патера на спиење. Притоа, лицето на Патера поприма најразлични облици (старица, дете, итн.) и тоа предизвикува шок кај раскажувачот. Сепак, Патера му ветува дека ќе му помогне да ја излечи жена му. Меѓутоа, и покрај напорите на д-р Лампенбоген, сопругата умира, а тој е скршен од болка. Д-р Лампенбоген го прима кај себе дома, а таму раскажувачот ја заведува сопругата на докторот, Мелита. Потоа, тој оди во гостилницата, каде се опива, размислувајќи за самоубиство, но нема храброст да го направи тоа. По погребот на сопругата, тој се преселува во гостилницата и во следниот период работи напорно, создавајќи голем број цртежи.[7]
  • Петта глава. Предградието: При една прошетка, главниот лик го посетува селото во близината на Перла во кое живее домородното население. Селото претставува спротивност на животот во градот, зашто во него владее совршено спокојство, а како последица на посетата, кај него се раѓа нов поглед кон светот.[8]

Трет дел: Пропаста на Царството на соништата

уреди
  • Прва глава. Противникот: Ненадејно, во Царството на соништата се појавува многу богат човек — Херкјулиз Бел од Филаделфија, познат како Американецот. Благодарение на своето огромно богатство, тој предизвикува големи промени во општеството. Како противник на Патера, тој го основа сојузот „Луцифер“, а набргу во Перла никнуваат и бројни други политички, верски и општествени организации и здруженија. Американецот ги презема весниците во свои раце и објавува Прокламација во која отворено повикува на бунт против Патера. Истовремено, во царството се случуваат необични настанни: народот станува раскалашен и потонува во пороци, нервните болести стануваат масовна појава, а се појавуваат и двојници на луѓето при што во една прилика раскажувачот здогледува жена која потполно личи на неговата мртва сопруга.[9]
  • Втора глава. Надворешниот свет: Во првите 17 години од постоењето на Царството на соништата, остатокот од светот не знаел за него. Во тоа време, одвреме-навреме исчезнувале луѓе, но никој не обрнувал внимание на тоа. Подоцна, започнале да исчезнуваат и видни луѓе од светот на науката, уметноста и финансиите за најпосле да исчезне и една принцеза, но никој нема објаснение за тие таинствени настани. Херкјулиз Бел долго време го обиколувал светот во потрага по Царството на соништата, а по неговото доселување во Перла, тој испраќа гласник, заедно со својата Прокламација, со англискито премиер. Тогаш, светските велесили преземаат мерки и Русија определува една дивизија под команда на генералот Рудинов со задача да го заземе Царството, но набргу гласникот на Бел е пронајден мртов во еден хотел.[10]
  • Трета глава. Пеколот: Царството на соништата го зафаќа таинствена заразна болест која предизвикува целото население да заспие. Кога болеста поминува, луѓето сфаќаат дека во меѓувреме царството го зафатило наезда од инсекти и секакви домашни и диви животни, а истовремено сите предмети ги зафаќа процес на распаѓање: железото ’рѓосува, дрвото гние, ѕидовите на куќите напукнуваат, храната се расипува, облеката се распаѓа итн. Едно утро, воден од необична сила, раскажувачот оди во палатата, каде го здогледува Патера, кој во истиот миг се претвора во Американецот. Во следниот период само се засилува пропаста на царството: насекаде се случуваат масовни оргии, пијанства и убиства, а големиот храм потонува во езерото. Бидејќи Американецот не може да им ги исплати ветените пари на своите следбеници, тие го напаѓаат, но тој успева да се спаси во последен миг. Од друга страна, додека се обидува да одржи говор пред разулавената толпа, некој фрла бомба која го убива претседателот на владата. Војската се бори со бунтовниците, а насекаде низ Перла луѓето полудуваат, се убиваат меѓусебе. Бел тајно грабнува локомотива и доаѓа на границата, каде испалува сигнална ракета во обид да се поврзе со надворешната војска. Коаг се враќа назад, низ Перла се шират пожари, а луѓето халуцинираат и масовно извршуваат самоубиства. По улиците тече река од мртви тела, преживеаните одат голи, а градот е во урнатини. Раскажувачот оди кај реката со намера да се удави, но таму ѝ се придружува на групата домородци со кои се качува на ридот и ја набљудува пропаста на градот кој тоне во мочуриштето.[11]
  • Четврта глава. Визии — смртта на Патера: Тогаш, раскажувачот го гледа пред себе местото во кое го поминал детството, заедно со родителите. Тогаш лсиката исчезнува и тој го гледа Патера во џиновски размери како влегува во океан од крв, уништувајќи сè околу себе. Патера се бори со Американецот при што Патера се распаѓа, а Американецот добива џиновски димензии, но и тој се распаѓа. Кога се буди, раскажувачот се наоѓа во планински предел и влегува во подземен храм, а таму се појавува Патера на кого му се поклонуваат домородците. Патера влегува во една соба, а подоцна, кога раскажувачот и домородците влегуваат внатре, тие го наоѓаат мртвото тело на Патера. Тогаш, домородците и раскажувачот го напуштаат храмот.[12]
  • Петта глава. Крај: Над урнатините на Перла за првпат се појавува сонцето, а Бел оди во пресрет на војската што надоаѓа. Еден извиднички одред, испратен од генералот Рудинов, доаѓа во Перла, но здогледуав само куп урнатини. Војниците го наоѓаат раскажувачот во бесвесна состојба и го спасуваат. Од целото население, остануваат живи само тој, Бел и уште неколку луѓе. Наскоро, новинарите го опседнуваат раскажувачот, но никој не верува во неговите описи на Царството на соништата. Тој минува неколку години во санаториум, каде полека закрепнува, а постепено замираат гласовите за Царството на соништата.[13]
  • Епилог: Додека престојува во санаториумот, раскажувачот често сонува сонови во кои се враќа во далечните историски епохи. Иако закрепнува, тој нема никаква волја за работа и постојано е опседнат со смртта.[14]

Осврт кон делото

уреди

„Другата страна“ е една од првите книги во историјата на светската книжевност што ја вовеле дистописката визија на светот. Алфред Кубин, кого го нарекуваат и „Кафка пред Кафка“, со својот опис на една замислена земја остро ја критикувал австроунгарската монархија и речиси ја предвидел Првата светска војна. Романот извршил влијание врз германскиот надреализам, но исто така и на уметниците собрани во групата „Синиот јавач“.[15] Раскажувајќи за потполно неверојатни настани многу мирно и рационално, со јасен и едноставен јазик кој малку потсетува на Кафка, во „Другата страна“ Кубин го води читателот во свет што како да излегол од некој кошмарен сон, од халуцинација или психоделични визии. Тој свет е Земјата на соништата што претставува „архитектонска старинарница“ и „втора рака на Средна Европа“. И додека целиот свет полека навлегува во XX век, Земјата на соништата се труди да остане во првата половина на XIX век, претставувајќи ја австроунгарската монархија. Оваа утописка земја, свртена кон минатото, однапред е осудена на пропаст зашто духот што ја создал и кој владее со неа веќе е уморен и истрошен. За денешниот читател, книгата е можеби највдахнувачка ако се чита како дистописки роман. Како и секоја дистопија, и ова дело произлегува од сомнежот дека наскоро може да дојде крајот на една епоха, а во книгата се работи за хабзбуршката Средна Европа.[16]

Наводи

уреди
  1. Alfred Kubin, Druga strana. Beograd: Laguna, 2019, стр. 27.
  2. Alfred Kubin, Druga strana. Beograd: Laguna, 2019, стр. 31-52.
  3. Alfred Kubin, Druga strana. Beograd: Laguna, 2019, стр. 53-66.
  4. Alfred Kubin, Druga strana. Beograd: Laguna, 2019, стр. 69-72.
  5. Alfred Kubin, Druga strana. Beograd: Laguna, 2019, стр. 73-79.
  6. Alfred Kubin, Druga strana. Beograd: Laguna, 2019, стр. 80-110.
  7. Alfred Kubin, Druga strana. Beograd: Laguna, 2019, стр. 111-161.
  8. Alfred Kubin, Druga strana. Beograd: Laguna, 2019, стр. 162-171.
  9. Alfred Kubin, Druga strana. Beograd: Laguna, 2019, стр. 175-190.
  10. Alfred Kubin, Druga strana. Beograd: Laguna, 2019, стр. 191-194.
  11. Alfred Kubin, Druga strana. Beograd: Laguna, 2019, стр. 195-273.
  12. Alfred Kubin, Druga strana. Beograd: Laguna, 2019, стр. 274-284.
  13. Alfred Kubin, Druga strana. Beograd: Laguna, 2019, стр. 285-289.
  14. Alfred Kubin, Druga strana. Beograd: Laguna, 2019, стр. 290-291.
  15. Alfred Kubin, Druga strana. Beograd: Laguna, 2019.
  16. „O autoru“, во: Alfred Kubin, Druga strana. Beograd: Laguna, 2019, стр. 254-255.