Димитар Илиевски - Мурато
Димитар Илиевски - Мурато (29 септември 1953, Битола - 10 мај 1989, Монт Еверест, Непал) — македонски алпинист, познат како првиот Македонец што ја има освоено највисоката планина во светот — Монт Еверест. Се искачил на 10 мај 1989, по што не успеал да се врати во базниот логор и службено е воден како изчезнат.
Димитар Илиевски - Мурато | ||
Роден | 29 септември 1953 Битола, НР Македонија, ФНРЈ | |
---|---|---|
Починал | 10 мај 1989 Монт Еверест, Непал | (возр. 35)
Тој е еден од најголемите алпинисти во историјата на македонскиот алпинизам и спортот воопшто. Се одликувал со фрапантна љубов кон планините и непоколеблива амбиција за соочување со најтешките предизвици. Во својата богата алпинистичка кариера се има искачено на повеќе планински врвови.
Во негова чест на Пелистер подигнато е спомен-обележје. Посмртно ја има добиено наградата Медал за заслуги за Македонија.
Искачување на Монт Еверест
уредиНа 10 мај 1989 година Димитар Илиевски - Мурато како член на Mакедонска алпинистичка хималајска експедиција „Еверест '89“ (МАХЕ Еверест '89) се искачи на највисокиот врв на светот Монт Еверест на Хималаите, за првпат развиорувајки го југословенското знаме. Искачувањето е направено од непалската страна преку ледоломот Кумбу во стил кој стана класичен и прифатен од сите експедиции кои го качуваат врвот од оваа страна. Базниот логор се поставува на морените под ледоломот на височина од 5 370 m н.в. до 5 500 m н.в.. Патот кон врвот се протега низ ледоломот Кумбу, потоа долината на тишината, падината под врвот Лоце и јужното седло, а вдолж него се поставуваат четири висински логори. Првиот висински логор е на височина од околу 6100 м, вториот е под Лоце на височина од 6 200 m н.в., третиот на самата Лоце на 7 300 m н.в. и последниот на Јужното седло на околу 8 000 m н.в. Заедно со Диме на врвот во истиот ден се искачија и словенечкиот алпинист Виктор Грошељ, хрватскиот алпинист Стипе Божиќ и шерпасите Сонам и Аџива. Во четвртиот висински логор се наоѓал македонскиот алпинист Борче Јовчевски кој заедно со Диме бил во јуршната екипа која тргнала кон врвот, но поради тесни обувки добил смрзнатини и бил приморан да остане во шаторот на всочина од 8 000 m н.в. Искачувањето до врвот траело околу 15 часа во услови на длабок снег. На врвот Диме и Стипе се задржале околу еден час. На симнување од врвот Диме останал најверојатно на височина од 8 200 m н.в Причината за неговата смрт не е разјаснета до денес бидејќи за целото време на искачувањето и симнувањето бил во одлична состојба честопати пртејки патека во снегот и пред шерпасите. Се претпоставува дека застанувајќи за кратко на 8200 метри за да го почека Стипе, кој бил зад него и имал проблеми со светилката, Диме заспал.
Димитар Илиевски е првиот Македонец кој се има искачено на Монт Еверест и за долго време бил единствениот Македонец кој се има искачено на врв повисок од 8000 метри. Есента 2005 година во организација на комитетот на експедицијата и Македонската алпинистичка асоцијација, под базниот логор на Еверест е изграден споменик во чест на Димитар Илиевски.
Водач на Македонската алпинистичка експедиција на Монт Еверест беше Јован Попоски - Јове.
Други алпинистички успеси
уредиПокрај искачувањето на Монт Еверест во 1989 година, Диме се има искачено на голем број врвови во Македонија, на Балканот, во Алпите. Меѓу другото се има искачено на Монблан (на 25. VII 1979 год. и 20. VIII 1981 год.), и поголем број врвови со алпинистички приоди во масивот на Монблан, потоа Матерхорн (на 14. VIII 1981 год.), врвот Дифур на Монте Роза (на 17. VIII 1981 год.), Гросглокнер, Мармолада и значителен број врвови на Доломитите. Во рамките на Македонската алпинистичка експедиција „Анди ’82“ тринаесет од вкупно петнаесет членови го искачија источниот гребен на Уаскаран (6768м) во Јужна Америка. Димитар Илиевски покрај тоа заедно со Благојче Лазаров, Слободан Јовановски и Ѓорѓи Костовски го искачи и Северниот врв. Во 1982 година се искачи на Уаскаран и тоа и на северниот и на Јужниот врв, како и на Чопикалки. Во 1984 година како дел од Македонска Алпинистичка Експедиција „Памир '84“ се искачил на Врвот на Комунизмот во Памир. Во 1986 година во состав на Македонска алпинистичка хималајска експедиција „Манаслу '88“ заедно со Слободан Јованоски и Борче Јовчевски стигна до 7500 м.н.в.. при првото повторување на Полската насока во опасната источна стена на Манаслу (8167 m н.в..) по излегување на Јужното седло, во рамките на Првата Македонска Алпинистичка Хималајска Eкспедиција „Манаслу '86“.
Покрај големиот број тешки алпинистички искачувања во Алпите, тој е автор е на голем број првенствени насоки на Матка, Солунска Глава, Демир Капија, карпите околу Прилеп, на Пелистер, на Проклетие, на Вихрен и уште многу други планински масиви.
Напори за враќање на телото
уредиВо 1998 година се организираше алпинистичка експедиција во организација на Македонската алпинистичка асоцијација и Македонскиот олимписки комитет со цел да се симне телото на Диме од планината и согласно со непалските закони телото со свечена церемонија да биде запалено под базниот логор, и урната со пепелта да се донесе во Македонија и да се постави во музеј соба направена за овој македонски великан. Македонската експедиција требаше да делува како составен дел од Меѓународната експедиција за чистење на Монт Еверест која имаше за цел чистење на планината и симнување на телата на загинатите алпинисти. Експедицијата не се реализира заради настанати административни пречки со непалската влада пред самиот нејзин почеток. Но, идејата за симнување на телото на Диме не е напуштена, бидејќи се смета дека е позната точната локација на неговото тело.
Награди и одликувања
уредиЗа своите достигнувања, Диме Илиевски е одликуван со голем број награди и признанија меѓу кои и наградата „11 Октомври“ како и наградата Cпортист на годината за 1989 година. Од страна на Македонскиот олимписки комитет Диме е прогласен за „Великан на спортот“.
- „4-ти ноември“, денот на ослободувањето на Битола, 1979 година
- Златни значки на Планинарскиот сојуз на Македонија за 1980, 1982 и 1984 година
- Орден „Заслуги за народ со сребрена ѕвезда“, 1984
- Спортист на годината на Битола, 1984 и 1989
- „25-ти Мај“, 1989
- Спортист на годината на Македонија за 1989 г.
- Признание за учество во експедицијата Мт. Еверест 1989, Собрание на град Скопје
- Македонски спортски великан 1989, Македонски Олимписки Комитет
- Орден „Заслуги за народ со златна ѕвезда“, 1989
- „11-ти Октомври“, 1990
- Признание „Подвиг на векот“, Општина Битола, 1999
- Спортист на годината 1999 и спортист на 20-ти век, весник „Скок“
- Златна плакета „Спортист на столетието“, 1999, сојуз на спортови на Битола,
Во февруари 2008, заедно со Глигор Делев, вториот Македонец што се искачи на Монт Еверест, Димитар Илиевски е посмртно одликуван од тогашниот претседателот Бранко Црвенковски со Медал за заслуги за Македонија.
Надворешни врски
уреди- Портал посветен на Димитар Илиевски - Мурато Архивирано на 17 мај 2014 г.
- Биографија за Димитар Илиевски - Мурато — alpinizam.org
- „10 мај еден од најголемите денови во историјата на македонскиот алпинизам“ Архивирано на 29 јуни 2007 г. — alpinizammkd.org
- Миодраг Мицковиќ „Тајната остана во вечната гробница под Монт Еверест“ Архивирано на 26 септември 2007 г.