Госпоѓа Даловеј (англиски: Mrs Dalloway) - роман на англиската писателка Вирџинија Вулф. Првобитно, романот бил објавен на 14 мај 1925 година.

Госпоѓа Даловеј
Mrs Dalloway
Корица на Госпоѓа Даловеј, 1925
АвторВирџинија Вулф
ЗемјаОбединето Кралство
ЈазикАнглиски
ИздавачХогарт прес
Издадена
14 мај 1925
МедиумПечатено (тврда и мека корица)
Страници224 (мека корица)
ISBN0-15-662870-8
OCLC20932825
823/.912 20
Клас. КБPR6045.O72 M7 1990b
ТекстГоспоѓа Даловеј
Mrs Dalloway
на Викиизвор

Содржина

уреди

Дејството во романот се одвива во Лондон, текот на еден ден во средината на јуни. Госпоѓата Клариса Даловеј, жена на возраст од 52 години, приредува прием и затоа утрото излегува во градот за да купи цвеќе. Кога стигнува во продавницата, наеднаш сите луѓе се загледуваат во еден автомобил во кој се наоѓа некоја многу важна личност, некој од кралското семејство или премиерот. Навистина, автомобилот продолжува кон Бакингемската палата каде се насобрале многу луѓе. Но, тогаш, на разни места во Лондон вниманието на луѓето е свртено кон еден авион што испишува реклама на небото. Истовремено, автомобилот и авионот го забележува брачниот пар Лукреција и Септимус Ворен Смит. Лукреција е незадоволна од својот сопруг, ветеран од Првата светска војна, кој има психички проблеми и често зборува сам со себе, му се причинува дека гледа свои познаници и слуша непостоечки звуци. Кога пристигнува дома, г-ѓа Даловеј е разочарана од веста дека нејзиниот сопруг Ричард ќе руча на друго место, без неа. Малку подоцна, додека таа го поправа фустанот, во куќата ненадејно влегува Питер Волш, нејзиниот пријател од детството за кого во минатото размислувала дали да се омажи со него. Питер само што пристигнал од Индија и ѝ кажува на Клариса дека планира да се разведе, зашто е вљубен во една мажена жена. Кога Клариса го потсетува на заедничките случки од минатото, Питер почнува да плаче, но тогаш во куќата влегува ќерката на Клариса, Елизабета и тој набрзина си оди. Оттука, Питер заминува во Регентовиот парк, каде се сеќава на настаните од минатото и на својот последен заеднички одмор со Клариса, кога таа го запознала Ричард Даловеј. Во паркот се наоѓа и брачниот пар Ворен Смит при што Септимус зборува самиот со себеси.[1]

Од Регентовиот парк, Септимус и Лукреција го посетуваат сер Вилијам Бредшо, еден од најпознатите доктори за нервни заболувања. Во младоста, Септимус го напуштил семејниот дом и се преселил во Лондон, каде со голем елан почнал да се образува, да пишува поезија и да напредува во работата. Но сето тоа било прекинато кога почнала Првата светска војна. Септимус веднаш се пријавил како доброволец и се докажал на бојното поле. На фронтот, тој се зближил со неговиот надреден офицер Еванс, кој погинал при крајот на војната. Во тоа време, Септимус бил во Милано и таму, чувствувајќи дека ги губи чувствата, тој се оженил со Лукреција. По враќањето во Англија, неговата психичка состојба почнала да се влошува. Сер Бредшо ги прима љубезно, им кажува дека Септимус е сериозно болен и препорачува да го префрлат во еден санаториум. Во тоа време, Ричард Даловеј пристигнува на ручекот кај леди Братон, каде дознава дека Питер е во Лондон. Потоа, тој се враќа дома и на Клариса ѝ подарува букет цвеќе, по што веднаш заминува по некоја работа. Тогаш, ќерката Елизабета излегува надвор, заедно со нејзината наставничка Килман, а откако се разделуваат, таа шета низ улиците на Лондон. Истовремено, во својот стан, на Септимус наеднаш му се враќа разумното однесување и тоа ја прави Лукреција многу среќна. Меѓутоа, во тој миг влегува д-р Холмс и Септимус, исплашен да не го однесат во санаториумот, извршува самоубиство фрлајќи се низ прозорецот. Питер Волш, пак, пристигнува во својот хотел, каде добива писмо од Клариса и тоа го поттикува да размислува за минатото и за иднината, по што одлучува да оди на приемот кај Клариса.[2]

Во куќата на семејството Даловеј пристигнуваат голем број гости, меѓу кои и премиерот, со што приемот добива во значење. Клариса е задоволна од успехот на забавата, но истовремено, таа чувствува празнина во душата. Меѓу гостите се наоѓа и докторот Бредшо, кој ѝ кажува на Клариса за самоубиството на едно младо момче, а тоа привремено ја потресува неа. На приемот доаѓа и Питер Волш, но Клариса е премногу зафатена со гостите и нема време да поразговара со него. Конечно, непоканета, на забавата доаѓа и Сели Сатон, сега леди Розетер. Таа и Клариса не се виделе многу години, а во меѓувреме Сели се омажила за богат фабрикант од Манчестер кому му родила пет сина на кои таа е многу горда. На забавата, Сели се дружи со Питер, чекајќи да дојде Клариса, но таа е зафатена со другите гости и Сели ја напушта забавата без да поразговара со неа. Кога си заминуваат гостите, останува само Питер, која очекува да ја види Клариса.[3]

Ликови во романот

уреди

Покрај насловниот лик, во романот се појавуваат уште неколку ликови. Притоа, карактеристично е тоа што сите ликови се поврзани на некој начин: или се познаваат меѓу себе или се среќаваат на определени места. На пример, на почетокот на романот, само што излегува од својот дом, Клариса Даловеј го среќава Хју Хвајтбред, кој подоцна ќе биде поканет на ручек кај леди Братон, заедно со Ричард Даловеј; на тој ручек, леди Братон му кажува на Ричард дека се вратил Питер Волш; шетајќи низ Регентовиот парк, пак, Питер ги здогледува Септимус и Лукреција Ворен Смит (иако не ги познава); купувајќи цвеќе, вниманието на Клариса го привлекува автомобилот во кој се наоѓа некоја позната личност, а истиот автомобил го набљудуваат Септимус и Лукреција; за време на приемот, Клариса се среќава со докторот Бредшо, кој ѝ кажува за самоубиството на Септимус, кого таа не го познава, итн.

  • Клариса Даловеј: Таа е дама од високото општество на возраст од 52 години, витка и привлечна, иако неодамна имала сериозна срцева болест. Таа не е многу начитана и не може да се смета за интелектуалка, но сепак поседува елеганција и префинето однесување. Таа секогаш имала сè, но никогаш не барала ништо повеќе од она што го дозволуваат правилата на цивилизираниот свет. Таа е исклучително сензибилна и има изразено чувство на недоволност и недовршеност. Оттука, иако однадвор е мирна жена, таа чувствува голема празнина во душата што ја попочлнува со своите сеќавања, а речсиси нема никакви планови за иднината. Сепак, Клариса Даловеј е личност која освојува со својот топол и тивок шарм.[4]
  • Ричард Даловеј: Тој е присебен и повлечен човек кој потекнува од високото општество и кој успеал да оствари непретенциозна политичка кариера. Тој е природен човек, едноставен и полн со добрина. Во односот кон Клариса, тој е внимателен и трпелив, непоколебливо (но, без опсесија) вљубен во неа.[4]
  • Елизабета Даловеј: Таа е убава девојка на возраст од 17 години, но сосема различна од нејзината мајка. Таа не сака снобовски да ги прима правилата, туку сака да направи нешто самостојно. За разлика од мајка ѝ, таа не ги сака приемите. Истовремено, поттикната од нејзината сиромашна наставничка, таа е заслепена од верата.[5]
  • Септимус Ворен Смит: Тој е способен и интелигентен млад човек, одликуван за време на Првата светска војна. Но, при крајот на војната, него го зафаќа страв дека ги губи чувствата, а по враќањето во татковината незапирливо го зафаќа лудило, проследено со халуцинации, фикс-идеи и желби за самоубиство. Најпосле, тој не го издржува психичкиот товар и навистина извршува самоубиство.[6]
  • Питер Волш: Тој интересен, надарен и неконвенционален човек кој, поради тоа, не успеал да се пронајде себеси ниту да направи успешна кариера. Уште од младоста, тој е вљубен во Клариса, иако постојано е критички настроен кон неа при што често запаѓал во конфликти со неа. Клариса ја одбила неговата брачна понуда, знаејќи дека тој нема да успее во животот. Дури на возраст од 53 години, Питер останал импулсивен, фантазер и детинест. Тој е слободна и неконвенционална личност која кај другите предизвикува чувство на вина, но истовремено и сожалување и обврска да му помогнат. Неговото присуство е постојан сведок на минатото на Клариса исто како што нејзината појава постојано ги буди неговите спомени.[7]
  • Сели Сетон: Таа е сиромашна роднина и пријателка на Клариса од младоста. За време на нивните заеднички одмори, Клариса чувствувала нескриена љубов кон неа, зашто Сели била сосема спротивна на неа: привлечна, смела, бунтовна, неконтролирана, девојка што пушела цигари и која отворено ги искажувала своите ставови. Но, подоцна, Сели целосно ги прифатила општествените конвенции коишто ги мразела во младоста. Така, таа се омажила за еден богат човек и се претворила во совршена домаќинка. Оттука, кога по многу години повторно ќе се сретнат, Сели и Клариса немаат што да си кажат меѓу себе.[8]
  • Дорис Килман: Таа е сиромашна жена со германско потекло, на возраст од над 40 години, висока, грда и свесна за својот непривлечен изглед. Поради сознанието дека е интелигентна и образована, но сиромашна, таа ги мрази и ги презира богатите луѓе, а особено г-ѓа Даловеј. Таа никогаш не била среќна, а спасот го пронашла во религијата. Истовремено, таа има големо влијание врз Елизабета Даловеј и кон неа чувствува искрена љубов.[9]

Заедничка одлика на сите личности од романот е тоа што Вулф ги гради ликовите однатре и ги прикажува во самиот процес на живеењето, во еден вид елементарна фактура на реагирањето. Притоа, незабележливо, без никакви настани и конфликти, ликовите во романот се појавуваат како блиски личности, како стари познаници.[10]

Стил

уреди

Во „Г-ѓа Даловеј“ целото дејство, освен сеќавањата на минатите настани, се одвива во еден единствен ден во текот на јуни. Тоа е пример на раскажување наречен „тек на свеста“, каде секоја сцена одблиску ги следи мислите на одреден лик. Вулф ја замаглува дистинкцијата помеѓу директен и индиректен говор низ романот, менувајќи ја нарацијата описи, индиректен внатрешен монолог и директна внатрешна нарација од барем дваесет ликови, но сепак, главнината на романот е фокусирана на два лика: Клариса Даловеј и Септимус Смит.

Поради структуралните и стилистичките сличности, Г-ѓа Даловеј вообичаено се смета за одговор на Џејмс Џојсовиот роман „Улис“. Во нејзиниот есеј „Модерна фикција“, Вулф го фали Џојсовиот „Улис“, зборувајќи за сцената со гробиштата: „при прво читање и на кој било начин, тешко е да не се признае едно ремек-дело“. Издавачката куќа „Хогарт Прес“, управуван од неа и од нејзиниот сопруг Леонард, морала да се откаже од можноста да го објават романот во 1919 година, поради законот за непристојност што во тоа време бил на сила во Англија, како и поради практичните проблеми околу објавувањето на книгата.

Теми

уреди

Феминизам

Како коментар на меѓувоеното општество, ликот на Клариса ја означува улогата на жената како „Ангел на куќата“ кој отелотворува и сексуални и економски угнетувања. Таа се бори и дури ги вклучува социјалните очекувања на сопруга на патријархален политичар, но сепак е сѐ уште способна да се изрази себеси и да најде особеност во забавите кои ги приредува. Нејзината стара пријателка Сали Сетон, на која Клариса ѝ се восхитува искрено, е насликана во романот како голема независна жена. Таа пуши цигари, еднаш истрчала гола за да го земе сунѓерот за капење, и правела силни, нетипично женски изјави за да предизвика реакции од луѓето. Кога Клариса ја среќава во сегашноста, таа се покажува како совршена домаќинка, мажејќи се со независен богат човек и раѓајќи пет синови.

Хомосексуалност

Клариса Даловеј е силно привлечена од Сели во Бортон - 34 години подоцна, таа сѐ уште го смета бакнежот кој го размениле како еден од најсреќните моменти ов нејзиниот живот. Таа има чувства за жените „исто како што мажите“, но не ги препознава овие чувства како знаци на хомосексуалност. Подоцна, во текот на нивните животи, таа и Сали малку се разидуваат, но Клариса се сеќава на највпечатливиот момент од целиот нејзин живот - бакнежот в уста од Сали Сетон. Нејзините љубовни чувства кон Сели најдобро ги отсликуваат следниве пасуси од романот:

„Ах, тоа прашање на љубовта (размислуваше оставајќи го капутот), тоа вљубување во жените. Да ја земеме Сели Сетон; нејзината врска во младоста со Сели Сетон: Зарем тоа не беше, на крајот на краиштата, љубов?“... Но целата таа вечер не можеше да ги одвои очите од Сели. Тоа беше извонредна убавина, од оној вид на којшто најмногу му се воодушевуваше...“[11]

„Кога гледа наназад, чудна беше таа чистота, таа целокупност на нејзините чувства кон Сели. Тоа немаше врска со она што се чувствува кон мажот. Беше потполно невообичаено и, уште повеќе, имаше една одлика што може да постои единствено меѓу жените, меѓу штотуку пораснатите жени.“[12]

„... се сеќава како се облекува и слегува на долниот кат и како чувствува, додека го поминува ходникот, 'ако треба да умре сега, тоа ќе биде најголемата среќа'. Такво беше нејзиното чувство...сето поради тоа што во бел фустан слегуваше на вечера каде ќе ја сретне Сели Сетон!... Но ништо не е толку чудно како кога некој е вљубен (зашто, што е беше тоа ако не љубов?)... Тогаш се одигра најпрекрасниот момент во целиот живот кога поминувајќи покрај камената вазна со цвеќиња. Сели застана; набра еден цвет; ја бакна в уста. Целиот свет се беше превртел од наопаку!“[13]

Исто така, врската помеѓу Дорис Килман и Елизабета Даловеј демонстрира дека наставничката можеби имала одредени лезбејски чувства кон ќерката на Клариса. На пример, за време на една заедничка прошетка, Килман размислува за Елизабета на следниов начин:

„...тоа дете, толку убаво, таа девојка која искрено ја сака!“[14]

„Болката беше ужасна. Само кога би можела да ја зграпчи, само кога би можела да ја грабне, кога би можела да постигне таа да биде целосно и засекогаш нејзина, па тогаш макар и да умре; тоа е сè што сака.“[15]

Слично, еден од главните ликови во романот, Септимус, е прогонуван од сликата на Еванс, неговиот претпоставен офицер, кој е прикажан како „незаинстересиран во женско присуство“. Вулф ги опишува Септимус и Еванс како се однесувале налик „две кучиња кои си играат на килим“, кои, нераздвоени, „морале да бидат заедно, да делат помеѓу себе, да се борат помеѓу себе, да се караат помеѓу себе...“ Џин Е. Кинард споменува дека зборот „дели“ може лесно да се чита како во Форстеровиот „Морис“ којшто сведочи за користењето на зборот во овој период како синоним за хомосексуална врска. Понатаму, Кинард ја забележува зголемената Септимусовата „одбивност околу идејата за хетеросексуален секс“, апстинирајќи од секс со сопругата Реција и чувствувајќи дека „работата околу самиот чин била нечиста за него до самиот крај“. Други критичари тврдат дека Септимус и Еванс се дадени како паралела на Т. С. Елиот и неговиот драг пријател Џин Верденал, кого Елиот силно го оплакувал.

Ментална болест

Септимус, како нервно растроен воен херој, служи како нагласена критика за третирањето на менталните болести и депресијата. Вулф се нафрлува врз медицинската пракса преку Септимусовиот пад и конечно, неговото самоубиство: неговите доктори прават брзи заклучоци за неговата состојба, зборуваат со него главно преку неговата сопруга, и ги отфрлаат неговите ургентни признанија пред тој да ги направи. Така, сопругата на Септимус често се потсетува на зборовите: „д-р Холмс рече дека се е во ред со него“.

Користејќи ги ликовите на Клариса и Реција, Вирџинија Вулф тврди дека луѓето единствено можат да го толкуваат нервното растројство на Септимус според нивните сопствени културни норми. Низ текот на целиот роман, Г-ѓа Даловеј воопшто не се среќава со Септимус. Реалноста на Клариса е мошне различна од таа на Септимус; неговото присуство во Лондон е непознато за Клариса сè до моментот кога неговата смрт не стане тема за разговор на нејзината забава. Со несреќавањето на двата лика, Вулф сугерира дека душевната болест може да биде задржана до поединецот кој страда, без другите кои се незасегнати воопшто да дознаат за неа. Ова ѝ овозможува на Вулф да ја исткае нејзината критика на третманот на ментално-болните заедно со нејзиниот поголем аргумент, кој се однесува на критиката на општествената класна структура. Нејзината употреба на Септимус како стереотипичен трауматизиран човек од војната е нејзин начин да покаже дека сѐ уште постојат потсетници од Првата светска војна во Лондон од 1923 година. Овие потсетници, како еден вид на бранувачки ефект, одекнуваат не само кај Г-ѓа Даловеј, туку и кај читателите низ различни генерации. Предметот на нервното растројство, или пост-трауматичен стрес е важен додаток на темелите за повоената британска литература во раниот XX век.

Постојат сличности во состојбата на Септимус со онаа на Вулфовата борба со нејзиното биполарно нарушување (двајцата халуцинирале дека птици пееле на грчки јазик, и Волф самата се обидела еднаш да се фрли себеси од прозорец како што Септимус прави на крајот од романот; најпосле, Вулф на крајот извршила самоубиство).

Егзистенцијални проблеми

Кога Питер Волш здогледува девојка на улицата и ја следи половина час, тој забележива дека неговата врска со девојката била „измислена, како што еден ги измислува подобрите работи во животот“. Фокусирајќи се на мислите на ликовите и нивната перцепција, Вулф го нагласува значењето на сопствените мисли, наместо конкретните настани во животот на личноста. Повеќето точки од заплетот во „Г-ѓа Даловеј“ се заклучоци кои ликовите ги прават со своја глава. Носена од нејзината состојба со лошото здравје, Клариса Даловеј е означена како жена што го цени животот. Нејзината љубов за организирање забави доаѓа од желбата да ги соединува луѓето и да создава среќни моменти. Нејзиниот шарм, според Питер Волш, е смислата за убав живот, секогаш накратко прикажан со реченицата „Таму беше“. Таа ја толкува смртта на Септимус како чин за славење на животот, и нејзиното расположение останува позитивно дури и кога сфаќа дека нејзиниот брак е фарса.

Филмски адаптации

уреди

Филмска верзија на „Г-ѓа Даловеј“ била направена во 1997 година од страна на холандската феминистка и режисерка Марлин Горис, а главните улоги во филмот ги толкуваат: Ванеса Редгрејв (во главната улога), Наташа МекЕлоун, Лена Хедев, Руперт Грејвс, Мајкл Кичен, Алан Кокс, Сара Бадел и Кејти Кар. исто така, романот „Г-ѓа Даловеј“ бил клучен елемент од приказната за книгата на Мајкл Канингам „Часовите“ и за истоимената филмска адаптација. Насловот на Канингам бил изведен од оригиналниот наслов на Вулфовиот роман „Г-ѓа Даловеј“.

Наводи

уреди
  1. Virdžinija Vulf, Gospođa Dalovej. Beograd: Rad, 1964, стр. 3-72.
  2. Virdžinija Vulf, Gospođa Dalovej. Beograd: Rad, 1964, стр. 73-144.
  3. Virdžinija Vulf, Gospođa Dalovej. Beograd: Rad, 1964, стр. 144-170.
  4. 4,0 4,1 Milica MIhajlović, „Virdžinija Vulf“, во: Virdžinija Vulf, Gospođa Dalovej. Beograd: Rad, 1964, стр. 173.
  5. Milica MIhajlović, „Virdžinija Vulf“, во: Virdžinija Vulf, Gospođa Dalovej. Beograd: Rad, 1964, стр. 173-174.
  6. Milica MIhajlović, „Virdžinija Vulf“, во: Virdžinija Vulf, Gospođa Dalovej. Beograd: Rad, 1964, стр. 174.
  7. Milica MIhajlović, „Virdžinija Vulf“, во: Virdžinija Vulf, Gospođa Dalovej. Beograd: Rad, 1964, стр. 175.
  8. Milica MIhajlović, „Virdžinija Vulf“, во: Virdžinija Vulf, Gospođa Dalovej. Beograd: Rad, 1964, стр. 173-176.
  9. Milica MIhajlović, „Virdžinija Vulf“, во: Virdžinija Vulf, Gospođa Dalovej. Beograd: Rad, 1964, стр. 108-116.
  10. Milica MIhajlović, „Virdžinija Vulf“, во: Virdžinija Vulf, Gospođa Dalovej. Beograd: Rad, 1964, стр. 176.
  11. Virdžinija Vulf, Gospođa Dalovej. Beograd: Rad, 1964, стр. 29.
  12. Virdžinija Vulf, Gospođa Dalovej. Beograd: Rad, 1964, стр. 30.
  13. Virdžinija Vulf, Gospođa Dalovej. Beograd: Rad, 1964, стр. 31.
  14. Virdžinija Vulf, Gospođa Dalovej. Beograd: Rad, 1964, стр. 115.
  15. Virdžinija Vulf, Gospođa Dalovej. Beograd: Rad, 1964, стр. 116.