Ханс Кристијан Андерсен

(Пренасочено од Андерсен)

Ханс Кристијан Андерсен (дански: Hans Christian Andersen; 2 април 1805 - 4 август 1875) — дански книжевник и еден од најголемите писатели на бајки. Ги проширувал, развил народни мотиви во нив, но и создавал вистинити дела.

Ханс Кристијан Андерсен
Hans Christian Andersen
Ханс Кристијан Андерсен во 1869 г.
Роден/а2 април 1805(1805-04-02)
Оденсе Данска
Починат/а4 август 1875(1875-08-04) (возр. 70)
Копенхаген, Данска
Занимањеписател
Јазикдански
НационалностДанец
Жанрдетска книжевност, патопис
Потпис

Неговите приказни се читливи, разбирливи и лесно ги занесуваат како децата така и возрасните. Тој комуницира со децата и содзава толку впечатливи дела затоа што пишувајќи самиот тој размислува како дете. Такви се „Царевото ново руво“, „Оловниот војник“, „Малата сирена“.

Животопис

уреди

Роден е на 2 април 1805 година во Одензе, Данска. Потекнувал од сиромашно семејство што не можело да му овозможи редовно школување. Мајка му била перачка, и исто така, потекнувала од сиромашно семејство. Кога била малечка ја терале да проси, но таа не го сакала тоа. Татко му бил чевлар.[1] Тој му читал на малечкиот Ханс комедии, разни приказни, а најмногу необични бајки. Детето со радост живеело во светот на бајките, но за жал, постоел и реалниот свет на кого најчесто го потсетувало кркорењето во стомакот. Една стара и добродушна учителка го научила детето убаво да чита. Таткото, пак, го користел секој слободен миг и на синот да му направи кукли со кои потоа и двајцата си играле. Но, за жал, тоа не траело долго. Кога Ханс имал 11 години, татко му починал. Сиромашниот живот поткрепен само од мајчините скромни приходи полека се претворал во беда. Препуштен речиси самиот на себе, оти мајка му морала многу да работи, Ханс Кристијан се обидувал самиот да состави мали комедии, рецитации и песни. Потоа им ги претставувал на другите деца во својот малечок куклен театар. Во родниот град, Ханс Кристијан го завршил училиштето за сиромашни деца каде се здобил со основни знаења од писменоста и математиката.[1]

Андерсен бил високо и бледо момче, дури и премногу висок и блед за својата возраст. Мајка му сепак мислела дека тој би можел нешто и да заработи, па го вработила во некоја текстилна фабрика во која работеле многу момчиња на негова возраст. Момчињата му се допаднале на Ханс, а и тој ним - особено кога забележале дека преубаво пее. Дури се случувало да ја преземат и неговата работа под услов тој да ги забавува дури работат. Еден ден, едно од момчињата рекло дека Ханс има глас како девојче, а поради тоа другите деца почнале да му се потсмеваат. Тажен, а по малку и исплашен, тој побегнал дома. Мајка му му ветила дека никогаш повеќе нема да се врати во фабриката.

Кога заштедил доволно пари, а тогаш имал точно 14 години, плашливото момче Ханс Кристијан решил да тргне во освојување на светот. Од каде би почнал ако не од главниот град на својата татковина, Копенхаген. Кралскиот театар тогаш бил центар на културниот и уметничкиот живот, па Ханс решил да стане дел од него. Еден ден, во театарот посетил некоја позната пејачка. Таа го примила, а тој ѝ раскажувал за својот живот и за љубовта што ја носи кон театарот. Ѝ рекол дека е писател, глумец и танчер, и решил веднаш да ѝ покаже што знае. Ги собул чизмите и уредно ги ставил во аголот на просторијата. Тврдата шапка од филц ја искористил како барабан, па пред пејачката рецитирал и танцувал. Таа во почетокот се чудела, потоа се забавувала, а на крајот се извадила од умот, мислејќи дека момчето полудело. Веднаш го истерала од своите одаи.

 
Марка на Македонска Пошта по повод 200 години од раѓањето на Ханс Кристијан Андерсен (ФДЦ 14/2005, 3 октомври 2005)

Сам, без скршена пара во џебот, без пријатели и топли зборови Андерсен бил сосема дотолчен. Сепак, како што напишал во својата автобиографија, тој не ја загубил волјата за подобар живот. Вакви и слични зборови многу често се повторувале во неговата животна приказна. Ниту во еден момент не ја загубил храброста и вербата во себе. Упорно посетувал други уметници. Знаел да биде и здодевен, но истовремено бил сосема едноставен, искрен и наивен. Тие особини го воодушевиле познатиот италијански тенор Сибони, кој тогаш пеел во кралскиот театар во Копенхаген. Пејачот му помагал на разни начини, а најважно е што го запознал со управителите на неколку театри, кои во почетокот му давале мали улоги, а подоцна, гледајќи дека момчето располага со раскошен талент, му дале стипендија за школување.[2][3] Во училиштето успеал да го среди своето големо, но збркано знаење. Школувањето го завршил кога имал 24 години.

Меѓутоа, иако имал чуден изглед, тој поседувал посебен шарм, па ги придобил симпатиите на многу од богатите семејства, пред сè на семејството Колин, кои станале негови долгогодишни поддржувачи и покровители (мецени) на неговата работа.

Неговото прво дело е објавено 1829 година, кое не поминало добро кај пошироката јавност, но му овозможило многу познанства и пат до Велика Британија каде што му бил гостин на Чарлс Дикенс.[4] Потоа започнал да пишува драми, патописи, автобиографии и поезија. Неговиот следен роман „Импровизатор“ е одлично прифатен. Ханс пишувал многу, но станал познат дури откако го напишал романот „Импровизатор”, за кој го инспирирала Италија. По објавувањето на тој роман тој се вивнува во светот на уметноста.

Андерсен ја прошетал цела Европа, а секаде го примале со нескриени симпатии и радост. Може да се каже дека на својот пат сретнал многу значајни луѓе од неговото време од областа на културата и уметноста. Уметници, поети, принцови, и воопшто, благородништвото инсистирале на неговото друштво и го канеле барем по неколку дена да биде гостин во нивната куќа. Тогаш животот почнал да му наликува на неговите бајки. Всушност, сето ова почнало да му се случува кога почнал да пишува бајки.

Андерсен умрел на 4 август 1875 година.

По неговата смрт почнала отворена дискусија во врска со неговата секусалност. Додека бил млад, Андерсен напишал во неговиот дневник дека не сака да има сексуални односи. Тој често се вљубувал во недостижни жени, вклучувајќи ги Риборг Фогт, Софи Орстед, Луиз Колин и Џени Линд, но исто така и во мажи: Харалд Шарф, Карл Александар и Едвард Колин, кој напишал во својата книга: „Се најдов себеси во состојба да не можам да одговорам на оваа љубов, и ова му предизвика многу страдање“.

Во светот на бајките

уреди
 
Ханс Кристијан Андерсен и „Грдото пајче“ во Централ Парк, Њујорк

Првата книга со бајки ја објавил 1835 година. Искуствата кои ги имал од сиромашниот живот и мноштвото предели кои ги гледал обиколувајќи ја Европа, оживеале на чудесниот начин на Ханс Кристијан Андерсен. Неговите приказни биле толку човечки, толку искрени, што го пропатувале сиот свет, влегувајќи во сите домови. Во своите дела раскажувал за личности од неговиот живот , така на пример „Палешка“ и „Принцезата на зрно грашок“ се вистинити ликови. Честопати во неговите дела главни ликови се животните и преку нивните постапки ги исмејува особините на луѓето.

Својот трнлив пат низ животот и творештвото најдобро го оцртал со помош на сказната „Грдото пајче“, во 1843 година. Во оваа приказна симпатично запишува:

Не е лошо да се родиш покрај бара заедно со патките, ако си се извел од јајце на лебед.

И навистина, таа лебедова песна на неговото творештво одекна низ целиот свет. Таа сказна е сказна-биографија и сказна-манифест, дури и упатство за секој млад човек, без непотребно морализирање, дека секогаш патот на успехот е полн со непредвидливости, искушенија и неизвесност, но само работата е таа што ги решава сите дилеми на една животната и творечката егзистенција.

Меѓу 1835 и 1872 година, Х.К. Андерсен објавил вкупно 156 сказни, како и голем број раскази.

Критики и мислења

уреди

Во шведската енциклопедија од 1923 година се наведува строг суд за сказните на Андерсен. Меѓу другото се наведува дека тие се одликуваат со особен спој на кни=евен и непосреден елемент, дека од една страна се „необични приказни“ под силно влијание на Хофмановите романтични раскази, а од друга страна имаат „изворно обележје на народната поезија“. Се наведува дека јазикот е непосреден и сочен, со чисто хумористично потцртување, дека мотивите главно се земени од народните приказни, но дека обработката е чисто оригинална. Се истакнува и една битна слабост на неговите приказни, а тоа е „преголемата склоност кон плачење и сентименталност“.

Современите толкувачи на творештвото на Андерсен сметаат дека тој суд е престрог. Црнковиќ вели: „Зло би било ако се смета дека Андерсен се служел со кражба на мотиви. Но едно е сигурно - сè што зел, од неговата рака излегло поголемо и поубаво, сè што тој ќе допрел, се позлатувало.“

Иако Андерсен живеел во време кога реализмот во западната литература е конструиран како поетика и правец, тој по дух во сказните останал романтичар, а неговиот приод кон фолклорот е радикално поинаков од оној кај Шарл Перо или браќата Грим. Со раскажувачка постапка, неконвенционален, повеќе лиричар одошто дидактичар, Андерсен сказните ги сфатил како вид поема за животот без граници. Кај него сè може да влезе во сказната, и растителниот и животинскиот свет, но и луѓето исто така. Оттука кај неговите сказни едно неромантичарско и реалистичко набљудување.

Поетот Луис Магнус наведува дека сказните на Андерсен како и нордиската митологија, го будат да се најде во светот на литературната критика. Тој напишал дека сказните се „искажувања на духовите“, и дека сказните на Андерсен го разоткриваат човечкиот живот, како што се чувствата, на пример.

Изреки на Андерсен

уреди

Познати изреки на Ханс Кристијан Андерсен:

  • Не е лошо да се родиш покрај бара заедно со патките, ако си се извел од јајце на лебед.
  • Не е доволно само да се живее ... Мораме да имаме сонце, слобода и малку цвеќе.

Дела

уреди
  • „Патувањето пеш од Холмскиот канал до источниот крај на Амагер“
  • „Импровизатор“ - роман
  • „Ахосфер“ - поема
  • „Две бароници“ - роман
  • „Самогуслач“
  • Грдото пајче“ - сказна
  • „Стариот уличен фенер“ - сказна
  • „Цвеќињата на малата Ида“ - сказна
  • „Снежната кралица“ - сказна
  • „Огнило“ - сказна
  • „Дивите лебеди“ - сказна
  • Палешка“ - сказна
  • Принцезата на зрно грашок“ - сказна
  • Славејот“ - сказна
  • „Сказна за елката“ - сказна
  • „Последниот сон на стариот даб“ - сказна
  • „Огледало“ - сказна
  • „Старата куќа“ - сказна
  • „Црвено чевличе“ - сказна

Дела на Андерсен на македонски јазик

уреди

Приказните на Андерсен доживеале бројни изданија на македонски јазик, како што се:

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 „Белешка за писателот“, во: Ханс Кристијан Андерсен, Бајки, Македонска книга и Детска радост, Скопје, 1967, стр. 61.
  2. Hans Christian Andersen - Childhood and Education. Danishnet.
  3. „H.C. Andersens skolegang og livet i Slagelse“. Hcandersen-homepage.dk. Посетено на 2010-04-02.
  4. „H.C. Andersen og Charles Dickens 1857“. Hcandersen-homepage.dk. 2001-12-30. Посетено на 2010-04-02.

Надворешни врски

уреди