Шарл Перо (француски: Charles Perrault; 12 јануари 162816 мај 1703) — француски книжевник, зачетник на современата европска бајка. Тој бил писател, собирач на народно творештво и член на Француската академија од 1671 година.[1] Адвокат по професија, покажувал жив интерес за литературата во своето време, заедно со неговите браќа Пјер и Клод. Тој живеел во времето на класицизмот.

Шарл Перо
Портрет на Шарл Перо. Шарл Лебрен ок. 1670 г.
Роден/а12 јануари 1628(1628-01-12)
Париз, Франција
Починат/а16 мај 1703(1703-05-16) (возр. 75)
Париз, Франција
ЖанрБајки
Значајни дела"Заспаната убавица"
"Црвенкапа"
"Пепелашка"
"Мачорот во чизми"

Живот

уреди

Шарл Перо се родил во богато буржоаско семејство, како син на Пјер Перо, адвокат по професија, со потекло од Тур, кој бил ангажиран како парламентарец во Париз и Пакет Ле Клерк. Тој бил последното од седумте деца на семејството.

Во 1636 се запишал да учи книжевности во училиштето Бове во Париз за што зборува во неговите Мемоари.[2] Но поради расправија го напуштил училиштето, самостојно се образувал и читал а во 1651 дипломирал на право на Универзитетот во Орлеан.

Шарл Перо имал плодна професионална кариера. Како десна рака на министерот Колбер, бил задолжен за уметничката и книжевна политика на Луј 14 во 1663 кога кралот подарил 660 книги за воспоставување на Академската библиотека каде за главен библиотекар бил назначен токму Перо[3]. Тој дал придонес во основањето на Академијата на науките на Франција а бил вклучен и во реконституирањто на Академијата на уметностите. Станал член на Француската академија во 1671.

Кога се повлекол од јавната служба каде работел дваесет години Перо им се посветил на приказните и на воспитувањето на децата[4]. Објавил неколку дела со кои денес се смета за еден од првите писатели за деца и за основоположник на модерната европска бајка.

Тој починал во Париз во 1702 година.

Дело

уреди

Со своите демократски уверувања, Шарл Перо се судрил со класицистичката естетска доктрина на Никола Боало. Во тоа време во книжевноста владееле античките мотиви, т.н. висока уметност, правилен класицистички стих. Перо бил против аристократскиот класицизам, бидејќи бил за воведување теми од современиот живот а воедно во кавгата во рамки на Академијата, застанал на страна на модернистите Тргнувајќи од народната инспирација, но и надградувајќи го фолклорот со својот творечки дух, Перо на најдобар можен начин покажал колку се незаобиколни искуствата на народната традиција доколку се користат за создавање на оригинални книжевни дела.Бајките на Шарл Перо се општоприфатени како од децата, така и од возрасните, бидејќи исполнуваат неколку едноставни услови: напишани се едноставно, со убав јазик, со возбудлива содржина и со нескриена морална поука. Тоа по што се најзначајни бајките на Перо е дека оставиле длабоки траги во сето натамошно творештво за деца. Нивното влијание се чувствува и во книжевната работа на браќата Грим, на Андерсен, Пушкин и други.

Во 1696 година, без потпис ја објавил својата прва сказна со наслов „Заспаната убавица“. Во 1697 година ја објавил својата прва книга под наслов „Приказни и сказни од стари времиња со поуки“. Делото е познато и под насловот Приказните на мајката гуска. Покрај „Заспаната убавица“, во книгата се објавени уште седум бајки: „Црвенкапа“, „Мачорот во чизми“, „Пепелашка“ и други[5].

Приказните на мајката гуска

уреди
 
Сказните на Шарл Перо, илустрација Гистав Доре во 1867

Три години пред крајот на XVII век, Шарл Перо, тогаш на возраст од 69 години и противник на Лафонтен, Никола Боало, Ла Бријер во кавгата на Старите и Современите во рамките на Академијата, за првпат ја објавил својата прва збирка[6] сказни под името на неговиот трет син Пјер Дарманкур[7]. Ова прво издание опфаќа 8 приказни во проза, на која се додаваат една новела и две сказни во стих кои излегле подоцна.

Во изданието од 1781, « првото комплетно издание»[8] биле додадени сказните:

  • Маркизата де Салис или Трпението на Гризелда (1691)
  • Смешни желби (1693)
  • Магарешка кожа (1694)

Изданија на македонски јазик

уреди
  • „Сказни од Шарл Перо“, Детска радост, Скопје, (1990), превод: Велика Ширилова;
  • „Црвенкапа“ (сликовница), Просветно дело, Скопје (2000).

Наводи

уреди
  1. Charles Perrault, Hrvatska enciklopedija
  2. Perrault, Charles; Zarucchi, Jeanne Morgan (1989). Charles Perrault: memoirs of my life (англиски). Columbia: University of Missouri Press. ISBN 0826206670.
  3. „Once Upon a Time with Charles Perrault | Librarypoint“. www.librarypoint.org (англиски). Посетено на 2017-10-25.
  4. User, Cluster. „Perrault Biography“. www.princeton.edu. Посетено на 2017-10-25.
  5. Biography, Bibliography Архивирано на 14 јануари 2006 г. (in French)/
  6. Contes de Charles Perrault, Encyclopaedia Universalis, 2015,  6 .
  7. На француски: Pierre Darmancour (21 март 1678 - мај 1700). Поручник во кралскиот полк, починал во мај 1700 на 22 годишна возраст.
  8. Charles Deulin, Les Contes de ma mère l’Oye avant Perrault, E. Dentu, 1879, Introduction, III, 31.

Надворешни врски

уреди