Џума Маала
Џума Маала или Џумаја Маала (Бутковска Џумаја или Ливадово; грчки: Λιβαδιά, Ливадија; до 1923 г. Τζουμά Μαχαλέ, Џума Махале[2]) — село во Валовишко, Егејска Македонија, денес во општината Синтика на Серскиот округ во областа Централна Македонија, Грција. Населението брои 445 жители (2021). Сè до 1920-тите населението се состоело исклучиво од Македонци.[3]
Џума Маала Λιβαδιά | |
---|---|
Координати: 41°15.6′N 23°4.34′E / 41.2600° СГШ; 23.07233° ИГД | |
Земја | Грција |
Област | Централна Македонија |
Округ | Серски |
Општина | Синтика |
Општ. единица | Беласица |
Надм. вис. | 70 м |
Население (2021)[1] | |
• Вкупно | 445 |
Час. појас | EET (UTC+2) |
• Лето (ЛСВ) | EEST (UTC+3) |
Географија
уредиСелото е сместено во Серското Поле, 45 км северозападно од Сер, на железничката линија Кулата - Валовишта - Сер - Драма. Кежи северно од Бутковското Езеро и западно од Валовишта.[3]
Историја
уредиПотекло на поимот
уредиИмето на селото доаѓа од од турскиот поим џума (cuma), што значи „собор“ или „петок“ и се однесува на поранешната улога на местото како пазариште каде се собирале жителите од околните места.[4]
Во Отоманското Царство
уредиВо „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ за 1873 г. Џума Маала е наведена двапати — еднаш како село во Серската каза Djoumaa-mahla со 82 домаќинства од 130 жители муслимани и 100 жители Македонци[5][6] а втопат како село во Демирхисарска каза (Djoumaali-mahlè) со 30 домаќинства од 70 жители муслимани[7] Очигледно е дека првиот податок е точниот.
Во 1891 г. охридскиот интелектуалец Георги Стрезов напишал за селото:
„ | Џума Маала, чифлик на серскиот чорбаџија Андонаки Париш, меѓу Бутково и Порој; рамно место. 60 турски и 40 македонски куќи.[5][8] | “ |
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во 1900 г. селото Џума Маала броело 150 жители, сите Македонци христијани.[5][9] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 г. христијанското население на селото (Djoumata-Mahala) се остоело од 560 Македонци, сите под врховенството на Бугарската егзархија, што е сомнително висока бројка. Во селото работела бугарската пропаганда со 1 основно бугарско училиште од 1 учител и 21 ученици.[10]
Во Грција
уредиВо октомври 1912 г. Џума Маала била окупирана од бугарска војска. Следната 1913 г. селото е запалено од грчката војска.[11]
По Балканските војни во 1913 г. селото е припоено кон Грција согласно Букурешкиот договор. Истата 1913 г. имало население од 250 жители, кои во 1920 г. биле 270.[3] Под притисок на властите, 20-тина семејства заминале за Бугарија, а на нивно место се доведени грчки колонисти. Во пописот од 1928 г. Џума Маала имала 731 жител од 191 семејство, од кои релиси сите (апсолутно мнозинство) биле грчки доселеници.[12] Во 1923 г. селото е преименувано во Ливадија. Месното и околното население почнало да го користи помакедончениот облик Ливадово.[4]
Во 1940 г. населението се зголемило на 1.037 жители. За време на Втората светска војна во 1941 г. селото е окупирано од Бугарија. Истата година се намалило на 758 жители, што се должи на преселувања за да се избегне бугарската власт.[3] По војните, во 1951 г. населението се зголемило на 1.261 жител поради повратокот на населението, како и доселување на други грчки дојденци кои дотогаш живееле во планинските села.[3] Во 1960-тите дошло до извесен пад на бројноста поради иселување, но потоа населението се одржало устојчиво. Ова траело сè до драстичниот пад во 2000-тите, кога населението опаднало од 1.094 во 2001 на само 623 во 2011 г.
Население
уредиЕве преглед на населението во сите пописни години, од 1940 г. до денес:
Година | 1940 | 1951 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 2001 | 2011 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 1.037 | 1.261 | 1.257 | 1.050 | 1.039 | 1.102 | 1.094 | 623 | 445 |
- Извор за 1940-1991 г.: Т. Симовски, Населените места во Егејска Македонија
Стопанство
уредиСелото се смета за многу богато бидејќи има плодно земјиште кое целосно се наводнува, и чии климатски услови овозможуваат по две реколти годишно. Се произведуваат големи количства памук, пченка и други земјоделски производи. Доста развиено е и краварството.[3]
Личности
уреди- Коста Димитров — револуционер, деец на ВМРО, починал по 1918 г.[13]
- Лечо Петров — борец во Балкансктие војни од четата на Тошо Стојанов[14]
- Стојан Вампиро (Стојан Велев Хаџиев; 1886 - ?) — разузнавач, горјанин[15]
Наводи
уреди- ↑ „Попис на населението од 2021 г. Трајно население“. Државен завод за статистика на Грција.
- ↑ Μετονομασίες των Οικισμών της Ελλάδας. Τζουμά Μαχαλέ -- Λειβάδια
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 Симовски, Тодор (1998). Населените места во Егејска Македонија : географски, етнички и стопански одлики. II дел. Скопје: Институт за национална историја. стр. 214.
- ↑ 4,0 4,1 Иванов, Йордан. „Местните имена между Долна Струма и Долна Места“. София, БАН, 1982, стр. 112.
- ↑ 5,0 5,1 5,2 Како што е општопознато, Македонците во бугарските извори се присвојуваат и водат како Бугари, и покрај признанието дека самите се изјаснувале како Македонци.
- ↑ „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995. стр. 120-121.
- ↑ „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995. стр. 136-137.
- ↑ Стрезов, Г. Два санджака от Източна Македония. Периодично списание на Българското книжовно дружество в Средец, кн.XXXVI, 1891, стр. 851.
- ↑ Кѫнчовъ, Василъ (1900). Македония. Етнография и статистика. София: Българското книжовно дружество. стр. 177. ISBN 954430424X.
- ↑ Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р.198-199.
- ↑ Карнегиева фондация за международен мир. „Доклад на международната комисия за разследване причините и провеждането на Балканските войни“, София 1995, с. 299.
- ↑ „Κατάλογος των προσφυγικών συνοικισμών της Μακεδονίας σύμφωνα με τα στοιχεία της Επιτροπής Αποκαταστάσεως Προσφύγων (ΕΑΠ) έτος 1928“. Архивирано од изворникот 20 јуни 2012. Посетено на 20 јуни 2012.
- ↑ Македонците в културно-политическия живот на България. Анкета од Изпълнителния комитет на Македонските братства, Книгоиздателство Ал. Паскалев и с-ие, София, 1918, стр. 106.
- ↑ „Македоно-одринското опълчение 1912-1913 г. Личен състав“, Главно управление на архивите, 2006, стр. 561.
- ↑ По трагите на Вампирот (архивирано) (бугарски)