Јордан Цеков - Дане
Јордан Цеков - Дане (Куманово, 15 јули 1921 - Скопје, 20 ноември 2019) - македонски публицист, учесник во НОБ од 1941 година, командант на Третата македонска ударна бригада и пратеник во Собранието на Народна Република Македонија.[1][2] Носител е на „Партизанска споменица 1941“ и други воени одликувања.
Јордан Цеков - Дане | ||
Роден | Јордан Цеков 15 јули 1921 Куманово, Македонија | |
---|---|---|
Починал | 20 ноември 2019 Скопје | |
Националност | Македонец | |
Занимање | партизан и публицист |
Рани години
уредиРоден е во Куманово, во тогашното Кралство СХС, како трето дете на Денко и Вета Цекови. Член на СКОЈ од средината на 1938, а на КПЈ и КПМ од февруари 1943 година.
Во септември 1941 е еден од организаторите на познатиот штрајк на учениците во Кумановската гимназија. Автор е на Резолуцијата со барања на учениците, која почнува со зборовите: „Ние синовите на македонскиот народ...“. Поради тоа е уапсен од бугарската полиција, но поради недостиг на докази, по едномесечна тортура во затворите во Куманово и Скопје е ослободен кон крајот на октомври 1941. Во учебната 1942/43 година завршил гимназија и положил матура.
НОВ
уредиВо јули и август 1941 година со Апостол Зордумис-Толи работи на партиска техника. Во септември 1941, со брат му Стојко и Панче Пешев прибира и засолнува оружје во семејната куќа во Куманово. Од вкупно 35 пушки кои партиските активисти ги прибраа во градот, 28 пушки и 2 пушко-митралези со 6 сандаци муниција, беа засолнети во куќата на Цекови. На 12 октомври 1941 вечерта, оружјето било изнесено и употребено за вооружување на партизаните на Козјачкиот и Карадачкиот партизански одред, чии две борби против бугарската војска во селата Белановце и Малотино на 12 и 17 октомври, заедно со акциите на партизаните на Прилеп и Скопје, го означија почетокот на анти-фашистичкото востание на македонскиот народ.
Во 1942 година, со Бојан Зафировски и Благоја Стефановски - Гојчо, е член на редакцијата на „Октобрис“, весник на кумановската партиска организација, во кој објавува статии. Бил технички уредник на шест броја на весникот, кој е печатен во неговата куќа.
Во март 1943 година е член на Месниот комитет на КПМ на Куманово, а од 1 мај и секретар на МК на СКОЈ. Во јуни 1943 година, заедно со Панче Пешев и Христијан Тодоровски-Карпош, е организатор на јадрото од 11 партизани, кои на 26 јуни вечерта излегоа од градот и стапија во Вториот јужномораски партизански одред. Во јули јадрото се зголеми на 18 партизани и на 2 август 1943 се формира Кумановскиот партизански одред, под команда на Христијан Тодоровски-Карпош. Во НОВ е од 26 јули 1943 година. Бил назначуван на должностите: командир на чета во Кумановскиот партизански одред и Кумановскиот баталјон „Јордан Николов“, командир на чета во III Македонска ударна бригада, командант на баталјон, заменик-командант на III Македонска ударна бригада, командант на XI Македонска бригада, а во септември 1944 е назначен за командант на III Македонска ударна бригада. На 25 април 1944 во борбата за ослободување на Кратово, тешко е ранет со огностерлно оружје во пределот на ’рбетниот столб. На 1 декември 1944 добива чин мајор.
Од јануари до декември 1945 завршува Виша артилериска школа во Ленинград, а потоа е назначен за командант на артилерија на пешадиска и тенковска дивизија[3].
Повоен период
уредиОд 1951 до 1953 завршува Воена академија на ЈНА во Белград, а потоа е назначен за командант на артилериски полк во Бјеловар. Пензиониран кон крајот на 1956 година во чин полковник.
Од април 1962 до септември 1967 е директор на Републичкиот фонд за научна работа, а од септември 1967 до јуни 1969 стручен соработник во Институтот за национална историја на Социјалистичка Република Македонија.
За пратеник е избран во првото свикување на Собранието на Народна Република Македонија од 1946 до 1950 година. Републички пратеник е и во II, IV, V и VII (1970-1974) свикување на Собранието. Во 1971 подносител е на амандманот за изградба на патот: с. Младо Нагоричино – с. Пелинце – манастир “Св. Прохор Пчињски“ во должина од 23 км, што на 2 август 1974 е пуштен во употреба[4].
Предвремена пензија
уредиПоради политички несогласувања со тогашната власт, во 1975 година е пензиониран на 54-годишна возраст. Член на Советот на Републиката. Во 1986 година, подносител е на барањето до IX Конгрес на СКМ за посмртна партиска рехабилитација на Панче Пешев, прва ваква иницијатива во Македонија и една од првите во поранешна СФРЈ.
На покана на Британската Кралска Легија на 13 ноември 2005 учествува на парадата на воените ветерани во Лондон.
Трудови
уредиАвтор е на 18 научни трудови и 122 статии објавени во весници и списанија. Со свои научни трудови учествувал на научни собири за Народноослободителната и антифашистичка војна во Велес, Куманово, Скопје, Битола и Кавадарци.
1. Кумановско во НОБ 1941-1945 книга прва
2. Кумановско во НОБ 1941-1945 книга втора
3. Кумановско во НОБ 1941-1945 книга трета
4. Христијан Тодоровски-Карпош, народен херој на Македонија
5. Панче Пешев- казна што обвинува
6. Панче Пешев- Македонски Драјфуз
7. Загинаа за слободата на Македонија
8. Отворено писмо до Вера Ацева
9. Кумановски партизански одред и Кумановски батајон „Јордан Николов„, јуни 1943 - февруари 1944
10. Критички приказ за книгата „Патоводна ѕвезда„
11. Мојата вистина за ослободителната војна
12. Трајко Стојковски - Бузо хероизам и привитизам
13. Бојан Зафировски - Бојчо
14. Благоја Стевковски - Гојчо
15. Импровизации и измисли на Тодор Атанасовски
16. Учество на Цекова Вета, Денко и Стојко во ослободителната војна
17. Како беше ослободено Скопје
18. Куманово и Козјачијата во ослободителната воја 1941 - 1945 година
Наводи
уреди- ↑ Цеков, Дане (2009). Како беше ослободено Скопје. Академски печат.
- ↑ „ПОЧИНА ЈОРДАН ЦЕКОВ-ДАНЕ, КОМАНДАНТОТ ОД НОБ ШТО УЧЕСТВУВАШЕ ВО ОСЛОБОДУВАЊЕТО НА СКОПЈЕ“. Сакам Да Кажам. 2019-11-24. Посетено на 2019-11-24.
- ↑ Цеков, Дане (2005). Мојата вистина за ослободителната војна. ДИГИ Принт.
- ↑ ЗА НИКОЛА МИНЧЕВ „ФЕНИ“ БЕШЕ ПОВАЖЕН ОД „ПРОХОР ПЧИЊСКИ Архивирано на 4 март 2016 г., „Глобус“
Надворешни врски
уреди- „Македонски борец на парадата во Лондон“, Би-би-си
- „Командантот Јордан Цеков – Дане се присети на првото излегување во партизани“, „Кумановски муабети
- „На германски ги убедував фашистите да се повлечат“ Архивирано на 2 февруари 2017 г., „Вест“
- Манастирот Св. Прохор Пчињски не беше избран случајно“ Архивирано на 25 октомври 2015 г., „Утрински весник“