Благоја Стевковски - Гојчо

политичар

Благоја Стефановски - Гојчо (Благоје Стефков, Гојчо Минтан) (Куманово, 15 август 1915 - Скопје, 3 декември 1965) — македонски комунист, учесник во НОВ и повоен воен раководител.[1]

Животопис

уреди
 
Овластување и директиви за Гојчо Стефков од Президиумот на АСНОМ, 8 октомври 1944 г.

Работел како шивачки работник. Уште во најраната возраст се вклучил во синдикатот. Бил член на СКОЈ, а во 1935 година станува член на КПЈ. Во 1937 година, по апсењето на Панче Пешев, станува секретар на Месниот комитет на КПЈ за Куманово. Под псевдонимот Гојчо Минтан пишува за скопскиот прогресивен весник „Наша реч“. Меѓу другото, ги објавува социјалните песни Реч на болната тутунска аргатка (1939), Чирак (1940) и Љубов (1940).

На 8 септември 1940 година учествува на Покраинската конференција на КПЈ за Македонија и е избран за член на Покраинскиот комитет. Избран е и за делегат на Петтата земска конференција на КПЈ во Загреб во октомври 1940 година. Но, поради семејни причини тој се откажал и не заминал во Загреб, поради што кон крајот на ноември истата година е исклучен од КПЈ.

Сепак, Стевковски во септември 1941 година е вратен во партијата. Прво е избран за член на Воениот штаб на КПЈ за Куманово, а по разбивањето на кумановските партизански одреди, во јануари 1942 година, и за секретар на Месниот комитет. Во 1942 година учествува во издавањето на весникот „Октобрис“. На 26 февруари 1943 година е уапсен од бугарската полиција и е интерниран во Бугарија. Од интернација е ослободен во декември 1943 година и во февруари 1944 година заминува во партизани. Бил политички комесар на Кумановскиот партизански одред, а потоа и на Брегалничко-струмичкиот корпус. Учесник е на Првото заседание на АСНОМ.

По ослободувањето, во 1945 година е претседател на Воениот суд што им суди на соработниците со окупаторот, а потоа, од 1946 година работи во армијата. Во 1964 година е избран за пратеник во Републичкиот собор на Собранието на СРМ, но набрзо, во 1965 година, починал.

Наводи

уреди
  1. Македонска енциклопедија, МАНУ, Скопjе, 2009, стр. 1426

Литература

уреди