Коњари (Солунско)
Коњари или Ѓундулар (грчки: Ανατολικό, Анатолико; до 1955 г. Βαλμάδα, Валмада[2]) — село во Солунско, Егејска Македонија, денес во општината Делта на Солунскиот округ во Централна Македонија, Грција. Населението брои 2.409 жители (2021), сите Македонци.[3]
Коњари Ανατολικό | |
---|---|
Координати: 40°39.81′N 22°42.71′E / 40.66350° СГШ; 22.71183° ИГД | |
Земја | Грција |
Област | Централна Македонија |
Округ | Солун |
Општина | Делта |
Општ. единица | Кулаќа |
Надм. вис. | 8 м |
Население (2011)[1] | |
• Вкупно | 2.409 |
Час. појас | EET (UTC+2) |
• Лето (ЛСВ) | EEST (UTC+3) |
Пошт. бр. | 573 00 |
Повик. бр. | +30-231x-xxx-xxx |
Рег. таб. | NAx-xxxx до NXx-xxxx |
Географија и местоположба
уредиСелото е сместено во областа Вардарија, 4 км северно од градот Кулаќа и 15 км западно од Солун. Лежи на надморска височина од 8 м.[3]
Историја
уредиВо 1848 г. рускиот славист Виктор Григорович го опишал Коњари како македонско[4] село.[5] Во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. во Коњаре (Koniaré) има 234 домаќинства со 1.090 жители, сите Македонци.[6][7]
Според Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во 1900 г. Коњари имало население од 1.220 жители, сите Македонци христијани.[6][8] Целото село било под врховенството на Цариградската патријаршија, односно под грчка пропаганда. По податоците на секретарот на Бугарската егзархија Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 г. во Коњаре (Koniaré) има 960 жители Македонци[6] и во селото работело грчко учулиште.[9]
Со Букурешкиот договор во 1913 г. селото е припоено кон грчката држава, кога имало 968 жители. Во неговиот патописен попис од 1917-18 г. Боривое Милоевиќ за време на Првата светска војна завел 250 македонски куќи.[10] Во 1920 г. населението нараснало на 1.064, а во 1928 г. попишани се 1.149 жители.[3]
Население
уредиЕве преглед на населението во сите пописни години, од 1940 г. до денес:
Година | 1940 | 1951 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 2001 | 2011 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 1.422 | 1.770 | 2.022 | 1.912 | 2.278 | 2.418 | 2.539 | 2.589 | 2.409 |
- Извор за 1940-1991 г.: Т. Симовски, Населените места во Егејска Македонија
Самоуправа и политика
уредиСелото припаѓа на општинската единица Кулаќа со седиште во истоимениот град, која припаѓа на поголемата општина Делта, во округот Солун. Воедно, селото е дел од општинскиот оддел Коњари, каде тоа е еднственото населено место.
Стопанство
уредиЗемјиштето е многу плодно и целосно се наводнува. Населението претежно одгледува овошје, памук, жито и други култури, а во поново време е развиено и краварството.[3]
Наводи
уреди- ↑ „Попис на населението од 2011 г. Трајно население“. Државен завод за статистика на Грција.
- ↑ Μετονομασίες των Οικισμών της Ελλάδας. Βαλμάδα -- Ανατολικόν
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 Симовски, Тодор (1998). Населените места во Егејска Македонија : географски, етнички и стопански одлики. II дел. Скопје: Институт за национална историја. стр. 327.
- ↑ нарекувајќи го „бугарско“ под влијание на бугарската политика.
- ↑ Григорович, В. Очеркъ путешествія по Европейской Турціи, Москва, 1877, стр.91.
- ↑ 6,0 6,1 6,2 Како што е општопознато, Македонците во бугарските извори се присвојуваат и водат како Бугари, и покрај признанието дека самите се изјаснувале како Македонци.
- ↑ „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр.154-155.
- ↑ Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр.141.
- ↑ Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р.218-219.
- ↑ Милојевић, Боривоје Ж (1921). Јужна Македонија (PDF). Насеља српских земаља. стр. 32.