Master of Puppets е третиот студиски албум на треш метал бендот Металика, воедно и обележје на целокупната нивна кариера. Со ова музичко остварување се здобиле со статус на треш икони, и многумина го сметаат овој албум за најдобар хеви метал албум на сите времиња. Овој диск е првиот од треш жанрот кој бил одликуван со златен сертификат за продадени половина милион примероци во рамките на САД. Овој потфат им успеал без никаква медиумска кампања или пак промоција по музичките канали и радио станиците.

„Master of Puppets“
Студиски албум од Metallica
Издаденмарт 3 1986 (1986-03-03)
Снименсептември 1 (1-09)–декември 27 1985 (1985-12-27) во Sweet Silence Studios во Копенхаген, Данска
ЖанрТреш метал
Траење54:46
Издавачка куќаЕлектра, Вертиго
ПродуцентМеталика, Флеминг Расмусен
Metallica — Хронологија
Ride the Lightning
(1984)
Master of Puppets
(1986)
...And Justice for All
(1988)
Издадени песни од Master of Puppets
  1. "Master of Puppets"
    Издадена: јули 2 1986 (1986-07-02)
Првата страница од книшката на албумот
Последната страница од книшката на албумот

Master of Puppets е воедно и последниот албум на Металика каде свој придонес и како автор и како изведувач имал басистот Клиф Бартон. Една година по издавањето на албумот, овој музички виртуоз несреќно загинал за време на нивната турнеја низ Шведска. Насловната песна и водечки сингл од албумот е статистички најизведуваната песна на бендот во живо, со преку 1400 перформанси пред публика. Освен неа, едни од позабележителните песни се уводната „Battery“ и мелодичната балада „Welcome Home (Sanitarium)“.

Песни на албумот Уреди

Battery

Првата песна на албумот започнува со вовед на акустична гитара, слично како почетокот на претходниот нивни албум, Ride the Lightning. Иако почетокот е бавен и незанимлив, остатокот претставува демонстрација на динамика и фуриозност, одлики по обожавателите ја препознаваат Металика. Вокалот е ритмички прикован за текстот, додека гитарските рифови звучат моќно и брзо. Текстот е поврзан со контрола на гневот и што се случува кога ќе дозволиме тој да владее со нас. Гневот и лутината се батеријата всадена во секое човечко битие која чека повод да биде активирана и да уништи се пред себе. Кога се претходно кажано би се сумирало во една реченица, убава најава за останатиот материјал кој навистина ќе биде нешто посебно.[1]

Master of Puppets

Насловната нумера е песна со епско траење од преку 8 минути, но тоа речиси и да не се забележува поради брзиот ритам на композицијата. При структурно анализирање ќе увидиме дека песнта е составена од два дела меѓусебно поврзани со мелодично соло во забавено темпо. Како што и самиот автор Џејмс Хетфилд ќе објасни во една прилика, преку песната метафорички се објаснува зависноста од опојни дроги. Тие се „господарот“ кој ги влече конците, а ние „марионетите“ што послушно ги извршуваме неговите наредби. Како што говори и самиот текст, наркотиците нѐ водат кон наш конечен пораз и неизбежна смрт. Интересно, ова е омилената песна на покојниот Клиф Бартон, од дотогашниот каталог на групата. Како што е споменато и во воведниот пасус на статијата, ова е најизведуваната песна на Металика во живо.[2]

The Thing That Should Not Be

Една од песните на албумот на кои не им е посветено којзнае какво внимание, ниту од обожавателите, ниту пак од Металика. Чувството на мрачно лудило е проткаено во самата тематска и акустична содржина. Идејата да се напише творба со вакви мотиви доаѓа од една приказна на писателот Хауард Лавкрафт. Приказната се вика „Сенката над Инсмут“, а во неа се раскажува како мештаните на крајбрежното гратче Инсмут се откажале од Бога, а како казна мутирале во нешто нечовечко. Овие хибридни полулуѓе, полудемони играле по нотите на нечестивиот, па затоа биле осудени на вечна изолација и меѓусебен терор. Спаѓа во групата песни кои ретко или никогаш не се изведуваат во живо.[3]

Welcome Home (Sanitarium)

Со создавањето на оваа моќна треш балада, Металика започнале една долга традиција, т.е. секоја четврта нумера на нивните дискови да биде емоционало дело испреплетено со многу болка, разочарување и пред сѐ бунт. Песната прогресивно напредува од успорено кон засилено темпо, па по завршувањето на вокалниот перформанс имаме феноменално солирање на гитара од страна на Кирк Хамет. Песната одблиску ни ја доловува трагичната атмосфера на санаториумот (институција за ментално болни), каде се сместени лицата со поглед на светот кој се разликува од оној на мнозинството. Тие биле обележани како отпадници и прогласени како штетни за општеството. Инспирација за творење на вакво несекојдневно музичко парче бил филмот добитник на Оскар од 1975 г. Хетфилд бил интелектуално запрепастен кога ја погледнал судбината на главните протагонисти од Лет над кукавичјото гнездо, по што решил и музички да застане во одбрана на обесправените пациенти од приказната. За време на концертите, оваа песна обично се свири како дополнување на „Master of Puppets“, на тој начин создавајќи сплет наречен Mastertarium.[4]

Disposable Heroes

„Disposable Heroes“ (херои за еднократна употреба) обработува провокативна воена тематика. Текстот ги прикажува ставовите, мислите и искуството на војниците кога се наоѓаат на бојното поле. Војникот ги опишува нехуманите страни на војувањето, а притоа и сфаќа колку малку им значи неговиот живот на воените старешини. Рефренот е строга наредба на милитаристички расположените водачи кои бараат војниците да се откажат од животот кога тие тоа ќе го изречат. Стиховите на песната совршено се вклопуваат со генералната содржина на албумот за човековата беспомошност и очај, како и за немањето контрола врз нашиот сопствен живот. И омотот на дискот совршено ја илустрира пораката која бендот се обидува да ја пренесе. Невидливите раце кои од позадина ги влечат конците на милионите дрвени кукли се одраз на тажната реалност.

Песната е исто така позната по екстремно брзите гитарски рифови, кои потсетуваат на огнени истрели од воен фронт. Хетфилд и Хамет наизменично изведуваат неколку солажи, додека Ларс Улрих бесно удира по тапаните. Клиф Бартон со бас гитарата внесува повремена хармонија во тешко дисторзираните акорди. Со ваквата структурна поставеност, малку е веројатно некој да помисли дека песната трае повеќе од 8 минути по првото преслушување. Ако го преточиме музичкиот перформанс во внимателно одбрани зборови, би требало да ја разбереме бруталноста и бесмисленоста на воените дејствија, кои на два начина (директно и преносно) ја разобличуваат убаво завитканата лага за ефикасната хиерархиска поставеност на општеството. Но, неколкупати повторената лага неповратно станува вистина.

Интересен е фактот дека ова дело првпат е изведено во 1985 год, една година пред официјалното излегување на албумот. Се смета дека Металика само двапати ја имаат свирено песната во живо додека Клиф Бартон бил басист. Денес се свири само повремено, ни одблизу толку често колку најпознатите песни на Металика.[5]

Leper Messiah

Лепрозен Месија е уште една песна која отвора тема што се смета за табу и анти-христијанска пропаганда во денешно време. Металика само го тргаат правот од Исусовите зборови, кој и самиот предвидел дека неговата жртва ќе биде злоупотребена за ширење лажни учења и ерес. Со оваа песна се прави обид да паднат маските на дел од свештенството и лажните верници, кои заедно ја корумпираат религијата и ја искористуваат вербата на нивните следбеници. Тие незаконски и неморални активности придонесуваат за претворање на религиското движење во валкан бизнис и машина за правење нечесни пари. Овој лажен натрапник кој го имитира Господ, е наречен „Лепрозен Месија“, бидејќи ветува проштевање на гревовите во замена за зелени банкноти. Неговите вистински карактерни нарави го прават да изгледа како неумесен кловн и смешен циркузант во оваа за него неприродна улога, а луѓето кои веруваат во неговите искази се хипнотизирани од слатките и благоречиви проповеди. Крајот го покажал неговото вистинско лице и тој бил приморан да се соочи со гневот на измамените верници, кои нималку нема да бидат милостиви.[6]

Orion

„Orion“ е седмата нумера на албумот, именувана по истоименото соѕвездие. Ова е чиста инструментална композиција, и воедно најава за прогресивните години во творештвото на Металика. Во рамките на песната се вклучени две бас солажи кои ги свири Клиф Бартон и некоку кратки солирања на Кирк Хамет. Структурно, песната може да се подели на три дела, од кои првиот и последниот се одликуваат со тежината на звукот, а мостот е помек и во прецизна ускладеност со останатите два дела. Истава песна се свиреше при погребот на Бартон и членовите на бендот му ја посветиле нему. Се изведува единствено на големи турнеи и по значајни поводи, како 20-годишнината од излегување на албумот. Почитувачите и следбениците на делото на Клиф Бартон ќе речат дека ѕвездите од соѕвездието Орион ги потсетуваат на големиот човек и музичар од Металика.[7]

Damage Inc.

Песната со која се заокружува ова треш метал доживување е предизвикувачки брза и моќна. Според темата која ја обработува и темпото во која се свири многу потсетува на „Seek & Destroy“ од првиот нивни албум Kill 'Em All. Дел од музичките аналитичари и експерти велат дека ова е последната вистинска треш песна на Металика, и дека по ова дело веќе никогаш нема да бидат тоа што дотогаш биле. И самиот Клиф Бартон ја вбројува оваа песна во групата на траки кои го покачуваат адреналинот, заедно со „Battery“ и „Master of Puppets“. Во истото интервју дополнил и дека очекува во иднина групата да го забави темпото на песните и композициите да ги адаптира за поширока публика.[8]

Список на песни Уреди

Автор на сите текстови е Џејмс Хетфилд.

Бр. НасловМузика Траење
1. „Battery“  Хетфилд, Улрих 5:12
2. Master of Puppets“  Хетфилд, Улрих, Бартон, Хамет 8:36
3. „The Thing That Should Not Be“  Хетфилд, Улрих, Хамет 6:37
4. „Welcome Home (Sanitarium)“  Хетфилд, Улрих, Хамет 6:27
5. „Disposable Heroes“  Хетфилд, Улрих, Хамет 8:17
6. „Leper Messiah“  Хетфилд, Улрих 5:40
7. „Orion“  Хетфилд, Улрих, Бартон 8:28
8. „Damage, Inc.“  Хетфилд, Улрих, Бартон, Хамет 5:29
Вк. траење:
54:46

Персонал Уреди

Металика
Технички персонал
  • Флеминг Расмусен – ексклузивен продуцент, аудио инженер
  • Металика – продуценти, автори на омотот
  • Енди Вроболевски – асистент на аудио инженер
  • Мајкл Вагенер – миксување
  • Џорџ Марино – пост-продукција
  • Питер Манс и Рос Халфин – фотографија

Наводи Уреди

  1. „Invisible Oranges - Појаснување на „Battery" од Металика“. Архивирано од изворникот на 2012-03-22. Посетено на 2012-09-28.
  2. „Invisible Oranges - Појаснување на „Master of Puppets" од Металика“. Архивирано од изворникот на 2012-05-01. Посетено на 2012-09-28.
  3. „Invisible Oranges - Појаснување на „The Thing That Should Not Be" од Металика“. Архивирано од изворникот на 2012-10-25. Посетено на 2012-09-28.
  4. „Invisible Oranges - Појаснување на „Welcome Home (Sanitarium)" од Металика“. Архивирано од изворникот на 2012-04-25. Посетено на 2012-09-28.
  5. „Invisible Oranges - Појаснување на „Disposable Heroes" од Металика“. Архивирано од изворникот на 2012-03-24. Посетено на 2012-09-28.
  6. „Invisible Oranges - Појаснување на „Leper Messiah" од Металика“. Архивирано од изворникот на 2012-03-24. Посетено на 2012-09-28.
  7. „Invisible Oranges - Појаснување на „Orion" од Металика“. Архивирано од изворникот на 2013-03-08. Посетено на 2012-09-27.
  8. „Invisible Oranges - Појаснување на „Damage Inc." од Металика“. Архивирано од изворникот на 2012-09-05. Посетено на 2012-09-27.
  9. Kaufman, Gil (June 26, 2006). „Metallica Put Catalog On iTunes — Quietly“. MTV. Посетено на April 11, 2012.