Ларс Улрих
Ларс Улрих (роден на 26 декември 1963) е американски музичар и тапанар со дански корени. Заедно со Џејмс Хетфилд, тој е еден од основачите на Металика. Роден е во Гентофте, Данска, во семејство од средната класа.[1]
Ларс Улрих | |
---|---|
Улрах на настап во Град Мексико (2012) | |
Животописни податоци | |
Родено име | Ларс Улрих |
Роден(а) | 26 декември 1963 Гентофте, Данска[1] |
Жанрови | Хеви метал, треш метал, хард рок, спид метал |
Занимања | Музичар, текстописец, продуцент, глумец |
Инструменти | Тапани, перкусија |
Период на активност | 1980–денес |
Соработници | Металика |
Мреж. место | metallica.com |
Како млад активно играл тенис, а негов татко е поранешниот професионален тенисер Торбен Улрих. Летото 1980, на возраст од 16 години се преселил во Лос Анџелес (Калифорнија) како би ги продолжил тренинзите. Но, во тие години ја засакал музиката, особено ударните инструменти, па така започнал да вежба на тапани. Објавил оглас во еден тамошен весник дека бара членови за хеви метал бенд, па така го запознал Хетфилд со кого ја формирале Металика.
Ран живот
уредиНеговото интересирање за рок-музиката било подгреано откако тој присуствувал на концертот на Deep Purple одржан во февруари 1973 во Копенхаген. Татко му тогаш набавил 5 билети за неговите пријатели, но еден од другарите ненадејно откажал. Тогаш Ларс случајно добил прилика да го слуша нивниот настап во живо, што кај 9-годишното момче оставило силен впечаток. Следниот ден го купил албумот Fireball, за кој се смета дека го внел во светот на рокенролот. Набргу од неговата баба на подарок добил се тапани од серијата Лудвиг.[2]
Покрај Deep Purple, Diamond Head се бендот кој ги оформил неговите музички сфаќања. Патувал од Сан Франциско дури до Лондон само за да го проследи нивниот концерт. Поради избрзаното и непланирано патување, по концертот немал каде да преноќи, па затоа го замолил бендот за помош. Од Diamond Head му дозволиле да спие во нивната куќа сѐ додека не најде превоз до САД.[3]
Музичка кариера
уредиВо 1981 г. во гратчето Дауни (Калифорнија) со Џејмс Хетфилд ја основале Металика. Името Металика го измислил неговиот пријател Рон Кинтана, кој барал имиња за хеви метал бенд. Негови идеи биле „Металика“ и „Метал Манија“, а Ларс го убедил да го земе второто, како тој би го искористил Металика за својот бенд. Во метал заедницата бил познат како пионер на брзите треш битови, кои ги применувал во многу песни, меѓу кои „Metal Militia“ од албумот Kill 'Em All, „Fight Fire with Fire“ од Ride the Lightning, „Battery“ и „Damage Inc“ од плочата Master of Puppets, како и „Dyers Eve“ од ...And Justice for All. Тој бил признат и влијателен тапанар и поради популарноста на Металика и поради користењето на техниката „дупла папуча“ во песните „One“ (...And Justice for All) и воведот од песната „Enter Sandman“ (Metallica).
Со издавање на албумите Load и ReLoad тој ги упростил своите музички шеми, а неговиот сет го намалил од 9 на 7 ударни инструменти. Ритамот на тие песни бил со смален интензитет, а ударите побавни и постегнати. Неговиот глас може да се слушне на почетокот од песната „Leper Messiah“ (Master of Puppets) каде на дански одбројува од еден до четири. Исто така говори и во видео записот за песната „St. Anger“.
Бил рангирани на 5. место во изборот на That Metal Show за 5-те најдобри тапанари на сите времиња.
Скандалот со Напстер
уредиВо април 2000 година Ларс Улрих поднел судска тужба против музичкиот портал Напстер поради прекршување на авторските права на Металика и незаконско дигитално симнување и умножување на нивната музика. Во јули истата година дал изјава пред судот дека целиот музички каталог на бендот можел бесплатно да се симне од споменатиот портал. Најпрво дознал дека тогаш сѐ уште необјавената песна „I Disappear“ можела да се слуша на тоа мрежно место, за подоцна да открие дека сите нивни песни биле таму поставени. Случајот завршил со тоа што 300.000 корисници на Напстер биле суспендирани, а јавноста на Ларс му измислила прекар „Lar$“ („с“ има ознака за долар).[4][5] Во врска со таа постапка, Ларс ја дал следнава изјава:
Знаете, посакував малку поинаква разрешница во овој процес, бидејќи кога ја почнавме постапката не знаевме во што навистина се впуштаме. Не ги знаевме корените на проблемот, а и не очекувавме таква негативна реакција од јавноста. Сакав да знам сѐ што се случува со нашата музика, но не очекував таков повратен одговор од медиумите од некои наши обожаватели. Можеби малку жалам за целата оваа работа, но сепак сум горд што излеговме како победници од оваа тешка ситуација. Падот беше тежок, но од ова ќе излеземе посилни.
Музички стил и техника
уредиСтилот на Улрих доста се менувал во текот на неговата кариера. Во 80′тите бил познат по брзите и агресивни треш ритмики, а бил меѓу првите тапанари кои применувале наизменично удирање по басот за создавање музички мост за поврзување на деловите од композицијата. Најдобар пример за тоа се песните „Blackened“ и „One“ од ...And Justice for All (1988), „All Nightmare Long“ и „My Apocalypse“ од Death Magnetic (2008), и секако највиртуозната „Dyers Eve“.
Неговиот стил можеби има влијанија од грув металот, затоа што употребува чисти и динамични удари. Најчесто музицира синхронизирано со ритам гитарата на Џејмс Хетфилд. Во текот на 90′тите ги упростил битовите за да се прилагоди на новиот звук на Металика од тој период. Оваа промена најмногу се почувствувала на албумот St. Anger (2003), а нагло прекинала со Death Magnetic од 2008. На овој албум Улрих се вратил на старите и експлозивни ритмики препознатливи од раната кариера, кои се одликувале со својата комплексност и совршеност. Како тапанари кои најмногу влијаеле врз неговиот стил, Улрих ги вбројува Јан Пејс (Deep Purple), Роџер Медоуз Тејлор (Квин) и Бил Ворд (Блек Сабат).[6]
Приватен живот
уредиУлрих се женел двапати. Првпат во 1988 за Деби Џонс, девојка која ја запознал за време на турнејата низ Велика Британија од 1988 година. Се развеле до 1990 поради честите отсуства на Ларс од дома, најмногу поради студиските сесии за Црниот албум. Вториот брак му бил со Скајлар Сатенстајн, медицински физиолог, кој траел од 1997 до 2004 година. Со нејзе има две деца, Мајлс (роден 1998) и Лејни (роден 2001). Мајлс ги следел татковите чекори, па така моментално е тапанар во бендот My Missing Half.
Улрих бил во врска со данската глумица Кони Нилсен, со која има го има синот Брус Тадеус Улрих-Нилсен, роден 2007 во Сан Франциско. Односите траеле од средината на 2004 па сѐ до 2012. Моментално Улрих е во љубовна врска со манекенката Џесика Милер.[7]
Улрих исто така е колекционер на уметнички дела. Страста кон сликарството ја наследил од неговиот татко Торбен. Детството го поминал опкружен со слики и музика, па така овие две области од уметноста станале дел од неговиот живот. Имал навика за време на турнеите на Металика задолжително да посети некој од тамошните музеи или галерии. За сликарството велел дека била неговата скривница од светот на музиката. Во едно интервју од 2008 за списанието Stereo Warning изјавил:
Куќата во која пораснав беше преполна со слики. Боите останаа моја страст цели 20 или 25 години. Тоа е едно место каде можам да одам и да бидам свој. Таму не сум член на Металика или тапанар во познат рок бенд. Таму сум тој што сум и сум прифатен како таков. Обожавам да посетувам изложби, галерии и да се движам во уметничките кругови. Чувството е прекрасно бидејќи таму не е присутна Металика. Тоа е моето светилиште.
Кога Металика беа примени во Рокенрол куќата на славните (2009), Улрих станал првиот Данец кој ја понел таа почест.[8] Инаку Ларс кај обожавателите ужива имиџ на шеговит и весел карактер, кој често знае да каже некоја итра и духовита досетка.
Дискографија
уреди- Металика
- Kill 'Em All (1983)
- Ride the Lightning (1984)
- Master of Puppets (1986)
- ...And Justice for All (1988)
- Metallica (1991)
- Load (1996)
- ReLoad (1997)
- Garage Inc. (1998)
- St. Anger (2003)
- Death Magnetic (2008)
- Mercyful Fate
- In the Shadows (гостин на нумерата „Return of the Vampire“) (1993)
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 Scaggs, Austin (2 септември 2004). „Ларс Улрих“. Rolling Stone. Straight Arrow Publishers (956): 64. ISSN 0035-791X.
- ↑ „Metallica“. The Penguin encyclopedia of popular music.
...emigrated to USA '80 ...
- ↑ „Galaway Advertiser, The Week, June 2007“. Архивирано од изворникот на 2011-11-07. Посетено на 2011-10-30.
- ↑ Shenaz Bagha. „Napster bans more than 300,000 for downloading Metallica“. The Falcon Newspaper.
- ↑ Lar$ од Urban Dictionary
- ↑ Информација преземена од Yahoo Answers
- ↑ „Lars Ulrich, Jessica Miller: Metallica Drummer Dating American Model“. Noisecreep. October 22, 2012. Посетено на 2012-11-04.
- ↑ "Lars Ulrich wants to play drums for Noel Gallaghers High Flying Birds" Diffuser 20 април 2012 Проверено на 4 јуни 2012
Надворешни врски
уреди„Ларс Улрих“ на Ризницата ? |
- And Justice for All Kit for Roland Vdrums TD12 Архивирано на 18 септември 2008 г.
- „Биографија за Ларс Улрих на Metallica.com“. Metallica.com. Архивирано од изворникот на 2015-10-18. Посетено на 19 јануари 2012.
- Опремата на Ларс Улрах Архивирано на 17 мај 2006 г.
- Профил за Ларс Улрих на Drummerworld.com
- Статија во New York Times за уметничката збирка на Улрих
- Rock 'n' Roll Hall of Fame: Metallica FuseTV Архивирано на 10 јули 2009 г.
- Филмувано интервју во Нов Зеланд Архивирано на 10 декември 2010 г.
- Ларс Улрих на Charlie Rose
- Ларс Улрих на Семрежната филмска база на податоци (англиски)
- Дела од или за Ларс Улрих во разни библиотеки (каталог WorldCat) (англиски)
- „Опремата за време на турнејата St. Anger“. Tamadrum.co.jp. Архивирано од изворникот на 2006-01-04. Посетено на 19 февруари 2006.
- „Сетот тапани од албумите Load/ReLoad/Garage Inc./S&M“. Tama.com. Архивирано од изворникот на 2006-02-16. Посетено на 19 февруари 2006.
- „Напстер блокираше повеќе од 300.000 корисници кои незаконски преземале музика од Металика“. thefalcononline.com. Посетено на 19 јуни 2007.